Едно големо ништо


31.01.2009 | 15:31:11 | Колумни


Едно големо ништо

Колумна, „Време„, 31.01.2009, Јанко Бачев

Во моја колумна во „Шпиц„ од 13 јуни 2006 ја најавив потребата од лустрација и формирање на собраниска комисија за расветлување на пермаментната злоупотреба на Службата за државна безбедност со напомена дека мојата партија Народно движење за Македонија изразува целосна подготвеност на новиот парламентарен состав да му приложи соодветни факти и докази во ова насока доколку Здружената коалиција „За подобра Македонија„ предводена од ВМРО-ДПМНЕ победи на парламентарните избори што се одржаа на 5 јули 2006.

Познато е дека нашата коалиција однесе изборна победа на 5 јули, и во услови кога се беше познато и безопасно по смената на власта, дополнително нашиот тогашен коалициски партнер Стојан Андов од Либералната партија поднесе и официјална иницијатива која резултираше со донесување на лустрациски закон во јануари 2008 година. Во овој контекст, македонскиот парламент неодамна ја избра и Комисијата што ќе ја спроведува лустрацијата што дополнително доведе до голема возбуда кај македонските граѓани дека во пресрет на локалните и претседателските избори во март 2009 најпосле ќе дојде до расветлување на процесите и настаните од поновата историја поврзани со дејствувањето на тајната полиција, за кои јавноста има право да знае. Дотука се е во ред.

Но, чувствувам обврска на македонските граѓани да им ја пренесам непријатната вистина дека илузиите оти ќе заживее македонската лустрација ќе се распрснат како меур од сапуница во допирот со стварноста. Затоа најпрвин да предупредам дека доколку како граѓанин навистина очекувате да ви биде убаво и дека со задоволство ќе гледате и слушате како лустрационата комисија во периодот што следи ќе почне да ги објавува соработниците (кодошите) на тајната полиција, немојте да го читате овој текст понатаму. Доколку верувате дека и Македонија достигнала демократски капацитет и најпосле почна да го спроведува болниот но делотворен лустрациски третман, запрете со читањето тука. Но ако припаѓате на оние граѓани кои ќе ги следат дневните вести и кои со чудење ќе се чешкаат по главата прашувајќи се: Што тоа, добога, се случува, зошто ги нема кодошите во соодветните извештаи на Комисијата, тогаш пред себе имате текст што ќе ве исполни со радост, бидејќи овој мој финален текст за лустрацијата за која досега многу пишував се занимава со македонската лустрација која на крајот ќе излезе едно големо ништо и голем трик за манипулација со граѓаните.

Да одиме по ред. Самиот закон (членовите 32,33 и 34) е така скроен што допушта речиси сите категории граѓани, односно факултетски професори, академици, новинари, попови, невладиниот сектор, адвокати, медијатори, претседатели на политички партии, олигарси... да можат да бидат лустрирани само доколу самите тоа го посакаат, а илузорно е да се очекува дека некој самиот ќе посака да биде лустриран. Навистина жалосно, бидејќи токму кај споменатите професии врие од кодоши. Со оглед на просторот, само да ги спомнам кодошите од т.н. олигарси кои речиси до еден беа соработници на тајната полиција уште од почетоците на нивните работни кариери во социјализмот, и токму оваа соработка ќе биде клучна за градење на нивните завидни кариери а покасно и за нивно богатење. Значи, доволно е овие категории на граѓани во наредните пет години (толку важи законот) да не бидат кандидати за носители на јавни функции (кои и така не им се битни) со што нивното кодошко минато останува архивирано. Штета! А имавме прекрасна можност барем да им изречеме морална осуда на овие транзициски гангстери, кои извршија економска диверзија врз сопствениот народ.

Впрочем, ако законот (во правна сила од јануари 2008) дословно се применуваше досега требаше да се лустрира и официјалниот предлагач Стојан Андов, бидејќи една од основите за негово лустрирање е веќе узреана. Имено, во законот (членот 3) е предвидено дека ќе се лустрираат и корисниците на информации од кодошите.

А во 1992 година тогашната влада усвои правила за работа и организација на тајната полиција со кои предвиде и линија на работа-македонски екстремизам како перфидна форма оперативно да се следи и да се обработува ВМРО-ДПМНЕ. Започна фамозниот лов на „вештерки„ со отворањето на илјадници досиеја за т.н. македонски екстремисти кои всушност беа припадниците на ВМРО-ДПМНЕ (тука мислам на илјадници вистински вмровци кои го понесоа товарот на самостојноста и невидените малтретирања од тајната полиција а кои и тогаш и денес останаа на улица за разлика од „вмровците„ премачкани со сите партиски бои кои денеска ни ги продаваат како експерти). Согласно правилата, оперативните извештаји за следење на „македонските екстремисти„ тајната полиција ги доставуваше до тогашните највисоки државни раководители, односно до претседателот на државата, владата и до Собранието, а во тој период собраниски претседател беше токму Андов и истиот бил корисник на информации со што согласно законот подлежи на лустрација. Треба да се има во предвид дека во 1994 веќе имаше еден бран на ништење на соработнички досиеја, но живи се луѓето што знаат што е уништено и во оваа насока не гледам ниту една причина Фрчковски, како тогашен министер во МВР, да не укаже на некои личности од соработничките списоци.

Понатаму, за да оневозможат вистинска лустрација македoнските политичи актери од власта и опозицијата се послужија со мала итрина. Имено, формално правно донесоа закон и избраа Комисија. Но, во периодот што следи Комисијата ќе се повикува дека и е потребен подолг период за проучување на илјадниците изјави на носители и кандидати за носители на јавни функции и ќе ја замајува јавноста дека лустрацијата вистински ќе заживее некаде во периодот на наредните парламентарни избори во 2012 година. Но, ќе дојде и 2012 и тогаш како и сега кандидатите за носители на јавни функции ќе поднесуваат изјави за (не) соработка со тајната полиција. Некаде во есента 2012 по тогашните парламентарни избори ќе се конституира новата власт, а Комисијата тогаш пак ќе се правда дека не е возможно да се обработат многубројните изјави за (не) соработка со тајната полиција и тоа од оправдани причини: Законот престанува да важи поради истек на петгодишниот рок (член 42). Така, сите среќно и весело продолжуваат да живеат во демократска Македонија, а лустрацијата останува идеал положен на небото кон кој се стремевме, но кој никогаш не го достигнавме.

Впрочем, како да се објасни фактот што на новинарски прашања, сите пратеници, речиси сите политичари, интелектуалции и други безрезервно ја подржуваа лустрацијата, а деновиве се водеше и вистинска внатрепартиска војна во двете најголеми партии кој да влезе на нивните листи за советници и градоначалници, што значи дека важечкиот закон за лустрација никој не го ферма ниту чувствува и најмал страв од лустрирање иако постојат околу 40-илјади досиеја со преку 300 илјади тајни соработници. При таков општ конзенсус произлегува дека во Македонија воопшто нема потреба од лустрација иако во двете најголеми партии со најбројно членство од врвот па надолу во хиерархијата врие од кодоши. Ако е за некаква утеха Народно движење за Македонија ќе и понуди на јавноста партискиот регистар со најзвучни кодошки имиња без оглед на фактот што со законот се обидоа да не замолчат предвидувајќи казна до една година затвор за секој оној што ќе изнесе во јавноста податоци за тајните соработници. Но, ако кодошените со години биле предмет на полициска опсервација и невидена тортура, сите ние во денешно време имаме морална обврска кон нив, па макар свесно нафаќајки се да одработиме затворска казна од една година за доброто на Македонија со искрена надеж дека меѓусебното кодошење делбите и предавствата меѓу македонците најпосле засекогаш ќе престанат. Во секое зло, добро!