Устите на Груевски и Заев им се полни со демократија, а работат на контрола на медиумите од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ


29.01.2016 | 19:54:48 | Прес Конференции


Устите на Груевски и Заев им се полни со демократија, а работат на контрола на медиумите од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

Изјава, НДМ  д-р Јанко Бачев, претседател на Народно движење за Македонија.   Скопје, петок, 29 јануари 2016

Народно движење за Македонија, денес, 29.01. (петок) поднесе Иницијатива до Уставниот суд за поништување или укинување на одредби од Изборниот законик поради тоа што не се во согласност со уставот.

Притоа, претседателот на НДМ, д-р Јанко Бачев, во изјавата за медиумите истакна:

- „Народно движење за Македонија во функција на еднаков третман на сите партии-учесници на претстојните избори денеска побара укинување на одредбите од Изборниот законик со кој партиите се дискриминираат и се стават во нееднаква положба во изборната кампања.

Поточно, со оспорените одредби се предвидува радиодифузерите на час емитувана програма да одвојуваат по 18 минути за политичко рекламирање, од кои 8 минути за власта-ВМРО, 8 минути за опозицијата-СДСМ, една минута за партии во собранието кои немаат пратеничка група и една минута за партиите кои не се застапени во Собранието.

Во овој контекст, Јавниот радиодифузен сервис исто така има дискриминаторна улога со тоа што 30% од времето емитува за дневните настани од земјата и светот, 30% од времето за активностите на политичките партии на власт, 30% од времето за активностите на политичките партии во опозиција и 10% од времето за активностите на политичките партии кои не се претставени во Собранието на Република Македонија. Во овој контекст ќе организира и дебати за најголемите политички партии.

НДМ ги смета за неуставни  ваквите одредби бидејќи еднаквоста и рамноправноста на партиите е веќе уставно уредено прашање од секој аспект на нивното дејствување, па, и во делот на политичкото рекламирање. Со оспорените одредби, партиите спротивно на уставот се ставаат во нерамноправна положба да организираат пропаганда под еднакви услови за време на изборната кампања и со тоа да ги запознаат граѓаните со изборната програма.

Ја користам приликата посебно да потенцирам дека она што го слуша и гледа народот од Никола Груевски и Зоран Заев дека сакаат фер избори и еднаков третман на сите партии во изборната кампања е една голема измама за граѓаните. Устите на Груевски и Заев им се полни со демократија, а во заднина работат на целосна контрола на медиумите од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и оттука, тие демократијата ја сакаат само за ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Ако навистина сакаат еднаков и рамноправен третман на сите партиите-учесници на претстојните избори нека усвојат решенија со кои сите партии ќе добијат еднаков третман за политичко рекламирање за време на 20-дневната изборна кампања, па народот нека одлучи откако претходно ќе ја види политичката понуда од сите учесници на изборите„-рече Бачев.

Центар за комуникации со јавноста на НДМ Скопје,  29 јануари 2016

Медиуми: 

Anadolu Agency

Plusinfo.mk  

MKD.mk   

A1.ON   

Reporter   

Maktel.mk  

Time.mk   

Grid.mk  

Makfax   

Daily.mk   

">Youtube 

Falanga  

Novini.mk 

Iris.mk           

ndm.org.mm

Интегрален текст од Иницијативата до Уставниот суд

До Уставниот суд на Република Македонија

Врз основа на член 12 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (Службен весник на Република Македонија бр. 70/92) поднесуваме

И  Н  И  Ц  И  Ј  А  Т  И  В  А за поведување на постапка за оценување на уставност

1. Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 9 ноември 2015 го донесе Законот за изменување и дополнување Изборниот законик („Службен весник на РМ„ бр. 196/15) со што се постави прашањето за согласноста на член 75-ѓ став 1 и член 76-а став 2, 8 и 11 од законот со член 8 став 1 алинеа 1, 3 и 5, член 9 став 1 и 2, член 20 став 1 и 2 и член 50 од Уставот на Република Македонија.

2. Во член  75-ѓ став 1 од Изборниот законик се пропишува дека за време на изборната кампања и во првиот и во вториот круг на гласање, радиодифузерите кои ги покриваат изборите можат да емитуваат вкупно 18 минути дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма исклучиво наменети за платено политичко рекламирање, од кои за политичките партии на власт можат да одвојат најмногу осум минути, за политичките партии во опозиција кои се застапени во Собранието на Република Македонија можат да одвојат најмногу осум минути, за политичките партии во Собранието на Република Македонија кои немаат пратеничка група можат да одвојат една минута, а за политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Македонија можат да одвојат една минута.

Според член член 76-а од Изборниот законик:

(2) За време на изборната кампања Јавниот радиодифузен сервис е должен да обезбеди рамноправен пристап во информативната програма при што 30% од времето емитува за дневните настани од земјата и светот, 30% од времето за активностите на политичките партии на власт, 30% од времето за активностите на политичките партии во опозиција и 10% од времето за активностите на политичките партии кои не се претставени во Собранието на Република Македонија.

(8) Програмскиoт сервис наменет за емитување на активностите на Собранието на Република Македонија во времетраење од по три часа ќе обезбеди бесплатно политичко претставување на кампањите на политичките партии застапени во Собранието на Република Македонија, како и еден час за бесплатно политичко претставување на кампањите на подносителите на листи кои не се застапени во Собранието на Република Македонија.

(11) Од денот на распишување на изборите до изборниот молк Јавниот радиодифузен сервис е должен да организира дебатни емисии, односно соочувања на најголемите партии од власта и опозицијата, како и на останатите учесници во изборниот процес.

3. Според член 8 став 1 алинеа 1, 3 и 5 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со уставот, владеење на правото, политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори.

Според член 9 став 1 од уставот, граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од политичкото уверување, а според став 2 граѓаните пред уставот и законите се еднакви.

Според член 20 став 1 од уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички права и уверувања, а според став 2 граѓаните можат слободно да основаат политички партии.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Изборниот законик го уредува начинот, условите и постапката за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, начинот и постапката на евидентирање на избирачкото право, водење на избирачки список, определување на границите на изборните единици и утврдувањето, менувањето и објавувањето на избирачките места, како и условите за функционирање на избирачките места (член 1).

Во член 2 став 1 точка 8 од Изборниот законик е децидно определено значењето на поимот политичка партија според кој политичка партија е регистрирана политичка партија во согласност со закон.

Според член 6 став 1 од Законот за политичките партии, политичките партии се еднакви пред Уставот и законот.

Според член 26 став 2 од Законот за политичките партии, партијата започнува со работа и стекнува својство на правно лице со денот на уписот во Судскиот регистар.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби, јасно и недвосмислено произлегува дека од моментот на регистрација, партиите се еднакви и рамноправни на политичката сцена од секој аспект поврзан со нивното дејствување, и оттука, не може да се дискриминираат на начин што за време на изборната кампања ќе добиваат различно време за политичко претставување од страна на радиодифузерите и Јавниот радиодифузен сервис по основ на уставно непознати термини кои се користат во оспорените одредби, како на пример, „политичките партии на власт“, политички партии во опозиција“, „партии кои се застапени во Собранието“, „партии кои не се застапени во Собранието“, „политичките партии кои немаат пратеничка група“, „политички партии кои имаат пратеничка група“, „најголемите политички партии“ и слично.

Значи, со оспорените одредби од член 75-ѓ став 1 и член 76 став 2, 8 и 11 партиите се стават во нерамноправна положба да организираат пропаганда под еднакви услови која би ги заинтригирала граѓаните за ставовите и идеите содржани во програмата на партиите, за тие под еднакви услови од аспект на должината на траењето на изборното претставување да учествуваат во политички натпревар заради обезбедување приврзаници кои ќе застанат зад тие идеи и ставови, со што се нарушува принципот на еднаквост и забрана на политичка дискриминација по било кој основ.

Од уставната анализа на оспорените одредби од Изборниот законик, имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби произлегува дека тие уредуваат прашање кое покрај тоа што излегува од предметот на уредување со нормите во овој дел од Законикот, кои се однесуваат на еднакво политичко претставување на учесниците во изборниот процес, туку излегува и од предметот на уредување на Изборниот законик кој има уставен основ да го уредува начинот, условите и постапката за избор на пратеници, начинот и постапката на евидентирање на избирачкото право, водење на Избирачкиот список, определување на границите на изборните единици и утврдувањето, менувањето и објавувањето на избирачките места, како и условите за функционирање на избирачките места, а не и да ги селектира и рангира партиите по основ на погоре наведените уставно нејасни и непознати поими, дотолку повеќе, еднаквоста и рамноправноста на партиите е веќе уставно уредено прашање.

Исто така, од наведените уставни одредби произлегува дека политичкото здружување и дејствување на граѓаните е слободно и под еднакви услови и дека таа слобода и еднаквост се изразува и во делот на основањето на политичките партии, и во делот на пристапувањето или истапувањето на политичките партии и во делот на дејствувањето и политичкото рекламирање на партиите. Слободата на граѓаните на здружувањето заради оставарување на политичките права и дејствувањето на политичките партии, спаѓа во категоријата основни слободи и права на човекот и граѓанинот кои претставуваат темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, поради што нивното остварување е уставно заштитено.

Тргнувајќи од одредбите од Уставот, а кои се однесуваат на основните слободи и права, а посебно на гаранциите за остварување на слободата на здружување за остварување на политичките права и уверувања, како и политичкиот плурализам, еднаквоста и рамноправност во политичкото дејствување и политичката промоција на партиите како темелна вредност на уставниот поредок, се поставува прашањето дали оспорената определба на законодавецот да ги става во нееднаква правна положба политичките партии во однос на времето што го добиваат во изборната кампања кај радиодифузерите и Јавниот радиодифузен сервис за политичко претставување, а при исти услови за основање и дејствување на политичките партии, еднакви казнени одредби за политичките партии, еднакви обврски за политичките партии, всушност значи нарушување на еднаквоста и рамноправноста со што се попречува остварувањето на демократскиот карактер на политичката партија во еден од суштинските аспекти (политичко рекламирање) на рамноправно дејствување во услови на гарантиран политички плурализам и еднаква правна положба на партиите.

Оттука, целта на кој и да е закон поврзан со политичките партии во едно демократско општество секогаш е создавање на услови за политичко рекламирање под еднакви услови, а не негово ограничување. Значи, целта и на овој закон мора да е пропишување, но и обезбедување на услови за еднаков и рамноправен пристап за политичкото рекламирање, а не преку утврдување на дискриминаторни услови и нееднакво времетраење за политичко претставување од страна на радиодифузерите и Јавниот радиодифузен сервис, што е недопуштетно во едно демократско општество.

4. Врз основа на изнесеното, како и од целината на изнесените аргуметни сметаме дека член 75-ѓ став 1 и член 76-а став 2, 8 и 11 од Изборниот законик не се во согласност со одредбите од Уставот, односно со член 8 став 1 алинеа 1, 3 и 5, член  9 став 1 и 2, член 20 став 1 и 2 и член 50 од Уставот на Република Македонија заради што му предлагаме на судот да ги поништи/укине овие одредби.

 Посебно барање:

Со оглед на фактот што оспорените одредби се во директна корелаија со предвремените парламентарни ибори што треба да се одржат на 24 април 2016, а со цел спречување на настанување тешко отстранливи последици, му предлагаме на судот во најитен можен рок да се произнесе по иницијативата.

Дел. број 006/2016                                                                                                                        Народно движење за Македонија 29 јануари 2016                                                                                                                                                     Претседател Скопје                                                                                                                                                                   д-р Јанко Бачев