Пет прашања за кандидатите за градоначалник на Град Скопје


13.03.2009 | 14:36:14 | Интервјуа


Пет прашања за кандидатите за градоначалник на Град Скопје

13.03.2009 (петок) Интервју на Претседателот на НДМ, Јанко Бачев за Вечер (новинар: Елизабета Арсоска) 

1.Дали сметате дека градоначалникот на Град Скопје треба да биде роден скопјанец? (појаснете зошто)

Прашањето ме потсетува на периодот на осамостојувањето на државата кога во новоформираната прва фудбалска лига на Македонија меѓу навивачката група на Пелистер-”Чкембарите” и онаа на Вардар-”Комитите” се роди воодушевувачко спортско ривалство како што впрочем и прилегаше на најдобрите фудбалски екипи во тоа време.

Притоа, на фудбалското дерби меѓу овие две екипи на Градски стадион во Скопје “Комитите” од западната трибина скандираа “Битола нема аеродром”, а од спротивната источна трибина “Чкембарите” возвраќаа громогласно “Скопје нема скопјани”. Има многу вистина во скандирањето на “Чкембарите” бидејќи катастрофалната демографска политика во однос на Скопје доведе речиси половина Македонија денеска пријавено или непријавено да живее и работи во главниот град, што значи дека најголем дел од населението во Скопје по потекло е од останатите места во државата. Па така, убеден сум дека не им е премногу гајле ниту на старите скопјани ниту на дојдените од внатрешноста дали идниот градоначалникот треба да е роден или нероден скопјанец, бидејќи за сите жители на Скопје суштествено е најпосле да добијат градоначалник кој ќе остварува стратегиски цели и интереси за Градот, а не да не мафтосуваат континуирано петнаесетина години наназад со формални пишани програми со кои само не лажат и крадат како даночни обврзници.

2. Кој ќе биде првиот проект што ќе го реализирате доколку ве изберат за градоначалник на Град Скопје?

Веднаш ќе спроведам ревизија на финасиското работење на Градот, бидејќи постојат сознанија дека одредени градски структури мошне перфидно ја искористија неодамнешната Владина борба со урбаната мафија кога се рушеа згради во Скопје, за да во тој момент по основ на рекетирање и мито извлечат незаконски милионски суми во евра во делот на компеназциите што се правени од Градот со некои изведувачи и инвеститори на згради во однос на нивните обврски за плаќање на комуналии. Но, загрижува фактот што никој од моите противкандидати досега во кампањата не спомна ревизија на финансиското работење на градот, а од друга страна сите ја продолжуваат старата практика и во јавните настапи само  плачат како Владата треба да им дава пари за да можеле да градат, заборавајќи притоа дека токму обврска на идниот градоначалник е да покаже способност, идеи и визија и да изнајде инвестиции за реализација на ветеното.

3. Зошто граѓаните треба да гласаат токму за вашата програма?

Затоа што за разлика од другите јас излегувам со ветување за остварување на стратегиски цели и интереси. Сведоци сме дека останатите кандидати употребуваат истрошени фрази ветувајќи асфалтирање на улици, тротоари, нови автобуси во градскиот превоз, па квалитетно улично осветлување и слично што во краен случај е навредливо бидејќи секој нормален човек при здрава свест знае, на пример, оти доколку се ископа улица дека треба да се санира, доколку прегорат светилки на улично осветлување дека треба да се заменат и слично. Од друга страна, јас излегувам со стратегиски цели: 1. Заживување на локалниот референдум на кој граѓаните како даночни обврзници ќе одлучуваа за сите битни прашања за Градот како на пример, за трамвај, за територијалната организација на Скопје и др. 2.Драстично зголемување на локалните даноци за богатите како преодна етапа да се изборам на централно најпосле и во Македонија да се воведе данок за богатите. Со повисоко оданочување на богатите делумно ќе ја исправам неправдата од македонската нечесна и криминална приватизација, а собраните средства по овој основ повратно ќе ги вратам на граѓаните преку разни програми- социјална заштита, здравство, образование, култура, спорт, лолален развој и слично. 3. Согласно законот ќе се заложам за експропријација на градските пазари и нивно враќање на Градот. Поразителен е фактот, на пример, дека т.н. Зелено Пазарче е поклонето на “Скопски Пазар” за само 33 илјади евра а има површина преку 3.300 м2 која вреди милиони евра. Скопје е единствениот град каде пазарите се во приватна сопственост на “Скопски Пазар” а притоа ова фирма има монопол ексклузивно да има пазари. Со експроријацијата на пазарите отпаѓа и можноста корисниците на тезги да плаќаат надоместоци за користење, туку само ќе имаат обврска да си ги одржуваат доделените тезги преку јавен оглас.

4. Ќе ги продолжите ли проектите на вашиот претходник?

За да продолжите нешто претходно треба да ви биде оставено нешто како проект. Во минатото, Скопје во континуитет има градоначалници кои речиси ништо не градат и целиот мандат го поминуваат во плачење до Владата да им даде пари, иако сите ние тргнуваме од позната состојба и знаеме колкав е буџетот на Градот. Ниту еден градоначалник досега не покажа способност успешно да го менаџира градот и самиот да доведе инвестиции што е најсуштествено, бидјеќи ако смислата е Владата да ви ги финансира сите проекти тогаш првиот што ќе го сретнете на улица повикајте го и ќе биде одличен градоначалник во услови кога Владата на секое плачење веднаш ќе му доделува пари од државниот буџет. Но за ваквата досегашна состојба  има и оправдани причини: Градоначалниците на Скопје досега доаѓаа со сериозни финансиски проблеми во свои приватни фирми и функцијата градоначалник им служеше како извор за санирање на своите приватни компании и бизниси со криминално извлекување на милионски суми во евра од Градот, а притоа за интересите на граѓаните воопшто не береа гајле. Доколку граѓаните се препознаваат во моите стратегиски цели што ги промовирам ќе добијат цврста и одговорна личност во поглед на евентуално криминално работење на поединци во градската администрација, комплетна ревизија на досегашното работење, а истовремено заедно ќе ги отпочнеме проектите кои претходно самите ќе ги кажуваат граѓаните на референдум..

5. Каква ќе биде вашата политика околу јавните претпријатија кои со години се соочуваат со големи проблеми и работат нерентабилно

Одговорот е многу едноставен. Имено, науката и човечката цивилизација воопшто се погрижиле да изнајдат механизми како се гради една современа и модерна локална зедница во која граѓаните со задоволство ќе работат и живеат во неа. Оттука, не ни недостасува знаење и обемни пишани програми со кои континуирано петнаесетина години не крадат и лажат, туку за квалитетно функционирање е потребно само волја, желба,чесност, одговорност, јавност и отчетност и доколку работите се постават во оваа насока ќе добиеме посакувана состојба не само во однос на јавните претпријатија туку квалитено функционирање на Градот во целина. Загрижуваат востановените хендикепи во македонската политика во која за се и сешто, односно дали за стечајни фирми или за јавни претпријатија само се констатира дека работат нерентабилно и само ни се сервираат статистички податоци дека ова јавно претпријатие има толку милиони евра во загуба, она јавно претпријатие волку милиони евра долгови, а притоа никој не го поставува прашањето каде, како, од кого и кај кого се одлеани тие силни милиони евра што ни ги прикажуваат како наводни загуби и долгови и на крај целата приказна завршува со опростување на долговите. Значи, во овој дел приоритет ќе ми биде најпрвин да видам како се направени силните милиони евра загуби и долгови, а граѓаните на јавно поставен видео-бим во центарот на Градот ќе имаат прлика да ја видат реалната состојба.