Единствена Македонија: Со денешниот воен договор во Париз и претходните со САД и НАТО, сите ќе не бранат, а ние ги губиме државата и нацијата


14.10.2022 | 13:51:17 | Соопштенија


Единствена Македонија: Со денешниот воен договор во Париз и претходните со САД и НАТО, сите ќе не бранат, а ние ги губиме државата и нацијата

Денес јавноста слушна за уште еден воен договор со кој ќе се брани Македонија. Во Париз склучен договор за соработка во одбраната со Франција. Претходно склучен воен договор и со САД со кој американците ќе не бранат, а постојано слушаме дека и НАТО ќе не брани.

Единствена Македонија ја прашува марионетската влада во Скопје од каква закана имаат намера да не штитат НАТО, САД, Франција...Единствената закана спрема Македонија денес се токму членки на НАТО како Бугарија и Албанија кои не ја прифаќаат посебноста на македонскиот народ и унитарна Македонија.

Македонскиот народ не гледа воени закани и затоа се прашуваме дали НАТО ќе војува самиот со себе, со свои членки. Но, многу добро ја гледаме цената која ја плаќаме под параванот на овие воени договори преку зголемување на трошоците за одбрана со веќе склучени договори за купување на оружје од Франција и САД, за учество во воени подготовки, воени операции и служење на македонски војници како топовско месо на НАТО иако овие операции се далеку од интересот на македонскиот народ.

Со денешниот воен договор склучен во Париз и претходните со САД и НАТО произлегува дека сите ќе не бранат а ние ја губиме македонската држава и македонскиот народ. Доколку самите не покажеме капацитет и намера да се одбраниме и сметаме дека други од надвор ќе не одбранат, нема да се одбраниме.

Во целата лоша работа, добро е што се гледа крајот на марионетската власт. Доаѓа ново време, време на народна власт која ќе ја придвижи државата кон меѓународни организации согласно волјата на македонскиот народ и државјаните на Македонија.

Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, петок, 14 октомври 2022 година