Николовски: Повторно ги поднесовме во Собранието амандманите за промена на изборниот модел


13.11.2019 | 18:15:17 | Прес Конференции


Николовски: Повторно ги поднесовме во Собранието амандманите за промена на изборниот модел

Изјава, Единствена Македонија Синиша Николовски, портпарол на Единствена Македонија Скопје, среда, 13 ноември 2019

Почитувани,

Единствена Македонија подржува промена на изборниот модел, од шест во една изборна единица. Ова е наша стара заложба уште пред девет години.

Поточно, нашата партија на 22 јули 2010 година има поднесено Иницијатива до Собранието за изменување и дополнување на Изборниот законик со три амандмани.

Со првиот амандман предлагаме територијата на Република Македонија да биде една изборна единица со што се овозможува правичност и еднакво вреднување на секој глас во изборниот процес и најоптимално совпаѓање на процентот на освоени гласови со добиените пратенички мандати

Со вториот амандман предлагаме еднаквост на претставниците на сите партии на 3.480 избирачки места. Недозволиво е претставниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на кутиите на избирачките места на денот на изборите да добиваат дневница од Буџетот, а претставниците на другите партии треба да најдат набљудувачи - доброволци или да ги платат од сопствени средства. А станува збор за 3.480 набљудувачи и нивни заменици или севкупно 6.960 лица на кутиите на изборниот ден од 7 до 19 часот.

Со третиот амандман  предлагаме  членовите на Државната изборна комисија по престанок на функцијата да се вратат на претходното работно место, и истовремено да не можат да бидат именувани или избрани за носители на јавни функции за период од 4 години по престанокот на функцијата во ДИК. Со ова се намалува опасноста од нивна партиска поврзаност, која е највидлива токму по изборите, кога за “успешната работа” во изборниот процес, дополнително членови на ДИК се наградуваат со јавни функции, а кое нешто стана речиси непишано правило по завршувањето на изборите.

За крај, да спомнам уште дека со нашата Иницијатива пред девет години, покрај поднесувањето на три амандмани на Изборниот законик за кои зборував, тогаш поднесовме и еден амандман на Деловникот на Собранието на Република Македонија со кој бараме и вонпарламентарни партии да поставуваат прашања во Собранието до носителите на јавни функции кое нешто е пропишано во повеќе земји - членки на Европската Унија. Со ова се обезбедува остварување на интересите и на оние што гласале за вонпарламентарните партии, а чиј број треба да се почитува, бидејќи на секои парламентарни избори нивниот број изнесува помеѓу 70 и 90.000 гласачи.

Повикуваме било кој од пратениците или пратеничка група да ја започне законодавната постапка и најпосле да ги процесуираат поднесените амандмани од наша страна, бидејќи согласно прописите, секој пратеник е овластен предлагач.  

Очекуваме пратениците да бидат на висината на задачата и со усвојување на предложените амандмани да покажат државнички капацитет и одговорно лидерство за фер изборен натпревар на изборите закажани за 12 април 2020 година.

Центар за комуникации на Единствена Македонија Скопје, среда, 13 ноември 2019    

Денешниот допис до Собранието 

 

                           ДО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА*

                                                                                                                                 СКОПЈЕ

Единствена Македонија на 22 јули 2010 до Собранието на Република Македонија поднесе Иницијатива со амандмани за изменување и дополнување на Деловникот на Собранието на Република Македонија и Изборниот законик. Иницијативата  е заведена во Собранието под број 07-3264/1, но, остана закочена во собраниските фиоки до денешно време.

Во смисла на член 133 и член 137 од Деловникот на Собранието на Република Македонија бараме Иницијативата да се достави до сите пратеници и согласни сме истата во свое име да ја процесуира пратеничка група или независен пратеник.

Прилог: Иницијативата до Собранието на Република Македонија од 22 јули 2010

 

                                                               ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА                                                                                         д-р Јанко Бачев

___________________________________________________________________________

*Единствена Македонија не го признава изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија се до уставната оценка на одлуката за негов избор од страна на Уставниот суд.

 

Интегралната Иницијатива со амандманите до Собранието од 22 јули 2010

 

                          ДО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Врз основа на член 71 став 2 од Уставот на Република Македонија (Службен весник на Република Македонија број 52/1991) до Собранието на Република Македонија ги доставуваме следните амандмани на Деловникот на Собранието на Република Македонија и Изборниот законик.

Прилог: - Амандман на Деловникот на Собранието на Република Македонија              - Амандмани I, II и III на Изборниот законик

 

Дел.број 052/2010                                                           Народно движење за Македонија 22 јули 2010 година                                                                       Претседател Скопје                                                                                          м-р Јанко Бачев                                   

 

АМАНДМАНИ

на Изборниот законик

 

АМАНДМАН I

Во Изборниот законик („Службен весник на РМ„ број 40/06, 136/08 и 148/08), член 175 се менува и гласи:

(1) „Во Република Македонија се утврдуваат 4 изборни единици:

- Изборна единица број 1 ја претставува целата територија на Република Македонија.

(2) „За спроведување на гласање за избор на тројца пратеници во странство се утврдуваат три изборни единици, и тоа:„

- Изборна единица број 2 за гласање на државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во Европа и Африка со избирачките места, односно ДКП во тие земји,

- Изборна единица број 3 за гласање на државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во Северна и Јужна Америка со избирачките места, односно ДКП во тие земји и

- Изборна единица број 4 за гласање на државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во Австралија и Азија со избирачките места, односно ДКП во тие земји„.

 О б р а з л о ж е н и е

Амандманот се предлага со цел територијата на Р. Македонија да биде една изборна единица, бидејќи таквиот изборен модел е покомпатибилен со нејзините карактеристики, култура и политички околности.

Со предложениот амандмна ќе се спречи некои партии, повеќе или помалку, да бидат изманипулирани со заобиколување на демократското начело – секој глас да има еднаква бројна вредност.

 Во оваа насока, со предложениот амандман се овозможува и поадекватно претставување на различните сегменти на популацијата во Македонија, преку свои претставници во Собранието, што во крајна линија би значело и поголем легитимитет на македонскиот парламент.

 Од извонредна важност за Република Македонија е сегментот на изборниот систем кој ја регулира трансформацијата на добиените гласови во пратенички мандати во Собранието, поточно, начинот на обликување на парламентарниот состав, бидејќи овој елемент ја допира суштината на демократски и слободно изразената волја на граѓаните.

На овој начин Собранието станува средиште на консултации и усогласувања од поширок обем, овозможува адекватна и рационална рамнотежа на политичките партии, обезбедува поголема партиципација во одлучувањето, пообјективно обезбедување на еднаквоста на правата на граѓаните, правичност и еднакво вреднување на секој глас во изборниот процес, со што се овозможува најоптимално совпаѓање на процентот на освоени гласови со добиените пратенички мандати.

АМАНДМАН II

По ставот (2) на член 19 од Изборниот законик се додава нов став (3) кој гласи:

Право на надомест утврден со акт на Државната изборна комисија има и претставникот и неговиот заменик во смисла на член 22 став 1 од овој закон што ја следат работата на изборните органи од започнувањето на изборите се до утврдување и објавување на резултатите.

О б р а з л о ж е н и е

 Амандманот се предлага со цел да се надмине дикриминацијата и нееднаквоста по основ на политичкото уверување и политичката припадност меѓу претставниците на овластените предлагачи во изборните органи.

Имено, недозволиво е само одредени претставници на подносители на листи во смисла на член 19 став 2 од Изборниот законик да добиваат надоместок од Буџетот на Република Македонија во сите одржани избори досега, а останатите во смисла на член 22 став 1 од истиот закон, да бидат на финансиски товар на самите партии како учесници во изборниот процес.

Познато е дека на денот на одржувањето на изборите, од започнувањето на изборите во 7 часот наутро, па, се до затворањето на гласачките кутии во 19 часот навечер, на избирачките места се присутни претставници на сите политички партии како овластени предлагачи.

Затоа, претставниците на сите политички партии учесници на изборите во изборните органи, односно на избирачките смета треба да добиваат надоместок од Буџетот, а не само претставниците на владеачката партија и оние на најголемата опозициска партија.

 

АМАНДМАН III

По ставот (6) на член 27 од Изборниот законик се додава нов став (7) кој гласи:

1) Претседателот и членовите на Државната изборна комисија по престанокот на мандатот се враќаат на работното место на кое работеле до нивниот избор во ДИК.

2) Претседателот и членовите на Државната изборна комисија не  можат да бидат избрани и именувани за носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието и Владата на Република Македонија за период од 4 години по престанок на функцијата во Државната изборна комисија.

О б р а з л о ж е н и е

Амандманот се предлага  со цел членовите на Државната изборна комисија по престанок на функцијата да се вратат на претходното работно место, и истовремено да не можат да бидат именувани или избрани за носители на јавни функции за период од 4 години по претсанокот на функцијата во ДИК, заради потребата членовите на ДИК стручно и совесно да си ја извршат доверената задача како членови на изборен орган.

Со предложеното решение се елиминира можноста за нивна постизборна награда со јавна функција за “добро завршена работа” во изборниот процес за одредена личност или политичка партија, а кое нешто стана речиси непишано правило по завршувањето на изборите во Република Македонија.

Во оваа насока, несомнено се намалува опасноста од нивна партиска поврзаност, која е највидлива токму по изборите, кога за “успешната работа” во изборниот процес, дополнително членови на ДИК се наградуваат со јавни функции.

 

АМАНДМАН

 на Деловникот на Собранието на Република Македонија

Во Деловникот на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија„ број 91/2008) во членот 37 по ставот (1) се додава нов став (2), кој гласи:

„(2) Право да им постави прашање на носителите на јавни функции од став 1 на овој член, имаат и овластените претставници на регистрираните вонпарламентарни политички партии„.

Досегашните ставови (2), (3) и (4) стануваат (3), (4) и (5)

Во членовите 37,38,39,40,41,42, и 43 по зборот: „пратеникот„, се става запирка и се додаваат зборовите: „и овластениот претставник на вонпарламентарната политичка партија„.

О б р а з л о ж е н и е

Предложениот амандман е со цел и вонпарламентарни партии да се стекнат со право да постават прашање на носителите на јавни функции, со што се обезбедува натамошна демократизација на Република Македонија и остварување на интересите на граѓаните, пред се, на оние што гласале на изборите за вонпарламентарните партии, а чиј број треба да се почитува, бидејќи на секои парламентарни избори нивниот број изнесува помеѓу 70 и 90.000 гласачи.

Правото на вонпарламентарните партии да им постават прашања на носителите на јавни функции е пропишано во повеќе земји - членки на Европската Унија, кон која се стреми и Република Македонија. Значи, само треба по урнекот на другите парламенти да се уреди овој демократски механизам.

За реапизацијата на ова право не се потребни дополнителни финасиски средства од Буџетот, а нема ниту некои посериозни технички проблеми, дотолку повеќе, согласно измените на Законот за политички партии, од преку стотината политички партии, успеаја да се преригистрираат само тиесетина партии, кои продолжуваат да функционираат на политичката сцена во Република Македонија.

Скопје 1

Тајм