Како може Нано Ружин да го критикува Треневски, кога самиот стана амбасадор без дипломатски стаж!?


10.12.2010 | 13:17:27 | Колумни


Како може Нано Ружин да го критикува Треневски, кога самиот стана амбасадор без дипломатски стаж!?

Колумна, „Фокус„, 10.12.2010, Јанко Бачев 

Во претпоследниот број на Фокус пишував дека е созреан моментот македонската влада да поднесе барање до Обединетите нации (ОН), за да го оствари своето меѓународно право да биде нарекувана Република Македонија. Притоа детално ги опишав неколкуте начини што и стојат на располагање на Македонија за враќање на нашето уставно име во ОН (пошироко може да се види на интернет).

Се разбира, одредувањето на најсоодветниот начин е прашање на политичка проценка за тоа која од понудените правни опции нуди повеќе можности постапката во ОН да биде завршена во прилог на Македонија. Во постоечките околности овие правни опции претставуваат најдобар начин за разрешување на овој таканаречен спор за името. Сега останува само можноста оваа или некоја наредна македонска влада најпосле да се охрабри и да изрази политичка волја за разрешување на т.н. спор за името преку понудените правни опции во рамките на ОН.

Во денешниот мултиполарен свет, САД, како еден од најзначајните центри на моќ, имаат доминантно влијание во светската политика. Затоа е важно да се разбере нивниот однос кон т.н. спор за името, во контекст на притисок од Грција за целосно обезличување на Македонија. За таа цел нашиот јужен сосед постојано го држи отворено прашањето за името, заострувајќи го со проблематизирањето и на културниот, јазичкиот, како и на историскиот идентитет. Со други зборови, името е само параван зад кој се крие обидот на Грција да ја реализира својата стратегија за национален геноцид врз Македонците, иако нејзиното објаснување е дека ја брани својата национална безбедност!  

ДИПЛОМАТСКИТЕ ИЗЈАВИ НА РИКЕР Веднаш со жалење ќе констатирам дека на домашен терен влијателната стручна и експертска јавност до денешно време не разви доволен капацитет на вистински начин да ја апсолвира реалната американска политика во т.н. спор за името. Дури, овие влијателни експертски кругови, кои дваесетина години го креираат јавното мислење во државата, успеаја да наметнат погрешно уверување кај македонските граѓани дека Американците водат некаква противречна политика, во стилот - Ем не признаваат под уставното име, ем бараат да го промениме името. Како резултат на ова, кај голем дел од Македонците се јавува недоверба спрема американската политика во т.н. спор за името. За таквата недоверба придонесува и однесувањето на американскиот амбасадор во Македонија, Филип Рикер, кој повремено излегува со изјави дека е потребно некакво компромисно решение, што, пак, кај граѓаните асоцира на американско залагање за промена на нашето уставно име.  Сосем разбирливо, граѓаните не можат во доволна мера да ги прочитаат дипломатските стилови и тактики, односно, начините на кои американскиот амбасадор пристапува и ја води американската политика спрема ова прашање. Во краен случај, не значи дека Рикер, како и секој друг амбасадор, целосно е запознаен со стратегијата на својата земја по одредено прашање што се гради во централата. Така и Рикер добиените насоки од Вашингтон во врска со т.н. спор за името ги пренесува на дипломатски јазик, кој понекогаш ги револтира Македонците, но, треба да се разбере дека човекот е дипломат и работите мора да ги кажува од таа позиција. Дотолку повеќе што Грција, како втора страна во т.н. спор за името, е членка на НАТО, каде САД имаат водечка улога.  Меѓутоа, зачудува простото, буквално поимање на изјавите на Рикер од страна на влијателните домашни експертски кругови, без притоа да покажат елементарен капацитет за нивно суштинско интерпретирање. А, токму на таквото поимање, домашните експертски актери градат обесхрабрувачки коментари во јавноста, дека, ете, Македонија води некаква политика за името спротивна на залагањата на Американците, кои божем бараат од нас да го промениме името. Оттука се извлекува заклучок дека тие (САД) наводно дигаат раце од Македонија, со што создаваат привид дека е доведено во прашање нашето сојузништво со САД.  За да стекнеме подобра прегледност на американската политика во однос на т.н. спор за името, ќе се навратам на вториот референдум во самостојна  Македонија од 7 ноември 2004 година, на кој граѓаните требаше да се определат „за„ или „против„ новата територијална организација на локалната самоуправа. На три дена пред референдумот, на 4 ноември 2004 година, само една ноќ откако Џорџ Буш беше повторно избран за претседател, на Македонија и беше соопштена одлуката дека САД не признаваат под уставното име.  Оттогаш до денес во јавноста опстојува врската меѓу признавањето на уставното име и референдумот. Поточно, дека американското признавање на уставното име на Македонија е темпирано направено три дена пред споменатиот референдум за новата територијална поделба во Македонија, со цел тој да не успее! БУЛДОЖЕР ДИПЛОМАТИ Мојата поента е дека тајмингот на признавањето на уставното име и референдумот не се во причинско-последична врска. Поточно е да се каже дека референдумот само им послужи на САД како извонреден повод за признавање на уставното име. А, токму американското признавање на нашето уставно име создаде непремостива брана Македонија да биде скршена од одредени влијателни земји - членки на ЕУ, да го промени своето уставно име. Со други зборови, американско признавање на нашето уставно име денеска е всушност главната сериозна пречка, Македонија да биде обезличена во т.н. преговарачки процесс. Значи, таквото не случајно признавање на уставното име има немерлива корист за Македонија, бидејќи предизвика сериозен проблем на Грција во нејзиниот уривачки атак врз Македонија. Велам дека не е случајно признавањето на уставното име, бидејќи е јасна американската ориентација кон Македонија уште од моментот на создавањето на македонската држава на заседанието на АСНОМ од 2 и 3 август 1944 година. Уште оттогаш политиката на Вашингтон е на линија на опстојување на македонската држава со сите свои национални атрибути, вклучувајќи го и името!  Затоа,  домашните актери кои бараат САД најпосле  да назначат т.н. булдожер дипломати за да ја вразумат Македонија да го промени своето име и понатаму ќе останат разочарани. За такво нешто најпрвин е потребно Американците да ја повлечат својата одлука за признавање на уставното име на Македонија. САД никогаш нема да си дозволат такво бламирање на светската сцена, со т.н. булдожер дипломатија да притискаат да го промени своето име некоја земја која нивната администрација претходно ја признала под истото име. Тоа нема да се случи, бидејќи ниту ова, ниту било која идна администрација во САД нема да го ризикува угледот на нивната држава со газење врз принципите на нивната конзистентна надворешна политика. Во американското општество постои свест дека нивната надворешна политика претставува вредност и традиција, која политичките елити што доаѓаат само ја продолжуваат од своите претходници!  Со еден збор, во Америка постои свест за улогата која таа ја има како промотор на истите тие вредности во светот, со цел да создаде меѓународна ситуација која најмногу им одговара на интересите на САД. Затоа, Македонија не треба да ја повтори стратешката грешка од 8 април 1993 година со настојчивото инсистирање за прием во ОН по секоја цена, односно, под некакво провизорно име - ПЈРМ, иако таквиот прием во тој момент не бил неопходен. Приемот на Македонија во ОН заслужува посебна анализа во некоја друга прилика. Патем, не е на одмет да се споменат и засега срамежливите најави дека НАТО ќе го менува принципот на гласање, во моментов засновано на конзензус. Оттука, Македонија, и покрај нејзините аспирации за членство во евро-атланските структури, не треба да презема непромислени чекори кои можат да ја избришат од именикот на светските наци, туку треба стрпливо да чека подобра прилика. Дотолку повеќе што политиката на САД, онаа зад завесите што не ја гледаме, е на линија на зачувување на нашето уставно име. Прашањето со името не го проблематизираат ниту Кина и Русија, кои не признаа под уставното име. А дотогаш граѓаните не треба многу да се потресуваат од изјавите на Рикер, кој и во иднина ќе дава изјави спакувани во дипломатска обланда, дека партнерите од НАТО делат ист став. РУЖИН, КЕРИМ И ТИТОВИОТ ФОНД Меѓутоа, загрижувачко е однесувањето на одредени домашни експерти кои и понатаму силно ја туркаат агендата дека мора самите да се преименуваме. За волја на вистината, силно е нивното влијание со оглед на просторот што го добиваат во разноразни македонски медиуми. Најсвеж е примерот со гостувањето на влијателната А1 телевизија на експерти од типот на Мерсел Биљали и Нано Ружин, што е добар повод да се навратам на кажаното.  Ако за Биљали можеби има некакво оправдување дека воопшто не му е гајле како ќе се вика оваа држава, зачудува однесувањето на Ружин кој се декларира како Македонец. Имено, Ружин, како и неговиот пријател Срѓан Керим, со нивната божемна вљубеност во, како што ги нарекуваат, нашите пријатели во НАТО и ЕУ, веруваат дека и понатаму ќе ги остваруваат своите лични кариеристички амбиции.  Патем, смешна е вљубеноста на двоецот Ружин - Керим во НАТО и ЕУ, ако се знае дека обемно ги користеа привилегиите на т.н. Титов фонд и системот на поранешниот југословенскиот водач Ј.Б.Тито, во кој беа најголемите плукачи на капиталистите и натовците.  Како и да е, Ружин испушта од вид дека од дамнина е познато дека на суровата меѓународна сцена, пријателите и непријателите се менуваат, а трајни се само интересите, па, нашата должност, на политичарите и дипломатите, е нив да ги бранат! Меѓутоа, како да ги брани овие интереси Ружин, кој како и Срѓан Керим, човек исто така со многу дипломатски титули, кои лажно се претставуваат како дипломати од кариера, а, згора на се, стануваат опасни за македонските национални интереси. Загрижувачко е однесувањето на Ружин, бидејќи, откако најпрвин се изјасни дека во Македонија, замислете, не треба да биде доминантен само македонскиот јазик, дополнително ни порачува дека членството во ЕУ е поважно од името. Неговото образложение е дека за 10 години никому нема да му биде битно дали Република Македонија се вика вака или онака, односно, по десет години никому нема да му пречело како се викаме.  Ете, Ружин, дотука ја гледа Македонија, надевајќи се дека некој странски ментор ке му овозможи некоја нова дипломатска функција доколку одработува на штета на сопствениот народ.  Патем, не е ли крајно перверзно Ружин на дебати да говори за скандалозното поставување на македонски амбасадори без потребното искуство, кога самиот стана македонски амбасадор во НАТО со НУЛА денови дипломатско искуство. Поточно, стана амбасадор како резултат на невештиот обид на Љубчо Георгиевски, кој како премиер  во 2000-та тргна по умот на тогашниот министер за надворешни работи Срѓан Керим, и реши да ја ослабнува СДСМ со тоа што великодушно им нудеше амбасадорски места на тогашните опозициски пратеници од СДСМ! ЗАТКУЛИСНИ ИГРИ Непристојната понуда ја прифати само Нано Ружин, кој го направи најголемиот пресврт во македонската политика во тоа време - замина во Брисел во време на ВМРО-ДПМНЕ, како пратеник од СДСМ. Како што велеа од СДСМ, поради предавството на сопствената партија, во јануари 2000-та Ружин беше исклучен од редовите на СДСМ. Ете, таквите заткулисни игри за Ружин денеска претставуваат вредност за некој да се претставува како врвен дипломат. Двојката Ружин-Керим уште еднаш се провлече низ македонската дипломатска историја. На крајот од својот мандат во Брисел, Ружин повторно се обиде да и наштети на Македонија, пречекорувајќи ги надлежностите давајќи штетни изјави за т.н. спор за името, спротивно на насоките од македонското МНР.  Кога сум кај Ружин, да ја споменам уште и прикаската со т.н. престижна награда што ја доби за Амбасадор на НАТО за 2007 година во Брисел. Човекот едноставно сеуште не може да разбере дека се работи за уште една измислица на светските центри, со цел да им конструираат на некои амбасадори лажна претстава за нивната способност, за да имаат поголема контрола врз нив. Со други зборови, доделувањето на овие награди на некакви дипломатските журки во суштина претставува обично мајтапење!  Да појаснам дека воопшто не е можно да се оцени нечија амбасадорска работа, бидејќи таа по дефиниција е конспиративна (разузнавачка). Амбасадорот собира податоци од интерес на својата земја и притоа во најстрога дискреција - преку шифрирани телеграми, радио станица, дипломатски курир  или лично, ја носи дипломатската пошта во својата земја. Со еден збор, работата на амбасадорот е далеку од очите на јавноста. Тогаш, како бордот што ја доделува наградата оценил дека Нано Ружин е најдобриот амбасадор во НАТО, кога е невозможно да се оцени работата на било кој од 200-те амбасадори во НАТО во Брисел? Се разбира, ќе беше во ред доколку Ружин на дебатните емисии се фалеше дека добил награда како победник на некој дипломатски тениски турнир во Брисел, но, да се фали со награда за најспособен дипломат во Брисел, најмалку што може да очекува  е потсмев.  Како што спомнав, невозможно е да се измери реалната работа на еден амбасадор во конкуренција со останатите амбасадори, бидејќи природата на дипломатската функција ги прави сите да се свртени едни спрема други, па често пати меѓусебно се шпионираат. Но, ако е за некаква утеха на Ружин, бројните домашни експерти - негови истомисленици, кои неуморно работат да го скршат македонскиот народ, се натпреваруваат само во кинење зелени!