Држава кочничар!


05.05.2010 | 22:23:40 | Колумни


Држава кочничар!

Веб колумна, 05.05.2010, Илија Ташев

Одредена фирма  отпочнала инвестициски циклус и во екот на тие активности треба да подмири извесен долг во странство од кој зависи нејзиниот натамошен континуитет. Од друга страна, таа фирма располага со парични средства кои се заглавени во ДДВ пресметките што ги поднесува секој месец, но, повратокот на овие средства доцни, внимавајте, затоа што се заглавени токму од државата.

Имено, државата веќе неколку месеци должи околу 7,3 милиони евра на 280 фирми-членки на Стопанската комора на Македонија на име неповратен данок на додадена вредност. Го прочитав овој податок во дневните весници, и да бидам искрен едноставно се фрапирав. Во овој контекст, имав некакви сознанија за ова, а овде-онде ќе потчуеш и во разговор со некој бизнис пријател кој ќе си дозволеше да писне, но, сеуште нема лелекање - или можеби слухот ме издава. Можеби си го дозволуваат и тоа, кога се подалеку од големото уво, или пак, само кога се надвор од границата оние што се извозно ориентирани, а всушност тие се и најзагрозените. Тие најчесто имаат голем број контакти во странство, истовремено се репрезенти на бизнисот, но, и на сликата за Македонија во меѓународни рамки. Нивното бизнис-пријателство со странски фирми, и те како е посакувано на просторите на поранешна Југославија и пошироко. Меѓутоа, за суштината и значајноста, за поранешните пазари, во друга, порелаксирана прилика.

Да сумирам,, не станува збор за некаква анкета на леви или десни партиски крила, нити нивниот пандан од централната позиција нити на  „невладини“ организации нити на  нивни доверливи доушници. Значи, воопшто не станува збор за некаква нарачана анкета, туку се работи за анкета спроведена од една сериозна институција на стопанските субјекти, односно, на Стопанската комора на Македонија. Во оваа насока, останува да видиме колку се силни членките на Комората да го повлечат вистински потег, токму во овие незгодни времиња, кога всушност свртувањето на замаецот на паричниот треба да ги покрене, односно, откочи заглавените стопански активности, посебно кај најмоќните фирми што можат најмногу да влијаат за стопанскиот прогрес, или пак, за негово уназадување. Замислете, како што спомнав, одредена фирма отпочнала со инвестициски циклус и во екот на тие активности треба да подмири извесен долг во странство, од кој зависи натамошниот континуитет - а  ваму, кај нас во Македонија, фирмата е заглавена, бидејќи побарува од државата позамашен паричен износ по основ на невратен ДДВ за период од два до четири месеци. Дури 120 дена закаснување, исто толку денови исчекување - кого како  ќе го стрефи. Доколку  должиш во странство - се ми се чини дека странецот нема баш да те попричека!? Свежи пари нема од никаде, а кредитите  до вчера беа баук - можеби таквата состојба трае и денес. Или пак, гигант од металната индустрија, односно, од енергетиката, со огромни парични побарувања од државата на име - ДДВ повраток, неможе да се помрдне. Така,  големи агломерати - холдинг компании и силни акционерски друштва, едноставо се приковани. Во овој контекст, сосема природно чекаат надокнада за сработеното и најмалку дваесет фирми - придружни во бизнисите, банките и финансиските корпорации. А на успешното работење на тие правни лица се надеваат и некои други поврзани фирми, и се така - до најмалиот сегмент, работникот. Еден кочничар - сите заглавени. Приклештувани со години кон дното на своите можности. Познато е дека некои од нив заглавија во непосакуваниот стечај и немилите ликвидациски лавиринти. Државата не ги почитува основните правила на игра што постојат насекаде на земјината топка: Создавање поволен амбиент за делување на домицилните субјекти и на странските правни лица, односно, давање соодветни поволности, почнувајќи од фискалната политика заради нивното прилагодување во средината, па, се до соодветните поволности што се поврзани директно во процесите на производството и прометот. Објективноста на текстот наложува да се спомене, дека во време на економска криза неможе да се очекуваат чуда од државата. Дотолку повеќе, одредени личности околу премиерот водени од лични мотиви бараат нови опции. Па, се случува вицепремиер, да напушти влада и веднаш брзопотезно да побара засолниште во друга политичка партија. Меѓутоа, ова не е само балкански ексклузивитет. Но, настрана од политиката и политичарите, државата преку својата институција - Управата за јавни приходи, не смее да се појави во улога на зарибана и неподвижна локомотива. Се случи еднаш државата да се појави во улога на кочничар, но тоа не смее веќе да се повтори!