Бачев: Во Собранието поднесовме измена на Законот за државјанство, Македонците од цел свет да добиваат државјанство по автоматизам


16.07.2021 | 14:10:28 | Прес Конференции


Бачев: Во Собранието поднесовме измена на Законот за државјанство, Македонците од цел свет да добиваат државјанство по автоматизам

Изјава, Единствена Македонија
проф. д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија
Скопје, петок, 16 јули 2021 година

Единствена Македонија, денес, петок 16 јули 2021 во Собранието поднесе Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за државјанство, по скратена постапка.

Во изјава за медиумите претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев рече:

-“Денес во Собранието поднесовме Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за државјанство на Република Македонија. со кој предлагаме две работи во оваа сфера:

Прво, доуредување и прецизирање на условите за стекнување на државјанство, односно, исполнување на седум услови за стекнување на македонско државјанство кои се во духот на Европската конвенција за државјанство и со кои обезбедуваме заштита на македoнските национални интереси во сферата на државјанство како правна врска меѓу поединецот и државата. Со предлогот се оневозможува државата да биде изложена на потсмев на меѓународната сцена да дава државјанства врз основа на сведоци, сметки за струја, вода, телефон и слични небулози туку државјанство врз основа на меѓународно правно прифатливи аргументи пропишани со меѓународните документи во оваа сфера.

Второ, што е особено за Македонците, со предлогот се дава можност на Македонците од цел свет кои живеат надвор од границите на Република Македонија да се стекнуваат со државјанство со исклучителна натурализација, односно да не се бараат никакви услови, освен основниот, суштинскиот - да се биде Македонец по потекло. Ова е битно, бидејќи надвор од границите на Макеоднија живеат милиони Македонци, посебно во прекуокеанските и соседните земји и една голема групација од стотици илијади Македонци - муслимани кои во педесеттите години на минатиот век се иселиле во Турција. Македонија како емигрантска држава и од порано за време на разноразните окупации на овие простори кога била под турско, српско, бугарско владеење, значи пред повеќе од стотина години првата генерација Македонци масовно се иселува во прекуокеанските земји. Затоа треба со ова законско решение да озвозможиме на третата генерација Македонци да стекнуваат државјанство на матичната македонска држава без притоа да се бараат од нив било какви услови. Ова е во духот на сите современи законодавстава, кои водат сметка за своите сонародници во странство и овозможуваат стекнување државјанство по потекло.

Верувам дека пратенците ќе бидат на висината на задачата и ќе им озвозможат на нашите сонародници од цел свет да се стекнат со државјанство на својата македонска матична држава. Очекуваме од пратенициите и нивните лидери да покажат државнички капацитет и силно лидерство со кое ќе го израдуваат македонскиот народ. За крај, законот согласно Деловникот на Собранието е предложен да биде усвоен во скратена постапка“.

Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, петок, 16 јули 2021 година

 

Интегрален текст на предлог-законот

 

          ДО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО

             

                   СКОПЈЕ

 

Врз основа на член 71 став 2 од Уставот и членовите 133 став 1 и 170 од Деловникот на Собранието, Единствена Македонија доставува Иницијатива за донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за државјанство на Република Македонија со предлог-закон, по скратена постапка, што го утврди на седницата на Извршниот комитет на Единствена Македонија, одржана на 14.07.2021 година.

Согласно член 133 став 2 од Деловникот на Собранието, Иницијативата се доставува до сите пратеници и за тоа не известувате како подносител на иницијативата и во оваа насока, согласни сме предлог-законот во свое име да го процесуира, пратеник, пратеничка група или независен пратеник.

За претставник на Единствена Македонија е определен д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија, а за повереници Ацо Николовски и д-р Вангел Симев, членови на Извршниот комитет на Единствена Македонија.

 

                      ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА

         д-р Јанко Бачев 

 

 

  

П Р Е Д Л О Г  -  З А К О Н

за изменување и дополнување на Законот за државјанство на Република Македонија, по скратена постапка

  

 

 

Скопје,  јули  2021 година

 

 

ВОВЕД

I. ОЦЕНА НА СОСТОЈБИТЕ ВО ОБЛАСТА ШТО ТРЕБА ДА СЕ УРЕДИ СО ЗАКОНОТ И ПРИЧИНИТЕ ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ

Законот за државјанство на Република Македонија дозволува дополнителен начин за стекнување на државјанство со природување (натурализација) за странец со исполнување на определени услови. Интервенцијата во оваа одредба со предлог законот се прави со цел доуредување на условите за стекнување државјанство во духот на Европската конвенција за државјанство и мотивираноста од потребата за  заштита на националниот интерес на Република Македонија во сферата на државјанството како правна врска меѓу поединецот и државата. Односно, стекнувањето на државјанство на Република Македонија како исклучителна нејзина внатрешна надлежност, да се заснова на општо прифатени критериуми во современите законодавства. Во овој контекст, и исклучителната натурализација (природување) како дополнителен начин за стекнување државјанство, ја предвидуваат сите современи законодавства. Со исклучителната натурализација, на определен број на лица, за кои државата има посебен изразен интерес, им се овозможува да се стекнат со нејзино државјанство. Законот за државјанство на Република Македонија предвидува стекнување на државјанство на Република Македонија со исклучителна натурализација. Македонија како емиграциона држава, а и од многу порано кога била окупирана од различни окупатори во историјата е мотивирана од потребата и националниот интерес да им озвозможи на милиони Македонци во светот кој живеат надвор од границите на Татковината, пред се, во соседните и прекуокеанските држави како и Македонците-со исламска вероисповед исселени во Турција во педесеттите години на минатиот век, да се стекнат со македонско државјанство на олеснет начин, по автоматизам. Со предложените законски решенија се овозможува на овие лица да се стекнат со државјанство на Репблика Македонија  без да се бараат никакви услови, освен основниот - да станува збор за лица кое е од национален интерес за Република Македонија поради неговото македонско потекло. Односно, да се овозможи стекнување државјанство со исклучителна натурализација на сите Македонци по потекло кои живеат надвор од границите на Република Македонија.

II. ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И ОСНОВНИ РЕШЕНИЈА

Основна цел на овој закон е доуредување и прецизирање на условите за стекнување на државјанство на Република Македонија со природување (натурализација) на начин со кој се заштитуваат националните интереси и со почитување на меѓународните релевантни документи во оваа област. Со предлог законот исто така се дава можност за стекнување државјанство на Република Македонија на сите Македонци по потекло кои живеат надвор од границите на Република Македонија како прашање од највиоск национален интерес за македонската држава и македонскиот народ.

III.        ОЦЕНА НА ФИНАНСИСКИТЕ ПОСЛЕДИЦИ ОД ПРЕДЛОГОТ НА ЗАКОНОТ ВРЗ БУЏЕТОТ И ДРУГИТЕ ЈАВНИ ФИНАНСИСКИ СРЕДСТВА

Одредбите од предлогот на Законот не имплицираат финансиски последици врз Буџетот на Република Македонија и другите јавни финансиски средства.

IV.        ПРОЦЕНА НА ФИНАНСИСКИТЕ СРЕДСТВА ПОТРЕБНИ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ, НАЧИНОТ НА НИВНО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ, ПОДАТОЦИ ЗА ТОА ДАЛИ СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ЗАКОНОТ ПОВЛЕКУВА МАТЕРИЈАЛНИ ОБВРСКИ ЗА ОДДЕЛНИ СУБЈЕКТИ

Спроведувањето на законот нема да предизвика одредени фискални импликации.

V .        СКРАТЕНА ПОСТАПКА ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОН

Со оглед дека се исполнети условите од членот 170 алинеја 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, односно дека не се работи за сложен и обемен закон, се предлага Предлог-законот за изменување и  дополнување на Законот за државјанство на Република Македонија да се донесе по скратена постапка.

 

ПРЕДЛОГ ЗАКОН

ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ДРЖАВЈАНСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

Член 1

            Во Законот за државјанство на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 67/92, 8/2004, 98/2008, 158/11 и 55/16), членот 7 се менува и гласи:                  
            (1) Со природување може да стекне д
ржавјанство на Република Македонија странец кој поднел барање за прием во државјанство на Република Македонија, ако ги исполнува следниве услови:           
            1) да наполнил 18 години живот;                          
            2) да има отпуст од досегашното државјанство или да поднесе доказ дека ќе го добие отпустот ако биде примен во државјанство на Република Македонија;       
            3) до поднесувањето на барањето да престојувал 10 години непрекинато на територијата на Република Македонија;                                          
            4) од неговото држење да може да се заклучи дека ќе биде лојален граѓанин на Република Македонија; 
            5) да го владее македонскиот јазик;                                 
            6) неговиот прием во државјанство на Република Македонија да не ја загрозува безбедноста и одбраната на Република Македонија и                           
            7) да потпише заклетва дека ќе биде лојален граѓанин на Република Македонија. 
            (2) исполнувањето на условот од став 1 точка 5 на овој член го утврдува посебна комисија образувана од Владата на Република Македонија.                    
           
(3) ќе се смета дека условот од точка 2 став 1 на овој член е исполнет ако лицето што го поднело барање е без државјанство или дека според законот на земјата чиј државјанин е ќе го загуби со самото природување.                                   
            (4)
Ако странската држава не допушта отпуст или за отпустот поставува услови што не можат да се исполнат, доволна е изјава на лицето што го поднело барањето дека под претпоставка на стекнување на државјанството на Република Македонија се откажува од странското државјанство.          
            (5)
Во решението со кое се одбива барањето за стекнување на државјанство на Република Македонија со природување не мораат да се наведат причините според кои се раководел надлежниот државен орган при донесувањето на решението.                                  

Член 2

По членот 11 се додава нов член 11-а кој гласи:

Член 11- а

            (1) По исклучок од член 7 на овој закон, сите Македонци по потекло кои живеат надвор од границите на Република Македонија може со природување да стекнат државјанство на Република Македонија.

            (2) Владата на Република Македонија со уредба ја утврдува постапката за стекнување на државјанство во смисла на став 1 од овој член.

Член 3

            Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

 

Образложување на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државјанство на Република Македонија

 

1. Објаснување на содржината на одредбите на Предлог-Законот

Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за државјанство на Република Македонија содржи 3члена. Со членот еден се врши изменување на членот 7 од законот и се пропишуваат условите кои треба да ги исполни странец за стекнување на државјанство на Република Македонија со природување. Во вториот член се уредува додавањето нов член 11-а по членот 11 со кој се овозможува  стекнување на државјанство на сите Македонци по потекло кои живеат надвор од Република Македонија, со исклучителна натурализација, односно да не се бара никакви други услови освен основниот, суштинскиот - да станува збор за  лица со македонско потекло. Во третиот член се предлага уредувањето на прашањето за влегување на законот во правна сила.

 

2. Меѓусебната поврзаност на решенијата содржани во предложените одредби

Предложените решенија во законот се меѓусебно поврзани, истите се применливи и прават една правна целина.

 

3. Последици што ќе произлезат од предложениот закон

Со усвојувањето на предложените законски решенија ќе се доуредат условите за стекнување на државјанство на Република Македонија во духот на Европската конвенција за државјанство и притоа се овозможува заштита на македонските национални и државни интереси во сферата на државјанството како правна врска помеѓу поединецот и државата. Со Предлог на законот особено ќе се овозможи на сите Македонци по потекло да се стекнат на олеснет начин со државјанство на својата матична држава како прашање од посебен интерес за Република Македонија, дотолку повеќе, пракса во современите држави е на своите сонародници кои живеат надвор од границите на односните држави да им овозможат олеснет пристап до државјанство.