Зад Ордановски и Тасева се крие судирот меѓу ЦИА и германската БНД


13.10.2006 | 15:59:52 | Колумни


Зад Ордановски и Тасева се крие судирот меѓу ЦИА и германската БНД

Колумна, „Фокус„, 13.10.2006, Јанко Бачев

Деновиве јавноста се занимава и со судирот во врска со изборот на ново раководство на невладината организација “Транспарентност”. Новинарските извештаи главно се сведуваат на тоа дека споменатиот судир е резултат на желбата за контрола и влијание врз оваа невладина организација, која меѓу останатото носи значајни лични привилегии и материјални бенефиции.

Такви се јавните реакции, но, за мене, суштината на овој спор сепак има подлабока димензија, и во оваа пригода колку што ми дозволува просторот, ќе се обидам да дадам свое видување на реалните причинско-последични врски на овие актуелни препукувања во “Транспарентност”.

Во оваа насока, најпрвин ќе изнесам одредена фактографија за природата на спомнатиот внатрешен лидерски судир во “Транспарентност”, а накратко би се осврнал и на местото, улогата и задачите на невладините организации кои денеска се распослани по целиот свет, и кои всушност шират една голема измама дека се настанати единствено да го развиваат цивилниот сектор. Кога зборувам за нашите невладини организации, првенствено мислам на најмоќните и најрелевантни од типот на “Транспарентност”, “Сорос” (со фантастичен буџет од 10,5 милиони долари), МЦМС и сличните.

Зад актуелниот судир на двете најистакнати персони од “Транспарентност” околу (не)легитимноста и (не)статутарноста на изборот на едниот од нив за прв човек во организацијата, всушност се крие судирот за примат и влијание врз организацијата од страна на две моќни светски разузнавачки структури-прекуокеанската ЦИА и германската БНД, каде, нели, е централата на “Транспарентност”. Интересот на споменатите разузнавачки служби и не заслужува некој посебна елаборација, бидејќи горе-долу е познато дека контролата врз оваа влијателна невладина организација овозможува насочување на процесите на македонската политичка сцена во сопствен прилог (читај: светските фактори). Познато е дека организацијата може во секое време да продуцира и да прави “соодветни” проблеми и непријатни сплеткарења на било која власт во државата. Споменатите персони како предводници на двата спротиставени табори што во моментот бијат битка кој и понатаму да ја владее организацијата, се всушност обични експозитаури кои успешно одработуваат доверени задачи за потребите на своите налогодавци, кои, пак, од поодамна се погрижиле да ги “вдомат” кај себе. Дека е така, да посочам на пример дека персоната која го застапува интересот на прекуокеанската ЦИА со “посредство на т.н. косовска траекторија” и на кого во моментот се уште му се оспорува лидерството во организацијата, своевремено Доста Димовска како министер во МВР, го етаблира како надворешен член во комисијата која требаше да прави наводни реформи во Службата за државна безбедност (СДБ). А, токму ова лице, според документирани оперативни сознанија на СДБ (службен документ во СДБ од 20.01.2001) во текот на 2000 и 2001 се наоѓа на платниот список на ЦИА, и тука оправдано може да се постави прашањето за какви автохтони реформи можело да стане збор. За ефектите, пак, на споменатата комисија за реформи, не теба да се трошат зборови, бидејќи од силните реформи единствено тајната полиција и понатаму продолжи да не реформира нас. Згора на тоа, од каде тогашната вмровската министерка Димовска најде вмровски врски кај ова лице, а истото го бараше и за вработување чувари?! Но, уште пострашно во целата ситуација можеби е фактот што ваквиот ангажман за странска служба дополнително ни го “продаваат” како пријателска соработка со служба на пријателска земја, иако во сиот норамален свет ова се нарекува шпионажа, а носителите на вакви активности се нарекуваат шпиони. Дотолку повеќе што, во овие петнаесетина години, по се изгледа и понатаму остана непознаница фактот дека државите можат да градат добри пријателски односи, но, дека разунавачките служби отсекогаш биле и ќе бидат непријателски настроени со свртени погледи едни спрема други заради пермаментно меѓусебно шпионирање. Впрочем, своевремено за време на воениот напад на НАТО сојузниците врз СР Југославија, во мај 1999, француските разунавачки открија дека во седиштето на НАТО во Брисел нивните политички и воени претставници биле прислушувани од ЦИА. Било кого да прашате, денеска ќе ви рече дека САД и Франција се сојузници и имаат добри меѓудржавни односи, но, на теренот службите очигледно си го работат своето.

Да не бидам погрешно разбран, да потенцирам дека оти немам ништо против добрите меѓудржавни пријателски односи со САД, кои и понатаму требат да се движат во ист правец, со оглед на тоа што за држава како Македонија е особена чест и гордост да ужива подршка од САД како доминантен центар на моќ на денешницата. Моите укажувања се само во насока дека пријателската соработка на нашите разузнувачки служби треба да оди преку пропишана процедура, а не е на одмет да се преиспита и нивното претерано и непотребно инволвирање во македонските работи (каде што треба и не треба) и добар дел од проблемите да ни ги препушти нам. Пријателски да апелирам дека неконтролираното впуштање во решавање на сите постоечки проблеми, не само во Македонија туку речиси во целиот свет, можат сериозно да ја ослабнат и самата САД одвнатре. Впрочем, не е отповеќе да спомнам дека и американските деца денес на училиште учат од своите читанки дека и Македонија во дадени политички околности била светска сила, но се распаднала.

Нејсе.Во моментот, шаховски кажано, сведоци сме на реми ситуација во “Транспарентност”, но јас уште отсега сум уверен дека овојпат крилото предводено од дамата како неспорно посилна шаховска фигура сепак ќе ја изгуби битката од крилото предводено од далеку послабата шаховска фигура-пешак. Значи, шаховските правила не помагаат, бидејќи во случајов одлучувачка е моќта на која се потпираат овие спротиставени лидери. Тука, секако, неодминлива е и улогата на одредени кругови на тајниот центар на СДСМ во СДБ, кој застана зад групата предводена од оспоруваниот лидер во организацијата. Колкава е моќта на овој таен центар во локални рамки (Македонија) веќе пишував до најситни детали, и по се изгледа дека граѓаните одлично ја разбраа неговата суштина, но, за жал, се уште најповиканите не можат (или несакат) да го разберат тоа.

Суптилноста во овие дворски игри оди дотаму што (замислете!) оспоруваниот лидер на “Транспарентност” веќе пројави амбиции во идниот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата да вметне една друга проверена инсталација од сродниот им МЦМЦ. Е, баш би сакал да го видам тој парламентарец кој ќе го подржи ова решение, од проста причина што ми е несфатливо како може да се етаблираат личности за борци против корупцијата, кога цел живот одработувале за туѓи каузи и интереси. Нивната борба како и досегашното работење на одделни членови на антикорупциската Комисија ќе се сведе на диригирано продуцирање на тековни проблеми за моменталните владејачки гарнитури, и ништо повеќе. Една површна анализа на работењето на Државната комисија за спречување на корупцијата ќе покаже дека нејзината работа може да се подели во два дела: кога беспоговорно одработуваа случаи во јавноста во прилог на поранешната власт додека беше во зенитот на моќта; а кога стана јасно дека ќе дојде до промена на власта, почнаа да отвораат случаи во прилог на сегашната власт, а тогашна опозиција. Колку биле селективни може да се види и од мојот пример. Слаѓана Тасева, како член на антикорупциската комисија се уште нема постапено по мојата претставка од 10.11.2003 под бр.12-853 за непотизам и конфликт на интереси на Илинка Митрева како поранешен министер во МНР, од за мене познати причини, иако била должна (чл. 49 во врска со чл.33 од законот) во тоа време во рок од 30 дена да го реши случајот. Деновиве дури на полициската академија повторно си вратила М.К. да ги едуцира полициските кадри, а која своевремено на графикони не убедуваше како припадниците на МВР како “клети вмровци убивале како пилци недолжни емигранти”. За секој случај, добро е да се игра со сите, бидејќи чудни се патиштата божји, па добро е да се биде другарка и со М.К., ем да се има другарка во Владата. Нели, пријателствата се лична работа. Убавина!

Збор-два и за природата на т.н. невладини организации кои во моментот се распослани низ целиот свет. Една голема измама е нивното прикажување како некаков фактор за развивање на граѓански сектор и цивилно општество. Имено, уште со формирањето на Советот за надворешни работи на САД и Кралскиот институт за меѓународни односи во Велика Британија по Првата светска војна како истражувачки институции од “невладиниот сектор” во иднина ќе биде јасна ориентацијата, местото и улогата на невладиниот сектор кој дополнително ќе развие импресивна мрежа на организации на меѓународната политичка сцена. Инаку, низ редовите на спомнатите две организации ќе поминат најзначајните личности и одлуки според кои ќе се кројат судбините на светските ентитети наречени држави. Само ноторен будала може да поверува дека развивањето на мрежата на т.н. невладин сектор е во функција на општо добро бидејќи на овие невладини, независни, небуџетски и како ли уште не се нарекуваат, развивањето на граѓанско општество им е битно како и ланскот снег. Убеден сум дека денешните невладини светски организации се несомнено најдобриот човечки изум преку кој денес се остварува посакуваната контрола на состојбите на меѓународната политичка сцена, или да се послужам со реториката на денешните наши “модерни” европски политичари-невладиниот сектор е всушност корисна алатка за контрола на светските процеси.