Директор на преродбенички медиум си прима плата од тајната полиција!?


03.12.2010 | 23:23:52 | Колумни


Директор на преродбенички медиум си прима плата од тајната полиција!?

Колумна, „Фокус„, 03.12.2010, Јанко Бачев 

После победата на парламентарните избори во јуни 2006 година ВМРО - ДПМНЕ изготви список на дваесет и пет познати функционери од поразениот СДСМ, со цел еден по еден кривично да ги гони. Целта беше јавноста да се увери дека доследно се остваруваат вмровските предизборни ветувања и оти се води искрена и континуирана борба за расчистување со криминалот и корупцијата во државата.

Се разбира, редоследот на овие диригирани кривични постапки беше прашање на политичка проценка за тоа која личност од списокот во даден момент ќе донесе најголема корист за рејтингот на владата на ВМРО - ДПМНЕ.

И навистина, по промената на власта во 2006 година јавноста периодично  беше сведок на бомбастични кривични прогони  против крупни политички и директорски фигури од редовите на политичкиот ривал. Колку што ми е познато, од поистакнатите перјаници на СДСМ од тој список засега куртули само Никола Ќуркчиев, иако неговото судско гонење требаше да се прикаже како враќање на слободата и демократијата во „Ќуркчиево„ како што вмровските креатори на фамозниот список ја нарекуваа Гевгелија.

ВЛАСТА РАБОТИ ПО СПИСОК На овој список, со кој однапред со политичка одлука се прејудицираше нечија одговорност, се потсетив деновиве гледајќи го целовечерното телевизиско шоу на 25 ноември. Во ова шоу, од една страна главни актери беа инспекторите од Управата за јавни приходи (УЈП) што вршеа контрола на фирмите сместени во зградата на Велија Рамковски и владино-полициските претставници, кои критичната ноќ продефилираа како гости во неколку национални телевизии за да ја бранат акцијата на УЈП. Од друга страна беа новинарите на А1-телевизија и бројни експерти и опозициски политичари кои се појавија пред камерите на оваа телевизија. Се разбира, секој поентираше со својата вистина.  Имено, споменатите владино-полициски претставници очекувано застанаа во жестока одбрана на акцијата на даночните инспектори, која беше изведена со полициска асистенција. Објаснувањето беше дека се трага по криминал со цел да се расветли и документира финансиска пирамида, односно да се утврди дали фирмите „Акс-тра„, „Акстра трејд„, „Синим„, „Плус продукција„, „Време еч„ и „Печатница Мисирков„, сите лоцирани во зградата на Велија Рамковски, плаќале данок и переле пари. Спротивната страна, пак, обвини за полициски упад во А1 Телевизијата, нарекувајќи ја притоа полициската асистенција фашистички поход за замолчување на оваа телевизија и задушување на слободата на говорот. Патем, овој случај на виделина ја исфрли длабоката поделеност врз политичка основа на македонските новинари, за кои, нели, сметавме дека во своето работење треба да се раководат од принципите на објективното и непристрасно информирање.  Во оваа насока, деновиве македонските граѓани преку различните извори на информирање имаа прилика детално да се запознаат со случувањата во зградата на А1 Телевизијата. Сега останува секој да си изгради сопствено убедување за (не)оправданоста на полициската асистенција при акцијата на УЈП. Меѓутоа, чуствувам  потреба да дадам едно видување на овие настани од поинаков агол. Веднаш ќе кажам дека во случајов се работи за уште една наменска акција, односно, политичко сценарио на владеачката гарнитура дефинирано повторно во некој список. Со други зборови, власта на најдиректен начин му се одмаздува на сопственикот на А1 телевизија, поради се поголемата критичност на оваа влијателна телевизиска куќа кон владините политики.  Впрочем, ваквите упади во А1 телевизијата се стара пракса на властите во Македонија, како форма за заплашување на овој медиум пред одржување на парламентарни избори. Таков случај имавме пред изборите во 2006 година, кога утрото на 3 март беше извршен полициски упад во А1 Телевизијата, за да се асистира на група даночни инспектори при контролата на фирмите во зградата на Велија Рамковски. Таков случај имавме и сега на 25 ноември 2010 година, пред претстојните вонредни парламентарни избори. Поводот за полицискиот упад во 2006 година беше тоа што сопственикот на А1 Телевизија, Рамковски, еден ден претходно на локалната прилепска телевизија му се закани на тогашниот премиер Владо Бучковски дека ќе одговара доколку и едно кило тутун не биде откупено. Повод, пак, за најновиот упад е тоа што е растурена дружбата на Рамковски и Груевски, што сериозно го доведува во прашање рејтингот на портокаловите, имајќи ја предвид споменатата критичност на А1 Телевизијата кон актуелната влада и премиерот Груевски, лично.  ДИЛЕТАНСКА БЕСЕДА НА ДИРЕКТОРОТ НА УЈП Инаку, за овој текст е ирелевантно дали на крајот ќе се покажат како точни официјалните наводи на УЈП, дека во случајов станува збор за криминал во висина од 7,5 милиони евра. Да не бидам погрешно разбран, да потсетам дека јас сум првиот кој секогаш бескомпромисно се залага секој што е инволвиран во било каква криминална активност да заврши таму каде што предвидува македонскиот Кривичен законик. Меѓутоа, со оваа колумна сакам да ја уверам јавноста дека во случајов, дури и Рамковски да е најголемиот криминалец, таквото разоткривање ќе биде резултат на политичко сценарио, а не на некаква искрена борба на владеачката структура против организираниот криминал во државата.   Еве зошто. Наредниот ден по завршувањето на акцијата на даночните инспектори, од страна на директорот на УЈП беше кажано дека налозите за финансиска контрола на споменатите шест фирми лоцирани во зградата на Велија Рамковски биле стари 18 месеци. Понатаму, директорот на УЈП уште кажа дека даночните инспектори година ипол биле оневозможени да влезат, односно, не им бил дозволен увид во документацијата, заради што била побарана полициската асистенција. Е, сега, на ваквото дилетанско беседење на директорот на УЈП дека институцијата која ја раководи, замислете, не можела цели 18 месеци да изврши налог за контрола, најнормално ќе беше премиерот Груевски веднаш да побара од него одговор на неколку прашања: Зошто даночниците влегуваат со 18 месеци задоцнување, зошто кога уште бил издаден налогот не влегоа со полицајци, како во четвртокот на 25 ноември, за да ја извршат својата редовна финансиска контрола? Или, како е можно вработените во фирмите во зградата на Рамковски цели 18 месеци да се мајтапат со инспекторите на УЈП, односно да ги држат заклучувани во канцелариите во споменатата зграда и притоа да не им ги даваат на увид документите, за на крајот да ги почестат со кафе и да ги измаршираат од зградата! Доколку било така, Груевски требаше да го праша својот функционер, зошто даночните инспектори не повикале во тој момент полиција за да ги спаси? Настрана фактот што при финансиското чешлање на документацијата, до официјалните службени лица никој не смее да се приближи, а камо ли некој да ги заклучува и да ги спречува во извршувањето на задачите.  Меѓутоа, наместо да побара одговор на овие суштински прашања, Груевски, без око да му трепне, се определи да ја замајува јавноста, кажувајќи дека директорот на УЈП е голем професионалец и експерт за таа проблематика и дека ВМРО-ДПМНЕ по победата на изборите во 2006 година води континуирана борба против криминалот. Само што ваквата премиерова изјава има една фалинка, што наметнува најмалку две прашања и за Груевски. Прво, во која нормална земја се смета за професионалец некој што не може, внимавајте добро, цели 18 месеци да реализира отворен налог за финансиска  контрола? И второ, каква е таа континуирана борба против криминалот кога налозите за контрола на фирмите во државата се спроведуваат после 18 месеци?   ПОЛИТИЧКО СЦЕНАРИО ЗА А1 Затоа, премиерот Груевски попрво требаше да побара одговорност од директорот на УЈП, а не да ја фаил неговата професионалност. Произлегува дека УЈП знаела година ипол дека постојат фирми во зградата на Рамковски, кои наводно не ги подмируваат долговите кон државата и работат со некомплетна и фалсификувана документација, а притоа предметот останува закочен цели 18 месеци. Во оваа насока, фалеше само уште Груевски на отворена сцена да ги испофали  даночниците и полицајците, кои, ете, после 18 месеци најпосле собрале храброст за акција, па, да не знае човек дали да се крсти со лева или со десна рака. Се разбира, претходно кажаното има смисла во една претпоставена ситуација, во која премиерот Груевски и навистина  би верувал дека неговата влада посветено и континуирано работи на расчистување на криминалот, без оглед на тоа за кого станува збор. Но, во случајот не е така, бидејќи се работи за политичко сценарио  за неутрализирањето на негативното влијание на А1 Телевизијата за рејтингот на Преродбата во сто чекори. Со еден збор, за упад во зградата на Рамковски не можеше ниту да се помисли, а камоли да се изврши, доколку Рамковски се уште беше во добри односи со Груевски.  Затоа, наивно е да се верува дека УЈП не можела да го изврши налогот за контрола во изминатите 18 месеци, доколку не постоеше селективност во борбата со криминалот водена од политички проценки, каде и кога да се влезе во фирмите поврзани со моќни поединци. А определбата на владеачката структура за расчистување на организираниот криминал со политички сценарија, е всушност причината зошто во овој случај не била побарана полициска асистенција многу одамна, односно, веднаш по првата контрола во фирмите лоцирани во зградата на А1 Телевизијата.   Значи, доаѓаме до главното прашање. Налогот на УЈП за контрола на фирмите во зградата на Велија Рамковски не  бил отворен заради расчистување на евентуален криминал, туку заради периодични посети на даночните инспектори во овие фирми во изминатите 18 месеци, со што на суптилен начин всушност се испраќани заканувачки пораки до Рамковски, за тоа што може да го снајде, доколку неговата телевизија продолжи со критичноста спрема владините политики.  ЗОШТО ДОАЕНКАТА НЕ СИ ГО ПРАШУВА СВОЈОТ ГАЗДА?! Бидејќи таквото своевидно превоспитување на Рамковски во изминатите 18 месеци не вроди со плод, а во услови кога стана јасно дека А1 Телевизијата станува се поопасна за владеачката гарнитура,  во тој момент се изведе наменската акција за божемното справување со криминалот во споменатите фирми. Како што споменав, Рамковски, дури и да е најголемиот криминалец, сигурно ќе беше поштеден од контрола доколку сеуште беше во дружба со Груевски. Патем, да не заборавиме дека Рамковски зад себе веќе има една победа, односно, излезе како победник при споменатиот полициски упад во А1 Телевизијата на тогашната сдсмовска власт во март 2006 година, кој беше изведен дури и без судски налог. Станува се појасно дека  на Рамковски и овојпат му се насменува победата во најновиот дуел, сега со вмровската власт и нејзиниот крајно аматерски потфат од 25 ноември за замолчување на неговата телевизија!  За крај, да споменам дека во целата оваа наменска играрија околу А1 Телевизијата, најсилен впечаток ми остави една од доајенките на македонското новинарство, кога на една национална телевизија се исчудуваше, како е можно еден новинарски бард како Александар Чомовски да стои мирно пред Велија Рамковски, и притоа да нема храброст да го праша својот газда, дали знае дека крадењето од државата или затајувањето на данок од државата и од едно евро е казниво дело, притоа јасно порачувајќи дека сака јасна разлика и дека не сака да биде дел од таа категорија, од оној како што велеше - „блам и срам„. Одлично. Тогаш ја охрабрувам споменатата новинарка да се одважи да го праша нејзиниот газда: Дали знае дека тој е еден од актерите во македонската криминална приватизација што извршија невидено економско злосторство спрема сопствениот народ? Или, дали е дозволиво некој да го стекне богатството како награда за соработката со некогашната сојузна УДБА? Или, како е можно нејзиниот газда во својата компанија да има паралелна тајна полиција од поранешни припадници на СДБ? Или, како е можно нејзиниот директор да директорува со медиум, а да прима плата од тајната полиција!?  Значи, доколку споменатата новинарка собере храброст да ги постави споменатите прашања на нејзиниот газда, уверен сум  дека новата генерација млади новинари со задоволство ќе ја следат нејзината храброст во новинарската работа. Користа од таквиот потфат е немерлива, бидејќи се прави крупен чекор кон изградбата на новинарската професија во посакуваната насока. А, дотогаш,  сонот за објективноста на македонската новинарска дружина и залагањето за создавање на демократска амосфера за медиумите и за новинарите и понатаму останува идеал положен високо на небото, кон кој вреди да се стремиме, иако никогаш нема сосема да го достигнеме.