Бившиот кодош на вмровците, денес е заменик-директор на тајната полиција – улогата на тајната полиција во дваесетте години на ВМРО - ДПМНЕ


18.06.2010 | 22:40:52 | Колумни


Бившиот кодош на вмровците, денес е заменик-директор на тајната полиција – улогата на тајната полиција во дваесетте години на ВМРО - ДПМНЕ

Колумна, „Фокус„, „Котле„ „Радио Илинден - Мелбурн„, 18.06.2010, Јанко Бачев 

На 17 јуни се навршуваат точно дваесет години од формирањето на владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Во оваа насока, во пресрет на централната послава, особено актуелно беше прашањето околу личностите што ги удрија темелите на партијата.

Се организираа разноразни трибини, се земаа ијзави од личностите поврзани со основањето на ВМРО-ДПМНЕ, и, по правило, секој си ја кажуваше неговата вистина, а истовремено, го обвинуваше другиот за неточности и фалсификување на историјата на партијата. Значи, на едно толку познато прашање за личностите што може да се сметааат за основачи на партијата, се разви жестка јавна дебата, која продуцираше непотребна и тензична атмосфера!

Меѓутоа, она што во меѓусебните препукувања го одбегнаа основачите на ВМРО-ДПМНЕ, секако е фактот дека никој не се осврна на заслугите на македонската тајна полиција за партијата во демократска Македонија. Не треба да се заборави дека уште од самите почетоци, тогашната Служба за државна безбедност (СДБ) била длабоко инволвирана во самото формирање на партијата, а македонската тајна полиција на своевиден начин до денешно време е активна и влијателна во ВМРО-ДПМНЕ. Значи, потребно е во јавноста да се расветлат и овие аспекти поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, дотолку повеќе што тоа и е потребно на самата партија, која е еден од носечките столбови на современата македонска држава. Само така кај ВМРО-ДПМНЕ како одговорна и сериозна партија ќе се отстранат контроверзите што до ден-денес ги предизвикува историјата на оваа партија, односно, нејзиното основање и улогата на политичка сцена! ДПМНЕ се одржа на 17 јуни 1990 година, во Скопје, во салата на Младинскиот културен центар. Иницијатор за основање на партијата е Драган Богдановски, кој, како политички дисидент со преку 40-годишна емигрантска дејност, во западноевропските земји ќе дејствува се до распадот на комунистичките системи кон крајот на осумдесетите години на минатиот век. Богдановски за идеите за самостојна Македонија одлежал дест години и седум месеци во затвор. За животот и делото, односно, за емигрантската дејност на Драган Богдановски, своевремено детално пишував во двете мои колумни во Шпиц од 24 и 25 октомври 2006, што заинтересираните можат да го видат на  њњњ.ндм.орг.мк  Значи, откако се случија споменатите радикални промени на светската сцена со распадот на комунистичките системи, а во тие рамки и во поранешна Југославија е воведен партиски плурализам, наместо еднопартискиот систем во кој единствена водечка сила дотогаш беше Сојузот на комунистите на Југославија. Македонската емиграција ја согледува потребата од формирање на политичка партија, и на тој начин децениската  борба водена во емиграцијата за обединување и демократизацијата на Македонија да се префрли во татковината и политички да се дејствува. Во овој контекст, најпрвин во Гетеборг, Шведска, во март 1990 година, иницијативен одбор од неколку македонски емигранти предводен од Богдановски ја формира Демократската партија за македонско национално единство (ДПМНЕ). Голема е улогата во овие настани, а покасно во основањето и дефинирањето на контурите, стратешките определби и определувањето на конечното име на партијата на клучниот состанок во Ресен, на лицето Дане Попоски, за кого малку се знае во македонската јавност. Поповски кој денеска е во поодминати години, живее во Чикаго, САД, а треба да се знае дека уште во пролета 1949 година, со свои истомисленици е основач на ВМРО-ПРАВДА, а во 1990 година, како што споменав, зеде активно учество во основањето и подемот на ВМРО-ДПМНЕ.    Значи, по формирањето на ДПМНЕ, приказната продолжува на тридневниот состанок во Минхен, Германија, одржан на 31 мај, 1 и 2 јуни 1990 година, на кој присуствуваат Драган Богдановски, Љубчо Георгиевски, Борис Змејковски, Владо Транталовски и Гојко Јаковлевски.  На состанокот дефинитивно е зацементирана потребата од политичко дејствување во Република Македонија. Истовремено се размислува на партијата ДПМНЕ да се додаде  префиксот ВМРО и за претседател на новооснованата партија ВМРО-ДПМНЕ, да биде избран Љубчо Георгиевски, кој во тој момент на сите им се видел како харизматичен лидер и прав војвода. Во овој контекст, Љубчо Георгиевски, речиси во секој негов јавен настап не пропушта да ја изрази својата разочараност, односно, да го потенцира фактот дека во Минхен лично очекувал да види една многу силна и организирана македонска емиграција за која дотогаш постојано слушал! Меѓутоа, Георгиевски треба да има предвид дека најекспонираната македонска емигрантска организација - Движењето за ослободување и обединување на Македонија (ДООМ), претходно (ОКМ и НОФМ), која педесеттина години дејствуваше во западноевропските земји против југословенскиот социјалистички систем, ниту оддалеку не беше на рамништето на силните емигрантски четнички и усташки организации. Дури, се случувало на некои од пете одржани конгреси на ДООМ, во периодот од 1950 до 1990 година, да се собираат едвај по петнаесетина делегати од западноевропските земји, како претставници од месните организации на ДООМ во тие земји. Стотината илјади македонски гастарбајтери во западноевропските земји, во тоа време не се гледаа во македонските емигрантски организации кои се залагаа за распад на поранешна Југославија, бидејќи за нив беше апсолвирана неспорната вистина, дека историскиот пресврт со создавањето на поранешната СФРЈ, е, пред се, од огромно значење за македонскиот народ, кој својата многувековна борба за национална слобода и сопствена држава ја круниса токму со создавањето на југословенската држава, во која Македонија сосема оправдано се стекна со социјална еднаквост и рамноправен статус на самостојна држава во југословенската федеративна заедница!  Да се навратам на споменатиот собир во Минхен. Имено, веќе од овој прв иницијативен собир за основањето на ВМРО-ДПМНЕ ќе пристигне и првиот извештај во СДБ, бидејќи добредојде во Минхен на иницијаторите за основање на партијата ќе им посака соработник на македонските тајни служби, кој сега е еден од докажувачите за тоа кои се основачите на партијата. Од тој момент, значи, од чинот на создавањето на ВМРО-ДПМНЕ, македонската УДБА и навистина во буквална смисла на зборот ќе стане вмровска судба. Дополнително, по основачкото собрание на 17 јуни 1990 година и запишувањето на ВМРО-ДПМНЕ во официјалните партиски регистри, СДБ во тоа време најголем дел од својата оперативна работа ја насочи токму кон контрола на оваа партија, бидејќи, т.н. внатрешни непријатели требаше да бидат под целосна контрола. Затоа, не случајно во СДБ најексплоатирана е линијата на работа - македонски екстремизам и врховизам! Истовремено, од страна на СДБ ќе почнат заткулисните дискредитации врз Драган Богдановски, односно, за негово прикажување како полициски соработник, на кого, по излегувањето од затвор, најпрвин ќе му овозможат да живее во полициски стан во полициската зграда во скопската населба Капиштец, кој беше купен од споменатиот Гојко Јаковлевски. Но, Драган Богдановски не се задржа многу во тој стан. После неколкмесечен престој, тој повторно се исели од Македонија, доби политичкиа азил во Шведска, каде ја формира партијата ДПМНЕ. Покрај полицискиот стан, секако дека клучниот момент за неговата дискредитација е едно телевизиско интервју во вила на МВР, на тогашна уредничка во МТВ, во копродукција со покојниот Добри Величковски, кој во тоа време во СДБ началствува со управата надлежна за т.н. внатрешни непријатели (читај: политичките неистомисленици).  Колку бил силен продорот на тајната полиција во ВМРО-ДПМНЕ, нека послужи податокот дека во тоа време СДБ успеа да допре до извориштето на партијата, со врбување на двајца нејзини членови во највисокото партиско тело - Извршниот комитет на партијата. За контролата врз ВМРО-ДПМНЕ да биде целосна, во една од собите на хотелот Турист беа инсталирани полициски камери спрема партиското седиште, заради 24-часовно следење на движењето во партијата. Сето тоа се одвиваше во заведените оперативни акции на тајната полиција со инспиративни псевдоними - Темел, База, Дувло. Но, судбината очигледно си поигрува со ВМРО-ДПМНЕ, ако се знае дека лицето кое своевремено како надежен оперативец ги имаше на врска инсталираните соработници на СДБ во Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, односно, ја остваруваше полициската обработка на оваа партија, денеска, како кадар на ВМРО-ДПМНЕ, ја обавува функцијата заменик - директор, на, внимавајте, - македонската тајна полиција!!!   За волја на вистината, во оваа насока ќе споменам дека бројните соработници на СДБ во комунистичкиот период и во демократска Македонија, кои денес, како вмровски кадри, се распоредени на функционерски места во највисоките државни органи, не е резултат на некоја невидлива и одметната структура на тајната полиција за контрола на партијата, туку се работи за функционерски назначувања по лична и пријателска линија. Владеачката ВМРО-ДПМНЕ во ова насока направи добра работа - ја воспостави посакувана реална контрола врз македонската тајна полиција, за разлика, на пример, од владеачката ВМРО-ДПМНЕ во периодот 1998-2002, кога тогашниот опозициски СДСМ имаше поголема конрола врз СДБ дури и од времето на Лазар Колишевски. Незнаењето и неснаоѓањето на тогашните клучни вмровски кадри во МВР, пред се на Љубе Бошковски, кој беше само номинален министер во МВР без реално влијание и претстава за вистинските настани, откако претходно се дозволи инсталирање на клучните позиции во тајната полиција на проверени кадри на СДСМ, кои на крај ќе имаат значаен удел во паѓањето на владата на тогашниот премиер Љубчо Георгиевски.  Добро е барем тоа што неодамна, Љубе Бошковски разочарано призна дека токму кадрите кои своевремено ги сметал за вмровски и ги поставувал во МВР, биле смислени инсталации кои сега го следат и прислушкуваат! Значи, сегашното назначување на бројни соработници на тајната полиција на функционерски места како вмровски кадри, не е нешто што ја загрозува владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Во оваа насока може само да се  морализира со таквиот чин, бидејќи илјадниците вистински вмровци, кои во тие опасни времиња после 1990 година го понесоа товарот на самостојноста и невидените малтеретирања од тајната полиција, беа кодошени во демократска Македонија токму од лица што во моментов се „вмровски„ функционери. Или, поразителниот факт за споменатите вистински вмровци, ако се знае дека во нивното коалициско друштво денеска седат дури седум политички партии кои своевремено се формирани од тајната полиција!   Колку за споредба, еве што пишува во кодошката биографија за овие сегашни вмровски функционери за време на комунизмот. За еден од нив тајната полиција пишува: „Ангажиран од тајната полиција кон студентски средини и следење на студентската младина и лица експонирани од позиции на граѓанска десница, посебно кон лицето (...)„, Друг „се ангажира за следење на анархолибералистичите средини, експонирани од бирократски догматизам и антисамоуправни елементи, со посебен ангажман за попречување и документирање на непријателската активност на лицата (...)„. Трет „се користи за изведување на акции за примена на ОТС-средства кај лицата (...) и други безбедносно-интересни лица по граѓанска десница„ и слично, додека за оние вмровски функционери кои биле соработници од 1990 наваму, речиси идентични се формулациите во нивните кодошки досиеја во смисла: „Лицето се ангажира за следење на активностите од позиции на македонски ектремизам и врховизам„ односно - „предложено му беше и изворот се согласи за соработка и нашите контакти на овој план да продолжат заради доаѓање до безбедносно-интересни сознанија за лицето (...) по линијата македонски екстремизам и врховизам„ што севкупно беше перфидна форма за следење на тогашното ВМРО-ДПМНЕ! Оттука, поразителната македонска историја се повторува. Жална ќе биде сликата, кога по повод прославата на 20-годишното постоење на ВМРО-ДПМНЕ, на свечената бина ќе се качат кодошите и кодошените, и еден до друг ќе ракоплескаат и ќе слушаат рефрени за светлата вмровска традиција, која низ историјата страдала токму од кодошите!  П.С.  Им се извинувам на читателите, затоа што не можам да споменам конкретни кодошки имиња, бидејќи, своевремено, Стојан Андов, се послужи со мала итрина, кога формално - правно напиша лустрациски закон, но, така скроен, што од лустрацијата да излезе едно големо ништо и голем трик  за манипулација со граѓаните. Андов напиша во законот казна затвор до четири години за сите оние што ќе кажат конкретни имиња за соработници на тајната полиција!