20 организации почнуваат кампања против фалсификување на пописот и негово одложување поради КОВИД-19


21.02.2021 | 21:30:38 | Пописи


20 организации почнуваат кампања против фалсификување на пописот и негово одложување поради КОВИД-19

Денеска, недела, 21 февруари, 20 организации од земјата подржани и од македонските организации од Канада, Америка, Австралија и Европа потпишаа Повелба за стратешка соработка против фалсификување на пописот и негово одложување поради КОВИД - 19.

Претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев истакна:

-„Убаво е чувството што ние од Единствена Македонија сме заедно со националните и патриотските сили кои секогаш се на првата линија во одбрана на највисоките национални и државни интереси.

Но, чувствата се поматени оти повторно сме исправени пред предизвикот да водиме битка од немерливо значење за Татковината. На повидок е фалсификување на попис во април со кој Македонија дефинитивно го губи темелот на државноста а кој може да има и живото- загрозувачки последици во услови на здравствена криза.

Јас сум убеден дека ќе ја добиеме и оваа битка, како што заедно со народот сите што сме тука ја добивме референдумската битка со големата референдумска победа во септември 2018.

Ќе успееме и во оваа битка да спречиме попис односно да го направиме неуспешен со мал процент на попишување од граѓаните и да и покажеме на власта дека не признаваме нелегален, нелегитимен, криминален и живото-загрозувачки попис во тешка здравствена криза.

Денеска на конкретен начин покажуваме дека сме на страната на народот.

Секој обид за фалсификување на пописот и загрозување на здравјето ќе го сметаме за велепредавство спрема Републиката, за што, одговорност мора да има.

Ние мора да го спречиме лудилото на власта да го фалсификува пописот и да спроведе попис во тешка здравствена криза.

Почитувани пријатели, судбина ни било добар дел од својот живот да го посветиме во борбата за Македонија, еве сега пак ќе водиме кампања за да го спречиме лудилото на власта да го фалсификува пописот и да спроведе попис во тешка здравствена криза.

Но, ништо неможе да не поколеба кога се работи за Македонија.

Ќе ја победиме марионетската власт во Битката за пописот како што ја победивме и во Битката за референдумот. Нашата борба продолжува се додека не си ја вратиме државата назад.

Битката за Македонија никогаш не запира!

Да живее Република Македонија!

Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, недела, 21 февруари 2021

Новости

Скопје 1

Фотографија

                                                                                                                                              

 Во продолжени интегралниот текст на Повелбата

 

Обединети околу уставната определба на Република Македонија како унитарна, демократска, социјална и национална држава на македонскиот народ со гарантирана положба на малцинствата според меѓународнотот право;

Цврсто залагајќи се за дослена примена на концептот на владеење на правото;

Уверени дека Република Македонија има свои интереси да спречи фалсификуван попис со кој се руши темелот на македонската држава;       

А, длабоко загрижени за здравјето на народот во ова тешко време со КОВИД-19;

Ние, претставници на македонски политички и неполитички организации во земјата, а подржани од организациите на Македонците во светот, сплотени и единствени  околу прашањето против нелегалниот, нелеитимен, криминален и здравствено и животно загрозувачки попис, донесуваме

 

 

ПОВЕЛБА ЗА СТРАТЕШКА СОРАБОТКА

против фалсификување на пописот и негово одложување поради КОВИД - 19

 

 

Цел на соработката

 Собранието на Република Македонија, спротивно на стремежите на македонскиот народ и државјаните на Република Македонија дека не прифаќаат фалсификуван и живото загрозувачки попис во услови на КОВИД-19, на седницата одржана на 25 јануари 2021 донесе Закон за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2021 година. Марионетската власт која не ја одразува волјата на народот, турка фалсификување на пописот и спроведување на попис за време на здравствена криза која може да резултира со катастрофални последици. Затоа, потребно е обединување врз основа на Повелба со јасни определби за да се застане на патот на ова лудило на власта.

Водејќи се од овој факт, здружувајќи ги силите, ќе понудиме конкретни чекори да спречиме попис во април, а доколку власта турка попис по секоја цена, да го направиме неуспешен, односно, со мал процент на попишување од граѓаните да и покажеме на власта дека не признаваме фалсификуван, нелегитимен и живото загрозувачки попис во услови на тешка здравствена криза.

Независно од декларираната политичка определба на владата за попис според европски пописен модел, сведоци сме дека владата донесе закон за попис кој не е усогласен со европското законодавство. Се подготвува фалсификување на пописот, кој за власта е политички процес според однапред договорени проценти наместо статистичка операција за реалната бројка на населението во државата. Историското значење на еден фалсификуван попис е поголемо од самиот факт за еден попис, затоа што Македонија со фалсификување на пописот, дефинитивно ќе го изгуби темелот на државноста.

Во земјата владее тешка здравствена состојба. Кризата со коронавирусот се шири со нови заболени, но и смртни случаи. Сега е најважно здравјето. Здравјето на народот не трпи политички калкулации. Одложување на пописот е единствен начин да го заштитиме народот. Сега е потребно домашно единство а доколку бројот на заразени и починати не се доволно за сплотеност, тогаш, што уште треба да се случи за да видиме единство.

За таа цел, со повикување на народот да не се попишува, на конкретен начин покажуваме дека сме на страната на народот.

Ние, националните и патриотските сили во државата нема да прифатиме фалсификуван попис и загрозување на здравјето на народот, тоа не им го прифаќа и македонскиот народ. Секој обид за фалсификување на пописот и загрозување на здравјето ќе го сметаме за велепредавство спрема Републиката, за што, одговорност мора да има.

Тргнувајќи од ваквата состојба, користејќи ги сите национални, патриотски, стручни и научни потенцијали на оваа држава, се обврзуваме пред народот, вистински и професионално, а не лажно и аматерски да се посветиме на остварување на целта – спречување, односно неучествување на нелегитимен попис.

Заради тоа, јавно се обврзуваме да се ангажираме за нов закон за попис користејќи ги искуствата на домашни и странски експерти, а почитувајќи ги прописите на европскотото законодавство (ЕВРОСТАТ) и меѓународно-правно прифатените документи од оваа област и одржување на попис со нула ризик за здравјето на народот.

Остануваме на првата линија во одбрана на националните и државните интереси, а поаѓајќи од сопствената одговорност не можеме да стоиме настрана. Мора да го кажаме нашиот став. Силно убедени дека ваквите активности се достижни, ние лидерите ја потпишуваме Повелбата за стратешка соработка, уверени во остварување на нашите цели, зеднички ангажирајќи се на локално и национално ниво.

 

 Активности и механизми за остварување на соработката

Формирање на Координативно тело против фалсификување на пописот и негово одложување поради КОВИД-19, со по еден претставник од секој потписник на оваа Повелба како национално тело кое ќе утврди План на активности. Координативното тело ќе раководи со работата на терен, следење и реализација на Планот на активности во кој ќе бидат вградени решенијата за успешно спречување за попишување за да и покажеме на власта што мисли народот за фалсификуваниот и живото-загрозувачки попис во услови на здравствена криза.

Координативното телот е во постојано заседание. Работата е транспарентна и отворена за јавноста. Координативното тело одлучува со мнозинство од присутните. Со Координативното тело раководи Оперативно тело составено од тројца членови.

Координиран настап кон средствата за јавно информирање за реализација на заеднички поставената цел. Координативното тело  ќе води јавна пропаганда за спречување, односно непопишување на народот во земјата и дијаспората преку запознавање на народот зошто треба да не се попишува и други настани, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, медиумско и интернет претставување и дистрибуирање на печатени материјали.

Кампањата ќе се води под слоганот: НЕ ОТВОРАМ ВРАТА.

Овој  Меморандум е отворен за пристапување на сите политички партии и македонски здруженија од земјата и светот.

 

 Времетрање на соработката

Соработката ќе се остварува се до остварување на целта утврдена со овој Меморандум.

Соработката може да биде продолжена и по остварувањето на целта, односно, и после распишувањето на локалните избори и евентуални предверемените парламентарни избори а по претходно меѓусебно усогласување на ставовите.

Меморандумот е изготвен во доволен број примероци по еден за секоја страна.

Овој Меморандум влегува во сила на денот на неговото потпишување.