Преку ОНА до она посакуваното


17.03.2007 | 15:46:27 | Колумни


Преку ОНА до она посакуваното

Колумна, „Шпиц„, 17.03.2007, Јанко Бачев

Обврска ми е како претседател на Народно движење за Македонија, кое е член на Здружената коалиција “За подобра Македонија”, да проговорам за мошне вознемирувачкото однесување на Новата социјалдемократска партија (НСДП) со намера наменски да предизвикува владина криза.

Своевремено пишував дека формално-правното појавување на НСДП на македонската политичка сцена само по себе не значи реално и нов политички субјект, туку дека повеќе се работи за сдсмовско крило можеби во малку поекстремна варијанта, кое треба да овозможи своевидно премостување и вдомување на одбрани сдсмовски кадри во констелација на новите односи власт-опозиција.

За мене е особено загрижувачки тоа што идентификувам уште еден дестабилизирачки фактор во нашата коалиција, овојпат во лицето на НСДП. Лидерот на НСДП, Тито Петковски, од неговото долгогодишно сдсмовско политичко дејствување, го познаваме како човек кој секогаш бил во втор план, без јасни и автентични ставови и отсуство на храброст да се соочи со лична одговорност. Во моментот пак, на општо изненадување токму Петковски промовира во јавноста кристално јасни, но, за жал зачудувачки тези спротивни на виталните интереси на македонскиот народ, како на пример неговото залагање да им се дадат пензии на борците на ОНА.

Просто е за неверување како Петковски во чија реторика најомилени реченици се достоинството и дигнитетот на државата, одеднаш се залага за доделување пензии на борците на ОНА само затоа што убиваа македонски бранители. Иронијата да биде поголема, дури и бранителите, како припадници на легалните безбедносни сили за време на војната во 2001, се уште мака мачат како да остварат инвалидски пензии и други социјални права од воениот конфликт. Никаде во светот не постои правна ситуација каде агресорот на крајот од војната се наградува со пензија за своите борци. Во вакви ситуации, познато меѓународно правно-признато стојалиште е на пример институтот- амнестија, што пак, веќе е наша реалност. Значи, погубната македонска историја продолжува. Нашите политички демагози, залудени од лична промоција и желба за слава и моќ, и понатаму продолжуваат да се коцкаат со интересите на својот народ.

Кои се мотивите за ова аморално и донекаде антидржавно однесување на Петковски? Познато е дека се почна со неговото враќање од Брисел каде пред извесно време оствари официјална посета. Се повторува веќе виденото - со слепо и анблок прифаќање подршка од Европејците се настојува да се зголеми својата моќ против политичките ривали на домашната политичка сцена, без притоа да се мисли дека со тоа се разбива домашното единство, основната брана против секоја закана што ја загрозува земјата. Моите согледувања, како и извесни сознанија во оваа насока се дека токму Петковски е тастерот кој ќе биде притиснат по потреба да дејствува дестабилизирачки врз владата, со (неискрено) ветување до него, дека овојпат ќе ја има нивната подршка за неговите претседателски амбиции. Во оваа насока, видлива е нервоза кај Петковски откако во јавноста почнаа да се вртат некои имиња на претседателски кандидади, а ова, како и неговата возраст не му одат во прилог, бидејќи прашање е дали може да чека на претседателски избори после 2009 година. Оттука и неговото мошне перфидно и заткулисно додворување на ДУИ, бидејќи 2009 му доаѓа на Петковски нешто како “да се биде или не”, и секако премостување и на личните фрустрации по “поразот” на претходните претседателски избори. Секако дека личните амбиции не се спорни, но тактичкиот приод за реализација овојпат е инкомпатибилен со државниот интерес.

Во оваа насока, не е на одмет да спомнам дека помеѓу некои челници на ДУИ и Петковски се уште постојат извесни “должничко-доверителски” во контекст на релациите со структури од времето на нашето заедничко живеење во југословенската федерација, но за ова во друга пригода.

Засега Петковски мошне суптилно ја тера работата на “своја воденица” свесен дека на ваквото негово однесување му оди во прилог непредвидливата и конфузна ситуација во ВМРО-Народна партија и нивната шестчлена пратеничка група, која му го стеснуваат маневарскиот простор на премиерот Груевски во напорите да ги избегне внатрешни турбуленции во коалицијата. Затоа и не треба да зачудува фактот што за состојбите во ВМРО-Народна партија поголема заинтересираност покажуваат токму Петковски и неговата НСДП, отколу Љубчо Георгиевски, на пример.

Доколку пак се постигне согласност за неприфатливиот идеолошки консензус помеѓу Петковски и Ахмети (пензии за борците на ОНА), тоа ќе биде климавото столче под нозете на премиерот Груевски. Во таков случај, оние кои ја оспоруваат изворната идејна позиција на ВМРО-ДПМНЕ ќе добијат опасен маневарски простор за своите обвинувања. Како искрен коалициски партнер, останува да се надевам дека премиерот Груевски веќе ја прочита играта, и во блиска иднина ќе им даде соодветен одговор на овие здодевни и вознемирувачки агитатори. Но, надвор од политичките игри, во овој контекст јавноста се прашува: Која е вистинската мисија на Тито Петковски во македонската политика?