Промовирана книгата на Јанко Бачев - Договорите со Бугарија од 2017 и 1947 година и Планот за обединувањето на Пиринска Македонија со Народна Република Македонија


27.10.2023 | 15:40:00 | Соопштенија


Промовирана книгата на Јанко Бачев - Договорите со Бугарија од 2017 и 1947 година и Планот за обединувањето на Пиринска Македонија со Народна Република Македонија

Во просториите на хотелот Континентал во Скопје беше промовирана новата книга на професорот Јанко Бачев под наслов „Договорите со Бугарија од 2017 и 1947 година и Планот за обединувањето на Пиринска Македонија со Народна Република Македонија“.  Авторот на еден сеопфатен, аналитички и научно издржан пристап ги обработува Договорите со Бугарија од 2017 и 1947 година од аспект на нивното значење и последиците за Македонија, македонскиот народ и Македонците во Пиринска Македонија. Книгата за првпат ги става на увид на јавноста Договорите со Бугарија вклучително и т.н. Бледски спогодби Тито - Димитров од 1947 година.

Рецензенти а воедно и промотори на книгата беа професорите Игор Јанев и Јове Кекеновски и амбасадорот Ристо Никовски кои беа едногласни во оценката дека книгата е корисна литература за Македонија во однос на насоката и преговарачкиот модел во сегашните македонско-бугарски случувања, претставува одлична илустрација за еден договор за пријателство (1947) и еден договор за (не)пријателство а посебно значење на делото е што за првпат ги става на увид на јавноста договорите од 1947 година со големо значење за Македонија, македонскиот народ и Македонците во Пиринска Македонија.

Авторот на книгата истакна дека од понудената аргументација, анализата и споредбата на договорите од 2017 и 1947 можеме сосема основано да го изведеме заклучокот, дека прво, Договорите од 1947 година (Тито-Димитров) претставуваат немерливо национално достигнување и историска победа за Маке­донија, македонскиот народ и Македонците во Пиринска Македо­нија и второ, Договорот од 2017 година (Заев-Борисов) претставува национално предавство и историски пораз за Македонија, маке­донскиот народ и Македонците во Пиринска Македонија.

Според тоа, останува света национална обврска за која било идна власт во Република Македонија со национална и патриотска определба да го одземе значењето на Договорот со Бугарија од 1 август 2017 година (како и на Договорот со Грција од 17 јуни 2018 година) во согласност со своето со ништо неотуѓиво природно и меѓународ­но-правно признато право да биде нарекувана Република Маке­донија во која живее македонски народ, со свој македонски јазик, историја, култура и традиција.  

Исто така книгата ја покажува и ориентацијата по која треба да се движи некоја идна власт во Републиката со потребата договорите од 1947 година да станат преговарачка позиција на Македонија во сегашните македонско-бугарски случувања, односно Макеоднија да се врати на позициите со договорите од 1947 година а кое нешто има своја меѓународно правна основа како и промената на македонскиот модел на преговори.

Со објаву­вањето на оваа книга двојазично: на македонски и на англиски ја­зик, вистината за Македонија и македонскиот народ може да се пренесе и во средини надвор од Македонија. Во услови кога се кршат националните права на Македонците во Пиринска Македо­нија, а Бугарија е потписник на повеќе меѓународни акти за зашти­та на овие права, се налага потребата од пошироко меѓународно запознавање во обидот да се предизвика меѓународната заедница да се ангажира за нивно разрешување.

Центар за комуникации на Единствена Македонија 
Скопје, 27 октомври 2023 година