Неколку опции за враќање на нашето уставно име во Обединетите нации


26.11.2010 | 23:25:43 | Колумни


Неколку опции за враќање на нашето уставно име во Обединетите нации

Колумна, „Фокус„ 26.11.2010, Јанко Бачев 

Како што во предреферендумската кампања на 2 септември 1991 година беше објавен заеднички проглас на парламентарните и вонпарламентарните партии со кој граѓаните беа повикани масовно да излезат и да се изјаснат ЗА на референдумот за самостојност на Македонија одржан на 8 септември, така се наметнува и потребата од нов заеднички проглас, со кој пред домашната и меѓународната јавност ќе се промовира единствен македонски став за т.н. спор со името.

Дотолку повеќе што македонската политика не разви доволен капацитет за да изгради подобра позиција во овој спор и заради апсурдната поделеност меѓу релевантните политички субјекти, кои го злоупотребуваа(т) ова прашање од највитален интерес во меѓусебната борба за власт, иако секој што се води од искрената определба да се одбрани името, не треба да го користи за маркетиншки трикови!

Истовремено, на домашен терен речиси не може да се прочита некаква конкретна излезна стратегија за проблемот со името, а секојдневните коментари на политичката и стручната јавност се сведуваат на воопштени формулации, дека е потребен разумен компромис за да се одбрани само идентитетот и јазикот, па додавањето на некакви придавки и додавки на името, па се до залагања за прекин на разговорите, неменување на името..!

Затоа, во духот на моите колумни, критичноста да биде пропратена и со конкретни предлози за решавање на проблемите, во оваа прилика во контекст на проблемот со името ќе се осврнам на начините што и стојат на располагање на Македонија во рамките на Обединетите нации (ОН), со цел да го оствари своето право да биде нарекувана Република Македонија.  ФОКУСОТ ДА СЕ НАСОЧИ КОН ЊУЈОРК Инаку, познато е дека Македонија ги исполнува условите за започнување преговори за членство во Европската Унија, но, едно е исполнување на критериумите, а сосема нешто друго се интересите на одредени земји членки на ЕУ што треба да не примат во Унијата. Во случајот со Македонија, единствено нешто што може да се оцени како некаков хендикеп е нашето неотуѓиво меѓународно правно-признато право да се нарекуваме со име по сопствен избор. Оттука, во овој период, Македонија треба да води остварување на своите цели во етапи, односно, започнувањето на преговорите со ЕУ за нас да биде оној, така да го наречам „втор пакет„ кон кој ќе се стремиме, а фокусот да се насочи кон Њујорк, т.е. спрема ОН! Со еден збор, веднаш да кажам дека е созреан моментот македонската влада да поднесе барање до ОН, за да го оствари своето право да биде нарекувана Република Македонија во рамките на ОН. За остварување на ова барање, на Македонија и стојат на располагање повеќе начини. Меѓутоа, најпрвин да потсетам дека во случајот со приемот на Македонија, ОН ќе направат преседан, бидејќи првпат во својата историја примија држава без име и знаме. Притоа, приемот на Македонија како 181 членка во ОН е забележан под буквата Т со референцата the former Yugoslav Republic of Macedonia, а не под буквата М, како што налага меѓународната процедура. Советот за безбедност (СБ) на 7 април 1993 година ја усвои резолуцијата 817, со која оцени дека Македонија ги исполнува условите за прием согласно член 4 од Повелбата. Но, и покрај ова исполнување на условите за прием, СБ бараше Македонија привремено да се нарекува „поранешна Југословенска Република Македонија„ Заради тоа, Македонија на 8 април 1993 година беше примена во ОН под привременото име ПЈРМ!  Затоа, со цел да се оствари барањето за тоа дека Македонија сега треба да биде нарекувана Република Македонија во рамките на ОН, Македонија мора да посочи дека привременото важење на резолуцијата 817 на СБ е истечено или изминато. Македонското барање треба јасно да кажува дека нема за цел да ги повикува СБ или Генералното Собрание (ГС) на ОН да заземаат ставови во врска со членството, туку дека, со оглед на тоа дека преговорите предвидени со резолуцијата 817 стигнале до мртва точка и не се способни да доведат до солуција во врска со прашањето со името, Македонија го користи своето суверено право да биде нарекувана Република Македонија во ОН. Дотолку повеќе што Македонија со резолуцијата 817 не се обврза самата себе да постигне спогода за решавање на спорот со Грција, ниту пак документите на СБ рефлектираат таква обврска. Резолуцијата 817 на СБ само ги повикува и ги охрабрува страните (Македонија и Грција) да постигнат брзо решавање на нивните разлики!  20 ГОДИНИ Е ПОВЕЌЕ ОД РАЗУМЕН РОК По речиси дваесетгодишни напори, страните не се поблизу до решавање на спорот и затоа може да биде изведен аргумент дека Македонија со првичното поставување на проблемот пред Арбитражната (Бадинтеровата) комисија на ЕУ и потоа на Управниот комитет на Меѓународната Конференција за Поранешна Југославија и добрите услуги на генералниот секретар на ОН, ги исцрпи т.н. локални средства на меѓународната заедница и сега е слободна проблемот да го решава по свое наоѓање. Значи, Македонија треба да се повика, дека привремениот разумен период одреден со резолуцијата 817 е изминат, бидејќи оваа резолуција претставува процедурална пречка за барањето на Македонија да биде нарекувана Република Македонија. Впрочем, на секој во Македонија и на странците им е јасно дека 20 години е многу повеќе од разумен период за решавање на едно прашање! Да се навратам на можните начини што и стојат на располагање на Македонија за остварување на своето барање, да биде нарекувана Република Македонија во рамките на ОН. Се разбира, одредувањето на најсоодветниот начин е прашање на политичка проценка за тоа, кој орган на ОН ќе реагира најпозитивно по однос на барањето на Македонија да биде нарекувана Република Македонија!  Имено, Македонија може најпрвин да го нотифицира Генералниот секретар на ОН за своето барање - од сега па натаму да биде нарекувана Република Македонија и да побара Генералниот секретар да стори се што е потребно за да се изврши оваа промена. Притоа, Македонија треба јасно да наведе дека се однесуваше конзистентно на поранешните резолуции на ГС и СБ во текот на изминатите години, но сега смета дека условите од овие резолуции престануваат да важат. Во овој контекст, би било добро да се проучи востановениот прецедент од страна на Белорусија и Украина, кои своевремено го променија своето име со едноставна нотификација до Генералниот секретар за промена на името. Можните активности на Генералниот секретар се - да ја одложи нотификацијата на другите членки и органи на ОН, да бара правно мислење од Канцеларијата на Правниот совет на ОН, да го препушти предметот на ГС или на СБ! Во моментот е многу веројатно дека тој ќе биде неволен, автоматски да го прифати барањето на Македонија, што би можело да се смета како мешање во неговите добри услуги. Генералниот секретар може да одлучи да го достави барањето до ГС поради овластувањето на Собранието да одлучува за прашања што се однесуваат на членството. Причините за одлуката на Генералниот Секретар да го достави барањето до СБ, се однесуваат на инволвираноста на меѓународниот мир и безбедност и фактот дека СБ прв даде препорака за прием на Македонија во ОН. Не чекајќи што ќе преземе Генералниот Секретар, тактички е добро, веднаш после неговото известување, Македонија да започне да го употребува уставното име на својата табличка во ОН, притоа повикувајќи се на домашното право, пред се, на Уставот! РЕЗОЛУЦИЈА И КОНТРА-РЕЗОЛУЦИЈА! Македонија може да побара своето барање првин да го постави пред Генералното Собрание, доколку оцени дека ГС би се изјаснило повеќе во прилог на нејзиното барање, отколку што тоа би го сториле Генералниот секретар и СБ. Во оваа насока, Македонија би требало да предложи нацрт-резолуција со која би го објаснила нејзиниот став за употреба на уставното име. Тука треба да се има предвид дека Резолуцијата можеби ќе треба да биде донесена со двотретинско мнозинство, ако Грција успее да го наметне како т.н. важно прашање, а, во спротивно, согласно Повелбата, ќе биде потребно просто мозинство. Но, како и да е, во моментот сме признати под уставното име од 129 држави-членки на ОН!  Во овој контекст, со цел однапред да се процени исходот од гласањето за каков било можен спор на пленарната седница на ГС, Македонија може своето барање прво да го постави пред Шестиот правен комитет на ГС, заради претходно гласање и испитување на расположението на земјите-членки на ОН, бидејќи евентуалното неповолно гласање за Македонија во овој Комитет ќе предизвика помала штета, отколку, ако тоа се случи на пленумот. Можните активности на ГС се препуштање на предметот на комитетот на ГС заради донесување препораки, донесување резолуција за решавање на барањето или прашањето да се достави до Меѓународниот суд на правдата (МСП) за добивање на советодавно мислење.  При евентуалното донесување на резолуција за решавање на барањето, Македонија мора да вложи напори, Грција евентуално да не успее да го убеди ГС да усвои контра-резолуција со која на Македонија не и се дозволува да го употребува името Република Македонија во рамките на ОН. Но, тоа е веќе прашање на нашата моќ на убедување на нашите пријатели - членки на ОН кои не признаа под уставното име! Спорот може да стигне до Советот за безбедност преку Генералниот секретар или ГС, како и преку истрага водена од самиот Совет. Македонија, или Грција, може, исто така, да побара да го поднесе спорот пред СБ, кој може да го одреди барањето на Македонија или како прашање на членство за чие изгласување е потребно двотретинско мнозинство или како спор што претставува закана за мирот и безбедноста. Треба да се има предвид дека во СБ може да дојде до несогласици во однос на барањето на Македонија. СБ може исто така да бара советодавно мислење од МСП или може да даде препорака за обврзувачка арбитража на страните на спорот. ГС или СБ можат да го достават барањето на Македонија до МСП за да добијат советодавно мислење. Во постоечките околности, ГС и СБ можат да го сфатат ваквото мислење како најдобар можен начин за разрешување на ова прашање во ОН. Со оглед на тоа што под уставното име сме признати од речиси две третини од земјите - членки на ОН, реално е да се очекува дека Македонија може да обезбеди преку ГС да се побара правно мислење од МСП за легалноста на двата дополнителни услови (да прифатиме описно име ПЈРМ и да разговараме со Грција за своето име) што и беа поставени на Македонија при приемот во ОН, а кои немаат правен карактер и значат директно кршење на Повелбата на ОН!  ДИПЛОМАТИЈА И ПРОФЕСИОНАЛНИ ЛОБИСТИ Поволна околност за Македонија е тоа што МСП го разгледуваше прашањето за поставување дополнителни услови за членување во ОН. Во своето советодавно мислење, од 28 мај 1948 година, во врска со условите за прием на една држава во членство на ОН, судот зазеде правно стојалиште (содржано во ICJ Reports, 1948, p.57) дека барањата наведени во член 4 од Повелбата за членството „претставуваат исцрпувачко набројување„ и дека тие не се дадени едноставно како „раководни принципи или пример„. Тоа значи дека, ако апликантот ги задоволи четирите услови од член 4, став 1 од Повелбата, таа држава треба да биде примена во членство без поставување на дополнителни услови. МСП експлицитно се изјасни дека со поставувањето на такви услови се крши Повелбата. Затоа, ОН не може да инсистира дека користењето на името ПЈРМ е услов за членство на Македонија во ОН!  Интересно е што при приемот на Македонија во ОН на 8 април 1993 година, тогашниот македонски државен врв не знаел за постоењето на ова клучно советодавно мислење на МСП. Изненадувањето е поголемо ако се знае дека ова мислење е содржано во учебникот „Меѓународни организации„ на професорите од Белградскиот правен факултет - Обрад Рачиќ и Војин Димитријевиќ, кој се користел како учебно помагало кон крајот на 80-тите години на минатиот век и покасно во демократска Македонија и на Правниот факултет во Скопје, за предметите од областа на меѓународното право и политика. Патем, овие предмети на скопскиот правен факултет ги предаваа токму професори кои во тоа време беа и министри во тогашната македонска влада.

Како и да е, ситуацијата со Македонија бара добро подготвена правна стратегија, темелена на документи кои не ја лимитираат аргументацијата која е во прилог на одбрана на уставното име. Таканаречениот спор за името гледан и низ призмата на Република Грција и низ аголот на Република Македонија - секогаш е правен, оти постои взаемно побивање на побарувања и ставови. Приемот на Македонија во ОН е извршен преку кршење на неколку апсолутно задолжителни правни принципи на општото меѓународно право, како, на пример, самоопределување на народите, исклучива внатрешна надлежност на државите, суверена еднаквост на државите и забрана за нивна дискриминација врз каква било основа!

Се разбира, залагањето за споменатата правна можност преку ОН, не значи дека не ја прифаќам реалноста на моќта и силата на меѓународната сцена. Несомнено е дека се работи за еден комплексен процес, кој ќе ги исфрли на површина обележјата својствени во вакви ситуации: пазарење, конфликти, искреност, неискреност, цинизам, храброст, глупост, умност... Потребна е огромна работа околу подготвување на процесот на формално гласање за одлуката во ОН, што значи макотрпно, исцрпувачко пазарење комбинирано со жестоко лобирање кај државите што не признаа под уставното име, со цел, прво, да се запознаат со проблемот, и, второ, да ги сфатат неговите далекусежни импликации. Овој дел е работа на дипломатијата и на професионални лобисти. Кога тој би завршил успешно, уште сега е извесно дека постапката на големи исчекувања во ОН би била завршена во прилог на Македонија, да го оствари своето право да биде нарекувана Република Македонија!