Амандмани што ја федерализираат Македонија


06.10.2001 | 15:39:31 | Колумни


Амандмани што ја федерализираат Македонија

Колумна, „Дневник„, 06.10.2001, Јанко Бачев

Добар дел пратеници во македонскиот парламент на големо задоволство на своите меѓународни ментори, на мошне перфиден начин ја операционализираат наметнатата обврска околу преточувањето на одредбите од рамковниот договор во нормативен текст од македонскиот Устав.

Притоа пред очите на целата македонска јавност манифестираат крајно понижувачки однос и сервилност, однесувајќи се во стилот на послушни ученици што треба безпрекорно да ја завршат зададената домашна задача, целосно дерогирајки ја уставната одредба според која пратениците одлучуваат по свое уверување (член 62 став 3). Во ваква ситуација, кога овие пратеници не го почитуваат постојниот Устав, мошне апсурдно и дегутантно звучат најавите за решителна одбрана на уставниот поредок од истите пратеници. 

Наоѓајки се некаде на половина пат од нормираната уставна процедура за измена на Уставот, односно во фазата на јавна дискусија за нацрт-амандманите, би се осврнал на конкретните одредби што се однесуваат на локалните полициски служби и локалната самоуправа, чие безусловно прифаќање едноставно би значело  крај на суверинитетот и унитарниот карактер на државата. Имено, со амандманот со кој се дополнува членот 8 на Уставот се предвидува правична и соодветна застапеност на граѓаните што им припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт на сите нивоа. Понатаму во точка 4.2 од општиот дел и точка 5.2 од анексот од рамковниот договор,  кои се во корелација со посочениот амандман, се предвидува обврска “полициските служби генерално да ги одразуваат составот и распределбата на населението”. Антиципирајки ја имплементацијата на овие одредби во реалноста, би ја посочиле  нивната  рефлексија во функционирањето на Тетово. Тетовската полициска служба моментално покрива подрачје населено со околу 170 000 луѓе, од кои близу 70 отсто се Албанци, 20 отсто Македонци и 10 отсто други. Според посочените критериуми, “правична”, “соодветна”, “составот и распределбата на населението” нормирани во изнесените правни одредби,  при избран индекс 100 во тетовската полициска служба од 100 полицајци 70 ќе бидат Албанци, а 20 Македонци. При ваква состојба на работите, би било доблесно македонските експерти што ни го сервираа овој мошне штетен договор, кој ја урива македонската држава,  да излезат пред македонската јавност и да кажат како при вакво егзистирање на локалните полициски служби,  каде што најголем дел од западна Македонија би ја контролирале полициски сили, мнозински составени од албанско население, ќе функционира фактички македонскиот суверенитет, уште повеќе што при ваков полициски кадровски сооднос, за македонскиот народ автопатот преку Тетово и Гостивар, како и рекреативниот центар  Попова Шапка  ќе станат мисловна именка.

За маката да биде уште поголема, извесно е дека најголем број од овие полицајци ќе бидат регрутирани од т.н. ОНА, по амнестијата, а ако уште го изнесеме и фактот дека во иднина на локалната полициска служба во согласност со точка 4 од анексот Б на рамковниот договор, “доживотно” се гарантира на началничкото место да биде поставувано лице член на заедницата што е мнозинство во општината со функционирање на полициска структура работите се доведуваат до застрашувачки степен од аспект на суверинитетот и унитарниот карактер на државата. Во овој контекст уште би додале дека со рамковниот договор меѓународната заедница (САД, ЕУ, ОБСЕ) добива ексклузивно право да го олесни, да го набљудува и да помогне во имплементирањето на одредбите од  него, како и да врши проверка, селекција и обука на кандидатите-албанци во полициските служби. Тоа во краен случај ќе доведе до интензивни контакти и преговори и во никој случај не треба да се повтори истата грешка како при меѓународните преговори во врска со договорот, каде што во својство на експерти беа вклучени лица со недоволно познавање на моделите, принципите и техниките на преговарањето.

Второ подрачје каде што рамковниот договор доведува до разградување на суверинитетот, територијалниот интегритет и унитарниот карактер на државата се одредбите во врска со локалната самоуправа. Ако во актуелната постапка за измена на Уставот, од страна на пратениците безусловно биде прифатено договореното во врска со локалната самоуправа, македонската држава фактички се федерализира. Имено, според точката 3.1 од рамковниот договор, локалната самоуправа ќе функционира врз база на принципот “вертикална организираност”, имплицирајќи помеѓу другото повеќестепеност во организирањето на локалната самоуправа, а во својата суштина овој концепт би значел функционирање на т.н. Илирида со “вертикален центар” Тетово. Ова уште повеќе што амандманот ЏВИИ на Уставот во голема мера ја зајакнува моќта на локалната самоуправа определувајќи и надлежности од областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области, практично пренесување на “сите” овластувања од централната на локалната власт.     Ваквите дефинирани концепти за организираност на локалните полициски служби и на локалната самоуправа можеби се функционални  во одредени т.н западни демократии, кои базираат на индивидуата, но пренесени на македонска почва во услови на остри поларизации и антагонизми со преферирање  колективни (племенски) вредности од страна на албанската популација, за краен резултат ќе има ѓетоизирање на т.н. албански општини. Што би значело ова за суверенитетот и унитарноста на државата - депласирано е да се елаборира. ЗАТОА, демократски избраните претставници во финалната фаза на уставните измени мораат да најдат храброст, знаење и патриотизам да го формулираат амандманот на начин кој што недвосмислено ќе ги иземе (анулира) локалните полициски служби од атрибутите “правична”, “ соодветна” застапеност на сите нивоа што се во корелација со терминот  “според составот и распределбата на населението”. Во делот на локалната самоуправа, законодавната власт едноставно мора да ја притисне извршната власт да номинира компетентни експерти во врска со имплементацијата на точка 3 од анексот Б на рамковниот договор, според кој треба да биде усвоен ревидиран закон за општински граници. Само вистински стручњаци што на експертско ниво ќе учествуваат во цртањето на новите општински граници ќе може да се изборат за солуција што на наредните локални избори ќе ги направи мошне изгледни шансите на македонците во Тетово да биде избран за градоначалник лице со македонско етничко потекло. Притоа е потребно аналитичко опсервирање на сите можни комбинаторики, бидејќи постојниот распоред на населените места во овој регион дава можност за ваква солуција. Односно, потребно е извесно “прегрупирање”, “додавање” или “одземање” на одделни населени места, при што во овој случај (мошне битен факт) не би се нарушил основниот принцип според кој единицата на локална самоуправа треба да претставува природна, географска и економска поврзана целина. За време на актуелнава криза во Македонија се изнаслушавме на разно- разни тези како “овие”, па “оние” ни биле виновни за состојбата во која се наоѓаме. Па, господа пратеници сега судбината на оваа држава е во Ваши раце, односно во вистинските и исправни одлуки.