Бројот на Албанците во некои министерства надмина и 40 отсто!


03.09.2010 | 23:13:23 | Колумни


Бројот на Албанците во некои министерства надмина и 40 отсто!

Колумна, „Фокус„, 03.09.2010, Јанко Бачев 

Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 16 ноември 2001 година, усвои петнаесет амандмани на македонскиот устав, со цел, целосно операционализирање на таканаречениот рамковен договор од 13 август 2001 година. Со амандманот шест, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија беше утврдена и соодветната и правичната застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа.

Меѓутоа, иако правичната и соодветната застапеност е утврдена како придобивка за сите заедници во Републиката, сепак, во реалноста, оваа придобивка се сведе на достигнувањето на 25,17 отсто македонски Албанци во администрација. Затоа, секој месец редовно го слушаме познатиот рефрен: Вработени се уште државни службеници - Албанци согласно Рамковниот. Според албанските политички субјекти во државата, и по девет години од Рамковниот, евидентно било неговото нереализирање, бидејќи албанското малцинство сеуште било далеку од 25,17 отсто застапеност во органите на државната власт!

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како најодговорни за состојбите во изминатите дваесетина години, ваквото тврдења на албанските политички субјекти го прифаќаат како апсолутна вистина. Дури, од ВМРО - ДПМНЕ и СДСМ изразуваат и едно охрабрување до Албанците, порачувајќи им дека рамковниот договор, кој, преку амандманите е вграден во Уставот, целосно ќе биде имплементиран во сите сегменти на општественото живеење, вклучувајќи ја и соодветната и правичната застапеност на Албанците, која доследно ќе се спроведела во сите државни органи. Не ги пропуштаат ниту манипулативните флоскули, дека ќе работат на промена на начинот на политичка регрутација на припадниците на малцинските заедници во администрацијата, за да се избегне опасноста од нејзина целосна партизација!

ШОКАНТНИ ПОДАТОЦИ

Во овој контекст, премиерот Груевски, по повод најновиот, редовен месечен контигент на рамковни вработувања на Албанците во државните органи, на 19 август рече дека Рамковниот бил општо прифатено начело од сите и дека мора да се спроведува. Значи, и премиерот Груевски сметал за потребно лично да ги охрабри македонските Албанци, дека владата посветено работи на достигнување на застапеноста од 25,17 отсто административци - Албанци во органите на државната власт. Се разбира, премиерот во една држава треба да се почитува, и да му се верува, но, бидејќи се работи за прашање кое задира длабоко во македонските национални интереси, направив обид да ѕирнам малку одблиску, за реално да ја согледам моменталната застапеност на припадниците на албанското малцинство во некои од органите на државната власт.

Веднаш да кажам дека наидов на шокантни податоци. Едноставно, не е за верување состојбата со  соодветната и правичната застапеност на македонските Албанци во некои од органите на државната власт, а во услови на нивно речиси секојдневно лелекање пред официјалните домашни и меѓународни фактори за недоволната застапеност во администрацијата, во смисла на нивната бројност од 25,17 отсто од населението во државата.

Инаку, албанските политички субјекти инсистираат на процентот од 25,17 отсто застапеност во администрацијата, бидејќи, како резултат на политичките сценарија од 2001 година, албанското малцинство се стекна со колективни права врз принципот на процент од 25,17 отсто, а не како граѓани што треба да ги уживаат гарантираните индивидуални човекови права и  слободи. За потребите само на оваа колумна ја земам предвид официјапната бројка од 25,17 отсто Албанци во државата, бидејќи за мене е расчистена дилемата во однос на нивната реална бројност. Од приложените факти и докази кон кривичната пријава на Народно движење за Македонија од 24 септември 2009 година до Државното обвинителство за фалисфикување на пописот од 2002 година, јасно произлегува дека Албанците се околу 17 отсто од населението!

Значи, и во претпоставена ситуација на 25,17 отсто Албанци во државата, податоците што сакам да ги споделам во однос на нивната моментална застапеност во органите на државната власт, можат да предизвикаат сериозни последици и немерлива штета за македонскиот народ и држава. Така, спротивно на кажувањата дека Рамковниот останува нереализиран во делот на соодветната и правичната застапеност на албанското малцинство, произлегува поразителниот податок дека во одредени државни органи процентот од 25,17 административци - Албанци не само што е достигнат, туку во моментов значително е надминат. Интересно е што засега нема никаква реакција од овластените органи за грижа на соодветната застапеност на етничките заедници за ова флагратно излегување вон рамката на т.н. рамковна спогодба во корист на албанското малцинство!

ПРИВРЕМЕН ПРЕКИН НА РАМКОВНИТЕ ВРАБОТУВАЊА

Еве како изгледа застапеноста на македонските Албанци во некои од владините министерства: Во министерството за локална самоуправа бројот на административци - Албанци изнесува 28,01 отсто, а, внимавајте, нема ниту еден од турското, српското, ромското и влашкото малцинство. Патем, да споменам дека од овие малцински групи нема ниту еден и во администрацијата на толку споменуваната Државна комисија за спречување на корупцијата, но, за разлика од нив, процентот на административци - Албанци изнесува 29,4 отсто. Нема подобра потврда од ова, дека востановената уставна привилегија за соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници во Републиката, во реалноста се сведува на борбата за што поголема застапеност само на припадниците на македонските Албанци во администрацијата.

Понатаму, во министерството за култура, дури 48,6 отсто се административци - Албанци, во министерството за образование и наука 36 отсто, додека, пак, во министерството за здравство нивната застапеност е 37 проценти. Во овој контекст, ништо подобра не е состојбата ниту во македонската Влада. Така, во Генералниот секретаријат на Владата, 42,1 отсто се административци - Албанци, а во владиниот Секретаријат за спроведување на рамковниот договор, внимавајте, дури фантастични 90,02 отсто се административци - Албанци, односно, од 899 вработени, 802 се Албанци, а од другите заедници има само двајца Срби и Власи!

Споменатите поразителни податоци со застапеноста на албанското малцинство во некои од државните органи, сигурно ќе предизвика вчудоневиденост од леснотијата изречена од ВМРО - ДПМНЕ и СДСМ, дека доследно ќе се залагаат за остварување на процентот од 25,17 отсто Албанци во администрацијата, и, на тој начин, како што велат, ќе ги јакнеле демократските капацитети на државата, иако во заднина нивните колеги од албанските политички субјекти, тивко и ненаметливо, во некои од државните органи веќе го изедначиле процентот на нивна застапеност, дури и со Македонците!

Затоа, премиерот Груевски во името на македонскиот народ, мора да издејствува привремен прекин на востановената практика, секој месец да се врачуваат решенија за вработување на Албанци според Рамковниот, најмалку заради следните две причини: Прво, потребно е да се сочека исходот од споменатата кривичната пријава на НДМ за фалсификување на пописот од 2002 година, со кој Албанците лажно беа прикажани дека се 25,17 отсто, за да се задоволи потребата на рамковниот договор, кој предвидува Албанците да ги добијат правата само ако учествуваат со над 20 отсто од населението. Второ,  да се сочека обелоденувањето на резултатите од најновиот попис на населението, кој треба да се спроведе во април 2011 година!

ПРАВОБРАНИТЕЛОТ ГО КРШИ ЗАКОНОТ

Да не бидам погрешно разбран, јас не сум против ничие право на вработување, бидејќи ние и понатаму ќе живееме заедно со албанското малцинство и останатите малцински групи во државата. Намерата ми е да спречам несакани последици, доколку дополнително, со окончувањето на кривичната постапка, или, пак, од резултатите на пописот во април 2011 година се потврди дека бројноста на македонските Албанци е околу 17 отсто. Во такви услови, македонскиот народ ќе побара ревидирање на застапеноста на Албанците во администрацијата, односно, нивно сведување на 17 отсто.

Искрено, верувам дека премиерот Груевски ќе се увери дека не ставањето привремен мораториум на рамковните вработувања е авантура или во најмала рака недозволиво. Кога веќе промовираме концепт на застапеност во администрацијата врз основа на процент на малцинските групи, тогаш да го сочекаме резултатот од пописот во 2011 година.

Во контекст на застапеноста на македонските Албанци во администрацијата, да ја споменам нивната застапеност од 39,1 отсто во Народното правобранителство, иако на оваа институција се осврнувам од една друга, многу посуштествена причина. Имено, откако синтагмата - соодветната и правичната застапеност на етничките заедници во државата стана уставна категорија, согласно законот, институцијата Народен правобранител, со која раководи Иџет Мемети, доби законско овластување да се грижи за соодветната и правичната застапеност на етничките заедници. Во случајот со Албанците, да се достигне процентот од 25,17 отсто застапеност во органите на државната власт. Бидејќи во некои од споменатите министерства, линијата од 25,17 отсто административци - Албанци е недозволиво пречекорена, произлегува дека Иџет Мемети директно ја крши својата законска обврска, да се грижи за соодветната и правична застапеност на етничките заедници во органите на државната власт, односно, да настојува сите малцински групи во државата да дојдат до процентот утврден за секој од нив, според последниот попис од 2002 година. На страна фактот што, освен за Албанците, Мемети не сака ниту да помисли, а камоли да преземе нешто за заштитата на останатите малцински групи во државата, чија застапеност во органите на државната власт е катастрофална!

За упатените, ваквото однесување на Иџет Мемети е очекувано, дури, како наближуваат вонредните парламентарни избори во март 2011 година, се позабележливо ќе биде дека ветената непристрасност при неговиот избор во македонското собрание ја нема. Не случајно, Иџет Мемети се почесто реагира за случаи кои го тангираат само албанското малцинство во државата и кои можат да ја оптоварат македонската политичка реалност, односно, да доведат до заострување на меѓуетничките односи!

ДАЛИ ИЏЕТ МЕМЕТИ ДАЛ ИЗЈАВА ДЕКА НЕ БИЛ КОДОШ?

Така, Мемети деновиве искажува вознемиреност за предлог - законот за кривичната постапка, бидејќи овој закон наводно е против албанскиот јазик, односно, ги крши правилата за употреба на албанскиот јазик, иако ваквото негово тврдење не кореспондира со вистината. Понатаму, Мемети бара слобода за обвинетите за Сопот, надевајќи се, како што вели, на независно судство, со што ја подгрева атмосферата со неговата јасна алузија дека судството во Македонија е зависно. На тој начин врши и директен упад во судската власт, обвинувајќи го судството за неисправни одлуки, иако, според законот, Народниот правобранител  е орган кој ги штити правата на граѓаните кога им се повредени само од органите на државната управа. Или, пак, бранувањето на домашната јавност од негова страна, дека судовите во Македонија не се компетенстни за Хашките случаи, и дека отворањето на вратените процеси од Хаг е кршење на човековите права.

Значи, ваквото негово однесување, како и споменатото негово нереагирање на  флагрантото кршење на начелото на соодветната и правичната застапеност во корист на македонските Албанци во администрација, го прави Иџет Мемети заложник на политичката стратегија на албанското малцинство за редефинирање на државата и менување на нејзиниот унитарен карактер.  Впрочем, Иџет Мемети веќе создава клима за такво нешто, бидејќи соодветната и правичната застапеност ја разбира на начин што ќе овозможи максимална застапеност на административци - Албанци, иако тоа е вон рамката утврдена со т.н. рамковна спогодба.

Затоа, крајно време е пратениците на ВМРО - ДПМНЕ и СДСМ, во смисла на член 9 став 1 алинеа 5 од Законот за Народниот правобранител, да отворат собраниска расправа за работата на Иџет Мемети, заради утврдување на несовесно и пристрасно вршење на функцијата народен правобранител. Само така ќе покажат спремност, институционално да ги бранат националните интереси, честа и достоинството на македонскиот народ и сите македонски граѓани, дотолку повеќе што Народниот правобранител работи против интересите и на Турците, Србите, Ромите, Бошњаците и Власите. Како поинаку да се протолкува неговото нереагирање на пречекорување на процентот од 25,17 отсто административци - Албанци во одредени органи на државната власт и неговата индиферентност во врска со катастрофалната застапеност на останатите малцински групи во државата, иако во смисла на член 29 од Законот за Народниот правобранител е должен да обезбеди почитување на соодветната и правичната застапеност на припадниците на сите заедници!?

На крај, уште да го прашам Иџет Мемети, дали народниот правобранител, неговите заменици и раководните државни службеници во оваа институција постапија по законското задолжување, да достават писмени изјави до Комисијата за верификација на факти дека не биле соработници на тајните служби?