ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ Само глумат дека сакаат европска администрација


14.01.2011 | 13:24:31 | Колумни


ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ Само глумат дека сакаат европска администрација

Колумна, „Фокус„, 14.01.2011, Јанко Бачев 

Владата на Никола Груевски ја заврши 2010 година со обемни измени и дополнувања на законските прописи што ја регулираат положбата и статусот на вработените во државата служба. Така, во септември 2010 година народните избраници ги изгласаа измените и дополнувањата на Законот за државни службеници, а нешто подоцна, во декември, во Собранието беа усвоени и новите законски правила за организација и за работа на органите на државната управа.

Патем, премиерот Груевски лично најави дека и во 2011 година продолжуваат реформите во јавната администрација потребни за влегување во ЕУ. Се разбира, еден од клучните мотиви за спроведување на реформите на администрацијата во Македонија е токму пристапувањето кон ЕУ.

Инаку, со години мислењето на ЕУ за државната администрација во Македонија останува непроменето, а Европјаните и понатаму ни забележуваат дека администрацијата ни е неефикасна, бавна, нељубезна, недостапна за граѓаните и партизирана. Затоа, ЕУ постојано апелира до Владата, најитно да се реформира администрацијата за да се доближи до европските стандарди.

ЏЕНТЛМЕНСКИ ДОГОВОР МЕЃУ СДСМ И ВМРО - ДПМНЕ Во основата на јавно прокламираната идеја на власта за реформа на администрацијата, е отстранувањето на можноста од волјата на политичкиот фактор да зависи дали некој ќе биде или нема да биде држаен службеник.  Со еден збор, според власта, целта на законските измени е да се обезбеди  професионална и ефикасна администрација во функција на остварување на правата и слободите на граѓаните ослободена од политичките влијанија. Во собраниската дебата дури постоеше општа согласност помеѓу пратениците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ дека ни е потребна модерна европска администрација. Во оваа насока, вистинско  уживање е кога во законот ќе прочитате дека вработувањето во државната служба се спроведува низ транспаретнта постапка, врз основа на критериумите на стручност и компетентност, единствено преку јавен оглас како отворен натпревар и спроведувањето на стручниот испит да се верификуваат способноста и знаењето на пријавените кандидати. Со еден збор, се добива впечаток дека законот овозможува развивање на таква постапка за пополнување на работните места, која ќе биде докрај отворена и со јасни правила, со цел градење на професионална, компетентна и политички неутрална државна служба, во која влегуваат најдобро рангираните после полагањето на задолжителниот стручен испит за државни службеници. Значи, на ниво на декларација се е во ред.  Меѓутоа, кога промовираниот концепт за европска администрација ќе се доближи до реалноста, се гледа дека не е можен квалитетен систем на пополнување на работните места во државната служба, бидејќи финалниот избор на кандидатите и понатаму останува строго партизиран. Иако пополнувањето во државната служба е од круцијално значење за функционирањето на системот на државната служба, за жал, вработувањата на административците и понатаму ќе се вршат со политичка волја, а не врз основа на знаење, способност и достигнување на кандидатите. Тоа го овозможува една опасна законска одредба која и поната останува нечепната, а која му дава дискреционо право на функционерот кој раководи со органот каде се врши прием, да вработува по субјективно наоѓање без оглед на покажаното знаење од страна на кандидатите.  Интересно е што оваа законска  одредба се покажа отпорна на сите реформи во администрацијата, без оглед дали е на власт СДСМ или ВМРО - ДПМНЕ, и тоа од оправдани причини: Постои некаков џентлменски договор помеѓу нив да не чепкаат во оваа одредба која обилно ја користат и двете партии за време на нивното практицирање на власта. Впрочем, во дебатата околу администрацијата, сведоци бевме на божемното жестоко надмудрување помеѓу СДСМ и ВМРО - ДПМНЕ во чие време државната администрација била повеќе партизиранана, и кој има вистинска партиска идеологија, а во која партија се влегувало само поради партиски вработувања. Но, и едните и другите не изустија ниту збор за бришење на споменатата законска одредба, која  и понатаму ќе им приредува големо разочарување на младите генерации кои себеси се гледаат како идни државни службеници. НЕВИДЕНА ХИПОКРИЗИЈА! Значи, кај што СДСМ застана, таму продолжи владеачката ВМРО - ДПМНЕ. Опасноста од оваа законска одредба што им дава дискреционо право на министрите и директорите да вработуваат по свое наоѓање се сведува на тоа што, кандидатите кои ќе се пријават на јавен оглас и притоа ќе покажат најдобар резултат при полагањето на стручниот испит, не значи дека на крајот ќе бидат и примени. Функционерот кој раководи со органот каде се врши приемот, таквиот прием, внимавајте добро, го врши според неговото субјективно видување од приложениот список на кандидати од Комисијата за селекција. Со други зборови, функционерите немаат законска обврска да го изберат кандидатот кој покажал најдобар резултат по полагањето на стручниот испит.  Значи, невидена хипокризија.  Велиме дека ќе градиме стручна и компетентна администрација, а од друга страна министрите и директорите кога вработуваат во органите што ги раководат, немаат обврска да ги вработуваат најстручните и најкомпетентните кандидати кои тоа го докажале со постигнување на најдобри резултати при полагањето на стручниот испит, кој пак, е задолжителен за кандидатите кои се пријавиле на јавниот оглас. Оттука и прашањето, искрена ли е намерата на СДСМ и ВМРО - ДПМНЕ за развивање на професионална, компетентна, ефикасна, и граѓански ориентирана државна служба? Веднаш ќе кажам - не, бидејќи нивните заложби во јавноста за пополнување на државната служба врз основа на знаење, способност и достигнување претставуваат една голема измама и голем трик за манипулација со граѓаните, бидејќи и понатаму опстојува споменатата опасна законска одредба која го руши концептот на стручна и компетентна администрација. Заради подобра прегледност, ќе ја илустрирам споменатата манипулација со два лични примери, од кои јасно се гледа колку е опасно законското дискреционо овластување на функционерите да вршат вработување на државни службеници по своја волја, а не според тоа, кој од пријавените кандидати на јавниот оглас постигнал најдобар резултат при полагањето на стручниот испит. Пример број еден. Министерството за надворешни работи на Република Македонија на 24 јули 2003 година објави јавен оглас за вработување на државен службеник во Кабинетот на тогашната министерка во МНР, Илинка Митрева, за работно место со звање - државен советник на министерката. Бидејќи се работеше за избор на државен службеник со највисоко звање во професионалната хиерархија на државните службеници што треба да ја советува министерката, сосема разбирливо беше тоа што условите во јавниот оглас беа прилично строги. Покрај шестгодишното работно искуство, се бараше од кандидатите доказ за успехот во образовниот процес, умешноста и вештината за стручно и ефикасно извршување на работите, како и организациони и раководни способности, позитивна препорака за достигнатите работни резултати во претходната работа на кандидатот, за придржување кон деловната етика, како и достигнувањата на полето на науката и културата. Во оваа насока, четиричлена Комисија на 1 септември 2003 година во просториите на Агенцијата за државни службеници го спроведе писмениот и практичниот дел од стручниот испит. Резултатите покажаа дека од шестте кандидати јас имав најдобар резултат по основ на знаење, способност и достигнување. Но, по доставената листа од Комисијата, наместо јас, како прворангиран со најмногу бодови, за советник на министерката Митрева беше избрана второрангираната Санта Аргирова! ИЗБОРОТ НА БУЧКОВСКИ Пример број два. На 1 април 2005 година Канцеларијата на тогашниот претседател на Владата, Владо Бучковски, објави јавен оглас за вработување на државен советник на премиерот Бучковски за надворешна политика. Со цел да ја тестирам јавната определба на тогашниот премиер Бучковски за стручна, компетентна и непартизирана администрација, се пријавив огласот. Согласно споменатата законска процедура, во Агенцијата за државни службеници се спроведе постапка за полагање на стручниот испит за да се види кој од пријавените кандидати е најстручен и најкомпетентен да го советува премиерот Бучковски во областа на надворешната политика. На крајот, премиерот Бучковски за советник си го избра Мерсељ Биљали, иако овој кандидат немаше најдобар резултат, односно, беше послабо рангиран од мене по основ на знаење, способност и достигнување по спроведениот стручен испит.  За волја на вистината, и во двата случаи се беше според законската процедура, бидејќи Законот за државни службеници им даваше дискрециони овластувања на Митрева и Бучковски да си изберат кандидат по своја волја, без оглед на тоа што примените кандидати немаа најдобар резултат во однос на стручноста и компетентноста да советуваат за прашања од меѓународната политика, кои патем задираат и во македонските национални и државни интереси. Значи, недозволиво Владата и МНР беа сведени на ниво на некаква приватна фирма, во која по лична волја може да си вработуваат кого ќе посакаат. Оттука, која е смислата пријавените кандидати да се малтретираат со полагање на стручен испит за да ја докажуваат својата стручност и компетентност, кога, на крајот, не се избира кандидатот што покажал најдобар успех и знаење и ги победил сите останати кандидати по спроведениот испит.  Дури, во случајот со Мерсељ Биљали беше покажана една невидена ароганција и самобендисаност од кабинетот на Бучковски, бидејќи не се ни потрудија да го прикријат наместениот јавен оглас. Имено, се сеќавам дека беше ден петок кога требаше да се полага стручниот испит во Агенцијата за државни службеници, а претходно во средата, значи два дена пред полагањето на испитот, Биљали како советник на Бучковски веќе беше во авионот со него при патувањето на некој форум во Луксембург. Значи, уште не беше спроведен испитот и не беше завршена постапката за избор, а веќе предвреме се знаеше новиот советник на Бучковски. Според логиката на правото и запишаното во законот дека при вработувањето на државните службеници се применуваат критериумите: знаење, способност и достигнување, требаше да бидам избран во овие постапки, но, според логиката на политиката, Санта Аргирова и Мерсељ Биљали станаа државни советници на Митрева и Бучковски! Ете, затоа е потребно да се изврши суштинска законска измена во делот на приемот на државните службеници. Во оваа насока, партизацијата и политичките влијанија врз државната администрација може да се спречат само ако се вметне законска одредба која ќе го обврза функционерот што врши избор, по добивањето на ранг листата од Комисијата за селекција да изврши вработување на лицето кое по спроведувањето на стручниот испит е прворангиран и најдобро бодиран, одосно, има најдобар резултат по основ на знаење, способност и достигнување. Ова е единствената брана за заштита од политизацијата на јавниот сектор, вистинско вреднување на трудот и прием на најспособните кандидати за државни службеници.  Со еден збор, само така ќе се операционализира и уставното начело - секому под еднакви услови му е достапно секое работно место. Во случајов, еднакви услови се исполнувањето на општите и посебните услови од јавниот оглас и најдобриот резултат по спроведувањето на писмениот и практичниот дел од стручниот испит за избор на државен службеник.  Согласно определбата за ефикасна и непартизирана државна служба, така треба и да заврши постапката, со изборот на најдобриот кандидат по спроведениот стручен испит. Дури тогаш ќе ја постигнеме високата цел за изградба на професионална, компетентна и политички неутрална државна служба!