Менување на границата ни дава право да бараме ревизија на Букурешкиот договор


31.08.2007 | 15:41:54 | Колумни


Менување на границата ни дава право да бараме ревизија на Букурешкиот договор

Колумна, „Фокус„, 31.08.2007, Јанко Бачев

Неспорно е дека процесот на изнаоѓање финално решение за статусот на Косово ја тангира и Македонија, а проблемот е поголем ако се знае дека било кое од можните решенија што се вртат во јавноста, без исклучок, е заканувачко по Македонија.

Наспроти наметнатиот став дека независно Косово е во согласност со стратешките македонски национални интереси, и оттука, дека тоа може да смета за готова работа. лично сметам дека не е така. Не е во интерес на Македонија Косово да добие независност, а уште помалку може да биде наш интерес ако Косово биде поделено.

Но, бидејќи решението за конечниот статус на Косово не зависи од нас, ниту пак објективно можеме да влијаеме на тој процес, сметам дека поцелисходно е јавно да се расправа за тоа, во функција на оспособување на Македонија за соочување со последиците од било кое постигнато решение, а кое ќе ги засега националните и државните интереси на Република Македонија. Особено способноста да спречиме прелевање на евентуалната криза во Македонија, односно нејзиното дестабилизирање заради што и самата би станала дел од таа криза, па сувереноста, независноста и унитарноста на државата да бидат доведени во прашање.

Затоа непоходно е да се навратиме на искуството од 2001 година и на она што претходеше на воениот конфликт по кој македонскиот народ ја изгуби својата национална држава и се претвори во творба на етнички заедници, со што ни се наметна еден неевропски концепт за конституција на државата, и тоа како втор експеримент од ваков вид по неуспехот на првиот во однос на Кипар. Сметам дека аналитичкото видување на темата ќе биде најцелисходно доколку се послужам со методот на т.н негативна енумерација на клучните катастрофални грешки што ги направи државниот врв во воената 2001 година.

Македонските политички демагози, залудени единствено од лична промоција и желба за моќ и профит, ја изгубија војната во 2001 година како на воен, така и на политички и дипломатски план. Всушност, Македонија во 2001 година се победи самата себеси, бидејќи од другата страна имаше виртуелен противник кој не претставуваше реална опасност. На почетокот, односно во јануари 2001 година кога почна војната, терористичката ОНА броеше околу 600 припадници. Некаде во февруари 2001 покојниот претседател Борис Трајковски оствари средба со американскиот претседател Џорџ Буш на која му беше кажано дека Танушевци е наш проблем и дека треба си го решиме како знаеме и умееме. Наспроти тоа, советниците на Трајковски сугерираа да не презема радикална акција и да се консултира со Тони Блер и Герхард Шредер. За тоа време, терористите од заштитниот корпус на Косово, од Танушевци стигнаа до Гостивар, поврзувајќи се со припадници на локалното албанско малцинство добро познати по своите големо-албански аспирации, како и со разни криминогени структури кои и припаѓаат на албанската мафија. Значи, неспорно е дека во критичниот момент ја имавме безрезервната подршка од најмоќната сила на светот енергично да се справиме со терористичката ОНА.

Понатаму, за време на воената криза отсуствуваше толку значајното политичко единство, односно изостана политичкиот консензус меѓу македонските политички партии кои безмилосно меѓусебно се кодошеа кај меѓународните претставници со цел да ја зголемат својата моќ во однос на својот политички опонент. За време на воената криза министерот за одбрана и оној за внатрешни работи секојдневно меѓусебно се опструираа на штета на малкуте скромни активности кои според Уставот мораа да ги организираат. Идните македонски поколенија сигурно ќе бидат згрозени кога еден ден, читајќи ги записите за конфликтот во 2001 година, ќе наидат на податоци според кои трагедијата кај месноста Карпалак е исклучиво резултат на волунтаристичко однесување, или пак кога за акцијата “ослободување” на Арачиново ќе дознаат дека македонските војници и полицијаци меѓусебно се убивале бидејќи не си ги знаеле координатите на дејствување.

Во оваа насока, во најкритичниот период за државата, советник за националната безбедност на Претседателот на РМ беше лице кое воопшто ги нема потребните компетенции од оваа област. А што е уште попогубно, како резултат на ваквите “совети”, борците на ОНА од терористити се здобија со посакуваниот статус на востаници, што има значење од аспект на меѓународното право, бидејќи од оваа околност зависи и примената на меѓународните воени правила врз т.н. албански борци за човекови права.

Во анализите не смее да се превиди ноторниот факт дека за време на воената криза, албанските терористи за енормно високи хонорари беа воено обучувани, и политички советувани од познати и признати странски експерти од областа на воените вештини, меѓународното право и политика, како и фактот што одредени меѓународни посредници во кризата беа плаќани со валканите пари на албанската мафија. На пример, нивна измислица е прекрасната тактика на 101 барање која Албанците сеуште ја применуваат. Според оваа тактика, кога ќе решите едно прашање, не остануваат уште сто, туку веднаш додавате ново и пак имате сто и едно барање.

Сепак, круна на се е што во погрешно време имавме погрешен врховен командант кој не покажа капацитет да се носи со настаните и ја преставуваше најслабата алка во одбраната на македонските национални интереси.

Затоа државата треба конечно да извлече поуки од трауматичната 2001 година и тоа да го преточи во стратегија и тактика на пресретнување на најавените негативни случувања во нашето опкружување. Секако, не чекајќи на изготвување на таквата стратегија со расположивиот институционален, но и политички капацитет, Република Македонија мора да реагира и дневно на поткопувањето на нејзиниот национален и територијален интегритет и суверенитет. Зашто, незамисливо е Ахмети да се заканува со нова војна кажувајќи дека ќе оди во планина, а никој во државава да не реагира, ниту од институциите, ниту од политичките партии. Во овој контекст Народно движење за Македонија му порачува дека може слободно да оди во планина, но доколку се дрзне да прави нова војна овојпат ќе си има работа со македонскиот народ и вистинското македонско раководство. Ако такво нешто се повтори, се надевам, наместо досегашната дефанзивна, плашлива и колеблива политика, Македонија ќе промовира активна политика во која јасно ќе се препознаваат виталните национални и државни интереси. Пред се во ситуацијата со која најавува преседан со кој ќе се прекрши принципот на неменливоста на границите, што на Македонија и дава природно право офанзивно да ги пресретне новите територијални загрозувања со најава за ревизија на Букурешкиот договор.