Апсењето на млекарот Душко и лустрацијата на Трендафил се смислени местенки против власта!


15.10.2010 | 23:18:33 | Колумни


Апсењето на млекарот Душко и лустрацијата на Трендафил се смислени местенки против власта!

Колумна, „Фокус„, 15.10.2010, Јанко Бачев 

Во претпоследниот број на Фокус пишував за правецот во кој Никола Груевски треба да направи суштински измени и дополнувања на Законот за определување  дополнителен услов за вршење јавна функција или попознат како закон за лустрација, доколку македонскиот премиер навистина сака сеопфатна лустрација во смисла на неговото отворено писмо до јавноста од 24 септември 2010 година. Притоа се осврнав и на причините заради кои кај владеачката ВМРО-ДПМНЕ нема политичка волја за вистинска лустрација, пред се, за нивната преголема загриженост од лустрацискиот процес, бидејќи има поголем број функционери кај нив што соработувале со тајната полиција во комунизмот и подоцна во независна Македонија.

Во исчекување, дали јавната порака на Груевски за сеопфатна лустрација ќе добие и своја практична верификација, на домашната сцена се случија интересни настани кои можат и понатаму да го држат закочен лустрацискиот процес, а вистинската мрежа на соработници на тајната полиција да остане нечепната! 

Имено, таман видовме едно охрабрување во отвореното писмо на Груевски, дека во Македонија ќе заживее сеопфатна лустрација со јавни листи до 2010 година, и тоа за секој кој има не само јавна функција, туку и било каква општествено одговорна улога во државата, кога веднаш во јавноста беше пуштена пресметана манипулативна порака, дека соработничките досиеја на Службата за државна безбедност (СДБ) на територијата на Македонија се однесени во Белград. Значи, уште една прекрасна удбашка финта, зад која во позадина стои ВМРО-ДПМНЕ, со цел, во даден момент да го обезбедат потребното алиби, во стилот, ете, ќе го промениме лустрацискиот закон, а дури и премиерот Груевски лично се заложи за сеопфатна лустрација, но, што можеме да сториме кога досиејата се во Белград!? ДОСИЕЈАТА СЕПАК СЕ ВО СКОПЈЕ За жал, овој најнов манипулативен изум за натамошно разводнување на лустрацијата, очигледно дека ги дава посакуваните резултати, бидејќи деновиве станува се појасно дека лустрацијата се изместува од својата вистинска насока. Така, сега сите зборуваат дека е потребно да се бараат досиејата од Белград, па, дали Белград ќе се смилува да ни ги даде досиејата, па, да се разгледаат можностите по пат на сукцесија да се бараат досиејата од Белград... Со еден збор, се наметнува погрешен впечаток дека единствено отворањето на досиејата од Белград ќе помогне за лустрацијата во Македонија, со цел, да успее и овој трик за понатмошно кочење на лустрацијата!  Инаку, во суштина, се се сведува на фактот дека ВМРО-ДПМНЕ не сака вистинска лустрација,  па, затоа, со најновата наменска порака дека досиејата се во Белград, ја продолжуваат забавната лустрациска приказна, која и понатаму треба да претставува голем трик за манипулација со граѓаните. Иако смислата на лустрацијата беше да претставува инструмент за исправање на неправдите од минатото, а не да продуцира нова неправда со амнестирање на постојните кодоши, кои очигледно ниту Господ не може да ги спречи, што ли уште можат да измислат, држејќи ја и натаму Македонија закована за европското дно!  Да одиме по ред. Веднаш да кажам дека е голем грев да се лажат македонските граѓани оти досиејата на соработниците на СДБ на територијата на Македонија се наоѓаат во Белград. Имено, југословенската сојузна СДБ своевремено беше структуирана на начин што паралено постоеја шест служби за државна безбедност, односно, во секоја од Републиките како конститутивни елементи на поранешната југословенска федеративна заедница постоеше посебна СДБ. Дури, после познатиот четврти пленум на Сојузот на комунистите на Југославија во 1966 година, кога се расчистуваше со т.н. бирократски - догматизам и технократски елементи, беше реформирана и СДБ на тогашната СФРЈ, при што републичките СДБ добија целосна самостојност.  Значи, сите оперативни материјали за безбедносно-интересни сознанија и податоци, како и соработничките мрежи на териториите на поранешните југословенски републики беа архивирани во републичките СДБ. Така, на подрачјето на Македонија, споменатите оперативни материјали се чувани во аналитичкиот одел на македонската СДБ. А, раководствата на шесте републички СДБ, како и тогашните секретари на републичките секретаријати за внатрешни работи, со интерен акт – телеграм, ја информираа во Белград сојузната СДБ за безбедносно-интересните појави од своето подрачје. Со еден збор, досиејата се чуваа во републичките СДБ, и затоа треба да престане големата манипулација дека досиејата се во Белград. Во краен случај, ваквите лаги дека досиејата се во Белград, се навредливи и за самите припадници на СДБ, кои педесетина години во социјализмот работеле во македонската тајна полиција!  ЧИСТЕЊЕ НА ДОСИЕЈА Затоа, македонските граѓани не треба да наседнат на овој трик и здраво за готово да ги прифатат манипулативните тврдења дека македонските досиеја на СДБ се во Белград. А медиумите имаат одговорност сега да пројават интерес за да ја отстранат оваа конструирана заблуда кај македонските граѓани. За волја на вистината, тука само да  додадам дека во 1994 година веќе имаше еден бран на прочистување на соработнички досиеја, но, живи и здрави  се луѓето што знаат што е уништено. Во оваа насока, не гледам ниту една причина и Љ.Д. Фрчковски, како тогашен министер во МВР, да не укаже на некои мошне интересни личности од соработничките списоци!  Инаку, во јавноста погрешно се става равенство помеѓу термините КОС и УДБА (СДБ), иако станува збор за две посебни служби во рамките на поранешната СФРЈ. Заради подобар преглед, само кратко хронолошко потсетување. Со наредба на врховниот командант Ј. Б. Тито од 13 мај 1944 година, при Националниот комитет за ослободување на Југославија, основано е Одделение за заштита на народот (ОЗНА), со надлежност за офанзивна разузнавачка работа спрема странство и неслободните територии и контраразузнавачка заштита на ослободените територии. Во составот на ОЗНА, формиран е трет одсек за контраразузнавачка заштита на оружените сили на Народно ослободителната војска (НОВ), односно, за борба против непријателските елементи, шпиуни и диверзанти уфрлени во НОВ. После донесувањето на Уставот на Федеративна Народна Република Југославија од 31 јануари 1946 година, ОЗНА е реорганизирана, а најголем дел од нејзините работи ги презема Управата за државна безбедност - УДБ, која е формирана во состав на тогашното југословенско министерство за внатрешни работи. Нешто подоцна, на 13 март 1946 година, се укинува споменатиот трет одсек на ОЗНА и од него се формира војна служба за безбедност под назив Контраразузнавачка служба - КОС, како самостојна служба. На 1 март 1948 година, КОС влегува во состав на Генералштабот на Југословенскат армија како негова 12-та управа. На 23 март 1955, КОС е преименуван во Орган за безбедност, и од ГШ на ЈНА преминува во Државниот секретаријат за одбрана - ДСНО (покасно Сојузен секретаријат за народна одбрана - ССНО). Во организацискиот состав на ДСНО (ССНО) постоеше Управа за безбедност, а органи за безбедност беа во формацискиот состав на командите, единиците и установите на војската и ССНО.  Значи, од краткиот историјат се гледа дека КОС отсекогаш бил воено-разузнавача служба со задача да ја штити тогашната СФРЈ од контрареволуционерното загрозување и поткопувањето на нејзината воена и одбранбена моќ. Додека, пак, УДБА (СДБ), како т.н. цивилна служба во системот на државната безбедност, во поранешна Југославија имаше задача да се справува меѓудругото и со т.н. внатрешни непријатели, односно, со идеолошките противници. Оттука, оформените досиеја за лица од идеолошко-политички причини кои се предмет на лустрацијата, се водени од СДБ, а, како што споменав, тие досиеја отсекогаш се чувани во републичките СДБ! ПЕРВЕРЗНА ЛУСТРАЦИЈА Значи, од аспект на Македонија, досиејата на лицата кои со кодошење  вршеле и сеуште вршат државни функции во Македонија, се во Скопје, а не во Белград. Поточно, досиејата се во историската архива на Четвртата управа на сегашната УБК. ( покрај оперативна, УБК има и историска архива). Сега е потребна само искрена  политичка волја, за граѓаните најпосле да го добијат одговорот на прашањето: Кои се луѓето што со кодошење вршеле и сеуште  вршат општествено одговорна улога во државата?  За почеток, покрај најавените измени на лустрацискиот закон, би било добро премиерот Груевски, кој прв поднесе изјава дека не бил соработник со тајните служби, да ја повлече изјавата, а истото по него да го сторат и останатите триста функционери на кои лустрациската комисија им издаде уверенија за несоработка со СДБ, со цел, процесот одново да почне, кога веќе  и самиот премиер призна дека имаме лустрациски закон со вграден дефецт!  Во спротивно, кого ќе лустрираме од високата политика, доколку триста функционери веќе имаат чисти досиеја!? Доколку мислат дека лустрацијата треба да заврши со Трендафил Ивановски од Уставниот суд, и попатно со еден до двајца пратеници, тогаш граѓаните сигурно нема да прифатат една таква навредлива, селективна, перверзна и антицивилизациска лустрација!  Патем, кој ли само толку аматерски го советуваше Груевски да ја започне лустрацијата со споменатиот Ивановски, во услови кога целата јавност е сведок на вулгарната расправија помеѓу Владата и Уставниот суд? Дури, Груевски да  имаше и еден куп докази дека Ивановски бил најголемиот кодош, сепак, за него политички опортуно ќе беше лустрацијата да ја започне со некој од своето опкружување. Како, на пример, од тројцата кодоши во владата, двајцата советници на претседателот Ѓорѓе Иванов, или, пак, од некој од седумте претседатели на политички партии во неговото коалициско друштво, чии партии се креација на тајната полиција. Вака, Груевски доживеа уште еден политички удар од своите советници, дотолку повеќе што за јавноста веќе е јасно дека случајот со Трендафил Ивановски е смислена местенка за негово оцрнување. Се виде дека нема ниту еден елемент  во прилог на тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека Ивановски соработувал со СДБ - нема писмен документ за соработка со СДБ, нема жртви и оштетени страни, не добил унапредување во кариерата оти во тој период бил сеуште малолетен ученик, и нема доказ за свесна соработка. Со еден збор, нема дело (лустрација) во смисла на член 4 став 4 од лустрацискиот закон!  ПАК ЌЕ СИ ИМАМЕ УДБА! На страна фактот што во тоа време (1964 г.) малолетниот Ивановски бил изложен на притисок и тортура во подрумите на СДБ. А, при примена на т.н. мерка расчистување од страна на УДБА, кога на случаен минувач би му било дозволено да ги види просториите каде е применувана оваа мерка, уверен сум дека ќе помисли дека излегува од салите на Институтот за судска медицина. Значи, најтврдокорни ворасни лица пропејувале при примената на мерката расчистување, а камоли малолетници, за кои секој полицаец од било која полициска станица ќе ви каже дека се доволно два-три шамари да се помочат и да рецитираат!  Значи, случајот со Ивановски сериозно треба да го загрижи премиерот Груевски, кој сега треба да ја врати правната држава еден чекор назад. Дотолку повеќе, во ВМРО-ДПМНЕ како да не им беше доволна грешката во чекори и со битолскиот фармер Душко Илиевски, кај кого јавноста исто така ја прочита местенката и застана во негова одбрана. Повторно некој аматерски го посоветувал Груевски, бидејќи и под претпоставка битолскиот фармер да бил најголемиот дилер на дрога, воопшто не беше политички опортуно да се апси во моментот кога Илиевски лепеше плакати со навредлива содржина за Груевски. На страна фактот што во случајот со Душко Илиевски се работи за исклучително чесна личност, со кого имав многу добра соработка, кога своевремено Народно движење за Македонија изготви и поднесе во Собранието предлог-закон за обештетување на оштетените млекари од Сведмилк. Патем да споменам дека повратно собранискиот спикер, Трајо Вељановски, не информираше дека нашиот законски текст им го поделил на сите пратеници, но, зачудувачки е што до денешно време споменатиот законски текст останува закочен во собраниските фиоки!? Затоа, најискрено му порачувам на Груевски, во контекст на катастрофалните грешки во случајот со споменатите Ивановски и Илиевски, да размислува за проветрување на својот советнички тим, доколку, се разбира, не сака да се остварат прогнозите дека Преродбата во сто чекори ќе се сруши самата одвантре. Како поука и фактот што, после конструираната местенка со битолскиот фармер Илиевски, подготвен сум за опклада, со било кој од портокаловите, дека Битола за нив е изгубен град на следните избори!  За крај, во контекст на најавеното спојување на УБК и Агенцијата за разузнавање, замислете, новата македонска шпионска служба ќе се викала Управа за државна безбедност - УДБ. Значи, свесно, организирано и континуирано зачувување на традицијата на југословенска тајна полиција, која, како што споменав, од 31 јануари 1946 година се формирала под назив УДБ. За разлика од соседните земји, кои ги преминуваа своите шпионски служби од УДБ со некои нови називи во духот на новот време, како на пример - СОВА, СОА, ЕУП, АНБ, ШИШ, ОСА,ОБА, БИА..., кај нас во Македонија и понатаму останува називот УДБ. Преостанува, значи, и формално-правно да се воведе уште линијата на работа во УБК - македонски екстремизам и врховизам заради прогонот на политичките неистомисленици!