Клио


25.10.2019 | 10:56:18 | Колумни


Клио

Колумна, „Портал Дудинка“, четврток,  23 октомври 2019, проф д-р Јанко Бачев

Македонскиот бугараш Никола Димитров, во моментот министер за надворешни работи на Република Македонија, во јули месец 2017 во емисијата Отворено на ТВ 24Вести рече дека е на ризична линија и не може да даде детали за договорот со Бугарија кој во моментот е предмет на актуелни преговори.

Сепак, на прашањето на водителот Младен Чадиковски за промена на фактите во учебниците, Димитров несвесно спомна само „Клио“, дополнувајќи соработка и заеднички проекти.

Проектот „Клио„ е всушност геноцидниот проект за она што ни се случува денеска со нашето национално обезличување. Проектот е цела студија и речиси непознат во јавноста.

Што е Клио?

Една од наменските меѓународни невладини организаци под контрола на „ѕверот„ наречена Центар за демократија и помирување во Југоисточна Европа, пред дваесетина години започна проект насловен како „Политики на историското образование„ од чии резултати во 2002 година во Солун произлезе книгата „Клио на Балканот„ насловен според старогрчката божица на историјата.

Централно место на книгата претставува блокот текстови со заеднички наслов македонски идентитети. Првото писание е на македонски автор извесен д-р Никола Јордановски кој вели дека македонската историографија лажно ги прикажува апостолите на историското ВМРО дека се втемелувачи на македонската нација, бидејќи тие се бореле за проектот „Велика Бугарија“. Се разбира, во книгата, на антимакедонска основа се и писанијата на бугарскиот историчар Цветан Цветанов и грчките автори Власис Власисдис и Деспина Каракацани.

Значи, македонскиот, бугарскиот и грчките автори во овој меѓународен проект се на иста линија, односно, да се разбијат наводните лажни историски факти за постоењето на Македонците.

И така тргна проекот за разбивање на Македонците. Издавачката куќа „Форум„ на почетокот на 2006 испечати примероци на англиски јазик и ги дистрибуира во балканските држави. Директор на „Форум„ и член на спомнатиот Центар за демократија и помирување е добро познатиот Сашо Ордановски. Остана уште македонскот министерство за образование да ја преведе книгата „Клио на Балканот„ и македонските ученици да започнат да ја учат својата национална историја слушајќи ги историските вистини на своите соседи, односно, дека Македонците се измислени и непостоечки.

Меѓутоа, токму кога проектот требаше да стартува во училиштата, во јуни 2006 дојде до промена на власта и овој проект на антимакедонска основа запре.

Но, во 2017 странските непријатели на македонското дело повторно најдоа лица во Македонија налик на министерот Димитров со изгубено национално чувство за оживување на проектот Клио.

Дека проектот „Политики на историското образование„ и книгата Клио на Балканот е моќен проект за обезличување на Македонците, да спомнам дека станува збор за проект во корелација со нам добро познатата влијателната меѓународна невладина организација-Меѓународната кризна група (МКГ).

Впрочем, Клио на Балканот е во тесна врска со  Извештајот на МКГ од 10 декември 2001 насловен како „Името на Македонија: Зошто е важен спорот и како да се разреши„ кој се сведува на нашето преименување и одземање на континуитетот на македонската историја. Значи, решенијата од Клио на Балканот како и од Извештајот на МКГ се основата на Договорот за добрососедство со Бугарија.

Во тогашниот Извештај на  МКГ се вели да се повика УНЕСКО, Советот на Европа или некоја трета страна да го испита македонскиот образовен план, особено по предметите историја и географија, сите отстапки направени од страна на Скопје ќе бидат унилатерални и нереципрочни, на пример Извештајот не предвидува рецензија и на грчките учебници, за етнички македонските топоними во Грција, или пак, декларација за македонското наследство или пак етничко македонско малцинство кое Грција не го признава.

Сето ова марионетската власт во Скопје сега го направи, односно, се преиспитува македонската историја и нашите отстапки се нереципрочни.

Исто така, во договорот со Бугарија е вградена и формулацијата од Привремената спогодба со Грција од 1995, дека Република Македонија изјавува оти ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање на Република Македонија во внатрешните работи на Република Бугарија со цел да го заштити статусот и правата на лица кои не се државјани на Република Македонија.

Оваа наша нереципрочна обврска Димитров невешто се обиде да ја оправда велејќи дека таква компарабилна одредба нема во бугарскиот устав иако би требало да знае дека таква компарабилна одредба имаше во грчкиот устав, а Македонија со брзопотезното менување на Уставот на 6 јануари 1992 се откажа од грижата за Македонците во Грција.

Имено, според членот 108 од грчкиот устав, грчката власт се грижи за Грците што живеат во странство а ги одржува нивните врски со мајката татковина. Значи, членот 49 од македонскиот Устав кој Грција го оспоруваше и го променивме, и во грчкиот устав постои членот 108 кој го има истиот карактер, а остана непроменет.

Значи, со договорот со Бугарија, Македонија, меѓудругото, се откажува од Македонците во Бугарија, откако со менување на Уставот во 1992 се откажа од грижата за Македонците во Грција.

Во телевизиската емисија Димитров ламентираше дека сето ова не е проблем бидејќи за него било само суштествено да се произведува пријателство со Бугарија не водејќи сметка дали се загрозуваат националните и државните интереси. Дури, Димитров беше револтиран што на Сеалбанската платформа за рушење на Македонија, замислете, дошло до етничка мобилизација на Македонците. Очигледно мозокот на Димитров застанал некаде во 1942 кога неговите истомисленици-македонските Бугари јаничари кои не издржале во историјата сметале дека бугарскиот цар во Скопје треба да се дочека со сол и леб, па, така, Македонците и сега требало да бидат мирни на албанските провокации со некакви тирански платформи.

Како и да е, марионетската власт во Скопје привремено дозволува своевидните четири јавачи на апокалипсата (1.промена на името и идентитетот, 2. промена на историјата, 3. промена на етничкиот состав и 4. федерализација, најпрвин јазична/духовна а покасно и територијална)  со предводник од еден од најповиканите-министерот за надворешни работи со агенда на антимакедонска основа, да успеат во своите лоши намери со кои Македонија го губи темелот на нацијата и државата.

Но, среќна околност е што сега на изборите последниот збор ќе го имаат македонскиот народ и државјаните на Република Македонија. Народот нема право повеќе на грешка. Постојат патриотски и национални политички сили со јасна определба и ветување за враќање на Македонија на изворните илинденски и асномски принципи. Во секое зло, добро!