Македонските Албанци имаа позитивна улога во афирмацијата на нашите позиции за името


04.02.2011 | 13:34:59 | Колумни


Македонските Албанци имаа позитивна улога во афирмацијата на нашите позиции за името

Колумна, „Фокус„, 04.02.2011, Јанко Бачев

Во претходните две колумни пишував за решителноста на Германија докрај да ја истера работата со растурањето на југословенската федеративна заедница, но и за превртливата германска политика во однос на Македонија после дисолуцијата на  СФРЈ во процесот на нашето меѓународно признавање и таканаречениот спор за името.

Германија во тоа време преку ЕЗ отворено го презеде управувањето со југословенската криза како резултат на нејзината доминантна позиција во рамките на Заедницата. Останува впечатокот дека тогашниот југословенски политички и воен врв не сфати дека добар дел од меѓународната заедница работи на сочувување на единството на Југославија, а заинтересирани беа да го срушат само комунистичкиот поредок и да ја трансформираат СФРЈ во држава по теркот на западните граѓански општества. Но, југословенскиот политички и воен врв со погрешните потези во југословенската криза само се вклопи во посакуваното сценарио на Германија за крвавиот распад на СФРЈ! 

Во контекст на македонското осамостојување, пак, појаснив како Германија во тоа време се определи да ги почитува сите витални интереси на Грција во грчко-македонскиот спор околу името и да подржува само солуцијата која е прифатлива за Грција. Во оваа насока клучниот пресврт во корист на Грција дојде со донесувањето на Декларацијата на ЕЗ во Лисабон од 26 јуни 1992 година. Со оваа декларација грчката стратегија во наметнатиот спор за името доживеа триумф, бидејќи ЕЗ изрази готовност да ја признае Македонија со име кое нема да го вклучува зборот Македонија! ПОГРЕШНИ ПРОЦЕНКИ Се разбира дека е значајно влијанието на Германија во пројавената пакост на Грција да и наштети на Македонија да го заокружи процесот на своето меѓународно признавање како што налага меѓународната процедура. Меѓутоа, свое влијание во неповолните настани за Македонија во тоа време имаат и погрешните проценки на владеачките домашни политички актери. Впрочем, надворешниот фактор во реализација на своите антимакедонски залагања имаше добра основа за тоа внатре со жестокиот отпор на клучните политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да градат единство во одбрана на стратешките национални и државни интереси. Ова прашање претпоставува посебна анализа во обидот да го приближам одговорот на вистинитоста во македонската политика на патот на меѓународното признавање на Македонија. Во оваа прилика ќе се осврнам на погрешните активности на тогашниот македонски државен врв кои влијаеа на донесувањето на  поразителната Лисабонската декларација на ЕЗ со која беше побарано нашето преименување. Најпрвин збор-два околу тактичкиот приод на Грција и Македонија во т.н. спор за името. Имено, Грција уште на самиот почеток претпочиташе мошне добра тактика на т.н. високо отворање наметнувајќи почетна позиција многу поекстремна отколку што се има расположение да се прифати, одејќи на варијанта - колку предметот на преговарање е поекстремен, толку поголеми се изгледите дека тоа навистина што се сака ќе се смета за компромис.  Во случајот тоа беа екстремните грчки изјави и залагања дека во името на самостојната и суверената македонска држава во никој случај не може да стои зборот Македонија!  На ваквиот грчки приод од наша страна се прави кардинална грешка со промовирање на тактика на екстремна кооперативност, чиј есенцијален елемент е фактот дека води помалку грижа за резултатот отколку за самиот процес. Македонскиот државен врв недозволиво се согласи сите отворени прашања, вклучувајќи го и т.н. проблем со името, да бидат предмет на преговори, преминувајќи преку фактот дека името на една држава е нешто за што всушност во никој случај не може да се преговара!  А во Лисабон, со донесувањето на споменатата декларација на ЕЗ со која Заедницата побара од Македонија да изнајде име кое нема да го содржи зборот Македонија, всушност се покажа дека грчката тактика во спорот со името ги постави основите за грчкиот триумф во т.н. спор за името. Затоа, во актуелниот момент е крајно навредлива за македонскиот народ отворената грчка порака со призвук и на мајтапење со нашето достоинство, која се сведува на тоа дека тие (Грција) покажале коректност со големата отстапка, замислете, да се согласат да ни дозволат да го користиме во нашето име зборот Македонија, бидејќи не требало да заборавиме дека првичната нивна заложба била во никој случај да не се содржи зборот Македонија во нашето државно име!? Затоа, велат Грците, доволно ќе било само да додадеме некоја придавка или додавка на името! АПЕЛОТ НА АЛИТИ ДОНЕСЕ ПРЕСВРТ Интересно е што до денешно време останува неразјаснето прашањето: Зошто македонската политика во тоа време и самата создаваше терен грчката екстремна тактика на однесување да стане и официјален став на ЕЗ, кој беше промовиран на самитот во Лисабон? Поточно, дали македонското однесување до Лисабон не влијаеше ЕЗ пред време да стекна впечаток дека во Македонија постојат такви сили што се подготвени за промена на името? На пример, пред состанокот во Лисабон веќе имаше најави од македонска страна во разговори со европски функционери, дека постои кај нас извесна флексибилност за некој вид компромис околу името. А на американско тло овие индикации за постоење на извесна флексибилност ќе бидат пласирани со знаење на македонското политичко водство од страна на извесен Роберт Макферлејн, кој ќе биде најмен како лобист од страна на РМ. Набргу, и самиот македонски претседател, пред состанокот на ЕЗ во Лисабон, при посетата на САД во мај 1992 година ќе истакне дека е потребно да се постигне спогодба. Македонија прифати името да биде предмет на разговори, по што се стекна впечаток дека не може да има враќање и компромисот се наметнал како нужност. Значи, рушењето на нашата преговарачка позиција во т.н. спор за името од страна на нашиот државен врв придонесе Европјаните под притисок на Германија да се охрабрат на самитот во Лисабон да го промовираат максималистичкото грчко барање, кое, во тој момент, постави силна основа за наводната неопходност од компромисно решавање на наводниот спор и за наводната неминовност за промена на името на нашата земја!                         Инаку, во расправата на 43-та седница на Собранието на Република Македонија од 1 јули 1992 година, народните избраници го отфрлија делот од Лисабонската декларација, што се однесува на Македонија. На оваа собраниска расправа настана многу интересен пресврт со однесувањето на партиите на македонските Албанци кои изразуваат лојалност и застануваат во осуда на Декларацијата на ЕЗ, иако дотогаш испраќаа апели до ЕЗ да не ја признава Македонија поради наводна загрозеност на правата на албанското малцинство во Македонија. Така, македонската политичка сцена во тоа време како и сега изобилуваше со чести напади, обвинувања за манипулација и предавста помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а Абдурахман Алити, од ПДП, ќе ги повика непријателски настроените македонски партии на обединување околу името, велејќи дека за ова стратешко прашање е потребен национален консензус. И тогаш, а и сега, низ призмата на однесувањето на ДУИ околу прашањето за името, треба позитивно да се вреднува односот на македонските Албанци во обидот Македонија да ја афирмира својата позиција за името!             По дипломатскиот пораз во Лисабон ќе уследи мошне тежок период за Република Македонија исполнет со своевидна дипломатска блокада на Републиката од ЕЗ, која во тој период обилно ја користи тактиката на блефирање, а чија суштина се сведува на тоа дека донесениот став на Заедницата со Лисабонската декларација мора да се почитува, бидејќи Македонија нема друг избор!  ДАНЕЦОТ ИСПАДНА ПОХРАБАР ОД НАШИТЕ Иако Македонија редеше дипломатски порази, бидејќи на 15 јануари 1992 година Македонија на самитот на ЕЗ не добива признавање, а во Лисабон се побара нејзино преименување, сепак, Грција беше страната која во согласност со својата стратегија манифестираше незадоволство и притоа продолжи да продуцира негативни тензии со познатите малтретирања на наши граѓани при преминот на македонско-грчката граница и нејзино затворање за промет на стоки со ознаки РМ. Во оваа насока, наместо да ја тестираме нашата државност и самата ЕЗ со одредена реципрочна мерка и од македонска страна спрема грчките државјани, ние и понатаму наивно веруваме дека ја убедуваме Европа, дека на просторот на поранешна Југославија, освен нас, најмудрите, сите останати сакаат да се испотепаат меѓу себе!  Добар тактички приод ќе беше доколку Република Македонија на бројните грчки провокации во тоа време барем еднаш одговореше со реципрочна мерка спрема грчките граѓани што транзитираат низ Македонија, во услови на целосна спреченост на нашите граѓани да патуваат во Грција. Во овој контекст, сигурно НАТО немаше воено да интервенира против Македонија за наводно кршење на човековите права на грчките граѓани, а повратно ќе добиевме некаква претстава за себе како држава, но, и ќе ја тестиравме и реакцијата на меѓународна заедница со една оправдана мерка. Меѓутоа, повратниот одговор од тогашниот државен врв беше дека треба да се остане достоинствено зад нашите определби без алтернативе, како што на затворање на границите од грчка страна ние одговоривме дека секој нивен патник, секој камион и воз, слободно и безбедно може да мине низ Македонија!  Иако од дамнина е познато дека суштината на една држава се гледа и според степенот на нејзината грижа за сопствените граѓани, Македонија во тој период нема да преземе ниту една реципрочна мерка во врска со понижувањето на сопствените граѓани од грчка страна. Значи, Македонија се определи за исклучиво дефанзивна политика во однос на наводниот спор, со континуирано попуштање, без оглед на фактот што Грција, како што споменав, преземаше мерки што заслужуваат реципрочно однесување од македонска страна.     Инаку, и покрај таквата констелација на силите во ЕЗ, се чини дека Македонија недоволно реагираше на адекватен офанзивен начин со постојани  функционери во Брисел, кои ќе ги засилат нашите барања во Брисел, ќе организираат јавни медиумски настапи да ја прокламираат насекаде правичната кауза дека Македонија е земја која има право на меѓународно признавање и име по сопствен избор. Значи, без страв да ја претстави пред светот вистината. Дозволивме странците да бидат похрабри од нас во презентирањето на вистинските причини за грчкото противење. На пример, во тоа време данскиот министер за надворешни работи Јенсен отворено пред своите колеги од ЕЗ кажа дека во случајот со Македонија, всушност, се работи за минирање на основите на македонската нација. Јасно детектирање на проблемот дека името е параван зад кое се крие антимакедонската стратегија на Грција за подривање на темелите на македонската нација! ПРОПУШТЕНА ШАНСА Но, изјава за геноцидната политика на Грција изостануваше од најповиканите - македонскиот државен врв. Дотолку повеќе што, на примерот на Република Македонија, ЕЗ воспостави не само преседан, туку се чини и нов феномен на меѓународната заедница. Имено, поради противењето на една своја членка да се признае Македонија со сегашното име, се повика на неопходост од консензус за донесувањето на одлуката за нејзино признавање, иако не се работи за одлука со која се решаваат внатрешните проблеми на Заедницата, туку станува збор за трета страна која не е членка на Заедницата. А, во тој момент, ЕЗ нема сеуште дефинирано заедничка надворешна политика!         Во оваа насока, интересно е размислувањето на Васил Тупурковски, дека доколку Република Македонија вршела силен притисок за прием во ОН некаде во средината на 1992 година, за што имало и првични сигнали од официјален Вашингтон, а во отсуство на единствена надворешна политика на Европа, Македонија ќе беше членка на ОН под уставното име. Тогаш Франција и Велика Британија како постојани членки на Советот за безбедност беа без обврска да ја поддржат Грција, а ќе мораа да ја респектираат Повелбата на ОН што се базира на принципот на универзалноста. Наспроти ова, Македонија своето барање за прием во ОН настојчиво ќе го реактивира дури во јануари 1993 година. Се дотогаш опстојува погрешната ориентација, ЕЗ да остане единствената врата за нашето меѓународно признавање, иако однапред требало да се знаат некои работи, како на пример, дека Заедницата не е организација слична на Обединетите нации, туку интеграција на интереси на своевидниот картел на економските и политичките европски елити!  Подоцна, со Договорот од Мастрихт (1993) и со Амстердамскиот договор (1997), единството на надворешната политика на ЕЗ ќе биде поголемо и од единството на надворешната политика кое постоеше во која било фаза на постоењето на Југославија што се распадна. Во такви околности, познато е дека Република Македонија во тоа време недозволиво ја маргинализираше билатералната дипломатија со државите надвор од ЕЗ!  Со еден збор, македонската дипломатија настапуваше со премногу респект за демократските норми на ЕЗ, кои, ете, таа самата ги гази на секој чекор, а со нејзиниот ултиматум од Лисабон за промена на името на Македонија, таа под притисок, пред се на Германија, докрај ја соголи својата политичка филозофија. Затоа се надевам дека напишаното ќе биде од корист за македонската политика, бидејќи погрешните работи на македонските челници за настаните што се случиле од интерес за Македонија, во согласност со својата природа можат одново да се случуваат на истиот начин!