Националниот Блок „Не отворам врата“ поднесе во Собранието Закон за престанување на важење на Законот за попис


09.03.2021 | 15:55:00 | Пописи


Националниот Блок „Не отворам врата“ поднесе во Собранието Закон за престанување на важење на Законот за попис

Обраќање, Национален Блок „Не отворам врата„
проф. д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија
Скопје, вторник, 09 март 2021

Националниот Блок „Не отворам врата“ денес,  09 март 2021 (вторник) во Собранието поднесе Предлог-закон за престанување на важење на Законот за попис на населението, становите и домаќинствата, 2021 година, по скратена постапка.

Во име на Националниот Блок „Не отворам врата“ претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев рече:

Почитувани,

-„Националниот Блок „Не отворам врата“ денес поднесе во Собранието Предлог-закон за престанување на важење на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2021 година, по скратена постапка.

Сегашниот законот за попис не е усогласен со пописните стандари на ЕВРОСТАТ и меѓународните документи од оваа област а спроведувањето на пописот се одвива во услови на здравствена пандемија. Со законот се опфаќа резидентното и неризедентното население, се дава можност трети лица да попишуваат отсутни лица со покажување на нивен матичен број, попишување на етничката и религиозната припадност од трети лица иако овие определби се од строго лични и приватна природа, двоен потпис за пописот да биде важечки, што севкупно го прават пописот политичка наместо статистичка операција за реално пребројување на населението.

Исто така, Светската здравствена организација на 11 март 2020 прогласи глобална пандемија на болеста КОВИД - 19 предизвикана од новиот коронавирус САРС-КоВ-2, а кое нешто Македонија како членка на СЗО е во обврска да го почитува. За таа цел, во Македонија е прогласена кризна состојба заради заштита на јавното здравје, односно, справување со кризна состојба која претставува ризик по здравјето и животите.

Сега на повидок е ново воведување на полициски час на целата територија на државата по вчерашната препорака на Комисијата за заразни болести до владата за воведување на полициски час. Попис и полициски час не одат едно со друго. Надвор од секаква логика е во исто време да се спроведува попис и да важи полициски час. И за самата Комисијата за заразни болести како причина за полицискиот час е зголемениот бројот на заразени и починати од коронавирусот како резултат на непочитувањето на мерките за негрупирање.

А токму армијата од 32.000 попишувачи во земјата која треба да посети повеќе стотина илјади семејства во 80 општини групирани во 50 пописни реони е директно кршење на мерките за негрупирање. Дотолку е поголема опасноста што оваа армија од попишувачи не се вакцинирани ниту имаат обврска да поседуваат негативен ПЦР тест.

Затоа, веруваме дека ќе проработи совеста кај пратениците како народни избраници и ќе го прифатат нашиот закон за престанок на законот за попис. Апелираме власта да се вразуми и да го запре пописот кој би се одржал во некои подобри времиња со нула опасност од зараза со корнавирусот.

Со усвојување на законот ќе се покаже државнички капацитет, одговорно лидерство и помирување меѓу политичките субјекти во државата во оваа сфера по што ќе се направи попис како статистичка операција со национален и политички консензус“ - истакна Бачев.

Центар за комуникации на Националниот Блок „Не отворам врата“
Скопје, вторник, 9 март 2021

Медиуми:

Скопје 1

Македонски весник

МТВ (после 18м.45с.)

ТВ 24 

Новости

ТВ Алсат

Глас на Америка

Тајм

Грид

Интегралниот текст од поднесокот во Собранието

 

ДО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО              

СКОПЈЕ

 

Врз основа на член 71 став 2 од Уставот и членовите 133 став 1 и 170 од Деловникот на Собранието, Националниот Блок „Не отворам врата“ доставува Иницијатива за донесување на Закон за престанување на важење на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2021 година, со предлог-закон, по скратена постапка, што го утврди на седницата на Координативното тело на Националниот Блок „Не отворам врата“, одржана на 08.03.2021 година.

Согласно член 133 став 2 од Деловникот на Собранието, Иницијативата се доставува до сите пратеници и за тоа не известувате како подносител на иницијативата и во оваа насока, согласни сме предлог-законот во свое име да го процесуира пратеник, пратеничка група или независен пратеник.

ОПЕРАТИВНО ТЕЛО НА НАЦИОНАЛНИОТ БЛОК „НЕ ОТВОРАМ ВРАТА“

Вангел Божиновски

Марјан Камиловски

Гоце Гугуловски

Ацо Николовски

 

 

ПРЕДЛОГ ЗАКОН

ЗА ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ВАЖЕЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ПОПИС НА НАСЕЛЕНИЕТО, ДОМАЌИНСТВАТА И СТАНОВИТЕ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, 2021 ГОДИНА

 

 

Скопје, март 2021 година

 

ВОВЕД

  I. ОЦЕНА НА СОСТОЈБИТЕ ВО ОБЛАСТА ШТО ТРЕБА ДА СЕ УРЕДИ СО ЗАКОНОТ И ПРИЧИНИТЕ ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ

Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2021 година не е усогласен со пописните стандари на ЕВРОСТАТ и меѓународните документи од оваа област а спроведувањето на пописот се одвива во услови на здравствена пандемија. Со законот се опфаќа резидентното и неризедентното население, се дава можност трети лица да попишуваат отсутни лица со покажување на нивен матичен број, попишување на етничката и религиозната припадност од трети лица иако овие определби се од строго лични и приватна природа, двоен потпис за пописот да биде важечки, што севкупно го прават пописот политичка наместо статистичка операција за реално пребројување на населението. Исто така, Светската здравствена организација на 11 март 2020 прогласи глобална пандемија на болеста КОВИД - 19 предизвикана од новиот коронавирус САРС-КоВ-2, а кое нешто Македонија како членка на СЗО е во обврска да го почитува. За таа цел, во Македонија е прогласена кризна состојба заради заштита на јавното здравје, односно, справување со кризна состојба која претставува ризик по здравјето и животите на луѓето. И најново, Комисијата за заразни болести повторно даде препорака за воведување на полициски час поради непочитување на мерките за негрупирање кое доведува до зголемување на бројот на заразени. Во земјата владее тешка здравствена состојба. Кризата со коронавирусот се шири со нови заболени, но и смртни случаи. Спроведување на попис во услови на здравствена криза може да резултира со катастрофални последици. Посебно што, околу 32.000 попишувачи треба да посетат стотици илјади домови во 80 општини групирани во 50 пописни реони што е директна закана за здравјето земајќи предвид дека општо познато е како се пренесува заразата. Граѓанинот има уставна обврска да се грижи за сопственото здравје и здравјето на другите и оттука не е должен да прими попишувачи во својот дом. Настрана фактот што надвор од секаква човечка логика е истовремено да се спроведува попис и да важи ограничување на движењето на народот преку т.н. полициски час.

II. ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И ОСНОВНИ РЕШЕНИЈА

Со донесувањето на Закон за престанување на важење на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2021 година, се запира пописот во Македонија. Веднаш по примената на законот, досегашните донесени и преземени правни акти и дејствија во врска со пописот, престануваат да произведуваат правни последици. На тој начин се спречува политички мотивираниот и живото-загрозувачкиот попис да доведе до катастрофални последици.

III. ОЦЕНА НА ФИНАНСИСКИТЕ ПОСЛЕДИЦИ ОД ПРЕДЛОГОТ НА ЗАКОНОТ ВРЗ БУЏЕТОТ И ДРУГИТЕ ЈАВНИ ФИНАНСИСКИ СРЕДСТВА

Одредбите од предлогот на Законот не имплицираат дополнителни финансиски последици врз Буџетот на Република Македонија и другите јавни финансиски средства.

IV. ПРОЦЕНА НА ФИНАНСИСКИТЕ СРЕДСТВА ПОТРЕБНИ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ, НАЧИНОТ НА НИВНО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ, ПОДАТОЦИ ЗА ТОА ДАЛИ СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ЗАКОНОТ ПОВЛЕКУВА МАТЕРИЈАЛНИ ОБВРСКИ ЗА ОДДЕЛНИ СУБЈЕКТИ

Спроведувањето на законот нема да предизвика дополнителни фискални импликации.

V .        СКРАТЕНА ПОСТАПКА ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОН

Имајќи го предвид фактот дека се исполнети условите од членот 170 алинеја 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, односно дека не се работи за сложен и обемен закон, се предлага Законот за престанување на важење на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2021 година, да се донесе по скратена постапка.

ПРЕДЛОГ ЗАКОН

ЗА ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ВАЖЕЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ПОПИС НА НАСЕЛЕНИЕТО, ДОМАЌИНСТВАТА И СТАНОВИТЕ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, 2021 ГОДИНА

Член 1

Со овој закон престанува да важи Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2021 година („Службен весник на Република Македонија“ број 19/2021)

Член 2

Правните акти и дејствијата донесени и преземени согласно со Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2021 година („Службен весник на Република Македонија“ број 19/2021), престануваат да произведуваат правни последици.

Член 3

Пописниот материјал собран за време на спроведување на пописот Државниот завод за статистика ќе го уништи согласно прописите за класифицирани информации.

Член 4

Направените трошоци во врска со спроведувањето на пописот до денот на влегувањето во сила на овој закон ќе се исплатат од Државниот завод за статистика.

За исплатените средства од ставот 1 на овој член, Државниот завод за статистика, во рок од три месеци од влегувањето ви сила на овој закон, ќе поднесе извештај на Владата на Република Македонија.

Член 5

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Образложување на Предлог-законот за престанување на важење на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2021 година

  1. Објаснување на содржината на одредбите на Предлог-Законот

Содржината на законот ја сочинуваат 5 члена. Во првиот член се предлага престанување на важаење на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2021 година. Во вториот член се уредува прашањето за престанок на правните последици на правните акти и дејствијата донесени и преземени согласно со Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2021 година. Во третиот член се предлага уништување на пописниот материјал собран за време на спроведување на пописот од страна на Државниот завод за статистика, согласно прописите за класифицирани информации. Во четвртиот член се предлага уредувањето на исплатата на направените трошоци во врска со спроведувањето на пописот до денот на влегувањето во сила на овој закон. Во петиот член се предлага уредувањето на прашањето за влегување на законот во правна сила.

  1. Меѓусебната поврзаност на решенијата содржани во предложените одредби

Предложените решенија во законот се меѓусебно поврзани, истите се применливи и прават една правна целина.

  1. Последици што ќе произлезат од предложениот закон

Со донесувањето на Закон за престанување на важење на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2021 година, се запира пописот во Република Македонија. Веднаш по примената на законот, досегашните донесени и преземени правни акти и дејствија во врска со пописот, престануваат да произведуваат правни последици со што ќе се придонесе за спречување на политички и живото - загрозувачки попис со катастрофални последици и надминување на крајно заострената политичка состојба во земјата која има тенденција да предизвика и безбедносни проблеми. Со усвојување на законот ќе се покаже државнички капацитет, одговорно лидерство и одредено помирување меѓу политичките субјекти во државата во оваа сфера по што ќе се направи попис како статистичка операција со национален и политички консензус.