Храната – Привилегија за богатите


18.01.2011 | 13:41:53 | Колумни


Храната – Привилегија за богатите

Веб колумна, 18.01.2011, Драган Живковиќ 

Новогодишните и Божиќни празници годинава ќе ги запаметиме по многу поскромните трпези кои традиционално се подготвуваат во секое македонско семејство. И ланските не беа нешто многу побогати но се забележуваше малку поголема застапеност на овошјето од типот македонско јаболче измешано со по некое увезено портокалче.

Зачекоривме во Новата Година посакувајќи им на нашите најблиски посреќна и поуспешна година од ланската, која едвам чекавме да ја испратиме и заборавиме што поскоро, кога ни пристигна информацијата за новиот бран поскапувања, како новогодишна честитка до сите нас. 

Читав во некој од нашите печатени медиуми за резултатите од спроведена анкета со прашањето во стилот каде за новогодишните празници и резултатите покажаа една бројка која воопшто не ме изненади, дури беше и повеќе од реална. Нешто повеќе од 70 %  од граѓаните си ,,славеа,, во своите домови, се разбира со скромна трпеза која не многу се разликува од онаа секојдневната. Со новиов ценовен удар и следните кои веќе се најавуваат се прашувам каква ли ќе  биде  трпезата на едно просечно македонско семејство годинава?  Поскапувањата одат со толку голема  брзина, не оставајќи ни простор дури ни да искоментираме нешто околу тоа. Се се одвива со брзина на светлината, а нам не ни останува ништо друго освен на патот до дома да се обидеме да се повратиме од шокот кој сме го доживеале додека сме пазарувале. Откако ќе го земете  лебот на кој пишува цена од 23 денари, додека стасате до касата тој веќе поскапел на 26 ден.  Трендот на покачување на основноте прехрамбени продукти започна ланската 2010, во периодот на летните месеци кога поскапеа млекото и млечние производи, шеќерот, месото и сувомесните производи, овошјето,брашното, јајцата и процентуално најмногу маслото за јадење. Со покачувањата беа опфатени и сите останати производи кои спаѓаат во групата на основни продукти во кошничката на едно просечно македонско семејство. Овој тренд не само што не се стиши во периодот кој следеше, туку напротив бележеше пораст. Според последните статистички податоци за  месец декември 2010, индексот на  животните трошоци е поголем за 0,7 отсто во однос на претходниот месец, додека споредено со истиот месец од претходната 2009година, бележи зголемување за цели 3 отсто. Што можеме да очекуваме за во иднина? Секако не оптимистички прогнози. Сметките за парно греење се покачуваат за 3,63 отсто со февруарските сметки, струјата најверојатно еден месец потоа, бензините кои во континуитет бележат пораст на цената, за 2010 год. дури за 23 отсто повисоки. Со овие покачувања ќе се предизвика уште еден нов последователен ценовен скок на прехрамбените продукти, а со самото тоа и значителен пад на животниот стандард  и удар врз  истенчениот домашен буџет на граѓаните. Мислам дека нема да претерам со констатацијата дека привилегијата за здрава и квалитетна исхрана ќе ја имаат само одреден слој на побогати луѓе во нашево општество. Доколку не се превземе нешто за да се спречи овој тренд на ценовно покачување на прехрамбените производи, ќе се доведеме до ситуација кога јадењето ќе биде луксуз за повеќето граѓани. Сите податоци со кои располагаме и врз база на кои можеме да донесеме некакви заклучоци, покажуваат загрижувачки состојби. Домашната економија е сеуште на стаклени нозе, индустриското производство бележи незначителен раст и е сеуште далеку под нивото на посакуваното, странски инвестиции нема, бројот на невработени луѓе во државава е веќе подолг период застрашувачки голем, зависиме од увоз на храна која самите можеме да ја произведеме (за ова говорев во еден од моите претходните текстови) и за жал се случи тоа од кое сите ние стравувавме. Порастот на цените на храната на глобално ниво неизбежно се пренесе и во нашата држава, како увозници на истата, а последователно на овој процес е падот на животниот стандард на граѓаните кои се главните консументи на овие производи. Неизбежно е прашањето кое логично се наметнува само по себе: Ако просечната нето плата во Р.Македонија за месец Октомври 2010 г. (според податоците на Државниот завод за статистика), беше нешто малку повеќе од 20.000 денари, пари со кои едно просечно македонско семејство мака мачеше да го преживее месецот, правејќи прецизни математики како да ги покрие основните трошоци за живот, сега ќе мора со истите пари да ги амортизира ценовните удари кои евидентно ќе не пратат уште еден извесен период. И тоа за жал е поубавата страна на незгодијата што не снајде. Како да преживеат армијата на невработени и социјалните случаи кои се најпогодена група на граѓани а немаат никакви или минимални средства за живот или пак пензионерите чии пензии се многу пониски од гореспоменатиот просек? Она што сериозно ме загрижува е колку сме ние како држава способни да се справиме со една вака крајно сериозна и опасна ситуација со оглед на слабата организирнност на државата во поедини нејзини сегменти и лошите потези кои во одредени моменти ја усложнуваат уште повеќе целокупната економска состојба. Неоспорен е фактот дека од година во година живееме се посиромашно.

Додека изминативе денови не потресуваа ценовните шокови, се изнаслушав и изначитав најразлични коментари од граѓаните. Имаше и такви во стилот на споредба со цените на одредени прехрамбени артикли во другите многу побогати држави од нас со нашите, други пак со тврдењето дека сме склони на постојано жалење и критикување на власта за се што се случува во државава и да не набројувам.... Ги почитувам сите коментари и размислувања и нема да ги коментирам, секој си има право на свое мислење, но факт е дека многу голема бројка од граѓаните е сериозно погодена од последните ценовни скокови и е доведена до работ на преживување и опстанок. А што ако овој тренд продолжи и оваа година? Што ако навлеземе во уште поголема економска криза? ..........Не смеам ни да помислам!   - Наше е да ја искажеме  загриженоста и тежиме кон подобар животен стандард, а владата на која сме и го довериле мандатот, да настојува со сета сериозност и расположиви средства кои и стојат на располагање, да ни ги решава проблемите и обезбеди што е можно  попристоен живот.  Па нели е така во секое демократско општество???