Недоветниот амбасадор Зоран Јолевски треба под итно да биде отповикан од Вашингтон!


24.12.2010 | 13:20:59 | Колумни


Недоветниот амбасадор Зоран Јолевски треба под итно да биде отповикан од Вашингтон!

Колумна, „Фокус„, 24.12.2010, Јанко Бачев 

Конечно, Груевски ги отвори македонските карти во таканаречениот спор за името. Тој преку најповиканите во надворешната политика, претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, и министерот за надворешни работи Антонио Милошевски, му порача на македонскиот народ дека приказната со одбраната на вековното македонско име е завршена работа.

Позитивно е што Груевски ја откри вистината за спорот, која досега многу успешно ја криеја во изминатите четири години. Така, од говорот на претседателот на државата, кој на 14 декември 2010 година пред пратениците даде отчет за сработеното во изминатата година, произлегува дека името ќе биде променето. Она што според Иванов е неприфатливо за Македонија е да се разговара за решение што задира само во македонскиот идентитет и јазик. Притоа, шефот на државата кажа дека ќе се залага за интензивирање на македонско-грчкиот дијалог и трагање по взаемно прифатливо компромисно решение во рамките на Резолуцијата 817 на ОН од 1993 година. Решение, но само во рамките на грчко-македонската Времена спогодба од септември 1995 година, порача претседателот Иванов во своето годишно обраќање.

Со други зборови, ова во суштина се сведува на тоа дека актуелниот државен врв ќе се залага за промена на името на државата, иако според сите анкети Македонците во огромно мнозинство (околу 90 отсто) категорички се изјаснуваат дека се против промена на името. А државниот врв има обврска да го слуша гласот на македонскиот народ.

ПРОМЕНА СИ Е ПРОМЕНА Затоа, излагањето на Иванов предизвикува вознемиреност, бидејќи што ќе се случи доколку Грција сега ретерира и каже дека го прифаќа залагањето на Иванов да се најде компромисно решение во рамките на Резолуцијата 817 на ОН и Времената грчко-македонска спогодба?! Тоа во основа значи промена на името кое нема да биде за севкупна употреба, туку само за потребите на ОН и неговите специјализирани меѓународни организации, каде ќе ја замени референцата ПЈРМ, што пак, и во таков случај, повторно доведува до промена на името. Иванов има мандат од македонскиот народ да порача дека за Македонија е неприфатлив било каков предлог за преименување на државата, без оглед дали станува збор за севкупна или не-севкупна употреба, бидејќи, и во едниот и во другиот случај, се менува името и идентитетот на македонскиот народ!  Министерот Милошовски, пак, е уште појасен дека името треба да се промени. Тој во интервју за германскиот Зидојче цајтунг порача дека Европската унија треба да ни овозможи почеток на преговори под ПЈРМ, а за возрат Македонија ќе се согласи на зачленување во ЕУ со ново име. Со еден збор, и Милошовски најави дека Македонија е спремна да направи голема национална отстапка и да го промени името, со цел да ги отпочнеме преговорите со ЕУ, а по официјалниот прием на Македонија во ЕУ би важело новото име за Македонија. Но, и Милошовски пропушта од вид дека македонскиот народ не го прифаќа таквото предавство, бидејќи промена на име си е промена, и сега и тогаш при евентуалниот прием на Македонија во ЕУ.  Во оваа насока, од владеачката ВМРО - ДПМНЕ брифираа дека таквите залагања на шефот на државата и министерот во МНР ја одразуваат реалноста, што јасно кажува декаа промена на името е определба и на премиерот Груевски. Значи, Груевски преку Иванов и Милошовски ни порача на сите дека повеќе не се работи за одбрана на името на државата, туку името сега ќе служи како параван да се одбранат идентитетот и јазикот. Но, таквото нивно залагање има фалинка, бидејќи името е суштински елемент на идентитетот, што значи дека со промената на името, со важност макар само во рамките на ОН, се начнува и македонскиот идентитет. Со еден збор, сегашниот државен врв порача дека Македонија нема да дозволи само промена на идентитетот, јазикот и уставот. Се разбира, од свои дневно-политички интереси, државниот врв и понатаму не кажува директно во јавноста дека ќе го промени името, туку тоа го прави со една убава патриотска реторика спакувана во дипломатска обланда. На таков начин, барем најмалку до наредните избори, тоа треба да ја замајува јавноста дека државниот врв го брани името на државата.    Од друга страна, и претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски кажува дека црвената линија на неговата партија е изнаоѓање на компромисно решение за името кое нема да задира во македонскиот идентитет и јазик. Истовремено, и таканаречените соросоиди како највлијателни актери од невладиниот сектор, жестоко се залагаат за компромисно решение за името кое  нема да задира во македонскиот идентитет и јазик, заради што дури беа прогласени и за предавници. Значи, целосно совпаѓање на гледиштата на државниот врв со она на опозицискиот СДСМ и т.н. соросоиди во однос на решавањето на т.н. спор за името. А интересно е што впечатокот на јавноста за секој од  овие актери е дијаметрално различен.  СДСМ И ВМРО - ДПМНЕ НА ИСТИ ПОЗИЦИИ ЗА ИМЕТО! Оттука, произлегува дека врз  градењето на таквиот впечаток на патриоти и предавници, најбитен е различниот тактички приод во споделувањето со јавноста на ставовите за името. Така, државниот врв тоа го прави на еден убав патриотски начин пропратен со соодветни маркетиншки трикови. На пример, на митинзите на Здружената коалиција предводена од ВМРО - ДПМНЕ во предизборните кампањи за време на парламентарните избори во 2006 и 2008 година, многу јасно се кажуваше дека ИМЕТО нема да се промени. После победата на изборите, на секое прашање од политичките противници за името, ВМРО - ДПМНЕ кажуваше да се погледне страна 146 од нивната Преродба во сто чекори. А, кај граѓаните беше зацементирано убедувањето дека таму пишува оти нема да се промени името.  Но, ВМРО - ДПМНЕ со напишаното на страна 146 се послужи со мала итрина, бидејќи таму пишува, внимавајте, дека нема да се промени уставот со цел да се промени уставното име, а не дека нема да се промени името на државата.  Значи, запишаното на страна 146 нема никакво фајде, бидејќи домашниот устав и да не се промени, ќе остане само како добар украс во услови кога државниот врв сака да го промени името за меѓународна употреба во рамките на ОН. За разлика од државниот врв пак, опозицискиот СДСМ и т.н. соросоиди своите погрешни идеи за промена на името ги кажуваат отворено и тоа уште од моментот кога дури и ЕУ не бараше од нас да го промениме името. Патем, веќе пишував во моите колумни за неколкуте опции што и стојат на располагање на Македонија за враќање на нашето уставно име во ОН како и за политиката на САД, онаа вистинската, која се креира во Вашингтон кон т.н. спор за името која е на линија на македонските интереси. Оттука произлегува и дилемата, што е тоа што сега толку силно го мотивира државниот врв да се залага за промена на името. Се разбира, САД во заднина можат до бескрај да ја бранат нашата позиција за сочувување на името, но, тоа не значи дека  ќе не спречат во нашата намера доколку сами сакаме да се обезличиме. Не случајно понекогаш велат помогнете ни за да ви помогнеме, иако ваквите пораки од одредени домашни центри задолжени за кршење на македонскиот народ се интерпретираат во поинаква конотација.  Затоа, претседателот Иванов наместо да зборува за компромис кој што се сведува на промена на името, треба веднаш да се заложи за повлекување на недоветниот македонски амбасадор токму во САД, кој уште при стапнувањето на американско тло силно ја избламира Македонија во очите на дипломатскиот кор во САД. Едноставно, се виде дека овој амбасадор нема елементарни дипломатски познавања и  само придонесува Македонија да биде посрамена и понижена, ни помалку ни повеќе токму пред светските амбасадори акредитирани во државата (САД) со доминантно влијание во светската политика. За потсетување, македонскиот амбасадор во САД, Зоран Јолевски, сакајќи да го прикаже највисокиот можен степен на блискост на односите помеѓу САД и Македонија, во протоколарното јавно обраќање по пристигнувањето во Вашингтон и отпосле изјавува дека двете држави имаат одлични, внимавајте, пријателски односи. Меѓутоа, во вековната дипломатска практика во делот на градацијата на термините со кои се одредува степенот на јачината на меѓудржавните односи, воопшто не постои терминот пријателски. Во оваа насока, на врвот на скалата на термини со кои се градираат меѓудржавните односи, стои зборот сојузнички. Така, она што Јолевски го кажува е исто како да кажете дека железото е најдобриот вид на алуминиум. И нормално, после таквото кинење зелени од Јолевски, можеме само да замислиме на каков потсмев наидува Македонија кај диполматскиот кор во САД.  А колку само охрабрувачки делуваше запишаното од ВМРО - ДПМНЕ во Преродбата во сто чекори за создавање обучена и високо професионална дипломатија. Патем, со амбасадорско назначување во САД на лице кое нема основно дипломатско познавање, посредно ги доведуваме во своевидна непријатна ситуација и САД како наш стратешки партнер.  СТРАТЕГИЈА ЗА НАЦИОНАЛЕН ПОРАЗ Ќе биде погубно доколку во контекст на името повторно ги доведеме во ситуација САД како практична држава што признаваат фактичка состојба на теренот, како и во воената 2001-ва да признаваат фактичка состојба  која е на штета на Македонија, а како резултат на отсуство на чувството за одбрана на нациналните и државните интереси кај македонските политички елити. Имено, во војната во Македонија во 2001 година, тогашниот американски претседател Џорџ Буш директно му кажа на тогашниот македонски претседател Борис Трајковски дека Танушевци е наш проблем и има да си го решиме како знаеме и умееме.  Значи, на почетокот на војната добивме најдиректна можна подршка и одврзани раце од најмоќната сила, македонските безбедносни органи да се пресметаат со почетните терористички групации на т.н. ОНА. Наместо ова, тогашните македонски политички демагози, залудени единствено од лична промоција и желба за слава, моќ и профит, преземаа активности во корист на поединци, кои немаат никаква врска со одбрана на земјата. Затоа е добро идната година, за време на јубилејот кој што уште одсега се најавува по повод десетгодишнината од потпишувањето на т.н. Рамковен договор, најпосле пред македонската јавност да се презентира и споменатиот разговор помеѓу Буш и Трајковски.  Во оваа насока познати се и изјавите на тогашниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, кој се до април 2001 година изјавуваше дека македонските безбедносни органи треба да се справат со, како што ги нарекуваше, албанските бандити кои се одметнаа во планините. Дури, Робертсон беше и особено чуствителен при загинувањето на македонските полицајци, бидејќи во своето семејство имаше припадник на британските полициски сили што учествувал во борбата против Ирската ослободителна армија која се бори за припојувањето на британската област Северна Ирска со Република Ирска, со цел обединување на ирскот народ.  Значи, до април 2001 година  клучните меѓународни актери им даваа одврзани раце на македонските безбедносни сили. Меѓутоа, Македонија не ја искрористи дадената шанса. Наместо да манифестираат внатрешно единство за одбрана на земјата, се креираа задкулисни внатрешни сценарија помеѓу домашните политички актери со кои земјата беше втруната во пораз. На крајот, најлесно беше да се замајува јавноста дека Американците не ги сакат Македонците, а дека премногу ги сакаат Албанците. Иако пак, американците само прифатија фактичката состојба на теренот што ја создадоа домашните политички актери кои недозволиво овозможија проширување на фронтот од страна на т.н. ОНА, за на крајот Македонија да излезе посрамена и понижена од таа војна. Но, не заради неспособноста на македонските безбедносни сили, туку како резулат на внатрешните предавства на домашните политички елити.  Но, како и да е, останува сега само македонскиот народ да го одбрани името на државата. Народно движење за Македонија (НДМ) водејќи се од ваквите стратешки определби на сопствениот народ, на 1 јули 2009 година до македонското Собрание поднесе Предлог - државна стратегија за одбрана на уставното име на Република Македонија. Во оваа прилика сакам да го предупредам собранискиот спикер Трајко Вељановски, дека е недозволиво и понатаму да ја крие од јавноста и пратениците оваа предлог- стратегија и дека е потребно веднаш да овозможи собраниска расправа по овој стратешки документ од највитално значење за националните и државните интереси. Не е претерано ако кажам дека во постоечките околности стратегијата на НДМ претставува најдобар можен начин за разрешување на дведеценискиот т.н. спор за името. Дотолку повеќе што со државната стратегија е неопходно да се одбрани името, највисоките државни и национални интереси и да се зачува идентитетот на македонскиот народ, јазик, историја, култура, постоењето на македонското национално малцинство и да се афирмира позицијата на Република Македонија како суверена и самостојна држава. Со еден збор, на Македонија и  е потребна стратегија за одбрана на името, а не стратегија за национален пораз, за наводната неопходност од компромисно решавање на наводниот спор и за наводната неминовност за промена на името.