Доаѓа ли денот „Д„ за досиејата?


16.09.2006 | 16:01:23 | Колумни


Доаѓа ли денот „Д„ за досиејата?

Колумна, „Шпиц„, 16.09.2006, Јанко Бачев

Во мојот серијал во “Шпиц” за дејствувањето на тајната полиција во демократска Македонија, во текстот од 13 јуни 2006, меѓу другото ја најавив потребата од формирање соодветна собраниска комисија за расветлување на пермаментната злоупотреба на Службата за државна безбедност (СДБ), и дека мојата партија Народно движење за Македонија (НДМ) изразува целосна подготвеност на новиот парламентарен состав да му приложи соодветни факти и докази во оваа насока.

Притоа, НДМ се залага споменатата комисија да добие пошироки задачи, со тоа што покрај обелоденувањето на соработниците на СДБ, ќе се позанимава и со расчистување на скандалозните афери на тајниот центар на СДСМ во СДБ за време на СДСМ-овското опозициско дејствување, а пред се, целосното расветлување на конструираната војна во 2001 година.

Во оваа насока, набргу по изборите на 5 јули, претседателот на Либералната партија, Стојан Андов, најави иницијатива за формирање ваква собраниска комисија и, како што слушаме и гледаме, иницијативата е целосно поддржана од релевантни политичари, новинари, експерти, интелектуалци и слично. Овие иницијативи и залагања, кои дополнително се промовираат по смената на власта на 5 јули, кога практично се е познато и кога е многу лесно и безопасно да се промовираат одредени идеи, иако доаѓаат со одредено задоцнување, сепак се за поздравување, и во секој случај кореспондираат со моето залагање најпосле да се расветлат одредени процеси од нашата историја поврзани со дејствувањето на СДБ, за кои јавноста има право да знае.

Интересно е тоа што на новинарски прашања, речиси сите политичари, новинари, експерти интелектуалци и слично, ја поддржуваат идејата за основање комисија, која ќе ги обелодени т.н. крупни кодоши на СДБ. Следејќи ја оваа нивна логика и самоувереност, односно кога “сите” се за обелоденувањето на соработниците на СДБ, на прв поглед се поставува прашањето дали во соработничкиот список на тајната полиција воопшто имало соработници од редот на општествената елита-олигарси, банкари, новинари, универзитетски професори, писатели, политичари и слично. Секако дека работите не стојат така, и тука морам да укажам оти јавните залагања на дел од овие истакнати категории граѓани за потребата од обелоденување на соработниците на СДБ, се, пред се, во нивен сопствен интерес. Имено, во добар дел од поранешните комунистички држави се отворија соработничките досиеја, а овој процес по се изгледа станува неминовен и кај нас. Токму затоа, добар дел од овие истакнати поддржувачи на идејата за обелоденување на соработниците на СДБ, сакаат да го пресретнат очекуваното отворање на соработничките досиеја, бидејќи се свесни дека и нивните имиња фигурираат на тие списоци, но со нивните сегашни предвремени агилни и “искрени” намери да се објават соработниците на СДБ, настојуваат дополнително да ги амортизираат негативните ефекти по нив, со тоа што дополнително по обелоденувањето на соработничките досиеја би изјавувале дека нивните соработнички релации се конструкции, уште повеќе што и тие самите, нели, отпорано се залагале за објавувањето на соработниците на СДБ.

Во оваа пригода да ја споменам и одбранбената стратегија, која деновиве на неформални состаноци ја градат т.н. олигарси, во случај да се обелодени и нивната соработка со СДБ. Инаку, денешните т.н. олигарси, своевремено, сите до еден, биле соработници на тајната полиција, и токму оваа соработка ќе биде клучна за градењето на нивните завидни кариери. Значи, доколку се објават нивните соработнички досиеја, нивниот дефиниран тактички приод кон ова би бил да се форсира тезата во јавноста дека тие, своевремено како назначени стопански и слични претставници во странство, едноставно морале да пишуваат извештаји до СДБ. Се разбира, овој момент воопшто не е спорен, но, споменатата теза, сепак, има “фалинка”, бидејќи со ова всушност се сака да се прикрие фактот дека овие лица се во соработнички однос со СДБ уште од самите почетоци на нивните работни кариери, каде што се ангажирани да кодошат за состојбите во нивните работни средини. Значи, со градењето на својатата кариера, овие лица истовремено ќе градат и завидна кодошка кариера. Нивната финансиска моќ досега им даваше можност за успешно затскривање во јавноста на нивното кодошко минато. Да потсетам дека своевремено посочив солидна аргментација, дека некои од овие олигарси денеска се директно инволвирани во формирањето и во дејствувањето и на паралелни разузнавачки служби кои продуцираат афери за потребите на тајниот центар. Но, сепак, да оставам нешто во оваа насока да сработи и да каже најавуваната собраниска комисија, па дополнително да продолжам со темата...

Сметам дека ми е обврска уште сега да укажам на некои моменти што би биле корисни за дејствувањето на споменатата комисија. Имено, мора да се знае дека комисијата ќе наиде на силен отпор од тајниот центар, кој во овие петнаесетина години располага со огромна моќ и фактички ги контролира процесите во државата. Затоа можеби побитно од објавувањето на соработниците на тајната полиција е и целосното расветлување и демонтирање и на тајниот центар на СДСМ во СДБ. Ова е многу моќна структура, а дека е така, само да нафрлам дека овој центар, покрај тоа што успеа да ја сруши владата на Никола Кљусев во 1992, успеа целосно да ги контролира во заднина и процесите за време на власта на ВМРО ДПМНЕ од 1998 до 2002. Впрочем, вмровската власт во периодот 1998-2002 беше контролирана и приклештена меѓу две разузнавачки структури, онаа легалната СДБ, која владата на ВМРО-ДПМНЕ, божем, ја контролира, и веќе споменатата, паралелна служба. Понатаму, да се има предвид дека во 1994 веќе имаше еден бран на ништење на соработнички досиеја во СДБ, но живи се луѓето што знаат што е уништено и во оваа насока не гледам ниту една причина Фрчковски, како тогашен министер во МВР, да укаже на некои личности од соработничките списоци.

Пожелно е комисијата да побара обелоденување не само на домашните кодоши туку и списокот на кодоши во врска со службите на странски држави и тука ќе се видат многу интересни имиња. Потребно е комисијата да настојува да добие и т.н. истражни овластувања, за да може директно да влезе во подрумите и во архивите на тајната полиција, а не да се задоволи со готови извештаји изготвувани од СДБ. Неопходно е и потребно е во работата на собраниската комисија да зе мат учество и надворешни членови кои во детали ги познаваат сосотојбите во СДБ. Просторот не ми дозволува поширока елаборација и укажување на сите потребни моменти од интерес за самата комисија, како и изготвениот концепт на НДМ за реформа на тајната полиција и за ова подетално во друга пригода. Најбитно е да не се дозволи комисијата на крајот на својата работа разочарано да изјави дека во архивите на СДБ, всушност, и немало т.н. крупни соработници на СДБ. Значи, како да се погледнат работите потребен е студиозен пристап и неопходна потреба од целосно реформирање на тајната полиција, за да не не реформира тајната полиција повторно нас.