Профитот од незаконската давачка во сметките за струја, Евн сега ќе го дели со Елем и Мепсо!


27.08.2010 | 22:57:03 | Колумни


Профитот од незаконската давачка во сметките за струја, Евн сега ќе го дели со Елем и Мепсо!

Колумна, „Фокус„, 27.08.2010, Јанко Бачев 

На прес - конференција на заменик - претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, министерот за економија Фатмир Бесими и претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија Гинтер Офнер, ни беше соопштено дека дошло до помирување помеѓу македонската влада и ЕВН. Се разбира, Владата и ЕВН можат и понатаму да ја замајуваат јавноста дека тоа е во интерес на граѓаните како корисници на електрична енергија, иако со нивното помирување започнува да излегува на виделина дека судскиот спор, во кој владиниот ЕЛЕМ истакна тужбено побарување против ЕВН во висина од околу 200 милиони долари, е тактички продуциран судски циркус кој нема допирна точка со интересите на граѓаните!

За жал, со таквите заткулисни игри, како колатерална штета настрада и македонското судство со девалвирање на неговите вредности, бидејќи, наместо воздржување по овие чуствителни прашања како што е македонското судство, кое и понатаму ја оптоварува македонската политичка реалност, тие го направија токму спротивното и дозволија на јавна сцена да се обвини нашето судство дека носи дискриминаторски одлуки во случајот со ЕВН!

Дотолку повеќе, таквите квалификацици на странските амбасадори во Македонија, најверојатно во периодот што следи ќе добијат и своја потврда, бидејќи станува извесно дека бомбастичната тужба на ЕЛЕМ за наплата на фантастични 200 милиони долари од ЕВН, ќе излезе едно големо ништо и само прашање на време е кога тужбата ќе биде повлечена, затоа што една од битните причини за кавгата помеѓу Владата и ЕВН е надмината со споменатото помирување!

ИЗМИСЛЕНА ЈАВНА ДАВАЧКА

Имено, во една од точките на таканаречениот план за постигнување решение за сите спорни прашања меѓу Владата и ЕВН, која од разбирливи причини не беше јавно истакната на споменатата прес-конференција, се предвидува, како во времето на дивиот капитализам, да продолжи скандалозниот грабеж на граѓаните и фирмите со сметките за струја, од страна на ЕВН во содејство со домашните партнери. Така, овој таен дел од договорот меѓу владата и ЕВН, кој не беше презентиран во јавноста, предвидува да продолжи плаќањето на износот од 33,33 отсто во сметките за струја, за таканаречената ангажирана моќност, иако висината на оваа јавна давачка нема основ во законот за енергетика.

Меѓутоа, скандалозен е податокот дека при помирувањето меѓу Владата и ЕВН, паднал договорот, внимавајте, сите - ЕВН, ЕЛЕМ И МЕПСО, да продолжат да крадат од граѓаните, и притоа да го делат меѓу себе така украденото со наплатата на 33,33 отсто за ангажирана моќност, што секој месец им носи десетици милиони евра украдени пари од граѓаните. Всушност, овие пари беа камен на сопнување помеѓу Владата и ЕВН, бидејќи до сега сите украдени пари по основ на наплатата на 33,33 отсто остануваа на контото на ЕВН, кое одбиваше да ги дели со ЕЛЕМ и МЕПСО, заради што започна и споменатата судска циркузијада од тактичка природа во стилот - ние од ЕЛЕМ ќе ве тужиме, а вие од ЕВН божем ќе се браните. Во оваа насока, на крај видиме едно задоволно помирување, откако сега собраната наплата на 33,33 отсто со сметката за струја ќе се дели помеѓу трите споменати субјекти во енергетскиот бизнис!

Имајќи предвид дека прашањето со цената за струја е многу чуствително прашање, се наметнуваат неколку прашања за министрите Пешевски и Бесими: Дали можат да посочат барем една земја членка на ЕУ, во која тамошните граѓани со сметките за струја плаќаат 33,33 отсто за ангажирана моќност? Дали во Австрија, на пример, од каде доаѓа ЕВН, се наплаќа 33,33 отсто со сметките за струја? Дали можат да посочат една современа правна држава во која се наплаќа јавна давачка од 33,33 отсто, а притоа таквата давачка да не биде утврдена со законски пропис? Зошто македонските граѓани, иако едни со најнизок стандард, плаќаат најскапа струја? Впрочем, која е смислата на своевремената продажба на ЕСМ Дистрибуција, ако со ваквата приватизација цената на струја може само да се покачува, што значи дека е урнат еден од клучните услови заради кои може да се врши ваквото преструктуирање, а тоа е да се добие производ по пониски цени!?

Наместо одговор на овие прашања кои се во интерес на граѓаните, односно, наместо Владата да го спречи натамошното безобзирно ограбување на сопствените граѓани со бесправната јавна давачка од 33,33 отсто за ангажирана моќност, следуваше споменатото помирување помеѓу Владата и ЕВН за понатамошно крадење на граѓаните и фирмите со сметките за струја. Во оваа насока уште да споменам дека на износот од 33,33 отсто се пресметува и ДДВ од 18 отсто, што значи дека граѓаните секој месец, покрај реално потрошената електрична енергија, плаќаат и дополнителни 51,33 отсто на име измислена јавна давачка - ангажирана моќност! 

ГРАБЕЖ ПРЕКУ СМЕТКИТЕ ЗА СТРУЈА Уставот на Република Македонија е јасен во определбата дека јавна давачка може да утврди само Собранието со закон. Но, македонското Собрание, ниту во законот за енергетика од 19 септември 1997 година, кој е вон сила, ниту, пак, во важечкиот закон за енергетика од 24 мај 2006 година, нема утврдено јавна давачка во висина од 33,33 отсто за ангажирана моќност. Значи, и покрај непостоењето на законски основ за утврдување на давачка во висина од 33,33 отсто, Регулаторната комисија за енергетика на 12 март 2007 година донесе Одлука за одобрување на тарифните ставови за снабдување со електрична енергија и моќност на тарифните потрошувачи приклучени на дистрибутивната мрежа, со која утврди дека вредноста на превземената активна енергија се зголемува за 33,33 отсто за секој корисник!

Меѓутоа, истата регулаторна комисија, на 29 октомври 2008 година донесе Одлука за престанување на важење на одлуката за одобрување на тарифните ставови за снабдување со електрична енергија и моќност на тарифните потрошувачи приклучени на дистрибутивната мрежа. Значи, Регулаторната комисија за енергетика дополнително утврди дека споменатата нејзина одлука од 12 март 2007 година, со која се утврдува давачка од 33,33 отсто, внимавајте - престанува да важи!

Но, и покрај непостоењето на законски основ и укинатата одлука на Регулаторната комисија за енергетика, граѓаните до денешно време и понатаму со сметките за струја, покрај реално потрошена електрична енергија, плаќаат и дополнителна давачка од 33,33 отсто. Инаку, одлуките на Регулаторната комисија за енергетика ги споменувам само заради подобро согледување на грабежот на граѓаните и правните лица со сметките за струја, бидејќи, законското овластување што и е дадено на таа Комисија да донесува одлуки за цени на одделни видови на енерија во согласност со прописите за формирање на цени на одделни видови енергија, во никој случај не подразбира и право на Комисијата да определува јавна давачка во висина од 33,33 отсто, затоа што само Собранието има исклучива надлежност со закон да пропишува таква давачка!

За волја на вистината, оваа обврска во висина од 33,33 отсто за т.н. ангажирана моќност, не беше пропишана ниту во енергетските закони за време на постоењето на Социјалистичка Република Македонија. Меѓутоа, ако е за некаква утеха, тогашниот систем на Електродистрибуција беше во општествена сопственост, која, пак, по својата природа беше сопственост на сите македонски граѓани. Сега, пак, во демократска и капиталистичка Македонија, енергетскиот дистрибутивен систем е во приватна сопственост, заради што, крајно безобразно е странска приватна компанија, заедно со домашни партнери, да прават милионски профит врз грбот на граѓаните со исмислена и незаконска давачка со сметките за струја во висина од 33,33 отсто зголемена за 18 отсто ДДВ! 

КАДЕ ЗАВРШУВААТ ПАРИТЕ? Патем да споменам, дека ние во Народно движење за Македонија (НДМ), пред извесно време направивме едно споредбено согледување во неколку европски земји членки на ЕУ, и притоа наидовме на податок дека не постои обврска за тамошните граѓани со сметките за струја да плаќаат давачка од 33,33 отсто зголемена за 18 отсто ДДВ. Што е поинтересно, ваква обврска нема ниту во Австрија, од каде што доаѓа ЕВН. На оваа наша забелешка изнесена на прес - конференцијата од 21 март 2010 година, еве што ни реплицираа од ЕВН во нивното тогашно соопштение за јавноста:

„Во одредени земји, ангажираната моќност од 33,33 отсто е дел од самата цена, а кај нас (во Македонија) е транспарентно издвоена во сметките за струја согласно постоечката регулатива„!

Меѓутоа, доколку е така како што велат од ЕВН, а регулативата од прес конференција на НДМ од 21 март до денешен ден не е променета, се наметнува прашањето, зошто после пресот на НДМ, во ЕВН брзопотезно одлучија да започнат да ја кријат зголемената моќност од 33,33 отсто во сметките за струја, односно, со новите сметки за струја, сметано од месец мај 2010, таканаречената моќност од 33,33 отсто повеќе не е транспаретно издвоена како што велеше ЕВН, односно, износот од 33,33 отсто сега се прикажува во сметките за струја како дел од самата цена за потрошена струја?

Значи, во услови кога е јасно дека плаќањето на надоместокот од 33,33 отсто во сметките за струја претставува грабеж на граѓаните, логично е граѓаните да си го поставуваат прашањето, каде одат парите од таквата наплата? Ете, со најновиот план од осум точки за помирување меѓу Владата и ЕВН, дознаваме дека тој профит ќе се дели меѓу ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН. Во оваа насока, најповиканите - ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН, подолго време на најподмолен начин си поигруваа со чуствата и достоинството на граѓаните.

На пример, на 24 јуни 2010 година, во јавноста дури излегоа со меѓусебни препукувања околу тоа кој ги собира парите од незаконската давачка од 33,33 отсто. Државните ЕЛЕМ и МЕПСО тогаш изјавија дека негираат дека надоместокот од 33,33 отсто што граѓаните и фирмите го плаќаат во сметките за струја завршува на нивно конто, и притоа потенцираа дека овој надоместок со тарифниот систем ЕВН го задржува за себе.

Од друга страна, на таквите прозивки од владините ЕЛЕМ и МЕПСО, од страна на ЕВН го изјавија спротивното, кажувајќи дека делот од 33,33 отсто што припаѓа на останатите енергетски компании, односно, МЕПСО и ЕЛЕМ, е вкалкулиран во производствената и преносната цена по која му ја продаваат електричната енергија на ЕВН, што значи дека според ЕВН сите (ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН) крадат од граѓаните и ги делат меѓу себе наплатените 33,33 отсто за т.н. ангажирана моќност.

Како и да е, сега со најновото помирување помеѓу Владата и ЕВН вистините во оваа насока дојдоа многу побргу од очекуваното, односно, дефинитивно е расчистена дилемата каде завршуваат парите на граѓаните и фирмите со наплатата на износот од 33,33 отсто. При таква состојба на работите, ЕВН и домашните партнери и понатаму ја замајуваат јавноста дека нивното помирување е во корист на граѓаните! ГРАЃАНСКА НЕПОСЛУШНОСТ

Затоа, македонската влада има силна обврска да го спречи овој грабеж, со кој, недозволиво, секој месец некој прави профит од милиони евра врз грбот на македонските граѓани. Истовремено, доколку Владата сака да постигне законитост, легитимитет и доверба кај граѓаните, во никој случај не треба да дозволи некој да си игра со чуствителни прашања, како што е цената на електричната енергија, што може дополнително да ја оптоварии македонската реалност. Во краен случај, функционирањето на правната држава и доследното почитување и заштитата на правата на граѓаните како потрошувачи на електрична енергија, претставува витален елемент во стабилноста на Републиката и незаменлив елемент на секое демократско општество.

Меѓутоа, со оглед на незаинтересираноста на Владата да ги заштити сопствените граѓани од грабежот со наплатата на 33,33 отсто со сметките за струја, а имајќи предвид дека е недозволиво врз грбот на граѓаните некој да стекнува незаконски профит, се наметнува сама по себе можноста од повикување на граѓанска  непослушност - граѓаните да не го плаќаат надоместокот од 33,33 отсто со сметките за струја, а дополнително да побараат и да добијат јасен одговор, кој  овозможува со години да се крадат македонските граѓани?

За да се согледа, пак,  целокупноста на процесите поврзани со продажбата на ЕСМ Дистрибуција, неопходно е да се опфатат и прашањата поврзани со (не)оправданоста од таквата продажба, која донесе поскапа струја и заменување на државниот со приватен монопол што никој не може да го контролира. Секако, заслужува внимание и однесувањето на релеватните политички актери од позицијата и опозицијата во тоа време.  На пример, тогашниот лидер на опозицијата, Никола Груевски, јасно кажа дека продажбата на дистрибутивната мрежа претставува една шпекулативна приватизација полна со коруптивни методи, но, денес, од позиција на власт, наидуваме на целосен молк за расчистување на тие коруптивни методи!?

Бидејќи се работи за реално постоење на овие прашања во македонската политика, а во услови на активна демократска јавност кон што Македонија се стреми, граѓаните имаат право да знаат за реченото и стореното од релевантните позициски и опозициски актери во тоа време во врска со продажбата на највредниот дел од македонската економија!