Ватикан и Германија беа планерите за крваво растурање на СФРЈ


29.11.2019 | 22:27:45 | Колумни


Ватикан и Германија беа планерите за крваво растурање на СФРЈ

Колумна, „Портал Дудинка“, петок, 29 ноември 2019, проф д-р Јанко Бачев

Денешниот ден 29 Ноември, во поранешна Југославија се славеше како Ден на Републиката. Роденденот на поранешна Југославија како најголем државен празник во тоа време е добар повод да се осврнам на прашањето за односот на тогашните Европски заедници (ЕЗ), сегашна Европска Унија, спрема растурањето на СФРЈ.

Веднаш да кажам дека е манипулација тврдењето од Киро Глигоров, Стојан Андов, Денко Малески и еден куп разноразни домашни аналитичари и експерти дека со изборот на Анте Марковиќ за претседател на Владата на СФРЈ, Комисијата на ЕЗ на југословенската влада и понудила брз почеток на преговори за влегување во ЕЗ, па неповратна помош од 5 милијарди долари...Таа понуда, иако Анте Марковиќ бил подготвен да ја прифати - пропаднала, бидејќи се спротиставил тогашниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ.

Ова не е точно оти кон крајот на 1989 година СФРЈ презеде иницијатива за склучување на договор за придружување кон ЕЗ, за што беа водени и претходни разговори. Меѓутоа, Комисијата на ЕЗ, внимавајте добро, не поднесе предлог до Советот на министри на ЕЗ за започнување на разговори со СФРЈ. Значи, интеграцијата изостана заради тоа што ЕЗ во тој момент повеќе не ја сакаше СФРЈ во нејзиното друштво. Поточно, во услови на драстично променети меѓународни околности со отпочнатиот процес на рушење на социјалистичките системи, приемот на СФРЈ во ЕЗ не бил повеќе од интерес за ЕЗ.

Точно е дека ЕЗ своевремено и овозможуваше на СФРЈ погодности. На 2 април 1980, СФРЈ и ЕЗ заедно со деветте држави тогашни нејзини членки потпишаа специјален договор кој претставува комплексна спогодба со бројни погодности во стоковната, финансиската, индустриската, научно-техничката и соработката во областа на енергијата, туризмот, заштитата на околината и друго. Спогодбата беше слична со основачките договори на ЕЗ со што се декларираше важноста што и се придава на СФРЈ за време на студената војна.

Но, кон крајот на 1989-та ЕЗ одбива членство на СФРЈ во Заедницата, бидејќи на сцената стапува Германија, која водена од историските предрасуди ќе ја истере работата докрај со растурањето на Југославија. И тоа не било какво растурање, туку на начин што братските југословенски народи претходно ќе се испотепаат помеѓу себе.

Германија успеа да ја постави сцената за крвавото сценарио, бидејќи внатрешните противречности во СФРЈ беа изострени, односно, имаше поволна внатрешна клима за остварување на зацртаната цел. Во оваа насока, добар дел од личностите во државниот врв на Словенија и Хрватска во тоа време се поранешни дисиденти во Германија каде што задолжително ги поминуваа разузнавачките филтри за субверзивни активности против СФРЈ. Во 1989 германската шпионска служба веќе имала контрола врз републичките служби на Словенија и Хрватска иако овие формално се уште беа дел од заедничката Југословенска служба за државна безбедност.

Одлучувачкиот период започна со доаѓањето на Клаус Кинкел на чело на германската шпионска служба, кој воспостави најтесни врски со усташката емиграција. На пример, клучните хрватски фактори во земјата кои работеа на разбивање на Југославија беа Јосип Манолиќ, Јосип Бољковац, Стипе Месиќ и Фрањо Туѓман. Месиќ својата улога ја потврди дури на телевизија, каде што изјави дека идејата за разбивање на СФРЈ сакаше да им ја пренесе на оние кои имаат силно влијание врз нејзината судбина, односно, на Ханс Дитрих Геншер и на Папата во Ватикан. Месиќ продолжи: „Со Геншер се состанав три пати. Тој ми овозможи контакт со Светата столица. Папата и Геншер се сложија со потполно разбивање на Југославија по секоја цена“.

Откако Германија ја постави сцената за растурање на Југославија, следуваше предвременото признавање на Словенија и Хрватска од Германија на 23 декември 1991. Тука отворено се виде доминантната германска позиција во ЕЗ. Иако ЕЗ усвои заеднички став, односно, на 16 декември 1991 донесе декларација со која побара од југословенските републики да се изјаснат дали ги прифаќаат поставените услови за признавање кое ќе се применува од 15 јануари 1992, сепак, Германија ги призна Словенија и Хрватска три недели пред одредениот датум.

Желбата на Германија и Ватикан по секоја цена да ја растури Југославија, подоцна ја потврдија и влијателни политичари во тоа време, иако во ЕЗ биле свесни дека ќе дојде до големо крвопролевање.

Поранешниот американски државен секретар, Ворен Кристофер, на 18 јуни 1993 година во интервју за Ју-Ес-тудеј што го пренесе и германскиот Ди-велт истакна дека Германија  е главниот виновник за ескалацијата на југословенската криза, односно, во текот на целиот процес на признавањето, а пред се - за време на прераното признавање (на Словенија и Хрватска) беа сторени тешки грешки, за што особена одговорност носат Германците.

Поранешниот француски министер за надворешни работи, Ролан Дима, во изјава што ја пренесе Зидојче цајтунг од 21 јуни 1993 година, критикувајќи ја ЕЗ поради признавањето на Словенија и Хрватска, укажа на избрзаниот и ненадеен начин, со што беше трасиран патот кон распадот на Југославија, а одговорноста на Германија и Ватикан за забрзување на кризата е очигледно енормна.

Уште еден непосреден учесник во овие случувања, тогашниот холандски премиер Руд Луберс, кој во 1997 година зборуваше за тоа дека германскиот канцелар Кол по пат на притисок го изменил ставот на ЕЗ дека не би требало да се признае независноста на Хрватска со цел да се избегне понатамошното распламтување на граѓанската војна, притоа уште додавајќи: „Министерот за  надворешни работи, Ван Ден Брук и јас, без разлика што и да правевме, сепак останатите Европејци можеа само да се чудат, но Германија самостојно реши докрај да ја истераат работата. Тоа беше катастрофално„. 

Значи, војната во поранешна Југославија покажа дека ЕЗ во тоа време падна уште на првиот сериозен тест за нејзината способност да се однесува како меѓународен арбитар. Германија ја искористи поволната ситуација да ја покаже новостекнатата сила со обединувањето и да се ослободи самата себеси од поствоените присилувања (од втората Светска војна) на надворешно-политички и воен план. Во оваа насока, Клаус Кинкел во својата статија „Германската надворешна политика во светлината на новиот поредок„ објавена во Франкфуртер алгемајне цајтунг од 19.03.1993 вели дека нивна задача е да остварат нешто во што порано двапати претрпеле неуспех. Не постои човек кому не му е јасно кога Германија двапати претрпе неуспех, односно, задачата е јасна - остварувањето на тоа што не успеа да го оствари во текот на двете светски војни, а останува само прашањето - дали тоа да се реши со стари или со нови средства.

Значи, обединета Германија со политиката спрема Југославија повторно ја презеде водечката улога во ЕЗ. Дури, Германија успеа отсуството на некаков сензибилитет на своите постапки во однос на некогашна Југославија да го наметне на своите партнери во ЕЗ. Така, признавањето на БиХ од страна на ЕЗ во 1992 година е на 6 април - токму на денот на германското бомбардирање на Белград во Втората светска војна. Мислењето со кое се констатира дека СФРЈ се распаѓа, од страна на Арбитражната комисија на ЕЗ е на 29 Ноември - токму на роденденот на СФРЈ.