Што понатаму по ултиматумот на ЕУ за промена на името?


22.12.2013 | 15:06:40 | Прес Конференции


Што понатаму по ултиматумот на ЕУ за промена на името?

Прес конференција, Народно движење за Македонија д-р Јанко Бачев, претседател на НДМ Скопје, недела, 22 декември 2013

Почитувани,

Во петокот Европската Унија не виде причина да не го повтори она што веќе со години го повторува со недавањето датум за старт на пристапните преговори на Македонија со Унијата.

Затоа, македонските граѓани сега со право се прашуваат што понатаму?

НДМ ја свика денешната прес конфереција во обидот да даде одговор на ова многу битно прашање.

И веднаш ќе кажам. За нас во НДМ нема дилема.

Веќе нема никаква смисла да инсистираме на датум за преговори со ЕУ кога од нас се бара да се обезличиме со промена на нашето име.

Македонија ги исполнува условите за преговори за членство во ЕУ, но, едно е исполнување на критериумите, а сосема нешто друго се интересите на дел од земјите членки на ЕУ што треба да не примат во Унијата.

Единствено нешто што може да се оцени како хендикеп за нашето зачленување во ЕУ, е нашето неотуѓиво меѓународно правно - признато право да се нарекуваме со име по сопствен избор.

Затоа, во моментот е потребно редефинирање на македонските стратешки надворешно-политички приоритети.

Поточно, сега треба јасно да се каже дека во овој период, Македонија треба да води остварување на своите стратешки цели во две етапи.

Така, започнувањето на преговори со ЕУ, за Македонија да биде оној, така да го наречам,  „втор пакет„ кон кој ќе се стремиме, а фокусот да се насочи кон Обединетите нации за враќање на уставното име.

Оттука, НДМ смета дека е созреан моментот Македонија спорот со името од политичкиот да го префрли на правниот терен каде што му е местото.

Внимателната анализа на меѓународното право и правото на ООН појаснува дека правно-технички на Македонија стојат на располагање четири механизми за враќање на уставното име во Обединетите нации.

Тука сакам да разјаснам една дилема која се пласира во Македонија: не е точно дека спорот за името мора задолжително да помине преку Советот за безбедност на ООН, туку постои можност да се избегне Советот во случај да дојде до покренување на правните механизми во ООН, се разбира, доколку паметно се водат сите фази во процесот.

На крај, сега, кога со последниот извештај на ЕУ за Македонија повторно паднаа маските на европските бирократи, НДМ бара од македонските граѓани да се запрашаат што добиваат со влезот на Македонија во ЕУ, а што тие губат доколку дојде до наше национално обезличување.

Се разбира, за проблемот не треба исклучиво да ги обвинуваме другите националности во земјата, соседите, меѓународниот фактор...

Затоа, НДМ бара од власта и опозицијата, од парламентарните и вонпарламентарните партии да излезат со единствен став за името.

Односно, како што во предреферендумската кампања на 2 септември 1991 година беше објавен заеднички проглас на парламентарните и вонпарламентарните партии со кој граѓаните беа повикани масовно да излезат и да се изјаснат ЗА на референдумот за самостојност на Македонија одржан на 8 септември, така се наметнува и потребата од нов заеднички проглас, со кој пред домашната и меѓународната јавност ќе се промовира единствен македонски став за одбрана на името.

Со тоа ќе испратиме силна порака до сите релевантни фактори дека сме одлучни да истраеме во остварувањето на своите неотуѓиви права.

НДМ како партија која секогаш е на првата линија во борбата за одбрана на национални интереси, само ќе потсети дека спречувањето на обидот за промена на нашето име има историска димензија.

Поточно, НДМ смета дека историското значење на промена на вековното македонско име е немерливо со самиот факт за добивање пристапни преговори со ЕУ, затоа што, доколку Македонија се согласи со промена на името, дефинитивно го губи темелот на нацијата и државноста.

И сосема за крај, со цел операционализирање на она што го зборуваме денеска, НДМ во текот на оваа недела во Собранието ќе поднесе предлог декларација за отфрлање на политичко-дипломатскиот ултиматум на Унијата за промена на нашето име во замена за неизвесен факт и обично ветување на датум за преговори за членство во ЕУ во некое идно време за кое не може со сигурност да се тврди дека и ќе се реализира.

Ние во НДМ го правиме долгоочекуваниот чекор, сега на ред е државата.

Ви благодарам,