Властите мора да кажат дека тројцата македонски полицајци во Арачиново загинаа од граната на АРМ!


14.05.2010 | 22:28:02 | Колумни


Властите мора да кажат дека тројцата македонски полицајци во Арачиново загинаа од граната на АРМ!

Колумна, „Фокус„, 14.05.2010, Јанко Бачев 

На 29 април 2010 година, во Македонија повторно заигра оружјето на екстремистичка група кое има потенцијал за предизвикување на дестабилизација и нова војна. Потврда за ова пристигна директно од МВР на РМ, по откривањето на голема количина оружје во бункери кај Блаце.

Заради тоа, сметам за потребно да се осврнам на причините кои доведоа Македонија, во воената 2001,  самата да се победи и да се чуствува поразена, со цел, преку едно споредбено согледување, да се извлече поука - Што не треба да прави Македонија, доколку повторно биде вовлечена во нова  војна? 

Најпрвин околу актуелните настани, кои многу потсетуваат на 2001-та. Имено, и тогаш, и денес, приказната започнува со екстремистичка група и заплена на оружје, со пропратно триумфалистичко сликање пред камери, со таа разлика што тогаш беше откриено оружје во една пештера, а сега во некаков бункер. Во оваа насока, и тогаш, и сега, следува телевизиски извештај на една национална телевизија од местото на настанот, каде слободно шетаат униформирани и вооружани лица. Од српската држава, и тогаш (преку покојниот Џинџиќ) и сега (преку Тадиќ и српскиот полициски министер Дачиќ) пристигна предупредување до Македонија, дека во регионот на македонско-косовската граница оперираат и вршат обука албански вооружени групи. И тогаш и денес, партиите на македонските Албанци со различен став, а само со изменети улоги - терористичката ОНА (читај ДУИ), за разлика од 2001-та, сега со убава реторика осудува секакво насилство, како што тогаш правеше ДПА, а сега, пак, ДПА е на другата страна, со заканувачки тонови за дестабилизација на државата! Инаку, Македонија е чуствува поразена од војната во 2001-та, најмногу поради страотните стратегиски грешки и несоодветниот тактички приод кон настаните, на што во голема мера му кумуваа внатрешните политички надмудрувања и интриги, доминацијата на личниот над државниот интерес, незнаењето, тајната дипломатија, разузнавачкото приклештување на одредени битни личности во војната, извршената кадровска диверзија во најчуствителните државни органи... Имено, македонските политички демагози, залудени единствено од лична промоција и желба за слава, моќ и профит, ја изгубија војната - на воен, политички и на дипломатски план. По вакви битни настани, секоја сериозна држава изработува соодветна анализа, за да дефинира соодветни солуции и проценки за во иднина.  За жал, кај нас само се правеше обид за убедување на јавноста, дека вината за војната е во меѓународнтата зедница, која наводно не ги сакала Македонците, а премногу ги сакала Албанците. Ваквите перфидни и демагошки тези претставуваат најгруба манипулација со сопствените граѓани. На пример, по првите судири меѓу владините сили и терористичката ОНА во близината на Танушевци на 17 февруари 2001-та, а по претходно убиство на еден полицаец во полициската станица во Теарце на 22 јануари, на тогашниот македонски претседател Борис Трајковски јасно му беше предочено од тогашниот американски претседател, дека Танушевци е проблем кој треба да си го решиме самите, како што знаеме и умееме. Значи, јасна подршка од САД - да се справиме со терористичката ОНА! Меѓутоа, наместо пораката од најмоќната држава во светот да биде анализирана и  проценета на адекватен начин, македонскиот Претседател при неговото враќање во земјата,  уште неприземјен на скопскиот аеродром, од страна на неговите советници беше советуван дека треба да ги консултира и водечките членки на ЕУ. И, како што Трајковски ја игнорираше јасната американска подршка за решителна акција, и притоа правеше редовни консултации со споменатите држави од ЕУ, така терористите го проширија фронтот од Танушевци до Гостивар, со запоседнување на една четвртина од македонската територија. Добро е, после девет години од војната, владеачката партија конечно да и го покаже на јавноста стенограмот од тогашната средба на Трајковски со американскиот претседател! За време на војната отсуствуваше толку значајното политичко единство. Двете водечки македонски партии безмилосно само се кодошеа кај меѓународните претставници, со цел да ја зголемат својата моќ против својот политички опонент. Залудени од ова, тие не можеа да проценат дека со ваквите активности истовремено го разбиваат домашното единство, кое е клучниот фактор против секаков обид да се загрози територијалниот интегритет на земјата. Наместо единство, нашите политички репрезенти го правеа спротивното, и притоа  дозволија да надвладеат личните интереси и амбиции, кои немаат никаква врска со одбраната на земјата. Се превземаа активности во корист на поединци, кои ја водеа земјата во воен пораз!  Така, за време на војната, двајцата клучни македонски министри - за внатрешни работи и за одбрана, манифестираа однесување на војсководци на две спротивставени (непријателски) вооружени формации. Со оглед на просторот, еве само неколку примери. Идните генерации еден ден ќе бидат вчудовидени, како е можно 20-илјадната македонска војска и полиција што ја имавме во 2001-та, денеска да се чуствува поразена, а наспроти себе имаше на почетокот од 500-700 терористи, кои се одметнаа во планините и за кои македонската државна безбедност знаеше практично се - колку се, каде се, нивна вооруженост... што значи, дека можеше да ги неутрализира уште во првиот момент!? Меѓутоа, за жал, внатрешните предавства и погоре споменатите причини го оневозможија вистинското дејствување на македонските безбедносни сили и затоа неслучајно споменав дека Македонија фактички самата се победи во војната во 2001 година. Како круна на се, на местото претседател на државата и врховен командант го имавме најлошото можно решение во тој судбоносен момент за Македонија. Идните генерации сигурно ќе бидат згрозени, кога читајќи ги книгите за војната ќе видат дека трагедиите кај Карпалак и Вејце беа најперфидно местење на македонските бранители. Или, пак, кога ќе дознаат како, при акцијата за  ослободување на Арачиново, на почетокот загинаа тројца полицајци, но, не во борба со албанските терористи (каква што е официјалната верзија на настанот), туку загинаа од граната на АРМ. Невидена бламажа - македонски војници и полицајци се испотепаа самите меѓу себе, бидејќи не си ги знаеја координатите, како резултат на споменатата некоординираност на министерствата за внатрешни работи и за одбрана!!!  Инаку, оваа вистина надлежните државни органи се уште ја кријат од јавноста и од семејствата на загинатита полицајци, бидејќи, внимавајте, државата ќе требало да плаќа големи отштетни износи доколку се признае нејзината очигледна вина, иако принципиелно се поставува прашањето - дали воопшто има цена по која можат да се обештетат македонските бранители кои загинаа за Татковината. Затоа, владеачката ВМРО-ДПМНЕ, како одговорна и народна партија со демохристијанска ориентација, имаа силна обврска, најпосле, девет години по војната, да ја сподели со јавноста вистината за загинувањето на полицајците во акцијата за ослободување на Арачиново, во јуни 2001-та!  Понатаму, на битни државни позиции, од каде што се влијаеше на воените настани, се поставуваа личности со просечни способности. Токму за време на војната, тогашната министерка во МВР, Доста Димовска, спроведуваше некакви реформи за намалување на надлежностите на безбедносните служби, иако за време на војна нивните надлежности се зголемуваат. За споредба, за време на терористичките напади во Њујорк на 11 септември 2001 година, тогашниот американски претседател издаде наредба, внимавајте, за зголемување на надлежностите на американските тајни служби, за да можат да приведуваат, следат и прислушкуваат, без да чекаат судски налог. И во САД тогаш се побунија невладините за заштита на човековите права,  но, во обраќањето до нацијата, американскиот претседател истакна дека тоа го прави заради заштита на националната безбедност на САД. Во овој контекст, спроведената анкета на јавното мислење во САД покажа дека Американците во огромно мнозинство ги подржуваат мерките на нивниот претседател во напорите да им обезбеди сигурност, иако притоа го крши Уставот со споменатите овластувања за американските тајни служби! Истовремено, на своите тогашни коалициски партнери, Мендух Тачи и Арбен Џафери, Димовска им ја предаде целокупната оперативна мрежа за македонските Албанци, која беше проследена до терористичката ОНА. Во оваа насока, на неколку месеци пред војната, масовно се бришат од евиденциите на тајната полиција одредени лица-Албанци, како неинтересни за службата. Да појаснам за неупатените, дека бришењето од евиденциите на тајната полиција значи дека т.н. бришани лица повеќе не се интересни за службата и во иднина не треба да се преземаат какви било оперативни активности спрема нив, иако подоцна се виде дека тие биле всушност најекспонираните команданти на ОНА за време на војната! Во најкритичниот период за државата, за советник за националната безбедност на претседателот на државата се поставува Никола Димитров, кој во тоа време е што туку излезен од училишните клупи на Правниот факултет и кој воопшто ги нема потребните компетенции од оваа област. Уметноста на советувањето за вакви чуствителни прашања не е нешто што може да се научи само со читање книги, туку искуството во вакви околности е сеуште најдобриот учител. Да се прочита книга и да се советува претседателот како да се добие војната, е можно исто толку колку што е можно да се добие фудбалски натпревар само со прочитување на фудбалско упатство!  Иронијата да биде поголема, за дадените  “совети” од Димитров во војната, во која Македонија  беше понижена и посрамена, следуваше награда со тогашно амбасадорско место во САД. Притоа, во консултации со македонската амбасада во Москва, каде амбасадоруваше неговито татко, на дипломатско ниво се испитуваа нашите македонски корени. Можеби и не треба да не чуди, зошто поминавме така како што поминавме во војната во 2001 година...! Државничко промашување за време на војната секако е и нашата неактивност во ОН. Срѓан Керим, како наш  постојан претставник во ОН, речиси ќе ја “преспие” војната, непреземајќи ниту една позначајна активности во тие судбоносни моменти. Се сеќаваме како беше најавуван како врвен дипломат од кариера, за токму тогаш да слушнеме дека негова врвна карактеристика е плагијаторството. Незамисливо е, како овој дипломат не успеа со своите политички ментори да создаде барем еден цврст сојузник од државите што нешто значат на меѓународната политичка сцена. За време на војната, тој не се ни обиде да ги анимира Македонците на континентот каде што амбасадоруваше, нешто што, како што се виде од аспект на т.н. албанско лоби во странство, секако имаше свое значење во војната. Надворешната политика во тоа време е речиси комплетно промашување и носи значаен дел од одговорноста за загубената војна!  Познато е дека т.н. албанска страна, за време на војната за високи хонорари беше советувана од познати и признаени странски експерти од областа на меѓународното право и политика, а и одредени меѓународни посредници во конфликтот добиваа високи парични надоместоци (класичен поткуп) од албанскиот фактор. Во овој контекст, мошне неумесни и дегутантни беа изјавите на македонските политички водачи, дека финансиски “силното” албанско лоби одиграло битна улога во настаните, притоа “заборавајќи” дека сме организирана држава со соодветни структури и сопствен буџет, со кои можеше да им се парира на посочените финансиски активности на Албанците! Работите стануваа појасни, доколку се додаде дека полтронството и невидената сервилност беа етаблирани како врвни принципи на однесување во безбедносните структури. Во оваа насока, зборовите го изменија своето вистинско значење, па, така, сервилноста се сметаше за квалитет; знаењето, чесноста и патриотизмот кон сопствената држава претставуваа недостаток, залагањето за доследно почитување на уставната обврска да се брани државата се сметаше за изговор да не се превземе ништо; авантуризмот се прикажуваше како храброст... И, како круна на се, одредени политичари токму за време на војната недозволиво тајно се среќаваа со претставници на терористичка ОНА, заради кроење планови за уривање на тогашниот премиер Љубчо Георгиевски, но, тоа е предмет за посебна анализа! Навраќајќи се на почетните размислувања, сметам дека на Македонија и е потребна една опсежна анализа за војната во 2001-та, иако Рамковниот договор, кој е наметнат, изнуден со уцени и во одредени одредби капитулански по РМ, сакаат да ни го прикажат како инструмент кој самиот по себе ќе доведе до мир и афирмација на граѓанското општество. Дотолку повеќе, војната во Македонија сеуште не е завршена, иако е склучено некакво примирје, бидејќи, иако звучи парадоксално, во моментов, во време на мир, не се мисли на ништо друго освен на повторно војување. Ќе бидам задоволен, доколку укажувањето на причините за загубената војна во 2001 година им биде од полза на сите оние што сакаат да ја знаат вистината за настаните, а најмногу на политичките водачи, за работите што се случиле и кои, во согласност со македонската реалност, можат повторно да се случат на истиот начин!