Ватикан и Германија беа согласни по секоја цена да се растури СФРЈ!


21.01.2011 | 13:38:26 | Колумни


Ватикан и Германија беа согласни по секоја цена да се растури СФРЈ!

Колумна, „Фокус„, 21.01.2011, Јанко Бачев 

Република Македонија одбележа две децении од конституирањето на првиот плурален парламент. На свеченоста во собраниската зграда се слушнаа и веќе познатите инсистирања, Македонија вистински да ја искористи шансата за интегрирање во ЕУ по секоја цена. Дотолку повеќе што сеуште очите на ЕУ биле свртени кон нас.

Затоа, 20 години македонски парламент е добар повод да се осврнам на прашањето за односот на тогашната Европска заедница (ЕЗ) спрема распадот на СФРЈ од кој произлезе и самостојната македонска држава. Се разбира, младите генерации треба да се запознаат и со останатите клучни прашања кои фрлаат поинаква светлина на процесите од тоа време, бидејќи тогашните македонски челници во своите книги веќе си ги прикажаа настаните единствено според свое субјективно наоѓање, со цел да си обезбедат достојно место во процесот на создавањето на македонската држава. 

Така, на пример, младите генерации треба да знаат дека македонското осамостојување беше апсурден и веројатно уникатен случај на меѓународната сцена, бидејќи Македонија стана самостојна држава наспроти нејзината волја. Тогашните македонски челници до последен момент се залагаа за зачувување на СФРЈ, но кога стана очигледна дисолуцијата се тргна по сопствен пат. Или пак, зошто се креира лажна слика дека Македонија ги поби воспоставените тези на компетентни воени стратези дека без жртви држава не се прави, а, ете, во случајот на Македонија можело и тоа. Не е, ли, лицемерно да се кажува дека Македонија без ниту една жртва ја стекна независноста, кога на боиштата на просторот на Југославија, во составот на ЈНА во тоа време имаше околу 10 илјади војници од Македонија. Педесетина од нив загинаа! 

ЗОШТО НЕМАШЕ ВОЈНА ВО МАКЕДОНИЈА?

Треба да се проговори и за погрешната определба да се дозволи на ЈНА при повлекувањето од Македонија да изврши вистински грабеж на армиските објекти. Ако се има предвид дека веднаш по повлекувањето од Македонија во март 1992 година, ЈНА ја започна војната во БиХ по нејзиното признавање од ЕЗ на 6 април 1992 година, тогаш јасно е дека ЈНА немала замисла ниту капацитет да отвора нов фронт и во Македонија. Затоа прашањето, зошто немаше војна во Македонија, треба да се гледа од аспект и на стратешките интереси на ЈНА за војување на другите југословенски жаришта кои беа далеку побитни за Србија, чиј старешински кадар и војници во тој момент веќе во целост ја сочинуваа таканаречената ЈНА! Или, пак, несериозното реагирање на државниот врв во тоа време, кога ги советуваше македонските воени обврзници да се кријат по домовите ако им заѕвони на врата воената полиција на ЈНА.

Во отсуство на државен став по овие битни прашања, се сеќавам на прашањето што го поставував до професорите и колегите студенти како тогашен студент: Што ќе правиме доколку ЈНА го нападне македонското собрание - ќе се придружиме на ЈНА или ќе се браниме од неа? Сите овие прашања заслужуваат да бидат предмет на поширока елаборација.

Да се навратам на прашањето околу улогата на ЕЗ во распадот на СФРЈ. Најпрвин да ја изразам вчудоневиденоста од колумната на Стојан Андов во Фокус од 17 декември околу можната интеграција на поранешната СФРЈ во ЕЗ. Имено, Андов вели дека со изборот на Анте Марковиќ за претседател на Владата на СФРЈ, Комисијата на ЕЗ на југословенската влада и понудила брз почеток на преговори за влегување во ЕЗ. Таа понуда, иако Анте Марковиќ бил подготвен да ја прифати - пропаднала, бидејќи се спротиставил тогашниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ.

Ова е погрешна интерпретација од Андов, бидејќи кон крајот на 1989 година СФРЈ презеде иницијатива за склучување на договор за придружување кон ЕЗ, за што беа водени и претходни разговори. Меѓутоа, Комисијата на ЕЗ, внимавајте добро, не поднесе предлог до Советот на министри на ЕЗ за започнување на разговори со СФРЈ. Значи, интеграцијата  изостана заради тоа што ЕЗ во тој момент повеќе не ја сакаше СФРЈ во нејзиното друштво. Поточно, во услови на драстично променети меѓународни околности со отпочнатиот процес на рушење на комунистичките системи, приемот на СФРЈ во ЕЗ не бил повеќе од интерес за Заедницата. Оттука и дилемата, дали и во кој обем ќе се случуваа страотните војни на просторите на поранешна Југославија, доколу кон крајот на 1989 СФРЈ станеше членка на ЕЗ? 

Инаку, ЕЗ своевремено и овозможуваше на СФРЈ бројни погодности. На 2 април 1980 година, СФРЈ и ЕЗ заедно со деветте држави тогашни нејзини членки потпишаа специјален договор кој суштински претставува комплетна и комплексна спогодоба со бројни погодности во стоковната, финансиската, индустриската, научно-техничката и соработката во областа на енергијата, туризмот, заштитата на околината и друго. Спогодбата имаше структура слична со основачките договори на ЕЗ со што се декларираше важноста што и се придава на СФРЈ за време на студената војна!

КРВАВО СЦЕНАРИО ЗА РАСПАДОТ

Значи, кон крајот на 1989-та ЕЗ одбива членство на СФРЈ во Заедницата, бидејќи на сцената стапува Германија, која водена од историските предрасуди решително ќе ја истере работата докрај со растурањето на Југославија. И тоа не било какво растурање, туку на начин што братските југословенски народи претходно ќе се испотепаат помеѓу себе. Германија успеа да ја постави сцената за крвавото сценарио, бидејќи внатрешните противречности во СФРЈ беа изострени до најпосакуваната можна мерка, односно, имаше поволна внатрешна клима за остварување на зацртаната цел. Понатаму, добар дел од личностите во државниот врв на Словенија и Хрватска во тоа време се поранешни дисиденти со престој во земји-членки на ЕЗ, каде што задолжително ги поминуваа разузнавачките филтри за субверзивни активности против СФРЈ.

Во 1989 година, германската шпионска служба веќе имала контрола врз републичките служби за државна безбедност на Словенија и Хрватска, иако овие формално се уште беа дел од заедничката Југословенска служба за државна безбедност. Во оваа насока, одлучувачкиот период започна со доаѓањето на Клаус Кинкел на чело на германската Служба за државна безбедност, кој воспостави најтесни врски со усташката емиграција. На пример, клучните хрватски фактори во земјата кои работеа на разбивање на Југославија беа Јосип Манолиќ, Јосип Бољковац, Стипе Месиќ и Фрањо Туѓман. Месиќ својата улога ја потврди дури на телевизија, каде што изјави дека идејата за разбивање на СФРЈ сакаше да им ја пренесе на оние кои имаат силно влијание врз нејзината судбина, односно, на Ханс Дитрих Геншер и Папата. Месиќ продолжи: „Со Геншер се состанав три пати. Тој ми овозможи контакт со Светата столица. Папата и Геншер се сложија со потполно разбивање на Југославија по секоја цена„! 

Откако Германија ја постави сцената за растурање на Југославија, следуваше поводот со предвременото признавање на Словенија и Хрватска од страна на Германија на 23 декември 1991 година. Тука веќе отворено се виде доминантната германска позиција во ЕЗ. Иако Заедницата усвои заеднички став, односно, на 16 декември 1991 година донесе декларација со која побара од југословенските републики да се изјаснат дали ги прифаќаат поставените услови за признавање кое ќе се применува од 15 јануари 1992 година, сепак, Германија ги призна Словенија и Хрватска три недели пред одредениот датум кога дојде признавањето од нејзините партнери! 

Желбата на Германија по секоја цена да ја растури Југославија, подоцна ја потврдија и влијателни политичари во тоа време, иако во ЕЗ биле свесни дека ќе дојде до големо крвопролевање. Така на пример, Лорд Овен во војата книга вели: „Грешката на ЕЗ околу признавањето на Хрватска, можеше да се надмине, доколку ситуацијата не беше искомпликувана со признавањето на БиХ, без разлика на последиците. САД, кои во декември 1991 година се противеа на признавањето на Хрватска, во пролетта 1992 година станаа мошне активен заговорник за признавањето на БиХ„! 

ГЛАВЕН ВИНОВНИК Е ГЕРМАНИЈА!

Поранешниот американски државен секретар, Ворен Кристофер, на 18 јуни 1993 година во интервју за Ју-Ес-тудеј што го пренесе и германскиот Ди-велт, истакна дека Германија  е главниот виновник за ескалацијата на југословенската криза, односно, во текот на целиот процес на признавањето, а пред се - за време на прераното признавање (на Словенија и Хрватска) беа сторени тешки грешки, за што особена одговорност носат Германците. 

Поранешниот француски министер за надворешни работи, Ролан Дима, во изјава што ја пренесе Зидојче цајтунг од 21 јуни 1993 година, критикувајќи ја ЕЗ поради признавањето на Словенија и Хрватска, укажа на избрзаниот и ненадеен начин, со што беше трасиран патот кон распадот на Југославија, а одговорноста на Германија и Ватикан за забрзување на кризата е очигледно енормна. 

Уште еден непосреден учесник во овие случувања, тогашниот холандски премиер Руд Луберс, кој во 1997 година зборуваше за тоа дека германскиот канцелар Кол по пат на притисок го изменил ставот на ЕЗ дека не би требало да се признае независноста на Хрватска со цел да се избегне понатамошното распламтување на граѓанската војна, притоа уште додавајќи: „Министерот за  надворешни работи, Ван Ден Брук и јас, без разлика што и да правевме, сепак останатите Европејци можеа само да се чудат, но Германија самостојно реши докрај да ја истераат работата. Тоа беше катастрофално„. 

Значи, војната во поранешна Југославија покажа дека ЕЗ во тоа време падна уште на првиот сериозен тест за нејзината способност да се однесува како меѓународен арбитар. Притоа, Германија ја искористи поволната ситуација да ја покаже новостекнатата сила со обединувањето и да се ослободи самата себеси од поствоените присилувања (од втората Светска војна) на надворешно-политички и воен план.

Во оваа насока, Клаус Кинкел во својата статија „Германската надворешна политика во светлината на новиот поредок„ објавена во Франкфуртер алгемајне цајтунг од 19.03.1993 година, вели дека нивна задача е да остварат нешто во што порано двапати претрпеле неуспех. Не постои човек кому не му е јасно кога Германија двапати претрпе неуспех, односно, задачата е јасна - остварувањето на тоа што не успеа да го оствари во текот на двете светски војни, а останува само прашањето - дали тоа да се реши со стари или со нови средства! 

За волја на вистината, имаше членки на ЕЗ кои водени од сопствени интереси најпрвин го наметнаа ставот за подржување на единството на Југославија, а кое нешто беше и јавно објавено со Декларацијата на ЕЗ за Југославија од 26 март 1991 година. И Советот на министри на КЕБС на 19 јуни 1991 година усвои Декларација со која изразува подршка на територијалниот интегритет на Југославија. Меѓутоа, надвладеа германската решителност за растурање на СФРЈ!

ЕУ КАКО КАРТЕЛ НА ИНТЕРЕСИ!

Значи, обединета Германија со политиката спрема Југославија повторно ја презеде водечката улога меѓу европските сили. Дури, Германија успеа отсуството на некаков сензибилитет на своите постапки во однос на некогашна Југославија да го наметне и на своите партнери во ЕЗ. Така, изборот на признавањето на БиХ - 6 април, од страна на ЕЗ е токму на денот на германското бомбардирање на Белград во Втората светска војна, а донесување на Мислењето - 29 ноември, со кое се констатира дека СФРЈ се распаѓа, од страна на Арбитражната комисија на ЕЗ, е токму на роденденот на СФРЈ!

Како и да е, случајот со Германија во југословенската криза е одлична илустрација на одамна кажаното, дека на суровата меѓународна сцена нема пријатели или непријатели, туку постојат само интереси. А, интересот е интерес, и тогаш и сега. Затоа, случајот треба да претставува добра поука и за домашните политички и експертски кругови задолжени за кршење на македонскиот народ, да престанат со замајувањето дека безмалку правиме голем грев спрема, како што ги нарекуваат нашите пријатели во ЕУ, кога не ги прифаќаме нивните „пријателски„ сугестии да се самообезличиме и така да станеме дел од нивното друштво, во кое наводно желно не очекуваат за да не направат среќни и задоволни! 

Идиотизмот на споменатите домашни политички и експертски кругови оди до таму што, уште ни велат дека не е битно како ќе се викаме, туку најбитно е само да влеземе во ЕУ, бидејќи од внатре, како членка на ЕУ, замислете, Македонија рамноправно со останатите  земји-членки на Унијата ќе биде фактор кој ќе ја креира политиката на Унијата. Но, пропуштаат од вид дека  принципот на рамноправност меѓу државите - членки на ЕУ е само фикција. Во една претпоставена ситуација, Македонија денеска да е членка на ЕУ, нека повели премиерот Груевски од утре да зборува во бриселските сали или во фоаејата дека државите во ЕУ се рамноправни. Следствено, дека гласот на Македонија има иста тежина како оној на Германија, па ќе види дека луѓето ќе почнат да се смеат! 

Затоа, Македонија треба да го следи својот интерес и не треба да ја повтори стратешката грешка како во случајот со приемот во ОН со некакво провизорно име, и тоа во моментот кога воопшто не беше неопходен таквиот прием. Дотолку повеќе што Македонија зад себе има признавање под уставното име од 130 држави. Притоа, како и се друго врзано за работата на ЕУ, нужно е Република Македонија, при градењето на својата надворешна политика да има реална слика за природата на ЕУ. Имено, тоа е организација која можеби симблизира убаво достигнување на човештвото, но, која функционира како своевиден картел на интереси!