Ненародните привилегии на македонските пратеници мора да се укинат


09.04.2011 | 01:07:22 | Прес Конференции


Ненародните привилегии на македонските пратеници мора да се укинат

Прес конференција, Народно движење за Македонија Драган Живковиќ, член на ИК на НДМ Скопје, петок, 9 април 2011

Почитувани,

Велат дека пратениците се избрани претставници кои работат во интерес на граѓаните.

Меѓутоа, со денешната прес конференција сакаме да ја запознаеме јавноста дека македонските пратеници работат за сопствениот интерес.

Тоа ќе го илустрираме со неколку примери:

Прво, јавноста беше сведок на непримерната иницијатива на власта од пред три дена, кога предложи законска измена пратениците да примаат една третина од пратеничката плата и кога ќе седат дома и нема да одат на работа во Собранието.

НДМ прашува, според кој правен основ пратениците можат да седат дома, да не одат на работа и пак да примаат плата?

Ја потсетуваме власта дека сите вработени во државата имаат уставно гарантирана еднаква и рамноправна положба. Оттука, потегот на власта пратениците да примаат една третина од платата седејќи дома е незаконски, крајно непримерен и неморален.

Патем, да потсетиме дека една третина од пратеничка плата за ништо да не работите, е убав паричен износ за македонски услови ако се знае дека пратеничката плата е околу 70.000 денари.

Значи, потребо е вградување на законска одредба, според која, бојкотот од некоја пратеничка група или од било кој пратеник да се санкционира со тоа што пратениците воопшто нема да земаат плата.

Второ, пратениците според постојните закони кои сами си ги гласаат, и по престанувањето на 4-годишниот мандат земаат плата уште цели 12 месеци, иако повеќе не се пратеници и ништо не работат.

Значи, преку т.н апанажа пратениците уште една година претставуваат голем и непотребен терет за буџетот.

Колку е апсурден овој момент, само еден пример: Еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ како нареден од нивната изборна листа влезе во Собранието на местото на еден починат пратеник на 11 април 2008. Но, тогаш, истиот ден, парламентот се распушти и беа распишани предвремени парламентарни избори кои се одржаа на 1 јуни 2008.

Значи, внимавајте добро, со учество на само една собраниска седница, односно, со само еден ден пратенички мандат, овој пратеник се стекна со право на апанажа од 12 месеци, и човекот ни крив ни должен си заработи 14 илјади евра без ништо да работи 12 месеци.

Оттука, НДМ апелира веднаш да се направи законска измена и апанажата да се сведе на пристојни два до три месеци.

За споредба, во многу побогатата Англија апанажата изнесува 3 месеци. Трето, покрај месечната плата од околу 70.000 денари, пратениците годишно  добиваат и по околу 18.000 евра надоместок на трошоци за користење автомобил во лична сопственост.

НДМ смета дека овој надоместок мора да се укине, а пратениците да користат градски и меѓуградски превоз до работното место.

Така ќе се избегне практиката пратениците да вршат злоупотреби на надоместокот за користење на приватни автомобили со поднесување на фиктивни сметки  во собраниските служби.

Четврто, Владата веднаш да го намали возниот парк од десетина илјади службени возила што ги користи јавната и државната администрација.

Неоправдано е службеници од разноразни подрачни служби, при нивното секојдневното службено доаѓање во централните органи да користат службени автомобили, иако Македонија како мала земја добро е поврзана со градски и меѓуградски превоз.

За споредба, една богата Данска има само 18 службени возила.

Англискиот премиер, Дејвид Камерон, уште на првата владина седница го укина правото на користење на службени автомобили за министрите, кои сега на работа одат со велосипеди или користат јавен превоз.

Ваков превоз можат да користат и македонските пратеници, со што добиваат привилегија изворно да се запознаат што значат секојдневните блокади на скопските улици од разните незадоволни социјални групи.

На крај, да потсетам дека НДМ уште на 25.08.2009 под ев.број 3699/1 до собранието поднесе Предлог - Закон за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, со кој побаравме намалување на апанажата и укинување на надоместокот на трошоци за користење на автомобил во лична сопственост. Ова е тој предлог законот поднесен до Собранието.

Истовремено, НДМ поднесе и Предлог - Одлука до владата за отуѓување на подвижен имот сопственост на Р. Македонија, со која побара Владата да се ослободи од големиот број службени автомобили.

Ова е предлог - одлуката поднесена до Владата. 

Народните избраници имаат силна морална обврска да скратат дел од своите привилегии.

НДМ ги повикува пратениците да ги укинат овие антинародни привилегии и на тој начин да престанат со бесмилосното трошење на буџетските пари и со непотребното луксузирање на грбот на даночните обврзници.

Ви благодарам