Битката за Арачиново


27.06.2021 | 23:48:43 | Колумни


Битката за Арачиново

Колумна, Единствена Македонија 
проф. д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија 
Скопје, недела, 27 јуни 2020

Повторно дојде јуни во уште едно потсетување, дека пред дваесет години на 22 јуни 2001 година во 4:30 часот започна битката за Арачиново во која загинаа тројца припадници на македонските полициски сили: Никола Пехчевски, Атанас Јанев и Александар Стојчев, а по шест дена, на 28 јуни, на скопските клиники почина и тешко ранетиот Оливер Китановски.

Македонската јавност сеуште се замајува со некаква верзија за настанот, според која, се се сведува на тоа дека бранителите се убиени од албанските терористи при акцијата за ослободување на Арачиново, кое, претходно на 9 јуни 2001 година тогашната ОНА го прогласи за слободна територија. И - толку! 

Сепак, работите не стојат баш така.

При акцијата за ослободување на Арачиново, бранителите не загинаа во борба со албанските терористи, туку загинаа од граната на македонската Армија. За време на војната во 2001 година, кога функционира таканаречената широка Влада, припадниците на двете клучни министерства (министерството за внатрешни работи, раководено од Љубе Бошковски од ВМРО-ДПМНЕ, и министерството за одбрана, раководено од Владо Бучковски од СДСМ) поради некоординираност се однесуваа како две непријателски војски.

Љупчо Георгиевски и Бранко Црвенковски дури и во војна не седнаа да си кажат, било што било, сега сме во војна, дај да ја браниме државата а после по избори пак ќе се расправаме. Залудени единствено од лична промоција и желбата за власт и за профит, Георгиевски и Црвенковски го правеа спротивното и преземаа работи кои немаат никаква врска со одбраната на државата.

Затоа, идните генерации ќе бидат згрозени кога читајќи ги книгите од војната ќе видат дека во Арачиново, од некоординираност таму загинаа бранители од граната на АРМ, која не им ги знаеше координатите на припадниците на МВР, што е трагично оти македонски војници и полицајци се испотепаа самите меѓу себе, бидејќи не си ги знаеја координатите.

Инаку, овој момент надлежните државни органи се уште го кријат, бидејќи, внимавајте, државата ќе требало да плаќа големи отштетни износи доколку се признае нејзината вина, иако се поставува прашањето - дали воопшто има цена по која можат да се обештетат македонските бранители кои загинаа во одбраната на независноста и територијалниот интегритет и суверенитет на државата. 

Трагедијата кај Арачиново, како и погибијата кај Карпалак, Љуботен или Вејце, кои се најперфидно местење на македонските бранители, се само во прилог на моето тврдење во годините дека Македонија излезе поразена во воената 2001 како резултат на внатрешните предавства и политичките сценарија на домашните политички актери, а не како резултат на неспособноста на македонските безбедносни сили да се справат со терористичката ОНА.

Впрочем, тогашната ОНА на почетокот броеше околу 600 припадници кои се одметнаа во планините за да го рушат уставниот поредок на земјата, а за кои македонската Служба за државна безбедност знаеше практично се - колку се, каде се, зошто се таму, и македонските безбедносни сили можеа да ги решат во секое време. Од јануари до мај 2001, Македонија имаше одврзани раце да се справи со тогашната ОНА.

Всушност, Македонија во 2001-ва се победи самата себеси, бидејќи од другата страна имаше виртуелен противник во ОНА која не претставуваше реална опасност оти немаше ниту кадар, ниту можности од логистички аспект да води борба со нас од поголем капацитет.

Затоа, токму припадниците на ОНА во Арачиново треба да ја опишат својата голгота во тие денови, во интерес на историјата и дека не беа решени само заради тоа што однапред беше договорено НАТО да влезе во Арачиново и да ги извлече терористите.

За волја на вистината, странците направија пресврт по пет месеци од започнувањето на војната кога го измислија Арачиново за да се присили македонската страна на политички преговори, односно да се прекинат воените дејствија и на поинаков начин да се решава кризата, по цена на сите понижувања на македонските безбедносни сили кои храбро го бранеа нејзиниот територијален инегритет.

За крај, една од првите задачи на новата легална власт на Единствена Македонија е расветлување на перфидното местење на македонските бранители, односно, вистината за нивното загинување, оддавање достојна почит на бранителите - херои и решавање на проблемите на преживеаните бранители и семејствата на загинатите бранители. Луѓето кои го дадоа својот живот за татковината, ја заслужуваат нашата почит, а не да се гази врз нивната жртва, дадена за нашата држава.

Дотолку повеќе, за Арачиново, Карпалак, Љуботен, Вејце, пишувам од 2002 година, но, од страна на властите - целосен молк. Сознанија за предавствата има, но, нема иницијатива од надлежните органи.

За Единствена Македонија нема дилема. Мора да се дојде најпосле до официјален одговор не само за Арачиново туку и како, од кого и зошто беа нарачани и договорени масакрите кај Вејце, Карпалак, Љуботенски пат, во кои бранителите беа испратени во заседа и мораа да загинат.

Во краен случај, расчистувањето на овие случаи е од интерес не само за семејствата и роднините на загинатите, туку и за Република Македонија, бидејќи не можеме да гледаме напред во иднината, доколку минатото и понатаму не прогонува, односно, неправедната загуба на бранителите останува неразјаснета.

Вечна им слава на македонските бранители-херои: Никола Пехчевски (25) Берово, Атанас Јанев (25) Струмица, Александар Стојчев (30) Скопје и Оливер Китановски (21) Велес, кои ги положија животите за Македонија во битката за Арачиново на 23 јуни 2001 година.