Поефтини ќе не чини да ја национализираме Окта, отколку да им платиме отштета на Грците


10.08.2008 | 22:17:59 | Колумни


Поефтини ќе не чини да ја национализираме Окта, отколку да им платиме отштета на Грците

Колумна, Фокус, 10 август 2008, Јанко Бачев

Познато е дека на истекот на жалбениот рок, Владата на Република Македонија се откажа од правото да поднесе жалба на Одлуката на Арбитражниот суд во Париз според која државата треба да му плати на “Хеленик петролеум” 50 милиони долари поради тоа што Македонија не го испочитувала договорот за купување мазут. Пред тоа, политичката, експертската и интелектуалната јавност се изјаснија дека мали се шансите нешто реално да се промени во жалбена постапка со евентуалното поднесување жалба.

Според последните владини информации обештетувањето на грчката компанија ќе оди по договрен пат, во услови кога уште на почеток предноста на грчката страна е огромна бидејќи поседуваат силно оружје - споменатата пресуда. Во оваа насока, чуствувам обврска да се вклучам во напорите за изнаоѓање корисно решение за државата.

Појдовна основа на мојата идеја за  решавање на случајот “Окта” во корист на државата секако е изјавата на поранешниот премиер  Љ. Георгиевски дека рафинеријата е продадена за 32 милиони долари, како и изјавата на лидерката на СДСМ Радмила Шеќеринска дека целосната штета за Македонија на крајот на истекот на дваесетгодишниот договорен рок ќе биде фантастични 600 милиони долари. А, на овие изјави секако дека треба да им се поклони верба, бидејќи се кажани од поранешен премиер чија Влада ја продаде “Окта”, како и од лидерка на една, нели голема, сериозна и одговорна политичка партија.

Нејсе. Да поентирам со предлогот. Македонија треба да ја  национализира “Окта”. Да, токму така и тоа веднаш! Во продолжение би се осврнал на правно-политичката заснованост на мерката национализација во меѓународните односи.

Веднаш да кажам дека денес во меѓународното право признато право на државата е да врши национализација на странски имот. Ова право на државата се заснова како врз правилата на меѓународното приватно право-според принципот на место на наоѓање на имотот што се национализира, така и врз правилата на меѓународното јавно право-според принципот на економски суверенитет на државата.

Правната рамка за национализација е обезбедена со неколку документи на Генералното Собрание на ОН и тоа: Резолуција од 1952 каде е кажано дека “народите имаат право слободно да ги користат своите извори”, потоа Резолуцијата од 1962 во која, во точката 4 се кажува дека “национализација може да се врши поради причини на јавна корист, безбедност или национален интерес”. Понатаму, на 12 декември 1974 година на 29. Заседание на ОН се усвои и Повелбата за економските права и должности на државите, во која во чл. 2 ст. 4 експлицитно се вели “државите имаат право да ги национализираат материјалните добра на странски сопственици”.

Во овој контекст, од досегашната меѓународна практика битно е да се спомене случајот со национализацијата на Иранската рафинерија. Тука, два органи на ОН-Советот за безбедност и Меѓународниот суд на правдата со своја одлука од 1952 година застанаа на ставот дека национализацијата е прашање кое спаѓа во внатрешна надлежност на територијалната држава, во кое не би можеле да се мешаат меѓународни организации, а уште помалку други држави.

Значи, државата има меѓународно-правно признато право да врши национализација на странски имот заради заштита на националниот интерес (а, национален интерес на една држава е она што таа држава ќе го прогласи за национален интерес!). Само мала дигресија. Илустративен е примерот со ТЕЦ “Неготино” кога Владата преку ноќ го прогласи за национален интерес (што е одлична одлука) поради енергетската стабилност на државата.

Македонија треба да го следи воспоставениот меѓународен прецедент со национализацијата на Иранската рафинерија и доколку врши национализација на “Окта” треба само да го докаже националниот интерес, што пак, и не би претставувало особена тешкотија ако се има на пример предвид можноста од државен “банкрот” со исплата на 600 милиони долари отштета. Но, во овој контекст побитно е тоа што сите знаеме дека жителите на населените места околу “Окта” имаат сериозни здравствени последици токму од отровните супстанци што ги испушта рафинеријата. Во услови кога на меѓународната сцена прашањето на човековата околина денес се рангира на ниво како и прашањата од областа на безбедноста, идеологијата и територијалните ривалства кои традиционално ги сочинуваа дипломатските дневни редови, тогаш, основано Македонија прашањето со јавното здравје на своите граѓани може да го прогласи за национален интерес како легитимна основа за националзиација.

Треба да се каже дека при вршење на национализација погоре спомнатите меѓународните акти  наложуваат и обврска на надомест на штета што се врши според правилата на територијалната држава. Во однос на висината на надоместокот меѓународната практика прифаќа т.н. глобален надомест кој во суштина не е целосен туку “правичен” и во случајот на “Окта би се движел некаде до вложеното на инвеститорот.

Понатаму, доколку национализација на “Окта” се врши поради заштита на јавното здравје, тогаш рафинеријата треба да се затвори. По ова ќе се постави прашање за статусот на 1.000 вработени и во таков случај државата треба да го следи примерот со “Телеком” или “ЕВН” каде што, откако понудија атрактивни испратнини од по 20.000 евра, работниците побараа сами да заминат од работа. Значи, при мотивирачка отпремнина и кај “Окта”, на пример од по 20.000 евра за илјада вработени, извесно е дека ќе нема ниту најмал социјален револт. Овој социјален пакет би одлеал од буџетот 20 милиони евра, а кога ќе се земе и “правичниот” надомест за национализација во висина на вложеното од “Хеленик петролеум” од околу 32 милиони долари, па и досудената сегашна отштета од 50 милиони долари за првиот петгодишен квартал од договорот, сето тоа би ја чинело државата околу 100 милиони евра, што секако е многу поприфатливо од штетата од 600 милиони долари што треба да се плати до завршување на важноста на договорот. Дури и при договорно решавање на спорот, извесно е дека основата од 600 милиони долари обештетување нема драстично да се промени, што значи дека штетата од стотина милиони долари, доколку се врши национализација е минорна во однос на тоа што треба да им се даде на грчките инвеститори и како вкупно (договорно) обештетување.

Збор-два и за политичките импликации. Извесно е дека во случај на национализација Грција ќе се повика на меѓународно-правно признатото правило за генерална супституција, според кое државата има интерес, право и должност да врши дипломатска заштита на свои субјекти и да истапува во нивно име со барање надомест на национализираниот имот. На тој начин конкретниот приватно-правен однос би се трансформирал во однос помеѓу држави. Но, и во таков случај важат горенаведените правила за надомест. Реална претпоставка е дека Грција, за да го избегне влијанието на правдата, ќе настојува едно чисто правно прашање да го прогласи за политички спор. Во таков случај потребна е дефинирана стратегија, а останатото да биде само тактика на дејствување кои авторот на текстот ги има апсолвирано, но поради ограниченоста на просторот пошироко за ова во друга пригода.

За крај, верувам дека Македонија може да донесе храбра одлука кога е во прашање одбраната на националниот и државниот интерес.