Бачев до Управен суд: Ако судите според логиката на правото ќе ги поништите изборите, според логиката на политиката ќе го потврдите фалсификатот


22.07.2020 | 20:28:08 | Избори


Бачев до Управен суд: Ако судите според логиката на правото ќе ги поништите изборите, според логиката на политиката ќе го потврдите фалсификатот

Изјава, Коалиција „Никогаш северна - само Македонија“
проф. д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија
Скопје, среда, 22 јули 2020

Претседателот на Единствена Македонија во името на Коалицијата „Никогаш северна - само Македонија“ поднесе тужба до Управниот суд против решението на Државната изборна комисија во врска со изборниот фалсификат, со конкретни факти, докази и повреди на Изборниот законик.

Подолу можете да го видите целиот текст од тужбата.

 

Медиуми:

А1 он

Макфакс

Скопје 1

Македонски весник

Стандард

Охрид 1

Локално

Точка

Нова Македонија

Утрински весник

МТМ

Грид

Тајм

">Јутуб Канал  

 

ПРЕКУ ДРЖАВНАТА ИЗБОРНА КОМИСИЈА ДО УПРАВНИОТ СУД 

Тужител: Единствена Македонија и Коалицијата  „Никогаш северна- само Македонија

Тужен:    Државна изборна комисија, Скопје    

Предмет: Управен спор за изборни неправилности

 

Т     У     Ж     Б     А

 

1. Со Решение на Државната изборна комисија (ДИК) број 10-1965 од 21.07.2020 година, приговорот на Коалицијата „Никогаш северна - само Македонија“, се одбива. Коалицијата „Никогаш северна - само Македонија„ на 16.07.2020 поднесе до тужениот барање за увид во неважечките гласачки ливчиња и приговор за заштита на избирачко право на подносител на листа. Дополнително, на 17.07.2020, тужителот поднесе и барање за поништување на изборите и увид во сите избирачки ливчиња.

Ова решение е незаконито и неправилно. Го побиваме со оваа тужба поради:

-   непотполно и погрешно утврдена фактичка состојба, и

-   погрешна примена на материјалното право.

 

2.Тужителот на 16 јули 2020 поднесе до тужениот барање за увид во неважечките гласачки ливчиња, а следниот ден на 17 јули и барање за поништување на изборите и увид во сите избирачки ливчиња. Тужениот бил во законска обврска да одлучи по сите вака поставени барања на тужителот, но, во случајот не било така.

Имено, видно од барањето за увид во неважечките ливчиња од 16.07.2020, тужителот бара увид во неважечките ливчиња, бидејќи, фрапантен е податокот дека дури 24.066 неважечки ливчиња во тој момент се однесуваат на „Никогаш северна - само Македонија„ кои се гласови на тужителот.

Барањето се темели на член 22 став 7 од Изборниот законик каде е кажано:

„Овластениот претставник на подносителот на листата има право на седница на изборен орган да побара и да изврши целосен увид во целокупната документација на изборниот орган“.

 Значи, јасна и недвосмислена законска одредба во која категорички се вели дека подносителите на листи, во случајот Единствена Македонија и „Коалицијата „Никогаш северна - само Македонија“ има право да изврши увид во целокупната документација, а општо познат факт е дека изборните ливчиња се составен дел од изборната документација. Напред наведента законска одредба е јасна и не бара никакви причини и услови да се изврши увид, туку, потребно е само барање од овластениот претставник на листа, како што било во случајот.

Понатаму, видно од второто барање на тужителот до тужениот од 17.07.2020 е дека тужителот бара и рачно пребројување на ливчињата и увид во сите избирачки ливчиња бидејќи во меѓувреме се појавија најмалку две околности кои побудуваат сериозно сомнение за изборен фалсификат и тоа:

прво, на ДИК и недостигаат 2.013 гласачки ливчиња со кои е правен изборниот фалсификат преку општо познатиот модел на т.н. „бугарски воз“. Фактите и доказите за ова не доаѓаат од било каде, туку  од најкомпетентното место - ДИК и нејзиниот Заклучок број 08 - 1966/1 од 16 јули 2020 дека постојат 1.814.236 гласачи а гласале 942.334 гласачи. Ако од 1.814.236 гласачи се одземат 942.334 гласачи се добива бројката од 871.902 лица кои не гласале, што значи дека толку треба да биде бројката и на неупотребуваните гласачки ливчиња. Но, според Заклучокот на ДИК, бројот на неупотребуваните гласачки ливчиња изнесува 869.889 што значи дека недостигаат 2.013 ливчиња. Каде се!? Тука се, ама со нив е правен фалсификатот преку т.н. бугарски воз. Обидот на ДИК дополнително да го сведе ова на техничка грешка е несериозно да се коментира.

второ,  после завршувањето на изборите и евидентирањето на гласовите од страна на ДИК, целата јавност виде дека од ДИК погрешно се распоредени дури 80.000 гласови. Патем, индикативно е што „падна“ менито/категоријата на веб страната на ДИК - изборни резултати, која остана невидлива за јавноста при прикажувањето на резултатите како пристигнуваат од избирачките одбори, а веб страната на ДИК во останатиот дел беше функционална иако не може да падне само поддомен/едно мени/категорија, а во останатиот дел веб страната да остане функционална.

Напред наведените две околности ги виде целата јавност и според законот општо познати факти не треба да се докажуваат. Но, и под претпоставка да не постојат овие две околности, ДИК е во обврска да дозволи увид во избирачките ливчиња, бидејќи погоре спомнатата одредба од Изборниот законик (член 22 став 7) е јасна - за увид во избирачките ливчиња не бара никакви услови и докази туку само барање за увид од овластен подоносител на листа.

Значи, тужителот има поставено јасни барања за увид во неважечките ливчиња како и во сите гласачки ливчиња, меѓутоа, ДИК иако бил во законска обврска не расправал за истите.

3.Тужителот на 16.07.2020 поднесе приговор за заштита на избирачко право на подносител на листа, кој, со побиваното решение на тужениот се одбива. Во случајот, фактичката состојба е неправилно и погрешно утврдена и погрешно е применето материјалното право, бидејќи, тужителот на 12 март 2020 поднесе седум кандидатски листи (шест за гласање во државата и една во странство) со назив „Никогаш северна - само Македонија“. Меѓутоа, од страна на тужениот, на гласачкото ливче е избришан називот „Никогаш северна - само Македонија“ и тужителот настапи на изборите како безимен субјект со што му е нанесена немерлива штета.

Имено, тужителот целата дваесетдневна предизборна кампања ја водеше под називот „Никогаш северна - само Македонија“, избирачите го препознаваа тужителот под тој назив, а индикативно е тоа што и самиот ДИК до последен  момент во известувањата до јавноста во делот на тужителот го претставуваше како учесник со листа со назив „Никогаш северена - само Македонија“.

Согласно член 64 став 2 од Изборниот законик листата на пратеници содржи:  број на изборна единица, назив на листата...., Не е спорно дека листите на тужителот содржат назив „Никогаш северна - само Македонија“.

Согласно член 65 став 1 од Изборниот законик, листата на кандидати се поднесува на пропишан образец од ДИК.  Не е спорно дека листите на тужителот се поднесени на образец пропишан од ДИК.

Согласно член 66 став 2 од Изборниот законик, листите на кандидати за пратеници, овластените претставници на предлагачите ги доставуваат до ДИК. Не е спорно дека овластениот претставник на тужителот ги достави листите до ДИК.

Согласно член 67 став 1 и 2 од од Изборниот законик, ДИК по приемот на листата на кандидати утврдува дали истата е поднесена во утврдениот рок и составена во согласност со одредбите на овој законик, а доколку ДИК утврди дека во листата има одделни неправилности, ќе го повика овластениот претставник на подносителот на листата да ги отстранат неправилностите во рок од 48 часа.  Не е спорно дека ДИК утврди дека листата нема неправилности, поднесена е во утврдениот рок и составена е во согласност со Изборниот законик.

Според член 67 став 5 од Изборниот законик, ако ДИК утврди дека листата е поднесена во определениот рок и е составена во согласност со одредбите на овој законик, поднесената листа ќе ја потврди со решение. Не е спорно дека ДИК не утврди неправилности и ги потврди листите на тужителот.

Согласно член 67 став 6 од Изборниот законик, ако ДИК утврди дека листите се поднесени ненавремено, односно констатираните неправилности или пропусти, подносителите на листите не ги отстраниле во утврдениот рок, поднесената листа ќе ја отфрли со решение во рок од 24 часа од приемот на листите. Не е спорно дека доколку ДИК сметал дека називот „Никогаш северна - само Македонија“ е неправилност, требало да бара од тужителот во рок од 48 часа да ги отстрани неправилностите а доколку тужителот не постапи по барањето на ДИК и не ги отстрани неправилностите тогаш ДИК поднесените листи да ги отфрли. Но, во случајов, ДИК не утврдил неправилности на листите на тужителот со назив „Никогаш северна - само Македонија“.

 Патем, ДИК на 19.03.2020 ја информираше јавноста, цитираме: „На 65 - та седница на ДИК, се потврди листата на кандидати за избор на пратеници поднесена од „Никогаш северна - само Македонија“. Истовремено, ДИК спроведе ждрепка и согласно извршената ждрепка на записник беше утврдено дека под реден број 11 на гласачкото ливче ќе настапува листата со назив: „Никогаш северна - само Македонија“.

Значи, не е спорно дека листите на тужителот се поднесени со назив „Никогаш северна - само Македонија“, не е спорно дека листите се поднесени на пропишан образец од ДИК, не е спорно дека листите се поднесени во законски утврдениот рок, не е спорно дека се поднесени од овластен претставник на тужителот, не е спорно дека од страна на ДИК листите се потврдени и не се утврдени неправилности. Меѓутоа, на ваквата неспорна фактичка состојба , тужениот од нему познати причини, во заднина и надвор од очите на јавноста го избришал називот на листата „Никогаш северна - само Македонија“ на гласачкото ливче и тужителот практично настапи на изборите како безимен субјект.

 Обрнуваме внимание дека определувањето на називот на листите е право на учесниците во изборниот процес како и на фактот дека учесникот на изборите под реден број 3 на гласачкото ливче беше со својот назив СДСМ „Можеме“, учесникот под реден број 14 на гласачкото ливче беше со својот назив ВМРО-ДПМНЕ „Обнова“, додека само кај тужителот е избришан неговиот назив на гласачкото ливче „Никогаш северна - само Македонија“.

 Севкупно, со произволното постапување на тужениот ДИК и носење одлука надвор од фактите, доказите и одредбите од Изборниот законик, особено со повреда на избирачко право на подносител на листа, сторени се повреди и на одредби од Европската конвенција за заштита на човековите права и фундаменталните слободи. Европската конвенција согласно член 98 став 2 и член 118 од Уставот на Република Македонија е дел од внатрешниот правен поредок и судот е во обврска да ја има предвид при одлучувањето.

4.Поради тоа, тужителот ја поднесува оваа тужба во согласност со член 148 став 5 од Изборниот законик и му предлага на судот, врз основа на одредбите од член 150 став 4 од истиот закон да ја донесе следната

П   Р   Е   С   У   Д   А

Тужбата на тужителот, овластен предлагач-подносител на лиса на кандидати за пратеници во изборната единица број 1,2,3,4,5 и 6, Единствена Македонија и Коалицијата „Никогаш северена - само Македонија“ преку овластениот предлагач, СЕ УВАЖУВА.

Оспореното решение број 10-1965 на тужениот орган - Државната изборна комисија, СЕ ПРЕИНАЧУВА И СЕ ПРЕСУДУВА.

Листите на кандидати за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија во изборната единица број 1,2,3,4,5 и 6 поднесена од подносителот Единствена Македонија и „Никогаш северна само Македонија со назив „Никогаш северна - само Македонија“ СЕ ПОТВРДУВААТ.

На гласачкоро ливче под реден број 11, СЕ ЗАПИШУВА: „Никогаш северна - само Македонија“.

Изборите за пратеници во Собранието на Република Македонија одржани на 15.07.2020, за предвремени избори за пратеници 2020 година, СЕ ПОНИШТУВААТ. 

           

Тужител

Единствена Македонија „Никогаш северна - само Македонија“

Овластен предлагач: Љупчо Алексовски

тел: 070 317 101; 075 231 495; 076 310 275