Зошто Европската унија го одби барањето на Косово за независност во 1991 година!?


13.08.2010 | 23:01:42 | Колумни


Зошто Европската унија го одби барањето на Косово за независност во 1991 година!?

Колумна, „Фокус„, 13.08.2010, Јанко Бачев 

Во очекување на септемвриското заседание на Генералното собрание (ГС) на Обединетите нации, советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата (МСП) во врска со еднострано прогласената независност на Косово и понатаму предизвикува интерес во домашната и меѓународната јавност. Затоа, во оваа прилика ќе се осврнам на  дилемата околу издржаноста на правното стојалиште на МСП, дотолку повеќе што пишувањето за било кое меѓународно-правно прашање ми претставува посебно задоволство, бидејќи јавноста најповеќе ме препознава преку пишувањата за безбедносни прашања, иако потесна стручна специјалност, односно, моето научно звање е токму од областа на меѓународното право.

Познато е дека МСП на 22 јули 2010 година, на барање на ГС на ОН, а по иницијатива на Србија, одговори на прашањето: Дали едностраната декларација за независност на Косово, која на 17 февруари 2008 година ја прогласија привремените институции на покраинската самоуправа во Приштина, е во согласност со меѓународното право? Притоа, претседателот на МСП, јапонскиот судија Хисаши Овада, во име на судот изјави дека косовската декларација за независност не е во спротивност со меѓународното право, односно, дека тоа право не содржи забрана за такви декларации. После судското мислење започна една наменска игра со зборови, во смисла на тоа дека не било добро формулирано прашањето од српска страна, па дека судот го третирал прашањето на косовската декларација како правен инструмент, а не како прашање на право на отцепување и последиците од тој чин... Меѓутоа, мнозинството судии во МСП кои застанаа зад одлуката, се определија мошне прозирно да ја заобиколат својата обврска да дадат јасен одговор во однос на правото на самоопределување на жителите на Косово, иако косовска декларација за независност е донесена од официјални институции и ја отсликува востановената сецесија од страна на една национална група. И, тоа не случајно, бидејќи косовската независност значи кршење на неколку правно втемелени принципи на меѓународното право.

ДИСОЛУЦИЈАТА НА СФРЈ Имено, правото на самоопределување е основно јус когенс меѓународно правило, бидејќи ја претставува основата на која народите се формираат како независни држави. Така, преку принципот на еднакви права и самоопределување на народите востановен со Повелбата на ОН и други меѓународни документи, сите народи имаат право слободно да одлучуваат, без надворешно мешање, кој ќе биде нивниот политички статус и да го остваруваат нивниот економски, социјален и културен развој, и секоја држава има должност да го почитува ова право во согласност со правилата на меѓународното право. Откако со завршетокот на процесот на деколонизацијата се чинеше дека е дојдено до своевидна потрошеност на правото на самоопределување, со радикалните промени кон крајот на осумдесетите години на минатиот век и распадот на комунистичките системи, повторно дојде до актуелизирање на ова право во случајот со распаѓањето на трите федерации (СССР, СФРЈ и Чешкословачка). Така, во контекст на косовската независност треба да се спомене дека принцпиот на самоопределување беше особено нагласен и во решавањето на прашањата поврзани со дисолуцијата на СФРЈ. ЕУ, преку тогашна Арбитражана (Бадинтерова) комисија, при дисолуцијата на СФРЈ конструира меѓународна согласност, дека правото на самопределување не може да доведе до промена на границите кај федералните единици, и затоа нивните административни граници кои постојат во моментот на стекнатата независност, стануваат државни според принципот ути поссидетис јурис. Доколку, пак, во рамките на една држава постои една или повеќе конститутивни групи, една или повеќе етнички, верски, јазични заедници, овие групи имаат, во согласност со меѓународното право, право на признавање на нивниот идентитет. Значи, во случајот со СФРЈ, меѓународната заедница во тоа време застана на ставот дека народите во поранешна Југославија кои уживаат конститутивен статус не се малцинства, и, следствено на тоа, имаат право на самоопределување. Впрочем, ЕУ со декларација од 16 декември 1991 ги повика југословенските републики да поднесат барање најкасно до 23 декември, доколку сакаат да добијат меѓународно признание. Во определениот рок, пријава за признавање освен Словенија, Хрватска, БиХ и Македонија, поднесе и Косово, но, косовското барање не беше разгледувано, бидејќи Косово немаше конститутивен статус, односно, не беше република, согласно тогашниот југословенски устав.  А, жителите на покраината Косово ниту во СФРЈ, ниту подоцна во рамките на Србија, никогаш не уживале стаус на конститутивен народ, заради што, внимавајте, ЕУ своевремено одби да им признае право на самоопределување!  НИТУ ЕДНА ГРАНИЦА ВЕЌЕ НЕ Е СИГУРНА Во оваа насока, според осмиот принцип од завршниот акт од Хелсинки, правото на самоопределување се однесува на народите во суверени држави и ова право не се однесува на националните групи, бидејќи тие групи се содржани во седмиот принцип од споменатиот Хелсиншки акт, и во тој смисол не им припаѓа правото на самоопределување, туку малцински права. Оттука, дуплирањето на правото на самоопределување на еден народ (Албанците еднаш веќе го остварија ова право во рамките на Албанија) крие во себе опасен преседан во решавањето на малцинските права и територијалните спорови во светот, а косовската сецесија доведува до тоа повеќе ниту една граница да не е сигурна! Затоа, Светската организација на претстојната септемвриска сесија, во контекст на прогласената косовска независност ќе биде ставена во една невозможна ситуација, да биде сведок на рушење на сите меѓународни принципи и правила  што претходно ги градеа. Во оваа насока, станува јасно дека Србија ќе биде во една тешка мисија да ја помине својата резолуција со која бара сите спорни прашања, вклучувајќи го и одредувањето на статусот на Косово, да се решат во еден преговарачки процес, иако го има неспорното и со ништо неотуѓиво меѓународно правно признато - право на територијален интегритет и политичка независност, забраната на сецесија на дел од територијата на една држава без нејзина согласност и резолуцијата 1244 на СБ, која го гарантира нејзиниот територијален интегритет. Заслужува разјаснување и погрешната перцепција што се создава во јавноста околу постапката за евентуалниот прием на Косово во ОН. Имено, одредени домашни медиуми, повикувајќи се на дипломати кои сакале да останат анонимни, деновиве зачестено информираат дека до септември, кога треба да заседава ГС на ОН, Косово ќе настојува да добие преку 100 признавања (до сега има 69), односно, да обезбеди признавање од најмалку две-третини од државите членки на ОН, со што му се овозможува да побара членство во ОН. Меѓутоа, пропуштаат од вид дека Генералното собрание на ОН, на 22 ноември 1949 година, има побарано советодавно мислење од МСП - дали според правилото 4 (2) од Повелбата на ОН може една држава да се прими во членство на ОН со одлука на Генералното собрание, доколку Советот за безбедност не донел препорака за прием поради немање потребно мнозинство или ако еден постојан член на СБ гласал против резолуцијата со која се препорачува нејзин прием? Притоа, МСП одговорил одречно и воопшто не се двоумел околу ова прашање. Според судот, на одлуката за прием на една држава во ОН мора да претходи препорака од Советот за безбедност и овие две работи - препорака на СБ и одлука на ГС, се неопходни да дојде до нејзин прием во членство во ОН!  ВЕТО ОД РУСИЈА И КИНА?! Споменатото советодавно мислење на МСП е побарано од страна на Генералното собрание, бидејќи, приемот на нови членки во ОН доведувал до сериозни несогласувања помеѓу постојаните членки на СБ, речиси уште со стапувањето во сила на Повелбата на ОН на 24 октомври 1945 година. А, поинаку и не можело да биде со оглед на востановениот светски поредок, кој во тој момент почиваше на биполарната структура на моќ во корист на САД и тогашниот СССР. За време на студената војна, поранешниот СССР го спречуваше приемот на некои земји во членство во ОН, притоа не тврдејќи дека тие земји не ги исполнуваат условите за прием, туку го условуваше гласањето за нивниот прием со истовремено примање во членството на неговите сојузнички држави, а на чие зачленување се противело прозападното мнозинство предводено од САД.  Значи, со оглед на споменатите услови за прием во ОН - препорака на СБ и одлука на ГС, кои се неопходни,  работите прилично се усложнуваат во напорите на косовските власти да ја заокружат својата државност со приемот во ОН. Доколку Косово поднесе барање за прием во ОН, Советот за безбедност ќе го разгледува таквото барање, но, препораката за прием мора да биде потврдена од најмалку девет од 15-те членки на СБ, под услов ниедна од петте постојани членки на ОН да не се противи на приемот на Косово. Е, сега,  со оглед на тоа што Русија е постојана членка на СБ со право на вето, и јасен подржувач на територијалниот интегритет на Србија во смисла на резолуцијата 1244, тогаш, Косово, колку и да обезбеди признавања, повторно би останал надвор од светската организација, доколку, се разбира, Русија остане доследна на својот став. Патем, и Кина како постојана членка на СБ со право на вето, е со став налик на оној на Русија. Од друга страна, во една претпоставена ситуација, Косово дури и да стане членка на ОН, тоа не значи дека по автоматизам е призната од сите членки на светската организација, бидејќи не постои правило во Повелбата на ОН или изградено меѓународно обичајно право, кое бара, држава-членка на ОН која не врши индивидуално признавање, да го направи тоа и да влезе во билатерални односи со државата при нејзиниот прием во членство во ОН!  Значи, во споменатиот маневарски простор, Србија ќе се бори да го зачува Косово, а Косово, пак, ќе се стреми да стане членка на ОН и на тој начин најсилно да ја докаже својата државност, бидејќи, според некои автори од областа на меѓународното право, приемот во светскиот дипломатски и политички центар - ОН, претставува всушност и т.н. колективно признавање.  МСП, преку своето советодавно мислење за косовската независност, се обиде во една завиена форма да го прикрие одбегнувањето да се произнесе за сецецијата на Косово, притоа задржувајќи се само на декларацијата како правен инструмент. Патем да споменам дека МСП, како еден од шестте главни органи на ОН, според неговиот статут е составен од петнаесет независни судии, личности со високи морални особини, кои ги имаат кфалификациите потребни во своите земји да заземаат највисоки судски звања, или се признати како правни стручњаци. Истовремено, овие судии не може да вршат никакви политички должности, ниту може да вршат некое друго занимање од професионална природа!  ПРАВО ИЛИ МОРАЛ? Верувам дека ви звучи премногу познато, бидејќи, на пример, и македонските уставни судии се избираат од редот на истакнати правници и не можат да вршат политички должности, но, според нивните одлуки, не секогаш оставаат впечаток дека се политички непристрасни и истакнати познавачи на правото.  Инаку, од разбирливи причини, владеачките претставници од редот на Македонците не беа премногу волни да го коментираат советодавното мислење на МСП. Од друга страна, домашната експертска и политичка јавност со различни толкувања во однос на споменатото судско мислење. За едни советодавното мислење на МСП е праведно, а за други тоа претставува политичка одлука донесена под влијание на моќни држави на светската сцена што ја подржуваат независноста на Косово. Меѓутоа, како и да е, и кај едните и кај другите се се сведува само на вербални квалификации, без притоа да и се понуди на јавноста некое подетално правно образложение во однос на суштинското прашање - дали жителите на Косово кои уживаа статус на национална група во рамките на Србија имаат право на самоопределување според меѓународното право?  Да не бидам погрешно разбран, мојот приказ на косовската независност го темелам исклучиво на принципите и начелата на меѓународното право, иако сум длабоко свесен дека не постои јасна динстинкција помеѓу политичките и правните прашања на меѓународната сцена. Впрочем, меѓународната практика изобилува со примери кога една држава доколку ја губи правната битка, веднаш прашањето го префла на политички терен, со формулацијата дека тоа прашање задира во нејзината национална сигурност! Меѓутоа, било како било, ако се знае дека едно од најсложените прашања во доктрината на меѓународното право претставува токму прашањето околу правната природа на меѓународното право, односно, дали е, навистина, право или морал, советодавното мислење на МСП е во прилог на уверувањето дека меѓународното право повеќе се сведува на морал на државите или право по избор, со што му се оспорува неговото правно постоење. Сведоци сме дека задолжителното меѓународно право пропишано со Повелбата на ОН станува необврзувачко. Според логиката на правото и суверената еднаквост на државите членки на ОН, Србија требаше да го сочува својот територијален интегритет, но, според логиката на моќта, Косово се стекна со независност.  Затоа, еднострано прогласената независност на Косово не го задоволува меѓународното право!