Решението е во најмалку две премиерски оставки


16.07.2009 | 21:50:32 | Колумни


Решението е во најмалку две премиерски оставки

Колумна, „Време„, 16.07.2009, Јанко Бачев

Во историјата денеска неспорно е дека се до конституирањето на современата македонска нација ниеден друг народ не го носел или присвоил тоа македонско име. Значи, во еден долг и континуиран историски процес кој трае со векови се создаваат потребните претпоставки за избор на националното македонско име како битна конституента на македонската национална свест и македонската нација.

Тоа се случува во текот на 19 век, а впрочем ниту еден од балканските народи вклучувајќи го и грчкиот, во почетокот на 19 век не бил конституиран како нација.

Религиозната припадност ја определувала политичката и социјалната положба на султановите поданоци за време на турското владеење на овие простори. Уште повеќе што изборот и усвојувањето на националното име не е регулирано со меѓународни норми, ниту со мултилатерални или билатерални акти и спогодби. Секоја нација има право самата да одбере и да го носи своето име. Оттаму никој нема право да обвини една држава и да и го оспорува националното име, и затоа и е постои институција до која може да се упати вакво обвинение. Но, македонската јавност и по осумнаесет години сеуште се прашува дали ќе успееме да го зачуваме своето исконско име Македонија кое го носиме непрекинато како единствена земја на Балканот, од околу седмиот век пред нашата ера до денеска, близу три милениуми и притоа да станеме членка на НАТО. Веднаш да поентирам. Да, можно е. Како? Одговорот го дава предлог-стратегијата за одбрана на уставното име која на 1 јули 2009 година ја поднесе мојата партија Народно движење за Македонија заедно со ВМРО-Демократска партија лично до претседателот на Собранието.

Охрабрува сознанието што првиот парламентарец веднаш по нејзиното добивање им ја поделил на пратениците. Деновиве бев пријатно изненаден кога неколку пратеници од кои некои со по неколку мандати ми се јавија за да ми ги пренесат лични видување дека досега не виделе посериозен документ во врска со спорот за нашето име. Инаку, ние, двете политички партии НДМ и ВМРО-ДП, ја поднесовме оваа предлог-стратегија од причина што за нас е апсолвирана целата грчка стратегија во спорот за името која всушност претставува завеса од чад зад која Грција го продолжува националниот геноцид врз Македонците и сака да ги минира основите на македонската нација. Во овој контекст ја имавме предвид и Резолуцијата на Собранието на РМ од 3 ноември 2008 за изнаоѓање стратегија за наметнатиот спор со Грција. Значи, на Македонија и е потребна стратегија за одбрана на уставното име, а не стратегија за национален пораз, за промена на името што имавме прилика да ја видиме неодамна во македонскиот парламент. Оттука, предлог-стратегијата е втемелна на остварливи решенија што не ја лимитираат аргументацијата во прилог на одбрана на уставното име и содржи насоки (анализа и осмислена тактика) како да се одбрани името. Се разбира, во овој момент не можам да зборувам за поединости, а претседателот на Собранието најпрвин ќе треба да определи евентуален степен на доверливост за да не се нанесе штета на националните интереси. Инаку, со предлог-стратегијата се нудат повеќе начини со конкретни дејствија како Македонија да го оствари своето право да биде нарекувана Република Македонија. Се разбира, клучен фактор во одредувањето на најсоодветниот начин на постапување ќе биде политичката проценка на државниот врв. Од друга страна, познато е дека промоторите за промена на името постојано повторуваат дека премиерот Груевски на крајот, сепак, ќе попушти бидејќи бил изложен на силен притисок од моќни држави. Еве еден совет доколку хипотетички Груевски и навистина наиде на неиздржлив притисок во контекст на воочените хендикепи во македонската политика во овие осумнаесет години. Имено, на Македонија во такви случаи и требаат последователно најмалку две премиерски оставки за конечно да се убедат европските авторитети дека нема играње со македонските национални интереси, бидејќи Европејците досега без тешкотии успеваа целосно да ги контролираат нашите политички елити откако претходно ќе им дозволеа пресметано коруптивно однесување за нивно финасиско нафатирање. Значи, доколку Груевски биде ставен пред свршен чин за името, веднаш треба да дотрча до Македонската телевизија и да му соопшти на македонскиот народ дека поднесува оставка, а наредниот премиер во идентича ситуација да го повтори овој чин, со што најпосле ја осигуруваме толклу посакуваната позиција на респектабилна држава пред европските авторитети. Наведеното да го илустрирам со еден пример.

За време на референдумот за територијалната организација во Македонија во 2004 година агентурната мрежа на ЕУ во Македонија му пишуваше на Хавиер Солана дека не треба воопшто да бере гајле, бидеќи референдумот со сигурност нема да успее оти според нивните оперативни сознанија од теренот во Македонија живеат само околу 200.000 осознаени Македонци, а остатокот е некакав аморфна маса. Се разбира, ваквите шпионски извештаји на агентите на ЕУ во Македонија се базираа на длабоката поделеност на двете најголеми македонски партии кои досега не покажаа способност да се обединат кога се работи за важни прашања од највитален национален интерес по цена и на нивни оставки. Во овој контекст, ние во НДМ сме длабоко изненадени од некои сознанија што ги добиваме деновиве дека во тој кобен референдум за Македонија во 2004 година, покрај комуњарите што само крадат, а не градат, и влијателни актери од тогашната наша Здружена коалиција „За подобра Македонија„ работеле во заднина во содејство со еден тогашен влијателен амбасадор референдумот да не успее иако сите ние со невиден излив на патриотизам блокиравме патишта по Македонија против територијалната организација со која де факто Македонија е федерализирана. Но, за ова во друга пригода. За време на потпишувањето на Рамковниот договор во 2001 година, т.н. модел со оставки им го предлагав на тогашниот мој „брат„ Љубе Бошковски со кого во 1999 ја водеме против олигархијата првата антикорупциска војна во Македонија и на тогашниот премиер Љубчо Георгиевски. Не послушаа, но денеска немаме никакво фајде што Љубчо Георгиевски ни се извинува дека погрешил со потпишувањето на рамковната спогодба со која целосно е обезличена македонската држава и која е длабоко трауматична за македонската национална свест. А, идните македонски државници нека учат и од оставката на хрватскиот премиер Иво Санадер.

Кога сум кај поранешниот премиер Љубчо Георгиевски не е на одмет да му ја освежам меморијата бидејќи сосема неосновано неодамна на телевизиски настап изјави дека терминот „Македонци„ на нашиот простор почнува со употреба од 1903 година со искажувањата на Крсте Мисирков. На пример, уште на почетокот на деветнаесетиот век кога руската влада му дава тајна задача на нејзиниот министер за надворешни работи со грчко потекло Јоанис Каподистриас да понуди решение по распадот на турската империја, истиот во 1929 година предлага на Балканот да се создадат пет држави-монархии меѓу кои и Кралство Македонија (Македонија, Тракија, островите Имброс, Самос и Тасос). Секако интересно е тоа што Гркот Каподистриас немал претензии да ја вклучи Македонија во Елинското Кралство и притоа неможе да се претпостави дека еден високообразован еминентен европски дипломат со искуство и во разузнавачките служби, и секако добар познавач на работите, згрешил. Тој името Македонија го предложил за една друга држава, надвор од Грција и тоа не се сметало за узурпација и навреда за Грција, односно фалсификување на историјата. Разликата е денес само во тоа што наместо кралство имаме Република Македонија. Најинтересно е што токму Јоанис Каподистриас покасно ќе биде првиот премиер на нововековната грчка држава која настана во деветнаесетиот век. Подоцнежниот грчки премиер Е. Венизелос на Балканскиот конгрес во 1929 година ќе го потврди постоењето на македонското малцинство во Грција. Еден друг грчки премиер, Андреас Папандреу, во говор пред грчките безбедносни структури на 4 мај 1986 во Алекдруполис јасно кажа дека Грција нема да врши притисок врз Југославија да не го употребува терминот Македонија бидејќи нивно право е како ќе се нарекуваат. Наведеното од неколку грчки премиери сметам дека е добро загревање за македонските пратеници пред да се впуштат во натамошно постапување по предлог-стратегијата за одбрана на уставното име кое никој нема право да го менува, бидејќи не постои нешто, што би дало право на оваа генерација Македонци, во името на претходните и идните генерации, и тоа само на дел кој живее во Република Македонија, да одлучува за нашето име. П.С. Според најавите, бараната средба на претставниците на НДМ и ВМРО-ДП наместо со претседателот Иванов ќе се реализирала со неговиот советник за надворешна политика. Инсистираме исклучиво на средба со Иванов со оглед на сериозноста на предлог-стратегијата и степенот на доверливост на нејзината содржина.