Во случајот на Радуше е вмешана најмалку една разузнавачка служба на земја-членка на ЕУ!


21.05.2010 | 22:31:59 | Колумни


Во случајот на Радуше е вмешана најмалку една разузнавачка служба на земја-членка на ЕУ!

Колумна, „Фокус„, 21.05.2010, Јанко Бачев 

Во минатиот број на Фокус пишував за причините кои доведоа Македонија, во воената 2001, самата да се победи и да се чуствува поразена, со цел, преку едно споредбено согледување, да се извлече поука - Што не треба да прави Македонија, доколку повторно биде вовлечена во нова војна во контекст на откривањето на голема количина оружје?

Како своевидно продолжение, овојпат ќе се осврнам на критиките што периодично се појавуваат во јавноста околу наводното неоправдано зголемување на буџетот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), во светлина на податокот дека УБК, всушност, во заднина, е темелот на успешната полициска акција за откривање на споменатото оружје, како и на сегашната деликатна позиција во која се најде ЕУ, која, покрај САД, е гарант на мирот во Македонија по потпишување на Рамковниот договор, бидејќи најмалку една шпионска служба на земја-членка на ЕУ е инволвирана во актуелните настани во Македонија!

Ќе започнам со приказната што своевремено ни ја раскажа  припадник на една од американските безбедносни служби (ДЕА), за време на престојот на нивната делегација во Македонија, во рамките на соработката меѓу американските и македонските тајни служби. Имено, ДЕА имала оперативен интерес да вгради прислушни уреди во една од собите на еден мотел што се наоѓал во еден помал американски град, во кој требало да отседне лице од нивен разузнавачки интерес. Откако агентите на ДЕА виделе дека е невозможно да се реализира ова оперативно-техничко средство без знаење на сопственикот на мотелот, пристапиле кон негово оперативно проучување. Од целосната оперативна проверка произлегло дека се работи за безбедносно-подобно лице со кое може да се обави соодветен разговор.  Меѓутоа, се појавил неочекуван проблем во нивниот план на мерки и активности кога сопственикот на мотелот одбил да соработува со агентите на ДЕА, односно, не дозволувал инсталирање на прислушни уреди во својот мотел, со образложение дека тоа би значело крај на неговиот угостителски бизнис. Секако, доколку тоа се дознае во јавноста, што било многу веројатно, со оглед дека се работи за мало место каде речиси сите го познаваат. Во новонастанатите околности, агентите на ДЕА преминале на вообичаената практика, односно, му понудила на сопственикот на мотелот повеќекратно поголем паричен износ од редовната цена за изнајмување на предметната соба, со цел, собата да им биде ставена на располагање до отседнувањето на безбедносно-интересното лице, но, сопственикот на мотелот не сакал да слушне и за оваа интересна понуда.  Откако виделе дека сопственикот на мотелот држи цврста позиција, агентите дополнително понудиле, да го откупат неговиот мотел по трикратно повисока цена од реалната. Конечно, сопственикот презадоволен ја прифатил дадената понуда!  Воведов, за методите на работа на една од американските безбедносни служби, ми беше потребен да се надоврзам на споменатата полемика што ја наметнуваат во Македонија одредени новинари, политичари, интелектуалци, невладини организации... за наводното неоправдано зголемување на буџетот на УБК, во контекст на ланското проектирање на нејзините средства од дотогашните 400.000 евра на 18 милиони евра. Така, наместо да се развие дебата околу прашањето - Кој тоа, години наназад, неодговорно терал заебанција со македонската тајна полиција, определувајќи и смешен годишен буџет од 400.000 евра, се прави спротивното, односно, кампањата против УБК се насочува во негативна насока, дека, ете, непотребно добива големи парични средства за својата работа, иако станува збор за клучната институција од аспект на заштита на земјата? Не е непознато дека со силите на само еден човек, може да се постигне нешто што не можат да го постигнат цели армии - еден разузнувач ги решава судбините на илјадници луѓе. Значи, веднаш да кажам дека не 18 милиони евра, туку и 118 милиони евра не се доволни за една служба, која е носител на сигурноста и безбедноста на државата. Впрочем, за споменатото купување на мотел од страна на ДЕА се потребни пари, а да имате доволно пари, треба да имате силен буџет. Очигледно, федералниот буџет на САД е целосно отворен за потребите на нивните безбедносни служби. Од оправдани причини, затоа што така се штити националната безбедност на САД! За неупатените да истакнам дека при ангажирање на некое лице за соработник на тајните служби, неопходно е да се изнајде интерес што ќе овозможи ангажирање на тоа лице. Во овој контекст, во претходниот социјалистички систем, во најголем дел се настојуваше, од повеќето основи за ангажирање на соработници на тајната полиција, акцентот да се става на патриотизмот кај граѓанинот кој се ангажира за соработник, односно, кај него да постои готовност, врз основа на љубов кон сопствената татковина, да се ангажира за реализирање на задачи, без одглед на неговата потесна идеолошка-политичка определеност.  Меѓутоа, радикалните промени на светскиот поредок и рушењето на комунистичките системи, условија нова поставеност и во делот на доаѓањето до разузнавачко-заштитни податоци во работата на тајната полиција, односно, патриотската основа за ангажирање на соработник беше избришана од Правилата за работа на УБК, и, притоа, доминантно место зазеде материјалната основа за ангажирање на соработници, со што јасно се прифати западниот пазарен принцип на работење и во работата на тајните служби.  Во ово контекст, благодетите од зголемениот буџет на УБК, или, да бидам попрецизен, од определувањето на еден нормален буџет за нејзино успешно функционирање, се видоа токму деновиве со откривањето поголема количина оружје на терористичката група. И, ако ги прифатиме размислувањата на оние, што, одвреме-навреме не потсетуваат дека зголемувањето на буџетото на УБК е неоправдано, односно, дека 400.000 илјади евра годишен буџет на тајната полиција се доволни за нејзина работа, тогаш таквиот буџет веројатно ќе се испразнеше само за плаќање на податокот за споменатото оружје. А, критичарите на наводно големиот буџет на УБК, белким не се до толку недоветни да не знаат, дека откривањето на оружје, дрога... не е резултат на рутински полициски контроли, како што се кажува на полициските прес конференции, туку на квалитетна соработничка информација за која треба дебело да се плати. Дотолку повеќе, откриеното оружје е само еден сегмент од работата на УБК, бидејќи нејзин првенствен интерес е контраразузнавачката заштита, односно, спротиставувањето на странски разузнавачки служби што дејствуваат во Македонија, за што, повторно треба да се гради соработничка мрежа, која, исто така, бара големи парични средства. Со еден збор, новото пазарно време вели - Колку пари, толку музика, и во работата на тајната полиција!  Е, сега, досегашниот смешен буџет на УБК од некои 400.000 евра, можеби и бил доволен во услови кога, години наназад, во демократска Македонија речиси 80 отсто од работата на УБК се сведуваше на полициска обработка на политичките неистомисленици, кои биле третирани како внатрешни непријатели во посебно заведената линија на работа - македонски екстремизам и врховизам. Дури, претпоставените отворено им кажуваа на агентите на УБК, дека нема пари за покривање на нивните оперативни трошоци, па, затоа, да настојуваат да одат во домовите на соработниците за реализирање на оперативните контакти, а не по угостителски објекти!  Во овој контекст, поразително е сознанието дека на десеттина агенти на УБК доаѓаше по еден автомобил за користење, па, воопшто не треба да зачудува големата турканица наутро, на работното место - кој прв да дојде до автомобил, а, притоа, немаа ниту мобилни телефони за нормална комуникација. Навистина беше непријатно чувството кога споменатите гости од ДЕА, при разгледување на канцелариите на своите македонски колеги, зачудено ги прашуваа, зошто во своите работни простории немаат фрижидери полни со кока-кола и чоколади, иако агетните на УБК немаа ниту асални столици и работни бироа. Токму и заради ваквата очајна состојба, во која години наназад се наоѓа УБК, не случајно споменав дека не 18 милиони, туку и 118 милиони евра не се доволни, доколку Македонија навистина сака да гради вистинска Служба за државна безбедност, во услови кога Македонија е исправена пред сериозни безбедносни предизвици! Секако, интересно е да се знае дека во актуелните настани со откриеното оружје на терористичката група е инволвирана најмалку една разузнавачка служба на земја-членка на ЕУ. Ова најповеќе го спомнувам од причина што, сите ние се сеќаваме дека еден од гарантите на Рамковниот договор е и Европската Унија. Имено, на 13 август 2001 година беше склучен Рамковниот договор помеѓу претседателите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и ПДП, под покровителство на Претседателот на Република Македонија, со сведоштво и гаранција на специјалните претставници на ЕУ и САД. Притоа, претставниците на ЕУ и САД, поздравувајќи го потпишувањето на Рамковниот договор за решавање на кризата во Македонија, истакнаа дека овој чин е историско достигнување, кое ќе доведе до долготрајно и мирно решавање на кризата. Нивното сведоштво, пак, беше посочено како неопходната гаранција за трасирање на патот кон мирот!  Меѓутоа, сега, со споменатата инволвираност на земја-членка на Европската Унија, тие (ЕУ) како гарант на мирот се должни да ни дадат објаснување, зошто работат против мирот во Македонија со споменатата инволвираност на нивна членка во активности на терористичка група за поткопување на мирот? Загриженоста е  поголема, доколку се знае дека запленетото оружје на релацијата - Радуша, Рашче, Свиларе, требало да заврши во Скопје, за преземање терористички акции, кога први на удар се припадниците на безбедносните сили. Оттука прашањето, дали Македонија сега треба да иницира директна средба со претставници на САД и ЕУ, како гаранти на мирот во Македонија, за да ги запознае со наведеното инволивирање на земја-членка на ЕУ во актуелните настани во Македонија?  Ова, секако, ќе биде големо изненадување за некои од останатите земји-членки на ЕУ, дотолку повеќе што, во овој момент, терористичката групација не ја ужива подршката од стратешкиот пријател САД, а политичките водачи на албанското малцинство во Македонија, добро знаат дека доколку повторно дојде до војна, овојпат ке завршат како талибанците во Авганистан, кои најпрво беа подржувани од САД во борбата за истерување на војската на поранешниот Советски сојуз, во осумдесетите години на минатиот век, за денеска да станат најголеми непријатели на Америка! На прв поглед, можеби изгледа збунувачки различната улога на ЕУ и САД во актуелните настани во Македонија, со оглед на нивното политичко партнерство. Меѓутоа, она што е видливо на јавната сцена, не секогаш кореспондира со со она што се случува зад завесата. Така, државите можат да прикажуваат добри политички односи, но, нивните разузнавачки служби се во постојана љубомора и во став на гладијатори, насочувајќи ги своите активности и фиксирајќи ги своите погледи еден кон друг, заради постојано меѓусебно шпионирање. Впрочем, никој не се сомнева во добрите политички односи меѓу САД и Франција, но, за време на бомбардирањето на НАТО врз СР Југославија во 1999 година, произлезе дека американската ЦИА ги прислушкувала француските претставници во НАТО во Брисел, особено кога се дозна дека српската тајна полиција направила силен разунавачки продор со врбување за соработка на француски претставник во НАТО во Брисел.  Зачи, на УБК и е потребен силен капацитет, за да одговори на сериозната разузнавачка инволивираност во Македонија на одредени странски држави, а, за тоа, пак, е потребен силен буџет. Се разбира дека одредени личности во Македонија го критикуваат зголемениот буџет на УБК како резултат на нивниот сомнеж, дека тајната полиција тоа ќе го користи за неовластено следење и прислушкување на граѓаните, но, поголемиот дел од критичарите, иако добро знаат дека работата на УБК подразбира големи парични средства, сепак намерно стварат забуна во јавноста, водени од свои политички интереси. Идејата, пак на моево залагање, дека на УБК и треба вистински буџет, произлегува од ни малку розовата стварност: УБК ќе успее да помогне Македонија да не се распадне само ако добие  вистински буџет!  Меѓутоа, далеку сум од тоа да ја гледам работата на УБК низ очите на еден правен идеалист, убеден во целосното законско функционирање на тајната полиција, бидејќи познати ми се повремените излети, односно, излегувањето од законските рамки, со неовластеното следење и прислушкување, што, впрочем, е карактеристика на сите светски тајни полиции. Едноставно, не е можно да се одолее на искушението и леснотијата, со само една усна наредба да се дознае нешто повеќе за своите противници, кога пред себе гледате прекрасна оперативна техника, која ви дозволува само со едно притискање на копчето, и одбраната лојална структура за следење, да го направите тоа!  Со еден збор, воопшто не е можно апсолутна заштита од злоупотребите на тајната полиција, и покрај повеќето законски и подзаконски акти кои детално ја уредуваат нејзината поставеност. За жал, обидот со правото да се елиминира секаква злоупотреба на тајната полиција е рамен на обидот да се забрани реалноста!