Автоголот на Џо Бајден


11.06.2021 | 18:22:36 | Колумни


Автоголот на Џо Бајден

Колумна, Единствена Македонија
проф. д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија
Скопје, петок 11 јуни, 2021 година

На меѓународен план постои основна претпоставка дека надворешната политика на државите ја водат стручно и политички висококфалификувани луѓе. Во случајот на САД, со најновата извршна наредба на Џо Бајден, не е така. Во Белата куќа е направен превид при пишувањето на наредбата, односно, стручните и професионалните недостатоци во контекст на страната која ја заземаат САД на Западниот Балкан, се автоголот на Џо Бајден.

Имено, наредбата на Бајден, меѓу останатото, опфаќа замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица кои се одговорни или се вклучени во активност што го попречува или е закана за примена на Резолуцијата 1244 донесена од Советот за безбедност на ОН на 4011-тиот состанок на 10 јуни 1999 година. Оваа резолуција е усвоена еден ден после потпишувањето на Воено-техничката спогодба во Куманово која го означи крајот на НАТО бомбардирањето на СР Југославија во 1999 година.

Важно е Резолуцијата 1244 ја потврди приврзаноста на сите држави членки (Обединетите нации) на суверенитетот и територијалниот интегритет на Сојузна Република Југославија со широка автономија на Косово како составен дел на СРЈ. Во 2006 година се распадна СРЈ/Државната заедница на Србија и Црна Гора, но, важно е на Србија и се призна континуитетот во смисла на Виенската конвенција за сукцесија од областа на договорите, со што Косово според резолуцијата 1244 е составен дел на Србија.

Дури, во резолуцијата 1244 се изразува жалење што нема целосно исполнување на барањата од претходните резолуции на Советот за безбедност број 1160 (1998), 1199 (1998), 1203 (1998) и 1239 (1999) во кои на СРЈ/Србија и се признава суверенитетот и територијалниот интегритет со автономната покраина Косово и Метохија. 

Меѓутоа, привремените институции на покраинската самоуправа во Приштина, на 17 февруари 2008 година донесоа еднострано декларација за независност на Косово со кршење на Резолуцијата 1244 и повеќе императивни правила и норми на меѓународното апсолутно задолжително право.

Согласно ова, Косово беше признат од САД и Велика Британија и повеќе членки на ЕУ - Белгија, Италија, Франција, Луксембург, Холандија, Германија, Данска, Ирска, Австрија, Португалија, Финска, Шведска, Чешка, Естонија, Литванија, Летонија, Словенија, Полска, Унгарија, Малта, Бугарија, Хрватска.

Значи, водачите на САД, Англија и држави - членки на ЕУ  од 2008 до денешно време, со признавањето на Косово ја кршат Резолуцијата 1244. Бајден во својата наредба опфаќа замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица кои се одговорни или се закана за примена на  Резолуцијата 1244.

Оттука најмалку две прашања, прво,  дали САД ќе го заплени имотот и ќе забрани влез на нејзина територија на лидери на држави - членки на ЕУ, и второ, дали Бајден самиот ќе си го заплени имотот и ќе се запише на црната листа на САД, а сето тоа поради кршењето на резолуцијата 1244!?

Да сумирам, според логиката на меѓународното право, со признавањето на Косово резолуцијата 1244 е прекршена. Резолуцијата 1244 е во правна важност се додека изречно не се укине или додека не дојде до спогодба меѓу Белград и Приштина која би ја направила резолуцијата безпредметна. 21 година резолуцијата останува во правна сила. Има постојани обиди, посебно од Англија, во последните 13 години откако Косово стана независно, да се укине резолуцијата, но, поради противењето на Русија и Кина тоа не се случува.

Важен е начинот на донесување на Резолуцијата 1244 кој е невообичаен - донесена е по главата седум на Повелбата на ОН во ситуација кога е загрозен светскиот мир. Тоа значи дека резолуцијата 1244 има не само политичка, туку и правна задолжителност.

Затоа, меѓународно-правно опсервирано, основано може да се изведе аргументот дека Косово е составен дел на Србија, односно, луѓето на Косово можат да уживаат значителна автономија во рамките на Србија, а Бајден и секој лидер на држава членка на ЕУ согласно Извршната наредба треба да се најде на црната листа бидејќи станува збор за лица кои се одговорни или се вклучени, директно или индиректно во нарушувањето или во активност што го попречува или е закана за спроведувањето на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации.

П.С. Бајден се заканува и на Македонците со замрзнување на имотот и забрана за влез во САД поради противењето на преспанскиот и рамковниот договор. За мене и Единствена Македонија нема дилема. Рамковниот договор со кој Македонија е претворена во некаква збирштина на заедници и понатаму останува длабоко трауматичен за македонската национална свест, а договорот со Грција со кој се брише името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ е ништовен според домашното и меѓународното право.  Нашата борба против антимакедонските договори е исправна. Ние се бориме да останиме свои на своето, нашата борба е света должност. Па, нека повели Бајден, нека не става на црна листа колку што му душа сака!