Државни вработувања со празен буџет


09.09.2010 | 23:11:46 | Колумни


Државни вработувања со празен буџет

Веб колумна, 09.09.2010, Драган Живковиќ

Сите досегашни влади во Р.Македонија по терк на воспоставената практика на своите претходници, во предизборието се повикуваа на темелни промени во државата како основа во своите политички програми. Ветуваа длабоки и темелни реформи во здравството, образованието, земјоделието и сите останати сегменти во државава,  помеѓу другото и нешто на што би сакал посебно да се осврнам во овој текст.

Создавањето на мал но ефикасен државен апарат кој ќе биде во функција на квалитетен сервис на граѓаните, како што впрочем постои и функционира во многу држави во светот.

За жал морам да констатирам дека и со оваа влада се случува тоа од што сите ние, обичните граѓани  стравувавме. Не само што не се намали бројот на државни службеници, туку напротив, тој број се зголеми за 5000 според тврдењето на владата и 30.000 според твдењето на опозицијата. Во еден од моите претходно напишани текстови дадов краток осврт за овие случувања во државава, што за жал сега и со бројки се потврдија како вистинити. 

Бројката од 5000 вработувања што ја објави  владата , ги оправдува со веќе постоечките државни службеници кои имаа статус на привремено вработени, а под притисок на Брисел се стекнаа  со решенија за стален работен однос. Би ги запрашал господата од владата,  зарем тоа не се сведува на едно исто ? Зарем тоа не се нови вработувања како и да ги прекрстиме? Истите тие земаа државни плати и како привремено а ќе ја земаат и како редовно вработени, со таа разлика што им направија услуга решавајќи им го конечно статусот на стално вработување. И волкот сит и овците на број. Ако во прилог на ова додадеме дека од зацртаниот буџет за годинава од 2,5 милијарди евра, за плати и придонеси на државниот апарат се одвоени околу 330 милиони евра народни пари, во услови на тешка економска криза, а за возврат добиваме неефикасна и пренатрупана државна администрација, се наметнува прашањето која е впрочем заложбата на оваа и сите претходни влади? За периодот од десетина години бројот на нововработени во државната администрација е зголемен за околу 60.000 и сега брои некаде околу 120.000. Се вбројуваме во државите со најгломазна и најнеефикасна администрација во Европа. За да трагедијата по овој намачен и економски исцрпен народ биде уште поголема, најголемиот дел од овие вработувања се по партиски клуч. Не би сакал да се повторувам (со оглед на тоа дека веќе пишував за ова во мојата претходна веб-колумна), елаборирајќи поопширно за вршењето дискриминацијата на останатите високообразовни и стручни кадри кои не припаѓаат на владеачките структури. Штетите од ваквата пракса се многу сериозни и со несогледиви последици за целата држава.  Државната администрација која треба да биде мала, ефикасна и професионална, што подразбира вработувања предвидени со законските критериуми за стручност и запазување на целосната законска регулатива за прием на државни службеници, прерасна во нешто сосема спротивно од тоа. Имаме гломазен државен апарат со администрација која не ги задоволува пропишаните стандарди за ефикасност во работењето, масовни вработувања по партиски критериуми за стручност  на кадрите во кои влегуваат со одреден процент и рамковните, огласи за вработување на државни службеници за работни места кои досега не се сретнати во ниту една систематизација, (пр.помлад соработник за работи поврзани со министерот),  и како последица на сето ова ја добиваме равенката:   гломазен, скап државен апарат = неефикасен сервис на граѓаните.     Со оглед  на отежнатиот буџетски прилив на финансиски средства  во еден подолг временски период, поради лошата економска состојба во која се наоѓаме, здравата економска логика наложува рационализација на трошењето на буџетските пари по сите основи во државата. Тоа секако подразбира  и замрзнување на новите вработувања во државната администрација, што за жал не го практикува сегашната влада и со тоа непотребно го оптоварува рекордно слабиот буџет. Загрижува фактот што и покрај сите добронамерни критики за лошите состојби во државата од страна на нас граѓаните, политичките партии и меѓународните фактори, владата едноставно не покажува слух ниту желба за нивно отсранување.  Длабоко во себе чувствувам голема загриженост за севкупната состојбата во која се наоѓаме. Здравството ни е во колабс, луѓе  умираат по улиците и своите домови а никој не ја превзема одговорноста за тоа; на десетина дена пред почетокот на учебната година образованието го тресе аферата со смешните учебници, неизградени и руинирани училишта, а одговорните за тоа не ја прифаќаат вината; стопанството мака мачи да го задржи нивото на ,, позитивна нула,, и е приморано да ги отпушта дел од вработените, владата го празни буџетот со нови државни вработувања и скапи проекти и повторно нема кој да ја понесе одговорноста; се врши  контрола и притисок врз медиумите  за да се задскрие темната страна во нивното владеење..........................

Јас сум сериозно загрижен за иднината на Македонија, а Вие?