Кризата удри по се, освен по скандалозно големите функционерски привилегии!


12.06.2010 | 22:42:36 | Колумни


Кризата удри по се, освен по скандалозно големите функционерски привилегии!

Колумна, „Фокус„, 12.06.2010, Јанко Бачев 

Првиот ребаланс на буџетот за годинава е пред финална реализација. Во овој контекст, од страна на македонската влада бомбастично најавија дека никој нема да биде поштеден со претстојниот ребаланс. Анализите во однос на тоа, како и колку ќе се крати од буџетската каса најверојатно се во завршна фаза, но, едно е извесно, се случи она што беше неизбежно, ребаланс на буџетот поради намалените приходи во буџетската каса.

Таман помисливме дека среќа во несреќа со претстојниот ребаланс на буџетот е фактот што владата ја зауздуваа непродуктивната буџетска потрошувачка кај сите институции и проекти, кога, побру од очекуваното, ни пристигнува поразително сознание - непристојните и срамни функционерски привилегии и понатаму остануваат нечепнати! 

Просто е незамисливо, како „шетачите„ од министерството за финансии, кои, изминатите денови во контекст на ребалансот на буџетот остваруваат интензивни поединечни средби со сите институции, не можат да ги забележат споменатите функционерски привилегии, кои по секоја цена треба да бидат опфатени со претстојниот ребаланс на буџетот. Се разбира, дотолку актуелниот владин состав има желба и понатаму да опстои на реформската определба, како темелен принцип заснован на најниско можно ниво на буџетска потрошувачка во согласност со економските можности на Републиката, а посебно во овој период на светска економска криза, која не ја одмина ниту Македонија. Затоа, во оваа прилика апелирам до Владата, во последен момент (ребалансот според најавите ќе оди деновиве) да ги прифати сугестиите за кои се осврнувам во овој текст, за да можат македонските граѓани да го добијат одговорот на прашањето - дали за владеачката гарнитура првенствен интерес и се потребите на граѓаните или привилегиите на нејзините избрани и именувани функционери? Се разбира, допуштам во досегашната анализа на министерството за финансии, во однос на институциите и проектите што ќе бидат опфатени со ребалансот на буџетот, да е направен превид, или, пак, од незнаење да е заборавено да се чепне и во скандалозните функционерски привилегии, со кои бесмилосно се трошат буџетски пари во време на силна економска криза и скромните економски можности на земјата!  Имено, неопходно е потребно да се направат измени во законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, и таканаечената апанажа што ја добиваат македонските функционери да се скрати, од 12 на 3 месеци. За неупатените да истакнам дека избраните и именувани функционери во Македонија, откако ќе им истече мандатот, или, доколку си дадат оставка, или, пак, бидат разрешени од функцијата, продолжуваат и понатаму да добиваат плата во наредните 12 месеци без ништо да работат. Носител на ова право е една вистинска функционерска армија од околу 1.500 лица во државата. Затоа треба апанажата да се намали од 12 на некои прифатливи 3 месеци, бидејќи апанажа од една година за Македонија претставува голем и непотребен товар за буџетот. Иронијата да биде поголема, носители на правото на апанажа од 12 месеци се и  функционери, кои што биле разрешени поради нестручно, несовесно, неефикасно, неуредно и ненавремено работење. Перверзијата со функционерската апанажа ја достигнува кулминацијата, ако се знае дека апанажа им следува и на функционери што се притворени или осудени со правосилни пресуди, што е крајно неприфатлив и длабоко неморален чин!  Кога веќе морализирам околу апанажата, да го споменам и примерот, кога на 30 март 2008 година почина пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Гоце Маркоски, а на негово место во парламентот, како нареден од изборната листа на оваа партија, дојде лицето Драган Настески.  На првата наредна собраниска седница од 11 април 2008 година, споменатиот Настески, откако му беше верификуван мандатот, тргна во парламентот да ги застапува интересите на граѓаните. Арно ама, вечерта на споменатата собраниска седница од 11 април, народните пратеници донесоа одлука за распуштање на Парламентот и распишување на предвремени парламентари избори, кои се одржаа на 1 јуни 2008 година. Значи, споменатиот Настески,  со учество на само една собраниска седница, односно, со само еден ден пратенички мандат, внимавајте, се стекна со право на апанажа од 12 месеци, во висина на пратеничка плата од околу 70 илјади денари!? Значи, ни крив ни должен, со само едно појавување во Собранието, човекот си заработи околу 14 илјади евра без ништо да работи дванаесет месеци. Од ваквата дарежливост на државата, произлегува дека Македонија е супер богата држава, па можеби се во право владините претставници кога не убедуваат дека не треба воопшто да се секираме за последици од некаква си светска економска криза!  Само за споредба, во една развиена Англија, апанажата за тамошните функционери трае само -  три месеци! Понатаму, второ подрачје каде треба силно да се удри врз функционерските привилегии со претстојниот ребаланс, е укинувањето на нивните надоместоци на трошоци за користење на приватни автомобили, а пратениците во иднина, како и останатите функционери, да користат градски и меѓуградски превоз. На тој начин, наместо да вршат злоупотреби на надоместокот на трошоци за користење на приватните автомобили со поднесувањето на фиктивни сметки во собраниските служби, народните избраници и останатите функционери да користат превоз со редовни автобуси до работното место.  Поразителен е податокот, ако се знае дека има пратеници што добивале дури и по 18.000 евра годишно на име надоместок на трошоци за користење автомобил во лична сопственост. Во овој контекст, на пример, главната финта на одредени пратеници од внатрешноста за добивање на споменатите екстра надоместоци се состои во тоа што, ден наспроти нивното патување во Скопје на собраниска седница, се јавуваат во подрачните единици на државни органи или јавните институции во нивниот град, за да се информираат кој службен автомобил од овие подрачни служби оди кон Скопје, па така се превезуваат до главниот град. Значи, ем бесплатно се возат со државен автомобил до македонското Собрание, ем пријавуваат трошоци со фиктивни сметки во собраниските служби. Нема што, апсолутно романтично врз грбот на македонските даночни обврзници!  Исто така, потребно е Владата да го намали возниот парк од околу десетина илјади службени возила, кои ги користи гломазната јавна и државна администрација. На пример, крајно неоправдано е бројните службеници од разноразни подрачни служби, при нивното службено доаѓање во Централата, да користат службени автомобили, иако Македонија, како мала земја, добро е поврзана со меѓуградски автобуски и железнички превоз, или, пак, со градски превоз во главниот град. Поразително е, ако се знае дека во соодветните владини служби не може да најдете барање за надоместок на трошоци за автобуски превоз, бидејќи се живо во оваа држава, тргнувајќи од најобични општински писари, патува на службени задачи во Скопје со службени автомобили!  За споредба, една високо развиена, богата Данска, има само 18 (и со зборови - осумнаесет) службени возила! Во оваа насока, не е на одмет да споменам дека новоизбраниот англиски премиер, Дејвид Камерон, на првата владина седница веднаш го укина правото на користење на службени автомобили за владините министри. Затоа, англиските министрѕ, како вистински слуги на народот, на работа одат со велосипеди или користат јавен превоз.  Веќе споменав дека една од мерките треба да биде кратењето на трошоците за превоз и на македонските функционери, налик на нивните англиски колеги!  Но, да не излезе дека вршам просто пресликување на споменатата мерка на англиската влада, сакам да ја запознам македонската јавност дека мојата партија, Народно движење за Македонија (НДМ), уште пред девет месеци, на 25 август 2009 година, поднесе до Собранието Предлог- Закон за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, со кој побаравме намалување на апанажата и укинување на надоместокот на трошоци за користење на автомобил во лична сопственост. Истиот ден, НДМ до македонската влада поднесе и Предлог - Одлука за отуѓување на подвижен имот во сопственост на Република Македонија, со која побаравме нашата влада да се ослободи од големиот број службени автомобили. За волја на вистината, собранискиот спикер, Трајко Вељаноски, само два дена по поднесување на предлог-законот од НДМ, односно, на 27 август, со писмен допис повратно не извести дека нашиот предлог - закон им  е поделен на пратениците. За жал, во меѓувреме нешто се случи, бидејќи предлог - законот на НДМ за кратење на функционерските привилегии до денешно време остана закочен во собраниските фиоки!   Меѓутоа, било како било, од погоре наведеното произлегува дека владеачката гарнитура сега има силна морална обврска да ги прифати споментите кратења на функционерските привилегии, и на тој начин да го спречи неодговорното и бесмилосно трошење на народните пари. Не случајно ги споменав формалните иницијативи од НДМ до Собранието и до Владата, бидејќи, произлегува дека соодветните владини структури воопшто не треба да вложуваат напор да изготвуваат правни акти во оваа насока, туку, потребна е само политичка волја за кратење на функционерските привилегии, И, по автоматизам, веднаш да се стават на дневен ред доставените предлози од страна на НДМ.  Се разбира, не се лутиме доколку пратениците евентуално би ги присвоиле овие наши идеи со нивното изгласување во македонскиот парламент, бидејќи, подобро е да спроведуваат добри идеи, отколку бесмилосно да трошат буџетски пари преку нивните функционерски привилегии. Впрочем, не се лутевме и кога од страна на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ неодамна беше прифатена нашата идеја, кај кривичните дела поврзани со приватизацијата во никој случај да не настапува застареност, што ја  промовирав преку Фокус, уште на 19 март 2010 година. Меѓутоа, за жал, дополнително се виде дека кај двете споменати политички партии нема политичка волја, до крај да се истера оваа идеја, со чија реализација граѓаните ќе добиеја можност да уживаат во судска разрешница на неморалната и криминална приватизација во Македонија. Останува сега, кога ќе дојде нова политичка структура, која ќе ужива доверба, во име на народот да прави ревизија на приватизациониот процес!   Значи, да прецизирам, кратењето на функционерските привилегии е неопходно за Македонија, без оглед на актуелниот ребаланс на буџетот, меѓутоа, токму ребалансот може да послужи како извонреден повод за ставање крај на функционерските привилегии. Дотолку повеќе што смислата на еден ребаланс на буџетот е секаде каде што е можно, да се скратат расходите, првенствено оние што се на непродуктивна основа. Изјавите на владините претставници, дека ќе се скусат трошоците за телефонски разговори и службени патувања, ќе ги сметам за едно големо ништо, обичен трик за манипулација со граѓаните, доколку спомнатите функционерски привилегии останат нечепнати. Во таков случај се доведува под сериозно сомнение и јавно декларираната определба за одговорно користење на народните пари. Во оваа насока останува и дилемата, од каде ќе се обезбедат пари за финансирање на овие функционерски трошења, бидејќи Владата одговорно не убедува дека задолжувањето преку еврообврзницата и продажбата на јавните записи на домашен терен е во функција на граѓаните, а не за расипничко трошење на избраните и именувани функционери?  Затоа, ја повикувам владеачката гарнитура да и погледне во очи на реалноста и да ги усвои предложените решенија од НДМ. Само на тој начин ќе го спречи натамошното неодговорно и неоправдано луксузирање на македонските функционери врз грбот на даночните обврзници!