Поднесен предлог за разрешување на членовите на ДИК


31.07.2017 | 22:53:37 | Прес Конференции


Поднесен предлог за разрешување на членовите на ДИК

Изјава, Народно движење за Македонија Панче Жежовски член на Извршниот комитет на НДМ Скопје, 31 јули 2017

Почитувани новинари,

Народно движење за Македонија денеска во Собранието поднесе Предлог за разрешување на членовите на Државната изборна комисија поради нестручно и несовесно вршење на функцијата на изборите на 11 декември 2016.

Поточно, разрешувањето го бараме поради тоа што на изборите на 11 декември лани членовите на ДИК потврдиле незаконски и неправилни листи на дури 12 политички партии од кои 4 настапиле самостојно, а осум партии во три коалиции.

Предлогот за разрешување се сведува на четири работи и тоа:

Прво, во една листа на една коалиција сите кандидати се машки лица иако според Изборниот законик најмалку 40% од кандидатите мора да му припаѓаат на помалку застапениот пол, односно, кандидати жени.

Второ, во две листи на една партија на секои три места нема кандидат-жена иако според Изборниот законик на секои три места најмалку едно место му припаѓа на помалку застапениот пол, односно женско лице,

Трето, кај една коалиција како подносители се утврдени две партии и две здруженија иако според Изборниот законик подносители на листи се политички партии или група избирачи, што значи законот не дозволува подносител да биде здружение на граѓани.

Четврто, сите листи на албанските партии се поднесени и на албански јазик иако според Изборниот законик, подносителите на листите во изборните единици во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот, поднесувањето на листите може да се врши и на друг јазик и овој услов е законски само во Изборната единица број 6. Меѓутоа, албанските партии листите ги поднеле на албански јазик и во изборните единици 1,2,3, 4 и 5 каде нема најмалку 20% население кое зборува јазик различен од македонскиот.

Значи, од севкупно наведеното произлегува дека членовите на ДИК немаат доволно познавање на Изборниот законик во врска со процентуалната застапеност и редоследот на кандидатските листи од помалку застапениот пол, за тоа кој може да биде подносител на кандидатска листа, за употребата на јазикот и писмото при составувањето на листите на кандидати, што упатува на нивно нестручно и несовесно вршење на функцијата.

Тие што треба најдобро да го познаваат Изборниот законик, а тоа се членовите на ДИК, сега произлегува дека токму тие не го познаваат овој закон, заради што дошло до нестручно и несовесно вршење на функцијата на изборите на 11 декември лани со потврдувањето на незаконски и неправилни кандидатски листи

Затоа, го поднесуваме овој предлог за разрешување на членовите на Државната изборна комисија поради нестручно и несовесно вршење на функцијата во смисла на член 28 став 1 алинеа 3 од Изборниот законик.

Ви благодарам,

Макфакс

МКД

Точка

Грид

Тајм

Интегралниот текст од Предлогот за разрешување на членовите на ДИК поднесен во Собранието