Загинувањето на Борис Трајковски - атентат или неодговорен однос на двајцата француски војници


03.02.2012 | 23:07:00 | Колумни


Загинувањето на Борис Трајковски - атентат или неодговорен однос на двајцата француски војници

-„Можеби треба да честитаме оти разликата е ненадоместлива рече Трајковски вечерта на 14 ноември 1999 по првиот круг на претседателските избори. Чекај има и втор круг и ќе победиме, како од пушка извика Мендух Тачи, со што се согласи и претседателот на ДПА Арбен Џафери. Точно така, ќе победиме оти имаме ресурси се надоврза во подршката на Тачи и заменикот директор на тајната полиција Љубе Бошковски. Не е добро да се прават исти работи како во времето на СДСМ кога на големо беше злоупотребувана тајната полиција во политичко-партиски пресметки беше моето мислење, поради што, (како и предавствата што ги направија во воената 2001) се разотидовме. На ова вицепремиерката Доста Димовска рече дека сега не е време за правдина, туку Борис Трајковски мора да победи по секоја цена, Љубчо се согласи со операцијата фалсификување на изборите...“

И навистина по 14 дена се случи чудо. Борис Трајковски во вториот круг победи со 582.808 гласови наспроти Тито Петковски со 513.614 гласови иако во првиот круг Петковски водеше дури со 124.508 гласови. Мендух Тачи излезе „визионер„ а во вториот круг од околу 200.000 Албанци кои гласале на изборите, внимавајте добро, дури 196.000 гласале за Трајковски, а само околу 4.000 за Тито Петковски. Такво полнење на кутии досега не е забележано во македонската изборна историја. 

Се разбира, САД, ЕУ, ОБСЕ излегоа со заклучок дека изборите биле фер и демократски со мали технички неправилности кои не влијаеле на крајниот резултат.

Воведот ми беше потребен поради големото лигавење на државниот врв, почнувајќи од Ѓорге Иванов, Зоран Заев, па, се до останатите кои пред три дена по повод 15 годишнината од смртта на Трајковски беседеа дека Трајковски како голем верник бил државник, визионер иако не беше ниту едното ниту другото.

Не може да се зборува за верник кој му ја украде изборната победа на Тито Петковски бидејќи црковните книги велат дека не треба да се лаже, краде...

Ниту пак може да се смета за државник и визионер оти Македонија во најлошото време, војната во 2001, го имаше најлошото решение за претседател и врховен командант и токму поради ова Македонија помина како што помина во таа војна - посрамена и понижена и тоа не како резултат на неспособноста на безбедносните сили да ги решат терористите, туку, токму поради предавставата на тогашниот државен врв, оти ДБК уште во почетокот знаеше се за околу 700-те терористи на ОНА кои се одметнаа во планините, колку се, каде се, но за ова во друга прилика.

Единствено што може да се каже за Трајковски е од човечки аспект, жално е што загина како млад човек остави семејство. И толку!

Да се навратам сега на дилемата во јавноста дали Трајковски е жртва на атентат или на несреќен случај.

Веднаш да кажам дека сум на трагата на некое средно решение, односно, дека во случајот со загинувањето на Трајковски се работи за убиство, но, не како резултат на некој смислен заговор - атентат, туку како резултат на едно неодговорно однесување, а, таквото мислење го темелам на два моменти.

Прво, познато е дека во БиХ беа распоредени војници на СФОР, а такви странски воени сили своевремено имавме и во Македонија, под називот УНПРОФОР. Пред околу дваесет и пет години овие странски војници во Македонија правеа ршум по скопските угостителски објекти, се шетаа по центарот на Скопје вооружани со автоматски пушки и воопшто не ги фермаа домашните органи, бидејќи тие на овие балкански простори доаѓаа со претходна предубеденост, дека доаѓаат во земји во кои можат да се однесуваат како во село без кучиња.

Се сеќаваме дека како резултат на едно такво арогантно, самобендисано и крајно неодговорно однесување на тие странски војници, дојде дури и до убиство на тогашниот македонски министер, Радован Стојковски. Тогаш, на автопатот од Скопје за Велес, споменатите странски војници возеле во спротивен забранет правец, воопшто не почитувајќи ги сообраќајните правила на движење.

А,тие го правеа тоа, затоа што дел од овие странски војници беа пермаментно пијани или дрогирани, како резултат на нивните високи плати, кои ги добиваа за своето службување на просторот на поранешна Југославија.

Во овој контекст, според мене, истрагата за уривањето на владиниот кингер требало да се насочува во оваа насока, и неопходно било потребно да се настојува да се испита психофизичката состојба на двајцата војници од францускиот контигент, кои тоа кобно утро биле на должност на контролата кула на мостарскиот аеродром, барем да им се направи тест за присуство на алкохол или некои други супстанци.

Што е поинтересно, до денешен ден, од страна на македонските органи не е направен обид да се сослушаат споменатите француски војници, а, кој знае, можеби дополнително ќе проработи свеста кај нив, да признаат некои клучни моменти, за кои претходно зборував. 

Во контекст на посочената човечка грешка околу уривањето на владиниот кингер, уште да споменам дека мостарскиот аеродром во тоа време, иако носи бомбастичен назив - меѓународен аеродром, се до тој момент претставува најобична шупа, бидејќи има несоодветно ниво на опременост, односно, стара телекомуникациска опрема без радарско наведување. Дури, по трагичниот настан со Трајковски, и неговите соработници, некаде во април 2004 година, комплетно беше инсталирана нова телекомуникациска и метеоролошка опрема на контроланата кула на аеродромот во Мостар.

За приказната, пак, дека СФОР дошле на местото на настанот веднаш по уривањето на авионот, се согласувам со таквата теза, но, според мене, не да кријат некои докази, туку, едноставно, затоа што таков е нивниот манир на работа - сакаат први да видат и да исконтролираат се, во услови кога станаа апсолутни господари, односно, државите од регинот се препуштија на целосна нивна контрола.

Во оваа насока, токму македонските граѓани најдобро ги паметат снимките од некои немили настани во Македонија, во кои се инволвирани споменатите странски војници.

Се сеќаваме дека во таков случај, сите детали најпрвин ги испитуваат нивни истражни органи, за подоцна да им дозволат на критичното место да се приближат и македонските истражни органи, и тоа, внимавајте, во сопствената држава! Па и во случајот со погибијата на министерот Стојковски првин странците правеа истрага па после се смилуваа и ги пуштаа македонските полицајци, дури арогантно и ги бркаа од местото на настанот. При убиството на министерот Стојковски од војници од норвешкиот контигент во Македонија кои експресно си заминаа за Норвешка не фермајќи ги нашите македонски органи, таму во Норвешка не одговараа дури ни прекршочно.

Вториот момент поради кој сметам дека во случајот со уривањето на владиниот кингер станува збор за убиство поради неодговорно однесување на странските војници, кои биле на должност на контролната кула на мостарскиот аеродром, го темелам на следниот факт: тогашниот претседател Трајковски беше под целосна контрола на клучните авторитети на меѓународната заедница, па, оттаму, не гледам никаква политичка причина и логика, зошто би го убивале во атентат, кога имаа целосна контрола врз него!?

Токму тоа е најпосакуваната состојба за моќните актери на меѓународната сцена - да ги имаат под целосна контрола локалните политички водачи!

Македонските граѓани се сеќаваат дека Борис Трајковски многу малку дејствуваше како претседател на Македонија, а многу повеќе како некаков акредитиран амбасадор на споменатите странски структури, со што, во крајна линија, и нанесуваше голема штета на сопствената држава, и тоа во 2001-та во еден од најсудбоносните моменти во нејзината понова историја.

Значи, ако тогашниот македонски претседател секое утро, прва задача му беше да изврши телефонски консултации со своите западни странски ментори за активноста што треба да ја преземе во тековниот ден, тогаш основано се наметнува заклучокот, дека не постои ниту една валидна причина да биде жртва на смислен заговор.

Познавачите добро знаат дека секој атентат има своја конкретна причина!

За крај, не е на одмет да спомнам дека тоа кобно утро на 26 февруари 2004 облачноста била на такво ниво што било невозможно пилотите да го видат аеродромот, а тоа го потврдува и фактот што претседателите на Србија и Хрватска ги враќаат нивните авиони назад кои требало да слетаат на исто место.

И на владиниот кингер му било сугерирано да го направи истото, дури и да не полетува од Скопје, но Трајковски едноставно имаше некој комплекс да биде виден по секоја цена во друшто на европски политичари на разноразни собири откако влијателни западни политичари со длабока неискрена заднина и стратегиска психоефектност му конструираа претседателова претстава (лажна) за некаков фактор на стабилноста посебно за воената 2001, а тој ден се одржуваше меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина.