Лоши искуства со лошите советници


01.09.2007 | 15:28:16 | Колумни


Лоши искуства со лошите советници

Колумна, „Шпиц„, 01.09.2007, Јанко Бачев

Настаните во врска со решавањето на статусот на Косово деновиве иницираа одржување седница и на Советот за безбедност на Република Македонија. Граѓаните со интерес ги очекуваа заклучоците од седницата, и тоа со право, бидејќи токму овој Совет дава релевантна оценка за безбедноста на државата.

Но, консензуалната изјава од седницата на Советот наместо да не израдува, заради фактот што првпат се случува позитивен исчекор, односно власта и опозицијата постигнаа консензус по прашање од национален и државен интерес, таа длабоко ги загрижи граѓаните од тврдењето дека нема индиции кои би укажале дека се доведува во прашање безбедноста, и со тоа отвори повеќе дилеми на кои сакам да укажам во оваа пригода.

Имено, фактот што се одржа седница на Советот, а што претпоставува дека постоеле претходно констатирани индиции, го демантира тврдењето во заедничката изјава на државниот врв дека нема сериозни индиции кои укажуваат дека се доведува во прашање безбедноста на државата. Ваквото тврдење е спротивно на она што можеше да го констатира и обичната јавност, а за што медиумите драматично известуваат деновиве. Доколку, пак, државниот врв навистина нема такви индиции, се отвора непријатното прашање дали двата најважни безбедносни сегменти-Агенцијата за разузнавање и Управата за безбедност и контраразузнавање воопшто компетентно си ги извршуваат со Устав предвидените функции. Дополнително, загрижува очигледниот факт што спомнатите безбедносни структури не се координирани од заедничко државно тело каде што ќе се слеваат, анализираат и проценуваат сите релевантни информации. Ако е точно претходното, природно се поставува прашањето дали наместо да ги извршуваат своите уставни обврски, безбедносните служби недозволиво меѓусебно се вклучени во секојдневните политички превирања меѓу владејачките и опозициските политички субјекти.

Во поширокиот контекст, позицијата на претседателот како врховен командант, и на премиерот на Владата под кое е одговорно МВР, се сомневам дека е лимитирана во однос на капацитетите на овие две функции во смисла на способноста на донесување соодветни одлуки, поради фактот што се опкружени со некомпетентни советници. Загрижува тоа што како советници за национална безбедност на претседателот и премиерот се јавуваат исти лица кои и во 2001година ги советуваа тогашниот претседател и премиер. Можеби добра околност е што еден од овие некомпетенти советници деновиве е испратен во Брисел како владин претставник, а да се надеваме дека и претседателот на државата ќе го истурка својот од поодамна познат предлог да го испрати на дипломатска задача во Брисел и другиот некомпетентен советник.

Секако добра работа е испраќањето во странство на спомнатите советници со што, пак, се отвора можноста за назначување компетентни и искусни воени советници од редот на т.н. побелени генералски глави, бидејќи во вакви кризни ситуации искуството е се уште најдобриот учител. За поздравување е и достоинственоста на директорот на Агенцијата за разузнавање да поднесе оставка, свесен дека не може да се носи со претстојните безбедносни предизвици, и едноставно да замине да се занимава со работи за кои е компетентен. Во овие турбулентни времиња што неспорно ја тангираат и Македонија, безбедносните сектори не смеат да трпат импровизации, поради што се надевам дека оваа доблесна одлука на спомнатиот директор ќе има и други следбеници, за да не ни се повтори фаталната 2001 година.

Прашувам јавно како може бегство на албански криминалци и терористи од затворот “Дубрава” на Косово и бегањето на т.н. Џејми Шеј од “Идризово”, штрајкот на албански затвореници со глад во македонските затвори, прогласување на “Илирида”, најавениот референдум во Танушевци и слични активности кои се најавуваат, да не бидат сериозни индиции за нашите безбедносни служби за нарушеноста на безбедносната состојба? Или, како е можно во овие настани да не го препознаваат идентичниот вовед на сето она што се случуваше во 2001 година. Изјавата, пак, на ДУИ, Владата да не си игра со трпението на т.н. ОНА е многу повеќе од индиција. Тоа е, всушност, признание дека т.н. ОНА не е расформирана наспроти усвоената амнестија, што значи дека се уште постои како паравоена формација која ја загрозува безбедноста на државата.

Затоа, не можам да прифатам дека зад оваа ситуација државниот врв може како алиби да се послужи со тезата да не се вознемирува народот, затоа што граѓаните мораат да имаат можност да го проценат институционалниот капацитет на државата да спречи прелевање на кризата од Косово, односно и самата да стане дел од таа криза. Македонија, соочена со предизвици од повторна дестабилизација, треба да обрне сериозно внимание и анализа на настаните од 2001 година, да се обрне внимание на домашното политичко единство, да не се дозволи како во 2001 година, да надвладеат личните интереси и амбиции, борбата за власт, моќ и профит и секојдневните интриги во кои македонските политички фактори се коцкаа со интересите на својот народ.