По примерот на Сопот, Собранието сега треба да се изјасни и за случајот Вејце!


12.03.2010 | 21:56:07 | Колумни


По примерот на Сопот, Собранието сега треба да се изјасни и за случајот Вејце!

Колумна, „Фокус„, 12.03.2010, Јанко Бачев

Случајот „тероризам во Сопот„ за кој многу се пишува, со месеци ја бранува јавноста по неговото актуелизирање од собраниската Анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, поради што чуствувам обврска да се осврнам на овој случај од поинаков аспект.

Поточно, преку едно споредбено согледување, сакам да приложам одредена аргументација за оправданоста сега да се формира нова работна група во рамките на собраниската Анкетна комисија  заради испитување на злосторството врз македонските бранители кај Вејце за време на војната во 2001 година, а кое, по речиси девет години, и понатаму останува мистерија за нивните семејства и пошироката јавност. Заради подобро запознавање на читателите, најнапред се осврнувам на неколку моменти кои во поширок контекст имаат допирни точки со погоре споменатото.

Имено, познато е дека на 13 август 2001 беше склучен Рамковниот договор со кој формално се прекинаа вооружените дејствија меѓу безбедносните сили на Македонија и терористичките формации на ОНА. До денешно време на рамковната спогодба и се придаваат историски димензии и заслуги од политичарите, експертите и интелектуалците, кои од македонска страна на своевиден начин беа вклучени во нејзиното создавање. Но, годишнините од значајните историски настани за еден народ и држава се проследени со големи сенародни прослави, а во Македонија досегашните годишнини од рамковната спогодба редовно се одбегнувани од македонскиот државно-политички врв. На овие прослави редовно се појавуваат само  политичките претставници на албанското малцинство во државата!

Значи, годишнините од „историската„ рамковна спогодба не предизвикуваат експлозија на воодушевување кај македонскот народ и неговите политички претставници, туку може да се каже дека  погласни се изливите на незадоволство. Страшно е кога некој се обидува на македонскиот народ да му наметне верување во рамковната спогодба, во која уверен сум дека и самите креатори интимно не веруваат во нејзиното, наводно, историско значење за Македонија. Впрочем, осум и пол години подоцна се уште има 766 внатрешно раселени лица од Арачиново, еден од симболите на војната, каде во летото 2001 се водеа жестоки борби меѓу македонските безбедносни сили и ОНА. А, од однесувањето на Албанците произлегува дека не мислат на ништо друго, освен на методите на повторно војување. Оттука, прави голема грешка секој оној што мисли дека бројните привилегии што ги добија екс-командантите на терористичката ОНА како високи државни личности, ќе предизвикаат кај нив заборав на старите соништа за реализација на идејата за голема албанска држава, која опфаќа и територии на Република Македонија. Како и да е, според мене, рамковната спогодба е длабоко трауматична за македонската национална свет.

Од друга страна, иако Албанците со рамковната спогодба доби практично се, дури може да се рече и дефакто статус на конститутивност во една бинационална или федеративна држава, од оваа временска дистанца произлегува дека сите тие нивни силни, веќе здодевни, европски барања за човекови слободи и права, кои постојано ги повторуваат, сепак не одговараат на нивното цивилизациско ниво. Во овој контекст, познато е дека албанското малцинство не може да прифати достоинствено и цивилизациски ниту еден судски процес во кој е обвинет Албанец, а притоа, Албанците да не излезат на протести и улични блокади со контејнери, пропратено со изјави на нивните политички репрезенти дека се работи за монтиран процес и провокација спрема Албанците. Дали се работи за обвинети Албанци за случаевите што беа вратени од Хаг, или Бродец или Сопот... секогаш сме сведоци на протести, најчесто под мотото „Правдина за Албанците„.

Во конкретниот случај „Сопот„ од 4 март 2003 година, во атарот на селото Сопот, односно, на локалниот пат Сопот-Сушево во местото викано „Божја дупка„ од подметната експлозивна направа загинаа двајца НАТО војници од полскиот контигент, како и македонскиот државјанин Крунислав Кипријановски од Куманово. За поставената противтенковска мина, од страна на Државното обвинителство беа обвинети 11 локални Албанци, а Основниот суд во Куманово истите ги прогласи за виновни и донесе осудителна пресуда, која во меѓувреме стана правосилна по исцрпувањето на сите дозволени правни лекови од обвинетите, со што случајот правосилно е окончан.

Но, по седум години од настанот, на сцена стапува поранешниот амбасадор на НАТО во Македонија, Николас Бигман, кој на 13 јули 2009 година, во ексклузивно телевизиско интервју го потврди разговорот што го имал со поранешниот министер за одбрана Владо Бучковски околу невиноста на приведените за случајот Сопот, со што го актуелизираше овој случај. Притоа, Бигман ќе истакне дека не може да верува оти селаните од Сопот, кои биле 99 отсто етнички Албанци и големи подржувачи на НАТО и кои можеби се малку едуцирани, но тие не се идиоти да направат такво нешто. Според него, судот користел бледи факти и вината кај обвинетите не е докажана, иако не предочи докази, туку само вербало изјави дека сето тоа му се чини за нелогично!

По ова, очекувано, уште наредниот ден собраниската Анкетна комисија закажа седница за да ги објави имињата на членовите на работната група која ќе се занимава со собирање на дополнителните факти за случајот. Работната група, раководена од ДУИ, веднаш ќе започне со активности насочени кон изнаоѓање нови докази, кои се потребни за повторно отворање на случајот „Сопот„ заради што дел од пратениците на ДУИ, екс-команданти на ОНА, експресно добија безбедносни серитификати потребни за пристап до документи со назнака „државна тајна„.  Значи, една лична изјава на Николас Бигман доведе до недозволиво сомневање во судската пресуда за случајот „Сопот„ и директен притисок врз независното судство и девалвирање на неговата институционална позиција, токму во моментот кога е потребно да се биде воздржан по овие чуствителни прашања, како што е судството, кое и понатаму ја оптоварува македонската политичка реалност со секојдневната негова изложеност на оценки од најразлични субјекти!

Од друга страна, владеачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не ја пропуштија шансата и на овој случај да се испазарат за добивање на одредени партиски привилегии, што само по себе кажува дека  најмалку им е гајле за судбината на осудените лица за случајот „Сопот„. Впрочем, кратката хронологија на работата на Комисијата јасно го потврдува тоа: Најпрвин членовите на работната група-Албанци излегоа со став дека случајот „Сопот„ е монтиран и дека од страна на МВР се направени прекршувања, а членовите од ВМРО-ДПМНЕ со спротставен став, дека МВР при спроведувањето на постапката професионално и одговорно си ја извршило работата, без пречекорувања и без употреба на сила врз ниедно лице. На наредната седница на собраниската Анкетна комисија од 17 декември 2009 година, настана вистинска циркузијада во Собранието кога членовите на Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ почнаа да се кријат по собраниските канцеларии, за да не влезат на седницата и да донесат заклучок за случајот „Сопот„!!!

Конечно, на завршната седница на собраниската Анкетна комисија од 19 февруари 2010 година, по претходни три неуспешни обиди, членовите на владеачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, спротивно на претходните залагања, во стилот на „Боро и Рамиз„ сложно и координирано само го аминуваат Извештајот, кој претходно им е подготвен од некој вонкомисиски центар, со кој заклучуваат дека во случајот „Сопот„ сепак имало повреди на основните слободи и права предвидени во Уставот и законите, што значи дека политичкиот пазар е направен, иако се работи за човечки судбини!? Како и да е, врз основа на изјавата на Бигман, дека осудените се невини, се актуелизираше случајот „Сопот„ кој доби позитивна завршница во Анкетната комисија, а чиј извештај најверојатно ќе биде прифатен од судот како нов доказ за повторување на постапката против обвинетите.

Но, сега, оправдано може да се побара од постојаната Анкетна комисија да формира работна група, која ќе го испита злосторството и врз македонските бранители кај Вејце во 2001 година, бидејќи и за овој случај  постои амбасадорска изјава како и во случајот „Сопот„. Имено, во тоа време, покрај Николас Биган, на моќната четворка меѓународни претставници во нашата држава и припаѓа и тогашниот амбасадор на ОБСЕ во Македонија, Крег Џенес. (останатите двајца се амбасадорите на САД и ЕУ, Лоренс Батлер и Донато Кјарини). За понеупатените да спомнам дека ОБСЕ е регионална организација во која членуваат држави претежно од европскиот континет, а од неевропските држави во неа членуваат Канада и САД. Преку ОБСЕ, САД го остваруваат своето влијание на европскиот континент и затоа амбасадорите на ОБСЕ воглавно произлегуваат од разузнавачките структури, а камуфлирани со дипломатски статус.

Да се навратам на Крег Џенес. Според Информацијата на македонската тајна полиција до тогашниот министер Љубе Бошковски насловена како „Сознанија за громорозното убиство во с.Вејце-Тетовско„ заведен под ев.број 470 од 13 ноември 2001 година, детално се опишани учесниците во терористичката акција во која на 28 април 2001 година во Вејце беа убиени и масакрирани осум македонски бранители, а споменатите лица како извршители останаа на слобода, и, притоа, еден од нив своевремено дури беше поставен за заменик министер. Инаку, неколку дена пред нападот, извршителите се подготвувале и вршеле обука во логор на Косово, во непосредна близина на границата со Македонија и нивна задача била да ја ликвидира живата сила од патролата и да ги уништи возилата и воената техника. Ова не случајно го потенцирам, бидејќи сеуште останува енигмата, како диверзантско-терористиката група на ОНА однапред го знаела движењето на патролата составена од македонските бранители кои настрадаа кај Вејце!?

Кога тогашниот министер Бошковски пројави желба да го расчисти случајот „Вејце„ по институционален (судски) пат, Крег Џенес експресно дојде за да упати директна закана, ако се преземе било што во тој момент против лицата од терористичката група, Македонија ќе биде обвинета за провоцирање нова војна во земјата. Но, најинтересно во таа прилика е што Крег Џенес пред сведоци категорички изјави и вети дека веднаш по парламентарните избори во Македонија на 15 септември 2002 година, тој лично ќе се заложи да се расчисти случајот Вејце, бидејќи и на нив се им е познато во врска со тој случај. Но, изборите од 15 септември 2002 година одамна завршија, Љубе Бошковски беше депортиран во Хаг, а до денешен ден овој случај сеуште нема официјална разрешница.

Значи, кога веќе е востановен преседан во контекст на случајот „Сопот„, кој се актуелизираше врз основа на изјава на Николас Бигман, сега е најсоодветно некој пратеник во Собранието на Македонија како овластен предлагач, согласно собранискиот деловник, да го актуелизира случајот „Вејце„ врз основа на изјава на Крег Џенес. Притоа, уверен сум дека Џенес, како што направи Бигман, со задоволство ќе прифати да сведочи пред собраниската Анкетна комисија. Истовремено, верувам дека и политичките претставници на албанското малцинство во државата не би имале ништо против една ваква иницијатива за расчистување на контроверзните настани од нашето поблиско минато, дотолку повеќе што, само со рамноправен третман на случаевите како „Сопот„ „Вејце„, „Карпалак„, „Љуботен„... Македонија ќе покаже доволна зрелост и завиден демократски капацитет на нејзиниот пат кон евро-атланските интеграции. Дотолку повеќе, изборите од 15 септември 2002 година кои  Крег Џенес ги посочи како пречка привремено да не се расчистува случајот „Вејце„, одамна се завршени. За разлика од случајот Сопот,  сметам дека расчистувањето на случајот „Вејце„ ќе оди многу полесно, бидејќи и МВР и Крег Џенес (ОБСЕ) точно знаат што се случи кај Вејце.

Значи, во моментот недостига само иницијатива. А, кога сум кај иницијативата, сметам дека е најумесно како иницијатор за расчистување на случајот „Вејце„ да се појави Стојан Андов, имајќи во предвид што истиот е највозрасен и најискусен пратеник, а бил член и претседател на постојната Анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот. Секако, го имам во предвид и фактот што просто импресионира заложбата на Андов за одбрана на човековите права, кога речиси во секоја негова колумна во „Фокус„ потенцира дека мора да ги исправиме големите неправди спрема албанското малцинство, иако останува нејасно - кои права ги немаа Албанците во поранешна СФРЈ и подоцна во самостојна и суверена Македонија, освен што, согласно Уставот, им беше забрането да растураат држави!? Затоа, воопшто не се сомневам дека пратеникот Андов ќе се заложи за случајот „Вејце„, со што ќе покаже интерес за заштита на правата и на Македонците, кои, нели, се рамноправни граѓани во оваа држава.

Актуелизирањето и расчистувањето на случајот „Вејце„ им го должиме пред се на семејствата на загинатите бранители, бидејќи слушајќи ги нивните изјави секоја година по повод годишнините од загинувањето на бранителите, јасно порачуваат дека сега многу повеќе од загубата на нивните најмили ги боли тоа што не ја знаат вистината. Во овој контекст, произлегува дека Народно движење за Македонија ги прави долгоочекуваните потези, сега на ред е државата!