(ВИДЕО) Бачев: Денес во Собранието поднесовме закон за амнестија за 27 април, бараме пратеник да го стави законот на дневен ред


17.02.2021 | 14:22:51 | Прес Конференции


(ВИДЕО) Бачев: Денес во Собранието поднесовме закон за амнестија за 27 април, бараме пратеник да го стави законот на дневен ред

Изјава, Единствена Македонија проф. д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија Скопје, среда, 17 февруари 2021

Единствена Македонија, денес, среда, 17 февруари 2021 во Собранието поднесе Предлог-закон за амнестија на граѓани учесници во настаните на 27 април 2017 во Собранието на Република Македонија, по скратена постапка. Интегралниот текст на законот може да го видите подолу. 

Во изјава за медиумите претседателот Бачев рече:

-“Денеска во Собранието поднесовме Иницијатива со Предлог-закон за амнестија на граѓани учесници во настаните на 27 април 2017 во Собранието на Република Македонија. Пред пет дена Апелацискиот суд ја потврди првостепената пресуда со што драконските казни од близу 200 години затвор за уставобранителите остануваат, а за еден дел од учесниците се уште се води постапка пред кривичниот суд. Очекуваме законот да биде прифатен од пратенициите, очекуваме од нив и нивните лидери да покажат државнички капацитет и силно лидерство со кое ќе го израдуваат народот и ќе дојде до надминување на поделеноста меѓу граѓаните и партиите.

Доколку повеќе, лицата на 27 април во собранието влегоа со силна верба дека го бранат уставниот поредок, а не да нападнат лица, и било кој да беше на местото на нападнатите ќе се случеше истото, бидејќи, претходно се создаде атмосфера дека е загрозен уставниот поредок. Ова добива на тежина ако се знае дека на своевиден начин е потврдено при давањето на мандатот за состав на влада, бидејќи тогашниот претседател Иванов бараше гаранции токму за она за што сега се водат постапки со што и претседателот ја потврди општествената опасност.

Законот опфаќа решенија на поширока основа, значи сите учесници во настаните од 27 април како осудените така и лицата против кои се уште се води постапка. Со законот се бара целосно ослободување од кривичен прогон, запирање на постапките и потполно ослободување од натамошното извршување на казната затвор. Сметаме дека условите се созреани во целокупниот политички систем, како и несправедливоста и апсурдноста да се гонат и осудат лица кои влегоа во Собранието со силна верба во одбраната на уставниот поредок. Осудени се лица по петнаесетина години затвор. Зошто? Биле терористи. НЕ! Фрлени се во темните зандани на Идризово само поради неизмерната љубов кон Татковината.

Очекуваме пратениците да бидат на висината на задачата, посебно апел до пратениците од албанското малцинство, бидејки во 2001 имавме амнестија за многу потешки работи, за лица за напад на територијалниот интегритет и суверенитет на државата, а сега имаме спротивна ситуација, бараме амнестија на лица кои влегоа со силна верба дека го бранат уставниот поредок. Инаку, законот согласно Деловникот на Собранието е предложен да биде усвоен во скратена постапка“ - истакна Бачев.

Центар за комуникации на Единствена Македонија Скопје, среда, 17 февруари 2021 Скопје 1 Македонски весник Новости Тајм

                                                                        

 

 

ДО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО

                                                  СКОПЈЕ

 

Врз основа на член 71 став 2 од Уставот и членовите 133 став 1 и 170 од Деловникот на Собранието, Единствена Македонија доставува Иницијатива за донесување на Закон за амнестија на граѓаните учесници во настаните на 27 април 2017 во Собранието со предлог-закон, по скратена постапка, што го утврди на седницата на Извршниот комитет на Единствена Македонија, одржана на 13.02.2021 година.

Согласно член 133 став 2 од Деловникот на Собранието, Иницијативата се доставува до сите пратеници и за тоа не известувате како подносител на иницијативата и во оваа насока, согласни сме предлог-законот во свое име да го процесуира, пратеник, пратеничка група или независен пратеник.

За претставник на Единствена Македонија е определен д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија, а за повереници Ацо Николовски и д-р Вангел Симев, членови на Извршниот комитет на Единствена Македонија.

ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА

                            д-р Јанко Бачев

 

  

П Р Е Д Л О Г  -  З А К О Н

за амнестија на граѓаните учесници во настаните на 27 април 2017 во Собранието на Република Македонија, по скратена постапка

                                            Скопје,  февруари  2021 година

                                           

                                                              ВОВЕД

  1. ОЦЕНА НА СОСТОЈБИТЕ ВО ОБЛАСТА ШТО ТРЕБА ДА СЕ УРЕДИ СО ЗАКОНОТ И ПРИЧИНИТЕ ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ

Амнестија како институт со кој на поименично неопределен број лица опфатени со амнестија им се дава ослободување од гонење или делумно или потполно ослободување од извршувањето на казната, им се заменува изречената казна со поблага казна, им  се определува бришење на осудата или им се укинува определена правна последица од осудата, е позната од најстаро време наваму. Амнестијата како општо прифатен институт во кривично право со која државата обмилсено се откажува од нејзиното право на казнување, го предвидуваат сите современи кривични законодавства. По својата природа амнестија е акт на израз на политичка воља на највисокиот орган на државната власт. Со Кривичниот законик на Република Македонија, на лицата опфатени со амнестија им се дава ослободување од гонење или потполно или делумно ослободување од извршување на казната, им се заменува изречената казна со поблага казна, им се определува бришење на осудата или им се укинува определена правна последица од осудата. Со законот за амнестија се менува положбата на обвинетите и осудените лица за настаните на 27 април во Собранието на Република Македонија од причина што се изменети политичките услови на Република Македонија. Имајќи ги во предвид посебно веќе општо познатите факти и докази дека осудените за настаните од 27 април се осудени врз основа на исказ на лажен сведок како и несправедливоста и апсурдноста да се гонат лицата во врска со настаните на 27 април кои манифестираа силна верба во одбраната на уставниот поредок на државата. Дали во ваков случај има некоја смисла да се инсистира на кривично гонење и извршување на казната што се однесува на таквите дејствија, кога она што беше повод за влез во Собранието, своевремено во мај 2017 е оценето како општествено опасно во контекст на писмените гаранции при доделувањето на мандатот за состав на влада кај претседателот на државата.

  1. ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И ОСНОВНИ РЕШЕНИЈА

Со овој Закон би биле опфатени сите лица кои учествуваа во настаните на 27 април во Собранието на Република Македонија. Во овој контекст, веднаш по применувањето на овој Закон би биле ослободени од кривично гонење, запирање на постапките и ослободување од натамошно извршување на казната затвор. Со ваквиот чин ќе дојде до своевидно помирување во земјата дотолку повеќе што во историјата на земјата е давана амнестија за лица кои учествувале во напад врз територијалниот интегритет и суверенитет на државата, додека пак, сега се бара амнестија за активности на лица во одбраната на уставниот поредок на земјата откако непромислено политичката криза во која беше заглавена земјата од криминалниот се префрли на етничкиот терен со промовирањето на т.н. сеалбанска платформа за редефинирање на уставниот поредок на Република Македонија.

III.        ОЦЕНА НА ФИНАНСИСКИТЕ ПОСЛЕДИЦИ ОД ПРЕДЛОГОТ НА ЗАКОНОТ ВРЗ БУЏЕТОТ И ДРУГИТЕ ЈАВНИ ФИНАНСИСКИ СРЕДСТВА

Одредбите од предлогот на Законот не имплицираат финансиски последици врз Буџетот на Република Македонија и другите јавни финансиски средства.

  1. IV. ПРОЦЕНА НА ФИНАНСИСКИТЕ СРЕДСТВА ПОТРЕБНИ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ, НАЧИНОТ НА НИВНО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ, ПОДАТОЦИ ЗА ТОА ДАЛИ СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ЗАКОНОТ ПОВЛЕКУВА МАТЕРИЈАЛНИ ОБВРСКИ ЗА ОДДЕЛНИ СУБЈЕКТИ

Спроведувањето на законот нема да предизвика одредени фискални импликации.

V .        СКРАТЕНА ПОСТАПКА ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОН

Имајќи го предвид фактот дека се исполнети условите од членот 170 алинеја 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, односно дека не се работи за сложен и обемен закон, се предлага Предлог-законот за амнестија на граѓаните учесници во настаните на 27 април 2017 во Собранието на Република Македонија да се донесе по скратена постапка.

ПРЕДЛОГ ЗАКОН

ЗА АМНЕСТИЈА НА ГРАЃАНИТЕ  УЧЕСНИЦИ ВО НАСТАНИТЕ НА 27 АПРИЛ 2017 ВО СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

                                                               Член 1

Со овој закон се ослободуваат од гонење, се запираат кривичните постапки и потполно се ослободуваат од извршувањето на казната затвор (во натамошниот текст: амнестија), граѓани на Република Македонија (во натамошниот текст: лица), за кои постои основано сомневање дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со настаните на 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија.

Со амнестијата од став 1 на овој член:

- се ослободуваат од гонење за кривично дело според Кривичниот законик на Република Македонија лицата за кои постои основано сомнение дека подготвувале или сториле кривични дела поврзани со настаните на 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија;

- се запираат кривичните постапки за кривични дела според Кривичниот законик на Република Македонија против лицата за кои постои основано сомнение дека подготвувале или сториле кривични дела поврзани со настаните на 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија;

- потполно се ослободуваат од извршување на казната затвор според Кривичниот законик на Република Македонија лицата кои подготвувале или извршиле кривични дела поврзани со настаните на 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија, и

- се определува бришење на осудата и се укинува правната последица на осудата.

                                                              Член 2

Ако против лицата од членот 1 на овој закон не е поднесена кривична пријава, истата нема да се поднесе.

                                                              Член 3

Постапката за примена на овој закон за лицата од член 1 став 2 алинеа 1 и 2 на овој закон, против кои е во тек кривична постапка, ја поведува по службена должност надлежниот јавен обвинител, односно надлежниот првостепен суд или лицето на кое се однесува амнестијата, односно лице кое во корист на обвинетиот може да изјави жалба.

Постапката за примена на овој закон за лицата од член 1 став 2 алинеа 3 на овој закон, за кои кривичната постапка правосилно е завршена ја поведува по службена должност казнено-поправната установа во која осуденото лице ја издржува казната затвор, а за лицата кои не отпочнале со издржувањето на казната затвор, постапката ја поведува по службена должност судот што ја донел првостепената пресуда или по барање на јавниот обвинител или осуденото лице против кои е во тек кривична постапка, ја поведува по службена должност надлежниот јавен обвинител, односно надлежниот првостепен суд или лицето на кое се однесува амнестијата, односно лице кое во корист на обвинетиот може да изјави жалба.

Решението за амнестија за лицата од ставот 1 на овој член, го донесува надлежниот орган согласно со Законот за кривична постапка, односно Законот за извршување на санкциите во рок од три дена од денот на донесувањето на овој закон.

                                                              Член 4

Против решението од член 3 став 3  на овој закон жалба может да поднесат јавниот обвинител, лицата на кои се однесува амнестијата и лицата кои во нивна корист можат да изјават жалба. По жалбата против решението на првостепениот суд одлучува непосредно повисокиот суд.

Јавниот обвинител не може да поднесе жалба против решението со кое лицето е амнестирано.

По жалба на решението на првостепениот суд одлучува непосредно повисокиот суд, а против нрешението на казнено-поправната установа одлучува Министерството за правда,

Жалбата од став 1 на овој член не го задржува правото на извршување на решението.

                                                              Член 5

Во постапката за спроведување на овој закон, се применуваат и одредбите на Законот за кривичната постапка и Законот за извршување на санкциите, доколку со овој закон поинаку не е определено.

                                                              Член 6

Упатство за спроведување на овој закон донесува министерот за правда наредниот ден од денот на влегувањето во сила на овој закон.

                                                              Член 7

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

 

Образложување на Предлог-законот за амнестија на граѓаните на Република Македонија учесници во настаните на 27 април 2017 во Собранието на Република Македонија

 

  1. Објаснување на содржината на одредбите на Предлог-Законот

Содржината на законот ја сочинуваат 7 члена. Во првиот член се предлага ослободувањето на лицата од кривично гонење, се запираат кривичните постапки и потполно се ослободуваат од извршувањето на казната затвор учесници во настаните на 27 април во Собранието на Република Македонија. Во вториот член се уредува прашањето во случај доколку не е поведена постапка против одредени лица. Во третиот и четвртиот член се предлага уредување на  постапката  за амнестија како и постапката по повод жалба на решението за амнестија. Во петтиот член се предлага уредувањето на важењето на Законот за кривичната постапка и Законот за извршување на санкциите. Во шесттиот член се предлага уредувањето на прашањето со подзаконскиот акт за спроведувањето на законот. Во седмиот член се предлага уредувањето на прашањето за влегување на законот во правна сила.

  1. Меѓусебната поврзаност на решенијата содржани во предложените одредби

Предложените решенија во законот се меѓусебно поврзани, истите се применливи и прават една правна целина.

  1. Последици што ќе произлезат од предложениот закон

Со донесувањето на Закон за амнестија на граѓаните на Република Македонија учесници во настаните на 27 април 2017 во Собранието на Република Македонија ќе бидат опфатени сите лица во настаните од 27 април во Собранието на Република Македонија. Веднаш по примената на законот ќе престане кривичниот прогон против овие лица, се запираат кривичните постапки и се ослободуваат од извршување на казната затвор, со што ќе се придонесе за надминување на крајно заострената политичка состојба во земјата која има тенденција да предизвика и безбедносни проблеми. Со усвојување на законот ќе се покаже државнички капацитет, одговорно лидерство и помирување меѓу политичките субјекти во државата и најпосле народот ќе биде израдуван со домашно единство како најсилна брана против секоја внатрешна или надворешна закана.