Вкусот на горчливата чорба


24.05.2010 | 22:33:52 | Колумни


Вкусот на горчливата чорба

Веб колумна, 24.05.2010, Драган Живковиќ

Нема ништо пострашно од чувството, дека во сопствената земја станавме заложници на политичките елити кои ни ја водат државата. Притисокот и товарот од суровата реалност која се чувствува врз грбот на обичниот граѓанин е далеку од квалификацијата „подносливо“.

Сиромаштијата во која што се подлабоко тонеме, ни го наметнува размислувањето за причините поради кои дојдовме до ова дереџе. Граѓаните ја изгубија вербата во институциите на државата, а чувството на измаменост од силните ветувања кои ни ги пласираа политичките елити во предизборието, и тоа што го исполнија, е поразително! 

Зарем тие исти партиски претенденти кои се бореа за освојување на власта, ниту за момент не се присетуваат на тоа што  го ветија  пред преполните плоштади со граѓани? Треба ли да ги потсетиме? Каде забегаа во личните и теснопартиски интереси!? Мрсните тендери им го заматија умот, моќта на власта ги претвори во мали богови, кои, водени од искуствата на нивните претходници, се фрлија во напорна работа да си ја обезбедат најпрво својата егзистенција, а доколку добијат некој нов мандат, можеби ќе се присетат и на граѓаните и на тоа што им го ветија.  Беа ветувани силни странски инвестиции и нови вработувања за граѓаните. Се ангажираа промотори задолжени од страна на владата кои требаше да ги привлечат странските инвеститори кај нас и да ја раздвижат подзаспаната економија. Се потрошија големи суми на пари за овој проект, а од странските инвестиции не видовме ништо.Се разбира, никој не ја понесе одговорноста за овој, и сличните на него промашени проекти. Нови вработувања забележуваме само во државните институции и во дел од  јавните претпријатија, се разбира, по партиски клуч. Разбирам зошто го прават тоа, и од кои побуди, но дали се свесни дека со тоа што го практикуваат вршат дискриминација на останатите граѓани кои не се нивни истомисленици, одземајќи го демократското право на секој граѓанин, за равноправен третман при вработувањата во јавната администрација. Нели тоа води кон поделба на луѓето на две категории, на „Наши и сите останати“, што е исклучително опасна теза.  Како последица на ваквата повеќегодишна пракса од страна на досегашните влади во Македонија, бележиме масовен одлив на квалитетен високообразовен кадар, кој, од причина што не  е партиски определен ги губи шансите да си најде соодветно вработување и притоа е приморан да си ја бара среќата надвор од државата. Штетите од  досегашната  партизација на државата се огромни и далекусежно го кочат севкупниот напредок како на политички така и на економски план. Дали се наметнува логично прашањето, тоа не значи дека по тој принцип треба да ги поделиме и даночните обврзници ? Би бил среќен кога некој би ме демантирал со реални податоци за тоа колку луѓе се вработени во јавните претпријатија од јануари годинава (ќе бидам скромен и ќе се задоволам со информацијата само за овој период), на кои работни места, со кои квалификации и дали и колку е запазена процедурата на јавен конкурс! Тоа всушност е и дел од обврските кои ни ги ветуваа досегашните влади, транспарентност во работењето и трошењето на  нашите пари. Не е мал  бројот на партиски послушници кои истовремено вршат по неколку функции и за тоа се богато наградени, ќе повторам од парите на даночните обврзници! Зарем се тие толку стручни и незаменливи во својата професија, па мораат кутрите да извршуваат и по неколку функции истовремено, жртвувајќе се себеси за подобра иднина на сите нас!? А армијата на невработени ќе мора да причека некои подобри времиња, да ни се оправи државата, па после тоа сите ќе работиме, ќе бидеме среќни и весели, и ќе ги опеваме јунаците од транзицијата кои со своето несебично и неуморно работење ни обезбедија подобар живот!   И после толку многу реформски програми на досегашните влади, земјоделието ни е континуирано во една очајна состојба.  Од стретешка гледна точка, државата која го стимулира производството на храна од сопствените ресурси и не е зависна од увоз на истата, долгорочно го втемелува и целокупниот економски развиток. Како пример за состојбите во оваа гранка да споменеме едно наше просечно земјоделско семејство кое не може да ја преживее годината од вкупниот приход кој го заработува од годишната реколта, доколку биде бериќетна година и не ги погоди некоја временска непогода. За развој и унапредување на производството и да не зборуваме. Државата можеби и не е виновна за состојбите, туку нашиот земјоделец кој не е пазарно ориентиран!   Млекопроизводителите останаа и без своето млеко и без своите крави и секако со празни џепови. Големите инвеститори од Шведска си ја завршија својата работа за која беа дојдени, а проблемот ни го оствија самите да (не) си го решиме. Па и не е сето тоа толку страшно, ќе си пиеме увозно млеко од нашите соседи и ќе ги оставиме млекопроизводителите пазарно да се преориентираат. А за загубата, нека почекаат малку, ќе имаат за земање, веројатно откако ќе ги исплатиме монументалните споменици кои ќе ја красат нашата престолнина.   За состојбите во образованието и не е се така розово, како што на прв поглед може да се заклучи. Можеби немаме пристојни училишта, но затоа имаме компјутер за секој ученик. Барем наставата ни тече по најсовремени методи и во чекор со европските стандарди кон кои се стремиме, нели?   Здравството ни е во одлична кондиција и тука немаме што многу да се жалиме, само да даде господ  да не служи здравјето што подолго. Лекови имаме (не)доволно, е сега што ќе мора да си ги купуваме и по многу поскапа цена од досегашната, тоа е проблем кој ќе мора да си го решиме индивидуално секој од нас. Ќе скусиме од  буџетот за храна, или пак пензионерите ќе излегуваат само во петоците кога имаат бесплатен автобуски превоз, ќе заштедиме од сметките за вода капејќи се еднаш неделно, или ........ имаме стотина варијанти како да направиме ребаланс на домашниот буџет и да си обезбедиме пари за лекови, доколку ни се неопходни. Се’ се може ако се сака. Државата ни е во криза и ние обичните граѓани тоа мора да го разбереме, да и дадеме  подршка на владата во надминувањето на безбројните проблеми со кои се соочува и да и олесниме колку повеќе можеме, занемарувајќи ги сопствените проблемчиња  и празниот стомак. Таа  ќе ни врати за добрината, кога за тоа ќе созреат условите, еден убав ден, да се надеваме сите........ па нели надежта последна умира !  Претпријатијата имаат одлична клима и услови за водење на своите бизниси, недостасуваат само малку пофлексибилни менаџери кои поуспешно ќе се справуваат со новонастанатите состојби. Државата им должи пари, па зарем тоа е проблем околу кој ќе се тревожиме. Таа е држава и ќе си го врати долгот со ,,мало задоцнување‘‘, откако ќе повлече уште некое поволно кредитче, кое се разбира ќе мораме заедно да го враќаме. Потребно е само уште малку трпение и редовно сервисирање на нашиот долг кон државата, со мој добронамерен совет, не доцните бидејќи каматите се големи !  Се изнаслушавме години наназад како Македонија, полека, но сигурно чекори кон друштвото на економски поразвиените држави. Реформите во судството, образованието, здравството, земјоделието и останатите се при крај или веќе завршени, економијата бележи благ но континуиран пораст и што уште не...... а од другата страна народот ни осиромашува .  Каков парадокс!

Не така оддамна, слушавме како нашата држава најмалку ја почувствува светската рецесија, благодарејќи на мудрите чекори кои ги превземаше владата. Точно, дури ќе додадам, не ја ни почувствувавме. Ние сме речиси дваесет години во длабока рецесија  и ништо посериозно не не вознемири. За тоа што се кренаа паники ширум светот, самите си се виновни, посегнувајќи по богат и удобен живот, подзаборавија на скромните навики кои ние свесно си ги негуваме.  Си сркаме посна горчелива чорбичка,  од  домашна кујна и  ги жалиме  побогатите од нас за несреќата што ги снајде!                    

Чорбата подготвена од многуте кувари, што мораме да ја сркаме сите ни, и  згора на тоа да ја фалиме дека е многу вкусна, се повеќе ни го намалува апетитот, а вкусот на горчило станува се поизразен. Крајно време е да ги смениме куварите, но за промена да најдеме некои сосема нови, кои навистина ќе умеат да готват - по вкусот на народот!