На Македонија и треба повторување на 1991-та година


02.07.2010 | 22:53:08 | Колумни


На Македонија и треба повторување на 1991-та година

Колумна, „Фокус„, и „Котле„ 02.07.2010, Јанко Бачев 

Поедноставената формула на македонската политичка сцена, дека после секои парламентарни избори победничка партија треба да биде ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, отстапува пред поразителната слика за овие две партии од нивните последни митинзи (на ВМРО-ДПМНЕ од 15 јуни и оној на СДСМ од 27 јуни), кога македонските граѓаните им го свртеа грбот и не се одзваа на нивниот повик да излезат масовно на нивните партиски митинзи, со што им испратија јасна порака дека се презаситени од нивното дведецениско владеење во кое само лажат и крадат. Во секое зло - добро!

Имено, се покажа дека како реакција на досегашното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, доаѓа бранот кој го носи сенародното незадоволство од нивното практикување на власта. Со масовното апстинирање од споменатите партиски митинзи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, македонскиот народ и националните малцинства што живеат во Македонија, всушност ја промовираа идејата за легитимност, народот и на овој начин да го искаже незадоволството против владеењето на овие две партии во изминатите дваесет години! 

Инаку, во контекст на одржаните митинзи, и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ си ја кажуваа својата лажна пропагандистичка вистина дека народот масовно ги подржал нивните митинзи. Истовремено, рафално се обвинуваа(т) едни со други дека митингот на спротивниот табор поминал со слаба посетеност, бидејќи ја нема довербата на народот, сметајќи дека со тоа ја зголемуваат својата моќ против својот домашен политички ривал. Меѓутоа, македонските граѓани овојпат покажаа дека не се расположени повеќе да им веруваат на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Нивниот меѓусебен партиски натпревар околу тоа, кој ќе донесе повеќе народ на митинзите, за да ја докажуваат подршката кај народот, всушност, така силно ги „издиша и тресна од земја„ бидејќи, неочекувано за нив, и спротивно на нивните партиски анализи, македонските граѓани не се одзваа на повикот за масовно присуство на нивните партиски митинзи.  Значи, вистините излегоа на површина побргу од вообичаено, па сите прогнози во јавноста дека македонските граѓани се веќе заситени од дваесетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, се потврдија како точни!  Така, на митингот на ВМРО-ДПМНЕ од 15 јуни 2010 година, беа донесени едвај десетина илјади граѓани. Овој податок е поразителен, ако се има предвид фактот дека секоја владеачка гарнитура кога доаѓа на власт, ја има можноста во јавната и државната администрација да изврши прераспоредување на околу 9.000 лица, сметајќи ги тука илјадниците најниски раководни шефчиња низ државата, па се до бројните функционерски именувања и назначувања. Значи, произлегува дека на митингот на ВМРО-ДПМНЕ присуствувале само овие лица, кои се стекнале со одредени партиски привилегии по доаѓањето на власт на оваа партија. Дури, споменатите 9.000 лица не се потрудиле да донесат уште по некој член од своите потесни семејства, и на тој начин да обезбедат барем некаква пристојна посетеност на партискиот митинг од некои 20 - 30 илјади граѓани. Меѓутоа, очигледно е дека не сакале да ги малтретираат своите најблиски, бидејќи, најверојатно сметале дека народот  масовно ќе излезе да митингува. Арно ама, ваквиот есап не излезе според замислениот концепт на аналитичарите на ВМРО-ДПМНЕ, кои биле убедени дека на митингот ќе дојдат околу 50.000 граѓани! Од друга страна, истата слика и од митингот на СДСМ одржан на 27 јуни. Имено, и на овој митинг дојдоа едвај осум до десет илјади граѓани. Со оглед на фактот што бројката на посетеност на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се поклопува, речиси со голема сигурност може да се каже дека митингашите од СДСМ беа тие околу 9.000 луѓе од резервната сдсмовска клупа, кои своевремено со промената на власта се прераспоредени, па, сега, силно мотивирани од цврстите партиски ветувања дека со  повторното доаѓање на власт на СДСМ, по автоматизам ќе си ги повратат раководните места во јавната и државната администрација, дојдоа да протестираат против, како што ја нарекуваат - ненародната власт на премиерот Груевски!  Но, од митингот на СДСМ излезе на виделина дека нивниот лидер Бранко Црвенковски, како опозиционер, дефинитивно ги нема под контрола цврстите лостови на тајната полиција, како во периодот на првата вмровска влада од 1998 до 2002 година, кога тогашната вмровска власт беше контролирана и приклешетна помеѓу две разузнавачки структури - онаа легалната СДБ, која тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ божем ја контролираше, и паралената парашпионска служба на Црвенковски. Во оваа насока, како поинаку да се протолкува податокот дека најсилното оружје кое СДСМ наменски го конструираше, за да предизвика потрес кај владеачката гарнитура, беше, замислете, да пукаат со некои третокласни актери од Фондот за здравствено осигурување. Па, со ваков арсенал на оружје, прашање е дали СДСМ на наредните избори ќе може да го победи Народно движење за Македонија, а не владеачката ВМРО-ДПМНЕ, дотолку повеќе ако се има предвид дебаклот со партиските митинзи на кои изостана народната подршка. Значи, очигледен е очајот и немоќта на Црвенковски, бидејќи портокаловите добро ги проучиле шпионските и дворските игри на розите во периодот 1998-2002 година, кога со клучните институции номинално раководеа вмровски функционери, а, во реалноста - утринската пошта кај едни (вмровските функционери) а информациите кај други (во штабот на СДСМ)!  За волја на вистината, од митингот на СДСМ произлезе и една добра работа. Имено, најпосле паднаа маските. Разноразните невладини организации и незадоволни социјални групи јасно ја истакнаа својата политичка определба, иако останува нејасно, зошто во едно демократско општество треба да се крие политичката определба, односно, да се прават задкулисни манипулации и непотребен цирцус, кога граѓаните многу добро знаат дека невладините се наменски актери за потребите на политичките субјекти и притоа точно се знае кој е во таборот на ВМРО-ДПМНЕ, а кој во оној на СДСМ!? Секако, посебна приказна се и коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои во целост се соголија пред јавноста, дека всушност и не се реални политички партии, бидејќи се виде дека на споменатите партиски митинзи не донесоа ниту по стотина членови и симпатизери, и на тој начин барем делумно да го избришат големиот срам за ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со катастрофалната посетеност на нивните митинзи.  Во оваа насока, и во двете коалиции, предводени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, членуваат политички партии на речиси сите национални малцинства во државата - Турци, Срби, Роми, Бошњаци и Власи, кои збирно учествуваат со околу 11 отсто од населението. Значи, политичките партнери на Груевски и Црвенковски од националните малцинства претставуваат околу 200.000 граѓани, а, ваму, на нивните митинзи, не успеаја да донесат барем неколку илјади граѓани. За да бидат појасни работите, не е на одмет да повторам дека дури седум партии од коалицијата на Груевски своевремно се формирани од тајната полиција! Особено разочарувачки беше говорот на Бранко Црвенковски на партискиот митинг на СДСМ, бидејќи во стил на здодевен вознемирувачки агитатор повторно, како и во 2002 година, бомбастично врескаше пред митингашите, со таа разлика што сега кажуваше дека Груевски ќе одговара за грабежот во Македонија, а тогаш, на завршниот митинг на СДСМ во 2002 година, извика дека после легендарниот 15 септември, веќе наредниот ден, односно, од 16 септември, Снежана Георгиевска, сопругата на тогашниот премиер Љубчо Георгиевски, повеќе нема да се шета со шешири на главата. Напротив, денес, и после осум години, истите шапки дури многу поубаво и стојат на г-ѓата Георгиевска, но, и понатаму останува дилемата дали Црвенковски може да симнува нечии шешири, без притоа да ги скине скалповите на десетте транзициски бандити, на кои своевремено им дозволи да извршат економско злосторство врз сопствениот народ, со тоа што бесплатно си го присвоија најголемиот дел од општествениот цапитал, создаван од сите работни луѓе во социјализмот?  Кога веќе го спомнувам Љубчо Георгиевски, а пишувам за партиски митинзи, за волја на вистината морам да истакнам дека тој и понатаму останува човекот, кој пред 15 години го предводеше најголемиот политички митинг во тие опасни времиња за демократска Македонија. Имено, кога зад себе веќе ги имаше фалсификуваните парламентарни и претседателски избори во 1994 година, тогашната најголема опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, под водство на Георгиевски ќе организира импозантен семакедонски народен митинг пред републичкото собрание. Во тој момент, македонската Служба за државна безбедност (СДБ) ги имаше сознанијата дека присутноста ќе биде огромна, односно, дека тоа ќе биде најголемиот политички митинг во Македонија. Во оваа насока, СДБ заклучи да се преземат сите мерки за евентуална заштита на политичкото водство на чело со Киро Глигоров!  Во рамките на заведената оперативна акција „Блесок„ СДБ ќе ги координира сите активности, вклучително и специјалните операции како акции што ги реализира специјална вооружена група со која раководи тајната полиција и Секторот за безбедност при  министерството за одбрана, бидејќи се работи за комбинирани воено-полициски единици. Министерството за одбрана издава наредба за распоредување на специјалните воени снајперски сили во Домот на АРМ, Собранието, како и во делови на Градскиот трговски центар и на Градската болница, со цел целосно опкружување на народот, со полна воена опрема и боева муниција да се чека - на „готовс„. Огромната маса народ во еден момент веќе отворено пројави интерес да влезе во парламентот, но, во тие критични моменти ракводството на ВМРО-ДПМНЕ се повлече за да одлучи дали ќе се случи народ, и повратно некаде на полноќ информира дека демонстрантите треба мирно да се разотидат!  Во тие моменти, кај раководството на ВМРО-ДПМНЕ се појави одреден страв од порадикално постапување, иако беше јасно дека и покај издадената наредба, ако треба и да се пука во народот, ниту армиските снајперисти, а уште помалку пак полцијаците ќе ги извршеа овие наредби. Во тие години и самите беа немотивирани, гледајќи го грабежот со приватизацијата, а беа свесни дека меѓу демонстрантите има и нивни блиски роднини и познаници. Видлив беше и нивниот страв, бидејќи во тоа време Македонија имаше околу 5.000 полицајци, па и под претпоставка сите да биле донесени во Скопје, сепак ќе беа недоволни да се справат со маса од 70.000 лица (според аналитичкиот извештај на тајната полиција), кои во тој момент чекаа на повик да влезат во Собранието!  Доколку се има предвид дека со меѓународната заедница не треба никогаш да си „на чисто„ а, политичките околности во Македонија од аспект на меѓународната заедница во тој момент беа „и така и така„ извесно беше дека странците ќе излезеа со констатацијата, дека и случувањето на народот во краен случај е легитимен чин. На Македонија можеби и навистина и требаше случувањето на народот, кое ќе ја променеше сликата за Македонците дека се одлучни да им кажат НЕ на неправдите. Во оваа насока, само уште да напоменам дека лично познавајќи го тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и неговото дотогашно петгодишно успешно опозициско дејствување и давање отпор на сите закани, интриги и предизвици, таа вечер, за време на митингот, кога народот сакаше во Собранието, првпат го видов „војводата„ по малку и уплашен. Но, треба да се има предвид дека во тој момент Љубчо Георгиевски имаше само 28 години, а наспроти себе за противник ја има целата државна машинерија и македонските тајни служби!  Се разбира, сега од дистанца македонските граѓани имаат целосно легитимно право да градат добра или лоша оценка за дејствувањето на Љубчо Георгиевски, но, недозволиво е сегашните млади вмровски функционери, кои во тие опасни времиња си играле во песок и мочале на криво, денеска да наседнуваат на манипулации и трикови на некои квазиосновачи на ВМРО-ДПМНЕ и да негираат општо познати факти за улогата на Георгиевски во процесот на градењето на современата самостојна држава. Срамот е дотолку поголем за вмровските јуноши, бидејќи неодамна на разноразните трибини, историјата со основањето на ВМРО-ДПМНЕ во јавноста им беше промовирана и од личности, кои, внимавајте, во тоа време како соработници на тајната полиција учествувале во кодошењето на Љубчо Георгиевски, кој, од страна на тајната полиција, во тој момент бил заведен во оперативна обработка под псевдоним - „Книга„! Меѓутоа, било како било, се назира демонтирањето на македонскиот двопартиски систем кој опстојува две децении со истите политички актери, за разлика од сите соседни земји, каде почетните владеачки партии денеска се разбиени и заменети со нови политички субјекти. Кај македонските граѓани постои речиси неподелена согласност дека залудно се потрошени дваесет години на цела една генерација од лошото практикување на власта во демократска Македонија. Затоа, Македонија е исправена пред предизвикот, повторно да го изоди дваесетгодишниот пат, заради што мора уште еднаш да ја повториме 1991 година!