Обвинители на резервна клупа


13.12.2006 | 15:53:59 | Колумни


Обвинители на резервна клупа

Колумна, „Шпиц„, 13.12.2006, Јанко Бачев

По првите сто дена мандат на новата влада, меѓу другото, стана сосема јасно дека најпосле на политичката сцена се појави државна институција што има вистинска желба и волја да се справи со домашните криминални структури.

Со последните владини акции за сузбивање на организираниот криминал се отстранува секаков сомнеж во владината искреност и решителност да води реална борба со криминалното зло. Искрено се надевам дека овојпат владата ќе успее да се справи со замките и сплеткарењата на сеуште моќниот таен центар на Црвенковски, кој, пак, успеа целосно да ја блокира и искомпромитира почнатата антимафијашка борба во 1999 година, за што ќе пишувам подолу. Подолго време сведоци сме на политичка, стручна и научна полемика во врска со неопходните реформи во обвинителството од која се наметнува впечаток, дека вината за досегашната неефикасната борба со организираниот криминал треба да ја бараме пред се во лошата легислатива. Тоа е погрешна опсервација на проблемот бидејќи нашиот кривично правен систем и досега целосно ги опфаќаше и разработуваше правно-теоретските поставки во обем неопходен за навлегување во суштинска борба со извршителите на казнени дејствија. Но, да се навратам на практичните аспекти на оваа тема.

Македонија во овие петнаесетина години речиси и да нема вистински јавен овбинител, туку целосно контролирани, сервилни карикатури. Дека е така, може да се види од примерот со истражните дејствија спрема ексгувернерот Трпевски, во врска со проневерата на 60 милиони долари. Пријавата против него е поднесена уште пред две ипол години, а пред извесно време в.д. јавниот обвинител така “храбро” извикуваше пред ТВ-камерите дека обвинителството бескомпромисно ќе го апси Трпевски, а истовремено од неговиот оддел за организиран криминал бомбастично изјавија дека обвинението се темели на цврсти докази. До тука се е во ред, но, прашувам, ако е така, зошто обвинението го поднесуваат по две ипол години, односно дури во ноември 2006, кога доказите се исти и тогаш и денес, и следствено на ова, судскиот исход за Трпевски требаше веќе да биде познат. И тогаш и сега основно право и должност на јавниот обвинител е да ги гони сторителите на кривичните дела. Значи, не ќе да е до лошите закони, туку многу повеќе е до човечкиот фактор. Во случајов, поради невидената сервилност и неажурност во работењето, на Трпевски секако би требало да му прави друштво и спомнатиот обвинител. Поентата ми е дека владата ќе мора паралено да размислува и за темелни кадровски реформи во обвинителството, бидејќи, не ќе можат да се остварат посакуваните резултати со обвинители кои преземаат обвинителски дејствија само за да и угодат на секоја можна владејачка гарнитура. Пожелно е да преземе и радикален чекор, со тоа што владата ќе им се заблагодари на добар дел од повозрасните обвинители и истовремено ќе се побараат сите невработени млади дипломирани правници со положен правосуден испит кои веднаш би се упатиле на неопходна обука во Акадмијата на обвинители. По завршувањето на стручното оспособување, сите релевантни политички партии преку заеднички ТВ-настап јавно ќе им порачат дека досегашното обвинителско трчање по партиските штабови најстрого се забранува и санкционира, со препорака дека не е пожелно и нивно движење во радиус од најмалку 500 метри од партиските седишта. Јасно ќе им се стави до знаење дека единствено треба да размислуваат за обвинителска кариера и вака ослободени од партиските стеги убеден сум дека ќе се добијат посакуваните обвинителски борци против криминалот. Значи, да се направи нешто, што некои посткомунистички земји го направија уште во 1990-91 година. Истовремено со ваквите реформи, практично му се одзема силата во овој сегмент на контролниот центар на “државникот” Црвенковски, кој без разлика дали е на власт или во опозиција има посакувана контрола во речиси сите области.

Во оваа насока, поучен е примерот со борбата со криминалот на вмровска влада од 1998 година. Имено, се сеќава јавноста како во 1999 година жестоко се тргна со расчистување на криминалот, при што концеписки најпрвин беше предвидено да се “удри” врз криминалните активности на “бизнисмени” од т.н. средно ниво, за да дополнително се дојде и до т.н. транзициски гангстери или популарно наречените олигарси. Во првиот налет во таа 1999, беа приведеи четириесетина директори во целосно законито спроведени постаки, а каков беше првичниот економски ефект само да потсетам на изјавата на тогашниот премиер Георгиевски, кој јавно кажа дека буџетот е во суфицит од 300 милиони долари, што секако се должеше и на создадената застрашувачка клима дека секој беспоговорно мора целосно да ги плаќа јавните давачки. Иако одделот за организиран криминал при ДБК перфектно го изврши својот дел, сепак, речиси сите случаи останаа докрај непроцесуирани, како резултат на брилијантната контрола на тајниот центар на Црвенковски.

Дека е така, колку што ми дозволува просторот, по случаен избор ќе елаборирам еден од спомнатите случаи, а кажаното се однесува и на сите останати четириесетина случаи, за кои можам да кажам дека со нивна целосна елаборација може да произлезе еден добар истражувачки стручен труд. Имено, меѓу другите беше приведен и директорот на една компанија од југот на државата, која своевремено не само во Македонија, туку беше една од најмоќните транспортни фирми и во поранешна СФРЈ. Во врска со овој случај, на 16 јули 1999 година од 14 до 15 часот во гевгелискиот суд се одржува вообичаена средба меѓу инпектори од ДБК и истражните органи. Консултациите се однесувале на проширување на кривичната пријава, бидејќи во текот на денот биле доставени нови сознанија и докази за инкриминираните активности на приведениот директор. Во таа пригода, од истражните органи јасно е кажано дека определениот притвор од 30 дена и понатаму тече. Но, по завршувањето на работното време, односно после 15 часот во наредните триесетина минути гевгелиските делители на правдата ќе учествуваат во најбрзата судска трка и збрка за реализирање на однапред организираното сценарио од центарот на Црвенковски. Во тие триесетина минути се формира кривичен совет кој треба да пресече дали директорот ќе биде ослободен, а куриозитет секако преставува и фактот што за член на тричлениот совет се определува и судија кој во тој момент користи годишен одмор и живее на оддалеченост од 30 километри од Гевгелија. Овој судија експресно е “пронајден”, а притоа, се разбира, не му е врачено ниту решение дека му е прекинат годишниот одмор и дека мора да се јави на работа. Како е пронајден овој судија и кога побрзо осамнал во гевегелискиот суд во 15 часот можеме само да претпоставуваме, иако во тоа време имало судии кои биле на работа и можеле да бидат вклучени во кривичниот совет. Истовремено, после работното време во судот тој ден остануваат на работа, курирот, архиварот и дактилографката, што не е вообичаено. Неопходната администрација била ангажирана да го спроведе веќе изготвенто решение-директорот морало да се најде на слобода од причина наведена подолу. Во оваа насока, истражната судијка повикува сведоци по телефон што е спротивно на Законот за кривичната постапка, според кој сведоците се повикуваат ислкучиво по писмен пат. Таа експресно ги сослушува, по што поднесува мислење за укинување на мерката притвор. По ова, се разбира, следи посакуваното финале, односно кривичниот совет се состанал после работно време и донел решение за укинување на притворот.

Значи, во тие половина час се конституира кривичен совет, се донесува и подготвува писмено решение за укинување на притворот, решението се доставува во гевгелискиот затвор, по што директорот во пропишана процедура треба да се раздолжи, и успева навремено да пристигне во седиштето на фирмата кое е во друг град, а не во Гевгелија. Како за половина час се преземни сите овие дејства, и како приведениот директор успеал да стигне на веќе закажаното акционерско собрание во тој момент, би требало да ни објаснат овие махери по квантна физика и телепортација. Ова слободно може да влезе во Гинисовата книга на рекорди. Сето ова е сторено заради одржувањето на акционерско собрание закажано токму за 16 јули, за да спомнатиот директор присуствува на, за него, многу значајната седница на која се избирал надзорниот одбор. Животна потреба на тајниот центар е спомнатиот директор да присуствува на акционерското собрание, на кое се решава судбината на фирмата со вредност од 40 милиони евра и која мора да “се спаси”. И, навистина, “државникот” успеа да ја “спаси”, со тоа што фирмата си остана во сдсмовската тајфа, која ја приватизира и распродаде, се разбира, на однапред познати “инвеститори”, а работниците денеска во најголем број со “прстот во уста ги мерат улиците”, иако беа во фирма која вреди 40 милиони евра кои завршија во приватни џебови на познати “инвеститори” со амин на Црвенковски И, ајде сега, како да му веруваме на “државникот” дека поседува само двособен стан во Скопје, како што не убедуваше на легендарниот 15 септември 2002.