Договор за промена на името е ништовен според меѓународното право


05.10.2019 | 17:08:52 | Колумни


Договор за промена на името е ништовен според меѓународното право

Колумна, „Портал Дудинка“, недела,  3 октомври 2019, проф д-р Јанко Бачев

Стручната дебата на 30 септември во организација на Единствена Македонија насловена како  „Една година по референдумот, што понатаму - состојби и предизвици„ е добар повод да се навратам на прашањето како до поништувањето на Договорот со Грција за промена на името.

Генерално, прашањата што се појавуваат во меѓународните договори се регулирани со Виенската конвенција за договорно право од 1969 година, со која меѓународното право доби „договор за договорите“ („the Treaty on Treaties“).

Конвенцијата предвидува повеќе механизми околу ништовноста на меѓународните договори а кои се релевантни и во случајот со Договорот со Грција за промена на името, но, со оглед на просторот ќе изложам две основи:

Прво, до ништовност на договорот со Грција може да дојде по основа на суштинска и очигледна повреда на одредбите на внатрешно право на Република Македонија околу надлежноста за склучување на договорот (член 46 од Конвенцијата). Во случајот, според правилата на домашното право постои неовластеност на органот (владата на Заев) што го склучи договорот и неовластеност на претставникот на државата (министерот Никола Димитров) да ја изрази согласноста на „втората страна„ (Република Македонија) да биде обврзана со договорот. Примарна надлежност за склучување на меѓународни договори според Уставот и домашниот закон за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори има претседателот на Републиката, а владата склучува меѓународни договори по исклучок во области наброени во законот (член 3 став 2 - за економијата, финансиите, науката, културата, образованието и спортот, сообраќајот и врските, урбанизмот, градежништвото и заштитата на животната средина, земјоделството, шумарството, водостопанството, здравството, енергетиката, правдата, трудот и социјалната политика, човековите права, одбраната, дипломатско-конзуларните односи).

Инаку, овој основ не доведува автоматски до ништовност на договорот, туку го прави договорот подобен за поништување заради што е потребно на ништовноста да се повика заинтересираната страна.

Второ, до ништовност на договорот со Грција може да дојде по основа на негова спротивност со апсолутното задолжително меѓународно право - jus cogens (член 53 од Конвенцијата). Во меѓународниот поредок постојат граници во слободата на договарањето. Договорот е ништовен ако е во спротивност со императивна одредба на меѓународното право. Кај овие норми не е дозволено отстапување и државите со свои спогодби не можат да ги изменат. Според Повелбата на ОН (член 2 точка 7 како jus cogens правило) не е дозволено мешање во прашања што спаѓаат во внатрешната надлежност на секоја држава. Според меѓународно право, името на една држава е прашање на внатрешната надлежност на секоја држава, а не на меѓународното право и оттука за име на една држава не може да се преговара. Недозволиво е да се интервенира во област (име на држава) која е во исклучителна внатрешна јурисдикција на државите. 

Инаку, овој основ доведува автоматски до ништовност на договорот, односно, го прави договорот со Грција за промена на името сам по себе ништовен, во секој случај, и независно од волјата на страните поради природата на основот кој претпоставува санкционирање независно од волјата на страните (договорот е во судир со императивна норма на општото меѓународно право - jus cogens).

Според тоа, договорот со Грција за промена на името е ништовен оти не е склучен од надлежен орган и нема дозволен предмет. Согласно ова, се отвора патот на некоја идна власт во државата таквиот договор да биде лишен од правно дејство, но, ова претпоставува една претходна ситуација да дојде народна власт со храброст и определба за поништување на договорот. Во оваа насока, во својство на претседател на Единствена Македонија, со писмо од 15 мај 2018  испратено преку грчкото дипломатско претставништво во Скопје, го известив тогашниот грчки премиер Ципрас дека новата легална власт на Единствена Македонија која доаѓа ќе го поништи договорот.

За крај, власта прави еуфорија од договорот со Грција за промена на името и ликува што амбасадорите на земјите-членки на ЕУ и САД го поздравуваат таквиот договор, но, власта треба да знае дека и во 1913 во Букурешт странските претставници го поздравија Букурештанскиот договор, а знаеме како поминаа Македонија и Македонците со тој договор.

Севкупно, се прави искривување на општо познати меѓународни факти со обидот Македонија да се прикаже како вештачка држава на местото на вистинските вештачко создадените држави како што е Грција создадена од западот, или пак, Бугарија (создадена од царска Русија). Патем, за историјата на концептот за обезличување на Македонците чие продолжение е договорот со Грција за промена на името, пишував подетално во мојата колумна насловена како „Клио“.

Како и да е, иронијата да биде поголема, во историјата други не делеле и бришеле, а сега самите зборуваме и договараме бришење и поделба меѓу Македонците.